Вести
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ води во 19, ВРЕДИ во 5, СДСМ во 4 општини
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ води во 19 од вкупно 33 општини во кои денеска (2 ноември) се одржува втор круг од локалните избори, покажуваат податоците од Државната изборна комисија на 85,07% од обработените избирачки места.
Меѓу местата каде води партијата е главниот град Скопје, но и во Кичево и Кочани, како и скопските општини Карпош и Аеродром.
Коалицискиот партнер во власта, ВРЕДИ (ВЛЕН), пак, е во водство во пет општини: Боговиње, Брвеница, Дебар, Долнени и Тетово.
Кандидати на опозицискиот СДСМ се во предност во скопски Центар, како и во Крушево, Зрновци и Македонска Каменица.
Во водство во по една општина се и ЗНАМ – во Куманово и Унијата на Роми во Шуто Оризари.
Во вториот круг се бираа градоначалници во 33 општини.
Во првиот круг на 19 октомври се избраа нови состави на општините, како и градоначалници во 44 општини.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани градоначалници во 44 општини. Од нив, најмногу освои владејачката ВМРО-ДПМНЕ – 33. Владиниот коалициски партнер ВРЕДИ тогаш освои пет градоначалнички места, а по три освоија опозициските СДСМ и коалицијата НАИ, којашто е предводена од ДУИ.
Во четири општини – Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа изборите за градоначалник пропаднаа и ќе се распишат нови бидејќи не беше постигнат цензусот за одзив од најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.
Тошковски: Вториот круг помина во мирна, фер и демократска атмосфера
Вториот круг помина во исклучително мирна, фер и демократска атмосфера, оцени министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места на вториот круг од локалните избори.
„Изборниот процес се одвививаше без сериозни инциденти, без нарушување на јавниот ред и мир и без настани што би го довеле во прашање интегритетот на изборите. Ова е уште една потврда дека граѓаните, институциите и МВР покажаа зрелост и одговорност што покажаа Македонија да има едни од најмирните избори во последните години“, рече Тошковски.
До Министерството за внатрешни работи(МВР) имало 30 пријави за нерегуларности, од кои најмногу во Скопје. Најчестите пријави биле за агитирање близу гласачки места (седум пријави), пет пријави се за можен поткуп при гласање, а има и четири пријави за неовластено присуство на гласачко место. Забележани се и изолирани случаи на попречување на гласање, фотографирање гласачко ливче, неовластено фотогриарирање граѓани и како и упатени закани.
Паралелно, Секторот за компјутерски криминал регистрирал 18 објави на социјални мрежи поврзани со изборниот процес.
Претходно, и Јавното обвинителство излезе со оценка дека изборниот дел поминал „без поголеми нарушувања на изборниот процес“. До Обвинителството е доставено само едно известување од подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање гласачко ливче.
ДИК: Одзивот е 45,71 отсто на ниво на цела држава
Точно во 19:00 часот, согласно Изборниот закон, навреме се затворени сите избирачки места каде што имаше гласање во вториот круг на локалните избори 2025 година - информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко на прес конференција.
Тој рече дека до Комисијата пристигнале податоци за излезност од 1340 избирачки места. Обработени се 97,60 отсто од податоците, кои покажуваат дека одзивот на гласачите бил 45,71 процент на ниво на цела држава.
„Вкупниот број гласачи кои гласале во овие избирачки места е 325.691“, рече Кондарко.
За Град Скопје одзивот до 18:30 часот изнесува 33,82 проценти.
„Од 19 часот избирачките одбори пристапуваат кон отворање на гласачките кутии и броење на гласачките ливчиња. Конечната излезеност ќе се знае по 23:00 часот кога ќе биде одржана последната прес-конфернеција за соопштување на целосните првични неофицијални резултати, добиени по електронски пат од секое избирачко место“, информира Кондарко.
Тој додаде дека Државната изборна комисија со неколку свои тимови овластени лица ќе го набљудува непосредно броењето на резултатите и составувањето на записниците во повеќе избирачки места во различни општини.
Обвинителство: Изборниот ден помина без поголеми нарушувања
По затворањето на избирачките места во вториот круг од локалните избори во Северна Македонија, Јавното обвинителство излезе со оценка дека изборниот дел поминал „без поголеми нарушувања на изборниот процес“.
„До јавното обвинителство во текот на денешниот ден е доставено само едно известување на подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање на гласачко ливче. Итно се дадени насоки за документирање на настанот кој претставува прекршок“, соопштија од Јавното обвинителство.
И покрај мирниот изборен ден, оттаму додаваат дека Комисијата која е формирана за следење на евентуални кривични дека поврзана со изборите, ќе остане активна до целосно завршување на изборниот процес.
Во вториот круг од локалните избори, се бираат градоначалници на 33 општини, вклучително и во Градот Скопје.
Единствено во Шуто Оризари на три избирачки места имаше прегласување и за членовите на советот поради утврдени недоследности од страна на Државната изборна комисија во првиот круг.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани градоначалници во 44 општини. Од нив, најмногу освои владејачката ВМРО-ДПМНЕ – 33. Владиниот коалициски партнер ВРЕДИ тогаш освои пет градоначалнички места, а по три освоија опозициските СДСМ и коалицијата НАИ, којашто е предводена од ДУИ.
НАИ посочи на нерегуларности, ВРЕДИ очекува победа
Националната алијанса за интеграција (НАИ), коалицијата предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) посочи за нерегуларности за време на изборите додека од коалицијата ВРЕДИ оценија дека гласањето се одвивало без „некои неправилности и во духот на граѓанската одговорост“, на првите прес-конференции по затворањето на гласачките места на вториот круг од локалните избори.
„Успешно се соочивме со нечесна и незаконска кампања кои го оцрнија процесот и ја нарушуваат еднаквоста на изборниот процес. Сведоци сме на масовно купување гласови, изборен асфалт, ноќно бетонирање, злоупотреба на јавните ресурси и брутална вмешаност на државниот апарат во корист на власта. Сепак и покрај сите тие злоупотреби граѓаните не дозволија овие темни методи да го искриват резултат во првиот круг. Затоа сме убедени дека нема да успеат да го искриват ниту сега, во вториот круг“ рече Арбер Адеми, портпарол на НАИ.
Во ВРЕДИ очекуваат од Државната изборна комисија(ДИК) фазата на затворање и броење на гласовите да се спроведе како и во првиот круг, „со целосна транспарентност, точност и професионализам во согласност со законот и со волјата на граѓаните“.
„Според нашите информации од теренот, кандидатите на коалицијата ВРЕДИ добија широка поддршка во сите општини каде што настапуваат и очекуваме резултати кои ќе ја потврдат таа доверба“, рече Дритон Сулејмани, портпарол на ВРЕДИ.
Со затворање на избирачките места во 19 часот заврши гласањето во вториот круг од локалните избори за градоначалници, по партиите излегуваат со првични реакции, а се очекува и да почне објавувањето на првичните резултати.
Во вториот круг од локалните избори се гласа за градоначалници во 33 општини, вклучително и во Градот Скопје.
Општини кои треба да добијат градоначалници се: Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.
Заврши гласањето, се очекуваат првичните резултати
Со затворање на избирачките места во 19 часот заврши гласањето во вториот круг од локалните избори за градоначалници, по што се очекува партиите да излезат со првични реакции, како и да почне објавувањето на првичните резултати.
Во вториот круг од локалните избори се гласа за градоначалници во 33 општини, вклучително и во Градот Скопје.
Останатите 32 општини кои треба да добијат градоначалници се: Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.
Од нив, во најмногу меѓусебни соочувања имаа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – во 16 општини. Кандидати на коалициите во албанскиот блок, НАИ и ВРЕДИ се соочија во три општини. Во останатите, овие партии и коалиции ќе се борат за градоначалничко место со некоја од партии или независни кандидати.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани градоначалници во 44 општини. Од нив, најмногу освои владејачката ВМРО-ДПМНЕ – 33. Владиниот коалициски партнер ВРЕДИ тогаш освои пет градоначалнички места, а по три освоија опозициските СДСМ и коалицијата НАИ, којашто е предводена од ДУИ.
Во првиот круг се избраа и новите совет на општините. Единствено во Шуто Оризари на три избирачки места во Шуто Оризари имаше прегласување и за членовите на советот поради утврдени недоследности од страна на Државната изборна комисија во првиот круг.
Во четири општини – Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа изборите за градоначалник пропаднаа и ќе се распишат нови бидејќи не беше постигнат цензусот за одзив од најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.
ДИК: До 17 часот гласале 39,28 проценти
До 17 часот излезеноста во Скопје е 28,52 проценти, а во сите општини низ државава каде што се гласа во вториот круг од локалните избори процентот на избирачи што излегле на гласање е 39,28, соопшти на прес-конференција Радица Тодоровска Алексовска, портпаролка на ДИК.
Најголем одзив на гласање има во Конче (64,44), а најмал во Сарај 8,77 проценти.
Во Скопје до 17 часот излегле 28,52 проценти односно 134.586 избирачи врз основа на 99,56 проценти од пристигнaти податоци до ДИК за вкупно 682 избирачки места.
Спорeдено со првиот круг, излезеноста во главниот град до 17 часот е помала, затоа што пред две недели излегле 39,62 проценти.
На ниво на држава, до 17 часот излезеноста е 39,28 проценти односно вклупно гласале 279.241 гласач од 96,94 проценти на податоци од избирачки места што пристигнале до ДИК.
Според податоците на ДИК, до 17 часот најголем одѕив за гласање има во Конче (64,44), како и во Дојран (62,96), Демир Капија (62,71), Крушево (61,89) и Росоман (63,58), а најслаб е одѕивот во Сарај (8,77), Шуто Оризари (25,82) и Куманово (27,72).
Тодоровска Алексовска соопшти дека до оваа прес-конференција до ДИК нема пријави за поголеми неправилности и нема пристигнато информација од некое избирачко место дека гласањето ќе продолжи по 19 часот.
До 15 часот одзивот е 30,26 проценти – соопшти ДИК
До 15 часот излезеноста за локалните избори во земјава е 30,26 проценти, а за Скопје 29,94 отсто - соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска информираше дека на ниво на државата гласале 208.571 лице или 93,59 проценти на избирачки места од кои што се пристигнати податоци.
За Скопје гласале 104.182 лица, а податоци се пристигнати од 656 избирачки места или 95,77 отсто.
Најголема излезеност се забележува во Општината Карпош со 32,40 проценти и Општина Центар со 31,65 проценти. Најмала излезеност за Градот Скопје се забележува во Општина Сарај шест проценти и Општина Чаир 8,83 проценти - рече Тодоровска Алексовска.
Во првиот круг до 15 часот излезеноста била 31,16 проценти за Градот Скопје.
Тодоровска Алексовска информира дека гласањето до овој момент се одвива непречено и во најдобар ред. Потенцира дека сите приговори кои биле доставени до ДИК за лично избирачко право се решаваат и сите граѓани непречено си го остваруваат своето право на глас. Нагласи и дека засега до ДИК нема пријавено инциденти.
ДИК им ги одзеде акредитациите на осум набљудувачи поради агитирање пред гласачко место
Државната изборна комисија денеска (2 ноември) во рамки на 151. седница расправаше по два приговори за остварување на право на глас. Во двата случаи утврдено е дека лицата се запишани во Избирачкиот список и до 19 часот можат да го остварат своето право. При тоа, ДИК донесе одлука за одземање на акредитациите на осуммина домашни набљудувачи поради постапување спротивно на Изборниот законик и на Кодексот за набљудување.
Едниот приговор беше поднесен од лицето, Трајче Камчев од општина Центар и како што беше посочено на седницата по проверката на стручната служба утврдено е дека лицето е запишано во Избирачкиот список на избирачкото место 1354 во Општината, поради што приговорот е одбиен.
„Ова лице е запишано во Избирачкиот список на избирачко место 1354 во општина Центар и слободно може да го оствари своето право да гласа“, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Членовите на ДИК расправаа и по приговор, стигнат по електронска пошта од лицето Ќемал Исмаилоски од Кичево, кој приговара дека не бил пронајден во уредот за биометриска идентификација. Приговор, освен до ДИК е испратен и до Народниот правобранител и до државното Обвинителство. Кондарко посочи дека по проверката на стручната служба и на ИТ секторот е утврдено дека лицето е запишано во Избирачкиот список и во уредот за биометриска идентификација.
Членот на ДИК, Александар Даштевски побара воопшто да не се произнесат по овој приговор, бидејќи тој е доставен од електронска адреса, која не е од овластено лице и можеби не е лично од приговарачот, а исто така е доставен и до Омбудсманот и до Обвинителство.
Поради тоа, според него, воопшто не треба да се одлучува во ДИК, а Обвинителство да утврди дали приговорот е од тоа лице или се злоупотребени лични податоци.
Тој исто така посочи дека досега во ниту едно избирачко место не е забележано оневозможување на остварувањето на правото на гласање.
ДИК донесе одлука и за одземање на акредитациите за набљудување на осум лица. Станува збор за домашни набљудувачи во Општина Шуто Оризари, за кои во текот на денот ДИК добила пријава за злоупотреба на беџовите за домашни набљудувачи, односно агитирање во училиште пред гласачки места.
„На овие лица ДИК им издала акредатации за набљудување, согласно доставените податоци до нас и констатиравме дека овие лица го пречекориле Кодексот за набљудување за лица кои треба непристрасно да се однесуваат на гласачките места и вршеле агитирање на гласачките места“, изјави Кондарко.
Тој посочи дека Државната изборна комисија го известија МВР за овој настан, бидејќи тие агитирале надвор од гласачкото место, каде ДИК не е надлежна.
Кондарко додаде и дека по одземањето, ќе ја известат Општинската изборна комисија во Шуто Оризари и избирачките одбори да не им дозволуваат влез на овие лица во избирачките места и во објектите на гласање, односно дека не смеат да се повикуваат на акредитациите и беџовите, кои претходно им се дадени од ДИК.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете