Достапни линкови

Вести

Судири со полицијата на антивладин протест во Мексико, повредени 120 лица

Протест во Мексико Сити, 15 ноември
Протест во Мексико Сити, 15 ноември

Повеќе од 100 лица се повредени, а 20 уапсени за време на масовниот протест во мексиканската престолнина во саботата против начинот на кој претседателката на Мексико се справува со насилниот криминал, соопштија локалните власти.

На протестниот марш на главниот историски плоштад „Зокало“ во Мексико Сити излегоа илјадници луѓе. Демонстрациите ги поттикнаа млади луѓе и активисти поврзани со глобалниот бран протести на Генерацијата Z, како и поддржувачи на локалното „Движење Сомбреро“, кое се појави по неодамнешното убиство на градоначалник познат по борбата против организираниот криминал.

Агенцијата „Франс прес“ (АФП) пишува дека демонстранти од сите возрасти излегле на собирот пред Националната палата, каде што живее и работи претседателката Клаудија Шајнбаум.

Протест во Мексико Сити
Протест во Мексико Сити

Според репортерите на АФП, некои демонстранти, од кои многумина носеле качулки, ги урнале металните бариери пред палатата и фрлале парчиња од калдрма кон полицијата која одговорила со солзавец.

„Протестот траеше со часови и беше мирен сè додека група маскирани лица не почна да извршува насилни акти“, изјави Пабло Васкез, шеф на безбедноста на Мексико Сити.

Тој додаде дека 20 демонстранти и 100 полицајци биле повредени, од кои 40 биле хоспитализирани со исеченици и модринки.

Полицијата уапси 20 лица за кражба и напад, рече Васкез, а отворена е и истрага за напад врз новинарката на весникот „Ла Хорнада“, која тврди дека зад инцидентот стојат всушност полицајци.

Шејнбаум, која е на власт од октомври 2024 година, уживаше голема популарност кај Мексиканците во првата година од мандатот, но се соочи со растечки критики поради нејзините безбедносни политики по неколку убиства од висок профил.

„Ова е една од најкорумпираните влади што некогаш сме ги имале. Тоа е корумпирана нарко-влада која сака да ги заштити корумпираните и картелите наместо народот“, рече Валентина Рамирез, студентка во изјава за АФП.

Протестот во Мексико Сити
Протестот во Мексико Сити

Во саботата, некои демонстранти носеа и сомбрера слични на оние што ги носеше Карлос Манцо, градоначалникот на општина во западната држава Мичоакан, кој беше убиен на 1 ноември. Тој беше познат по својата кампања против нарко-картелите во неговиот роден град Уруапан.

Сепак, вдовицата на убиениот градоначалник се дистанцира од движењето на нејзиниот сопруг и од демонстрациите во саботата.

Бернардо Браво, лидер на производители на лимета во истата област, исто така беше убиен кон крајот на октомври.

Порано оваа недела, Шајнбаум ги доведе во прашање мотивите за демонстрациите, велејќи дека протестот бил „неоргански“ и „платен“.

„Тоа е движење промовирано од странство против владата“, рече таа.

Протест во Мексико Сити
Протест во Мексико Сити

Демонстрантите носеа транспаренти со пораки „Сите сме Карлос Манцо“, заедно со познатото пиратско знаме од јапонската манга „One Piece“, кое стана симбол на младинските протести низ целиот свет, од Мадагаскар до Филипините и Перу.

„Требаше вака да го штитите Карлос Манцо“, извикуваа некои демонстранти кон безбедносните сили, кои одговорија со противпожарни апарати и солзавци.

АХВ затвори 15 локали за храна во контроли на објекти околу училишта

Агенција за храна и ветеринарство
Агенција за храна и ветеринарство

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 15 забрани за вршење дејност на оператори за храна во рамки на 445 инспекциски контроли што биле направени изминатите десетина дена.

Исто така, запленети и уништени се 696 килограми храна за кои инспекторите утврдиле дека е небезбедна и од непознати добавувачи.

Од АХВ велат дека во рамки на овие контроли акцентот го ставиле на локалните за храна кои се наоѓаат во близина на основните и средните училиште односно од местата каде учениците најчесто купуваат храна.

„Со спроведените контроли утврдено е дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдени незадоволителни хигиенски барања за безбедност на храната, а од вкупно контролираните, 26 не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство“, велат од АХВ.

Понатаму, како што додаваат од Агенцијата, 16 објекти немале процедури за добра хигиенска и добра производствена пракса, во 32 вработените немале направено задолжителен здравствено-санитарен преглед, три локални немале задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, седум објекти не ги задоволувале техничките услови, додека а исто токму имале и несоодветно означена храна.

Покрај забраните за вршење дејност на 15 локални, за ваквите недостатоци инспекторите изрекле парични казни за 77 оператори во вкупна вредност од 36.470 евра. Биле издадени и 103 решенија до локалните да ги отстранат утврдените недоследности, како и 23 опомени.

АХВ, која ги спроведува овие контроли, е самостоен орган на Владата и под нејзина надлежност се прашањата од областа на безбедноста на храната и храната за животни, како и прашањата за спроведување, контрола и следење на ветеринарните активности во областа на здравствената заштита на животните.

update

Зеленски ветува сеопфатна реформа на енергетскиот сектор по скандалот со корупција

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со грчкиот претседател Константинос Тасулас во Претседателската палата во Атина, 16 ноември 2025 г.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со грчкиот претседател Константинос Тасулас во Претседателската палата во Атина, 16 ноември 2025 г.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе го реформира енергетскиот сектор во земјата, кој е погоден од скандали, за да го ублажи незадоволството по обвинувањата за широко распространета корупција во која е вклучен и негов долгогодишен пријател и поранешен деловен партнер.

На 15 ноември, Зеленски најави дека раководството на најмалку три државни енергетски компании ќе биде отпуштено и брзо заменето, како и дека се во тек други промени.

Во обид да ја запре енергетската криза, Зеленски на 16 ноември отпатува во Атина, каде потпиша договор за увоз на течен природен гас испорачан од САД од следниот месец до март 2026 година.

„Започнуваме реформа на клучните државни претпријатија што работат во енергетскиот сектор“, напиша Зеленски на социјалните медиуми.

„Паралелно со целосна ревизија на финансиските активности, раководството на овие компании треба да биде заменето. Денес, заедно со премиерката Јулија Свириденко и министерот за економија Олексиј Соболев, ја утврдивме постапката“, наведе тој.

Останува да се види дали промените ќе бидат доволни за да се намали притисокот врз Зеленски и да се задоволат западните сојузници на Киев, кои го повикаа украинскиот лидер да направи повеќе за да се справи со ендемската корупција додека земјата продолжува да се бори против целосна руска инвазија.

„Политико“ цитираше неименуван функционер на ЕУ кој изјави дека корупцијата откриена во истрагата е „одвратна“ и нема да помогне во угледот на Украина кај меѓународните партнери.

Украинските органи за борба против корупцијата објавија „операција од големи размери“ на 10 ноември, тврдејќи дека истражува десетици милиони долари проневера во енергетскиот сектор додека земјата се соочува со целосна руска инвазија.

Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ), во заедничка операција со Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО), соопшти дека открило шема во која е вклучена „криминална организација на високо ниво“ насочена кон „влијание врз стратешките претпријатија од јавниот сектор, особено врз АД Енергоатом“, државната компанија за нуклеарна енергија.

Промени во рок од една недела

Зеленски повика на формирање нов надзорен одбор во „Енергоатом“ „во рок од една недела“, што би овозможило „целосна реформа на управувањето со компанијата“.

Тој, исто така, најави промени на врвот на „Нафтогас“, државната гасна компанија на Украина, и „Укрхидроенерго“, државниот производител на хидроенергија.

„За една недела треба да се обезбедат сите услови за формирање на нов и професионален надзорен одбор на компанијата, а благодарение на ова, целосно ресетирање на одборот на директори на Енергоатом“.

Во „Укрхидроенерго“ — [ќе има] итен оглас за нов директор на компанијата и дополнително формирање на надзорниот одбор.

„Нафтогас“, украинската државна гасна компанија, „треба да објави и спроведе конкурс за надзорниот одбор на компанијата, за да може овој нов состав да започне со работа во јануари 2026 година.“

„Во другите големи државни енергетски компании, државните претставници во надзорните одбори треба да се обноват“, додаде Зеленски.

Бегство во Полска

На списокот на осомничени во антикорупциската истрага се наоѓаат луѓе од највисоките нивоа на владата и други истакнати личности, а фокусот е главно на Тимур Миндич, долгогодишен близок соработник на Зеленски.

Истражната единица „Шема“ на украинската служба на Радио Слободна Европа (РСЕ), објави дека Миндич избегал од Украина за Полска неколку часа пред властите да започнат рации во рамки со истрагата, што ги натера критичарите да тврдат дека бил однапред предупреден.

Вклученоста на Миндич предизвика реакции и поради неговите минати врски со водечки политички личности, вклучувајќи го и Зеленски. Миндич е ко-сопственик на комичната група „Квартал 95“, каде ко-сопственик беше и Зеленски пред да се кандидира за политичка функција.

Бизнисот беше важен канал за Зеленски да добие на популарност како комичар и актер пред да влезе во политиката. Миндич беше и бизнис партнер на милијардерот Ихор Коломојски, кој го поддржа Зеленски во неговата претседателска кампања во 2019 година. Тој е во притвор од 2023 година под обвинение за измама и перење пари.

Зеленски се дистанцира од Миндич и седум други лица официјално осомничени во истрагата. На 13 ноември, тој потпиша декрет со кој се воведуваат санкции, вклучително и замрзнување на средства, против Миндич и Олександр Зукерман, кој исто така беше обвинет и избега од земјата.

Истрагата ја водеа антикорупциски институции кои Зеленски претходно се обиде да ги скрати, но се откажа од намерата по масовните протести во текот на летото.

Истакнати личности

Друга истакната личност вмешана во случајот е Херман Халушченко, кој беше суспендиран од функцијата министер за правда на 12 ноември. Претходно беше министер за енергетика.

Халушченко рече дека ќе се брани на суд од тврдењата дека примил „лична корист“ од Миндич во наводната шема за поткуп.

На 12 ноември, министерката за енергетика Свитлана Гринчук поднесе оставка, откако Зеленски ја повика да се повлече. Таа инсистираше дека не го прекршила законот и дека не е вмешана.

Поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров, кој моментално е секретар на Советот за национална безбедност и одбрана, и поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов, исто така, се вмешани во случајот.

Умеров негираше вмешаност.

Во јуни против Чернишов беа поднесени посебни обвиненија за корупција.

Зеленски ја пофали истрагата против корупцијата, која вклучуваше повеќе од 70 претреси, велејќи дека „секој чекор против корупцијата е неопходен“.

Западните сојузници на Украина – кои обезбедија милијарди долари воена и финансиска помош – го повикаа Зеленски да направи повеќе за борба против долгогодишната корупција во земјата разурната од војна.

Во соопштение на платформата Икс, амбасадорите на Групата седум (Г7) на 15 ноември порачаа дека „го поздравуваат Зеленски за неговата соработка и поддршка за независната истрага на НАБУ/САПО. Очекуваме украинското раководство да ги продолжи своите антикорупциски напори, кои се клучни за интеграцијата на Украина во евроатлантските структури“.

„Додека руските напади продолжуваат, ние продолжуваме да ја поддржуваме енергетската отпорност на Украина“, се додава во соопштението.

Скандалот доаѓа во време кога енергетскиот сектор на Украина се бори со штети и прекини на електричната енергија предизвикани од речиси секојдневните руски напади со беспилотни летала и ракети врз клучната цивилна инфраструктура.

Нов руски напад врз Украина додека борбите околу Покровск се интензивираат

Украински војници во близина на градот Покровск на првата линија на фронтот. (архивска фотографија)
Украински војници во близина на градот Покровск на првата линија на фронтот. (архивска фотографија)

Се интензивираат борбите на истокот на Украина околу градот Покровск на првата линија на фронтот, откако Русија изведе уште еден ноќен напад врз Киев во кој беше погодена цивилна инфраструктура.

Украинските власти соопштија дека во текот на ноќта биле испукани три ракети и 135 дронови, а противвоздушната одбрана на земјата уништила сè освен една ракета и 41 дрон. Нема пријавено жртви.

Нападите следуваат по уште поинтензивен оган претходната ноќ, кога 430 дронови и 18 ракети ранија најмалку 35 лица, таргетирајќи го главниот град на Украина. Шефот на киевската воена управа, Тимур Ткаченко изјави дека бројот на загинати се искачил на седум лица утрото на 15 ноември.

Украински пар споделува на ТикТок стории за војна, издржливост и надеж
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:47 0:00

Како одговор, украинската војска соопшти дека нападнала објекти во Русија кои ги смета за клучни за воените напори на својот противник. Во соопштението се додава дека цели на нападот биле нафтена рафинерија во руската Рјазањска област и воен контингент во окупираниот дел од областа на Запорожје.

Судири околу Покровск

Во меѓувреме, Генералштабот на Оружените сили на Украина соопшти дека во последните 24 часа имало 265 судири меѓу руските и украинските сили долж линијата на фронтот. Речиси половина од тие судири се случиле во селата и областите околу Покровск.

Украинските трупи последните недели се под поголем притисок, а генерал Олександр Сирски, врховниот воен командант на Украина, ги посети единиците што се борат за контрола врз градот во источниот Доњецки регион.

Сирски рече дека клучните цели на Украина се да ја поврати контролата врз одредени подрачја, да ги заштити линиите за снабдување и евакуација и да создаде нови.

Украинската полиција се обидува да ги убеди жителите да го напуштат градот Покровск, додека руските сили ги засилуваат нападите.


„За правда нема да молиме, за правда ќе се бориме“: Марш во спомен на загинатите во „Пулс“

„Марш за ангелите“, Скопје 15.11.2025
„Марш за ангелите“, Скопје 15.11.2025

„Нашите деца веќе немаат глас и затоа ние ќе зборуваме за нив“, порачаа родителите на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска (15 ноември) во Скопје.

Семејствата кои секоја сабота маршираат во Кочани, денешниот, триесетти по ред „Марш за ангелите“ го организираа во главниот град каде имаше и триминутен молк во чест на сите чии животи згаснаа во пожарот на 16-ти март.

Протестот под слоганот „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ почна напладне на плоштадот „Македонија“.


Потоа семејствата се упатија кон Собранието од каде побараа пратениците да формираат анкетна комисија и да организираат надзорна расправа. Но, исто така, потсетија и дека веднаш по трагедијата, пратениците заминаа на одмор и не го посетија градот кој остана завиен во црно.

„Треба да се собереме сите бидејќи во нас е моќта. Јас живеам само за борбата за правда за мојот син Александар. Не смеам да умрам додека нема правда. Нозете ми се тресат, но срцето ми дава сила“, порача во говорот пред Собранието, еден од родителите.

Повик за вистина и човечност

Таму се обрати и сопругата на Андреј од хип-хоп дуото ДНК, Наталија Ѓорѓиеска која посочи дека протестот не е политички повик, туку „повик за вистина и човечност“.

„Загубата не е бројка, туку живот. Таа е сериозна навреда на најосновните човекови права. Бараме да се утврди зошто интитуциите задоцнија. Никој не треба да живее во мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Бараме да се утврди вистината каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцнија. Која ја имал должноста да спречи, а не спречил“, порача Ѓорѓиеска.

На семејствата на загинатите им се придружија и нивни сограѓани, но и скопјани кои дојдоа да дадат поддршка. Тие порачаа дека секогаш кога одат во Кочани ја чувствуваат нивната болка.

„Јас не сум од Кочани, но исто како да сум. Мора да се бориме за иднината на секоја генерација, затоа што нашата држава повеќе личи на казна, наместо на дом. За правда нема да се молиме, за правда ќе се бориме“, истакна младата Анастасија од иницијативата „Кој е следен“.

Оваа граѓанска иницијатива се вклучи во организацијата на маршот заедно со Здружението на граѓани „16 Март 2025“.

Маршот заврши пред Кривичниот суд каде родителите порачаа дека умираат секој ден и бараат државата да обезбеди фер, транспарентно и навремено судење.

Денешниот марш се одржува во пресрет на првото судско рочиште за трагедијата која беше кобна за 63 лица, а повредени беа 200. Судењето е закажано за 19 ноември во судницата на КПУ Идризово.

Случајот опфаќа 38 обвинети односно 35 физички и три правни лица.

Судот најави дека ќе преземе засилени безбедносни мерки, вклучително и присуство на лекарска екипа.

„Марш за ангелите“ во Скопје во спомен на жртвите од пожарот во Кочани

„Марш за ангелите“ во Кочани/Фотоархива
„Марш за ангелите“ во Кочани/Фотоархива

Во организацијата на Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“, денеска, со почеток во 12:05 часот ќе се одржи 30. протестен марш „Марш за ангелите“ кој ќе започне од плоштадот „Македонија“.

Како што наведуваат организаторите, маршот има за цел да ја потсети јавноста на потребата од упорна и сплотена борба за правда.

– Свесни сме дека патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но, ако ја пронајдеме заедничката точка на сплотување и ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот, порачуваат организаторите.

Тие ќе се движат од плоштад „Македонија“, покрај Собранието, до Основниот кривичен суд – Скопје.

Пред Собранието и Судот се најавени говори и обраќања, а две централни изјави ќе бидат дадени на самиот почеток на протестот.

По десетиците маршеви во Кочани, денешниот во Скопје, всушност се одржува во пресрет на првото судско рочиште за оваа трагедија. Рочиштето е закажано за 19 ноември, а според обвинителниот акт, 34 физички и три правни лица се товарат за тешки дела против општата сигурност. Процесот ќе го води тим од петнаесетина обвинители, најави државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

Нова компресивна облека донирана за повредените од пожарот во Кочани

Дискотеката „Пулс“ во Кочани по пожарот во март 2025/Фотоархива
Дискотеката „Пулс“ во Кочани по пожарот во март 2025/Фотоархива

Граѓанската иницијатива Супорт Кочани (Support Kocani) ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација, информираат од иницијативата.

Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари.

Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.

Иницијативата, велат оттаму, и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.

Претходно, оваа граѓанска иницијатива соопшти дека е извршена и втората распределба од заедничката сметка за донации од близу 11 милиони денари.

Во објавената видео информација на фејсбук профилот на „Супорт Кочани“ се вели дека од вкупната сума од 10. 944.793 денари еден милион денари се за данок на државата. Останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71. 900 денари за секој.

Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ беше формирана со цел да им помогне на настраданите по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март во кој загинаа 63 лица, а повеќе од двесте беа повредени.

Судењето за пожарот во „Пулс“ ќе почне на 19 ноември во судницата во КПУ „Идризово“.

Ќе им се суди на 34 обвинети и на три фирми.

Советот на Град Скопје го усвои ребалансот на Буџетот

Град Скопје/Фотоархива
Град Скопје/Фотоархива

Советот на Град Скопје денеска (14 ноември) го усвои ребалансот на Буџетот со еден глас против и еден воздржан.

- Со ребалансот се обезбедуваат средства за стабилизација на градските финансии, унапредување на инфраструктурата, подобрување на јавниот превоз, инвестирање во образованието и развој на нови зелени површини – наведуваат од Град Скопје во денешното соопштение.

37 советници гласаа ЗА, еден воздржан и еден против.

Со ребалансот, буџетскиот дефицит се намалува за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции се зголемуваат за речиси 98,9 милиони денари.

Во делот на јавниот превоз се предвидува враќање на приватните превозници во системот, продолжување на соработката со Министерството за транспорт за повторно активирање на Градскиот воз, како и набавка на 80 нови автобуси.

Од Град Скопје информираат дека започнува и процесот на разгледување на БРТ-системот како современо решение за подигнување на квалитетот на јавниот транспорт.

Оттаму додаваат дека во образованието, до крајот на годината, сите училишта ќе добијат нови спортски терени, фитнес-зони, смарт табли, информатички кабинети и лаптоп за секој првенец на генерација.

Починаа уште две лица, десет дена по пожарот во Пензионерскиот дом во Тузла

Зградата на Пензионерскиот дом во Тузла утрото по пожарот, ноември 2025.
Зградата на Пензионерскиот дом во Тузла утрото по пожарот, ноември 2025.

Две лица, кои беа повредени во пожарот во Домот за пензионери во Тузла на 4 ноември, починаа, според наводите од извештајот на Универзитетско-клиничкиот центар Тузла од утрото на 14 ноември. Бројот на загинати со ова се зголеми на 15.

„Во текот на изминатите 24 часа во УКЦ Тузла починаа двајца пациенти. Моментално на хоспитализација се наоѓаат пет пациенти“, се наведува во извештајот објавен десет дена по овој пожар.

Од УКЦ наведуваат дека од петтемина хоспитализирани, на Клиниката за анестезиологија и реанимација се наоѓаат двајца пациенти, од кои едниот е на респиратор. На Клиниката за интерни болести се лекува едно лице повредено во пожарот, а на Клиниката за белодробни болести двајца.

Причината за пожарот сè уште не е позната.

„За причините за пожарот ќе ја информираме јавноста кога ќе се анализираат извештаите и наодите од мислењата на стручните лица и истражителите“, соопштија од Обвинителството на Тузланскиот кантон (ТК) на 6 ноември.

Наведоа дека увидот е завршен и дека оваа институција во наредниот период ќе ги достави извештаите до Секторот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи (МВР) на тој кантон.

Според прелиминарните резултати од досега извршените обдукции, кои вештаците усно му ги пренеле на Обвинителството минатата недела, 11 лица починале како последица на гушење, односно труење со јаглерод моноксид.

Директорот на Тузланскиот пензионерски дом, Мирсад Бакаловиќ поднесе оставка на 5 ноември.

Оваа установа самата се финансира од приходите што ги остварува и, според изјавата на директорот дадена во јануари за N1, не е на ниту еден буџет.

Градот Тузла е сопственик на зградата на Домот за пензионери и ја именува управата, но немаат субвенции ниту пари од буџетот.

Федералниот премиер Нермин Никшиќ вети владина помош за згрижување на лицата кои се сместени во Домот за пензионери.

ССМ: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра

Илустрација
Илустрација

Работниците во земјава сметаат дека минималната плата треба да се зголеми од 600 до 700 евра - покажува анкетата што ја спроведе Сојузот на синдикати на Македонија на 11 и 12 овој месец на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници.

На прашањето „Колку треба да изнесува минималната плата“, од вкупниот број испитаници 45,2 проценти одговориле дека минималната плата треба да се зголеми на 600 евра, 42 проценти сметаат дека минималната плата треба да изнесува 700 евра, а 12,8 проценти дека таа треба да изнесува 500 евра.

Најголем дел односно 99,5 проценти од испитаниците сметаат дека зголемувањето треба да се случи до крајот на годинава. Доколку не се зголеми минималната плата, 52,8 проценти се подготвени да протестираат, а 47,2 проценти да штрајкуваат.

- Заклучокот од Анкета за потребите на работниците во однос на растот на минималната плата во Република Македонија е дека барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку потреба на работниците во Македонија, велат од ССМ.

Премиерот, Христијан Мицкоски денеска изјави дека минималната плата ќе се зголеми согласно закон во март, а дали ќе има интервентно зголемување ќе зависи од договорот меѓу синдикатите и работодавачите.

„Знам дека во ноември ќе имаме седница на Економско-социјалниот совет и очекувам тоа прашање да се отвори таму така што ние како Влада ќе го прифатиме секое решение кое што ќе го договорат работниците и работодавачите“, изјави Мицкоски.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG