Вести
Обвинение за убиството на Чарли Кирк, се бара смртна казна

Американските обвинители поднесоа обвинение за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк (31), кој беше застрелан и убиен на митинг минатата среда. Обвинет е 22-годишниот Тајлер Робинсон.
Робинсон, по потекло од Вашингтон, Јута, треба да биде изведен пред суд во вторник за обвинението кои се однесува на тешко убиство и попречување на правдата.
Обвинителите изјавија дека ќе бараат смртна казна за Робинсон. 22-годишникот наводно му наредил на својот цимер да ги избрише „инкриминирачките пораки“ за злосторството и да „молчи“ доколку биде испрашуван од полицијата.
Кирк, политички активист и близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, беше убиен на собир на Универзитетот во Јута Вали. Тој почина откако беше застрелан во вратот.
Пукањето предизвика паника меѓу насобраната толпа, која се обиде да избега, по што ФБИ започна масовна потера.
Робинсон беше уапсен кратко по инцидентот и оттогаш е во притвор. Истражителите ги испрашуваа неговите роднини и ја пребараа семејната куќа, која се наоѓа околу 385 километри југозападно од местото на пукањето.
Министерство за здравство: Нема радиоактивност во водата и отстапувања за тешки метали во почвата во Трубарево

Во примероците од водата нема радиоактивност, а нема ниту опасни нивоа на тешки метали во почвата во Трубарево, објави вечерта на 16 септември Министерството за здравство откако Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги завршил вонредните анализи направени по пожарот што во саботата избувна во простории на фирмата за електронски и електричен отпад Ф-Групација во скопското село Трубарево.
„По анализата на резултатите од сите земени примероци, може да се заклучи дека нема отстапување од референтните вредности за сите испитани 16 тешки. Се забележува зголемување на 2 параметри Cu (бакар) и Zn (цинк) само од едно испитано место, а тоа е површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии и истото е во рамките на очекувањата. Во сите останатите места нема отстапување од референтните вредности за испитаните 16 тешки метали“, посочуваат од Министерството за здравство.
Испитувањата и на почвата и на водата, додаваат оттаму, „ќе бидат повторени согласно протоколите во времето предвидено за тоа“.
За радиоактивност во воздухот, пак, вчера од ИЈЗ посочија дека анализите покажале оти такво нешто не е утврдено.
На 15 септември, од Државниот инспекторат за животна средина соопштија дека првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот покажуваат зголемување на сите параметри од два до три пати од дозволеното, додека јаглерод моноксидот чија просечна вредност не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3.
„Во петок ќе знаеме какви тешки метали се дигнаа над Скопје, а од гасовите има прелиминарни резултати кај кои има надминување на дозволените вредности. Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво да се следи квалитетот на воздухот за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот“, изјави директорката на Инспекторатот, Ивана Гиновска.
Надлежните институции, исто така, информираа и дека фирмата имала важечка дозвола од 2021 со важност до мај 2026 година.
„Фирмата има одобрен елаборат за животна средина од 19 февруари 2021 година согласно кој стручни служби од Управата констатирале дека Ф-Групација може да започне со работа. Тоа се првични информации. Станува збор за отпад од електрична и електронска опрема, електрични батерии, акомулутари. Согласно дозволата, компанијата имала право да третира до 20 тони неопасен отпад и до 500 килограми опасен отпад во еден ден, односно за 24 часа“, рече директор на Управата за животна средина Игор Никоски на 15 септември.
Утре, 17 септември, под координација на Основното јавно обвинителство Скопје ќе започне и увидот на лице место за да се утврдат причините за пожарот.
Во постапката што ја води ОЈО Скопје за овој пожар опфатени се четири лица од кои две се дел од сопственичката и управувачката структура, еден раководител и еден вработен. На нив на 14 септември им беше определен краткотраен притвор од 48 часа, а денеска беше побарано продолжување на мерката. Лицата се осомничени дека „со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад“.
Пожарот во Трубарево избувна на 13 септември, а гаснењето траеше околу 30 часа.
„Ѕвездено небо“ во Скопје за жртвите од пожарот во Кочани

Со мирен собир на централниот плоштад „Македонија“ во Скопје, граѓани одбележаа шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Насобраните граѓани со светлата од своите мобилни телефони направија и ѕвездено небо за жртвите во оваа трагедија.
Во пожарот што настана околу 2:30 часот на 16 март во „Пулс“ животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени. Оттогаш, родителите секоја сабота предводат протестен „Марш за ангелите“ во Кочани барајќи одговорност за настраданите.
На вечерашниот собир, на плоштадот во Скопје имаше и сандаче во кое присутни оставаа писма за семејствата на загинатите, а коишто, како што најавија организаторите, следната сабота ќе им бидат однесени на родителите во Кочани.
Беше поставен и транспарент со порака „6 месеци без правда за Кочани“.
На овој собир претходно преку социјалните мрежи повикаа иницијативите „Кој е следен?“ и од Студентското пленумско движење, кои порачаа дека покрај тага, постои и гнев поради непостапувањето на институциите за трагедијата.
„Шест месеци имаме институционален молк за оваа огромна трагедија. Тука сме за да ги потсетиме институциите дека време е да почнат да си ја работат својата работа. Од утре веќе нема да молчиме. Денеска овој молк не е исполнет само со тага туку и со лутина поради нивното непостапување“, порача пред присутните Анастасија Павловка од иницијативата „Кој е следен?“.
Истовремено, мирен собир на кој присутните ќе направат „ѕвездено небо“ се организира и во Кочани и во Штип. Претходно, во текот на денот, за одбележување на шест месеци од трагедијата, родителите предводеа протестен марш на кој уште еднаш побараа одговорност од институциите за системските пропусти за начинот на работа на дискотеката „Пулс“ и за сите околности што доведоа до трагедијата.
За трагедијата во Кочани на 13 јуни беше поднесено обвинение за 34 лица, но тоа сè уште чека оценка од Основниот кривичен суд во Скопје, кој може да го прифати или врати на доработка.
Меѓу обвинетите се последниот кочански градоначалник Љупчо Папазов, и двајца поранешни Ратко Димитриевски и Николчо Илијев. На списокот обвинети се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешен државен секретар, еден раководител, службено лице и помлад соработник во Министерството.
Меѓу обвинетите се поранешен директор на Пазарен инспекторат и инспектори, сопственичката на фирмата која дала елаборат за употреба на објектот како дискотека, синот на сопственикот на дискотеката „Пулс“.
Сите се обвинети за сериозни прекршувања, од фалсификувани дозволи до пропуштање на службена должност. Доколку вината им се докаже, казните можат да достигнат и до 20 години затвор.
Надлежноста врз предметот ја презеде Кривичниот суд откако беше утврдено дека во основниот суд во Кочани нема доволно судии и ресурси за да се води ваков голем процес.
Со обвинението е опфатен период од 13 години во кој обвинетите се товарат дека со своите постапки придонеле да се случи трагедијата или пак тоа што ништо не сториле исто така довело до неа. Ова се однесува посебно на службените лица и функционерите.
Околу 500 службени возила досега добиле црвено-жолти таблички

Околу 500 службени возила досега добија специјални регистарски таблички со црвено-жолта боја. До крајот на месецот, кога треба да започне и кампањата за локалните избори, табличките треба да бидат променети на вкупно 1.500-2.000 возила, изјави денеска (16 септември) директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата на Северна Македонија, Ивица Томовски.
Првично, целта беше до почетокот на кампањата – 29 ноември, да се заменат табличките на сите возила. Во Северна Македонија во сопственост на државните и институциите на локалните самоуправи се околу 7-7.500 возила.
„Ние како една владина служба од 220 возила коишто ги имаме во наша сопственост, во моментов имаме обележано 50 возила, можеби ќе обележиме уште десет возила со специјални таблици, а со другите ќе пристапиме кон нивна продажба и расходување со цел да ги заштедиме трошоците во државата и воедно да бидеме транспарентни пред граѓаните“, рече Томовски од Општината Гази Баба која заедно со дел од останатите скопски општини, како и Штип, Велес, Кавадарци се во процедура на замена на регистарските таблички.
Од денеска во функција е и телефонскиот број 070-399-050 и електронската адреса prijavizloupotreba@sozr.gov.mk на коишто граѓаните можат да пријавуваат злоупотреба на службените возила за приватни или партиски цели.
Одлуката за таблички во црвено-жолта боја на службените возила беше донесена на владината седница на 29 јули.
„Марш за ангелите“ во Кочани: Родителите бараат одговорност од институциите

На точно шест месеци од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, родители и роднините на починатите, како и други граѓани одржаа нов протестен марш за да им оддадат почит на настраданите и да побараат одговорност за трагедијата.
„Маршот за ангелите“, како што се нарекува овој собир, изминатите шест месеци се одржуваше секоја сабота низ улиците на Кочани. Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.
„Ова не е само несреќа. Ова е трагедија што можеше и мораше да се спречи. Оваа трагедија во Кочани не е само последица на една искра или на невнимание. Таа е последица на системска слабост и неодговорност … Знаеме кој ги отворил вратите на клубот. Знаеме кој земал пари и пуштил внатре луѓе два пати повеќе од дозволеното. Знаеме кој ставил пиротехника во затворен простор. Тие се директните виновници. Тоа е криминал со човечки животи“, рече Васка Лазарова, мајка на настраданиот фудбалер Андреј Лазаров, пренесе државната агенција МИА.
Маршот започна од „Паркот на револуцијата“ од каде учесниците се упатија пред судот и обвинителството. Родителите порачаа дека сакаат одговорност од институциите.
„Институциите не се независни тела – тие се дел од државата. Ако тие не ја завршила работата, тогаш и државата има одговорност. Затоа велиме, не е доволно да се казнат неколку менаџери. Потребно е да има одговорност и во институциите. Одговорност за оние што дозволиле клуб без дозвола да работи. Одговорност за сите што со своето молчење учествувале во ова злосторство“, рече Лазарова.
За вечерва во 20 часот во Кочани е најавен уште еден собир насловен „Светлина за 62. ангели“. Според најавите, се очекува во 20:30 часот во воздух да бидат пуштени 62 балони, по што сите присутни со светлата од мобилните телефони ќе направат „ѕвездено небо“ за 62. згаснати животи.
Покрај во Кочани, вечерва собир за одбележување на шест месеци од трагедијата е најавен и во Скопје, на кој повикаа од иницијативи „Кој е следен“ и од студентското пленумско движење. Собирот ќе се одржи на плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде ќе биде поставено и сандаче во кое, како што најавија организаторите, секој ќе може да напише порака за семејствата. Следната сабота кога ќе се организира нов „Марш за ангелите“ писмата ќе бидат однесени на родителите во Кочани.
ЕУ е загрижена за владеењето на правото во Северна Македонија и земјите од регионот

Европската Унија (ЕУ) останува загрижена за владеењето на правото во земјите-кандидатки, иако има опиплив напредок во оваа област, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос на 16 септември.
„Продолжува мешањето во судските постапки, притисокот врз службените лица кои истражуваат корупција и политизацијата на медиумските регулаторни тела, што е неприфатливо“, рече Кос пред новинарите на конференцијата на Советот за општи работи на ЕУ, а по дискусијата на министрите од неколку земји-членки и земји-кандидатки за владеењето на правото во ЕУ.
Со Советот моментално претседава Данска, а нејзината министерка за европски прашања Мари Бјер изјави дека владеењето на правото во ЕУ во моментов е нејзина најважна вредност.
Бјер изјави дека за време на дискусијата, министрите разговарале за состојбата на владеењето на правото во земјите од Западен Балкан, со осврт на извештајот објавен на оваа тема од страна на Европската комисија (ЕК) во јули годинава.
На дискусијата на Советот на ЕУ присуствуваа и министрите за европски интеграции на Србија, Албанија, Црна Гора и Северна Македонија.
Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, во обраќањето рече дека извештајот за владеење на правото 2025 за Северна Македонија потврдува реален напредок, но и дека истовремено остануваат предизвици кои не смеат да се игнорираат.
„Владеењето на правото не е само услов за членство, туку основа врз која се гради довербата меѓу институциите и граѓаните. Реформите во оваа област се од заеднички интерес, бидејќи посилните институции и поголемата доверба во правдата придонесуваат за стабилност и развој не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион“, посочил министерот.
Еврокомесарката Кос порача и дека членките на ЕУ се потпираат на владеењето на правото, кое вклучува независно судство, избори и медиуми, и дека земјите кои се стремат кон членство, но не можат да гарантираат одредено ниво на владеење на правото, не можат да се приклучат кон Унијата.
Таа, исто така, изјави дека земјите од Западен Балкан во моментов се „во центарот на процесот на проширување“ и дека владеењето на правото им гарантира слобода и сила во тој процес.
„Јасно е дека ако кандидатите не го почитуваат спроведувањето на владеењето на правото во своите земји, тие нема да можат да бидат членки на Унијата“, рече Кос.
Бјере и Кос, исто така, разговараа за воведување дополнителни санкции кон Русија, и заклучија дека е потребна посилна европска поддршка за Украина, како и посилен отпор кон Русија.
„Русија е закана за ЕУ. Треба да покажеме решителност и да извршиме дополнителен притисок врз неа“, рече Бјере.
Од сите земји од Западен Балкан, само Србија не се приклучи на санкциите на ЕУ против Русија. Високите претставници на Србија продолжуваат да одржуваат блиски односи со Кремљ, и покрај повиците од Брисел дека Србија е должна, како земја-кандидат за членство во ЕУ, постепено да ја усогласува својата надворешна и безбедносна политика со онаа на ЕУ.
ЕУ ги осуди нападите во Газа, најавени и санкции за Израел

Копнената офанзива на Израел врз градот Газа ќе го зголеми бројот на смртни случаи и ќе ја влоши веќе „катастрофалната“ хуманитарна ситуација на оваа територија, предупреди Европската Унија на 16 септември.
Портпаролот на ЕУ, Анвар Ел-Ануни, изјави дека ЕУ „постојано го повикува Израел да не ги интензивира своите операции во градот Газа“.
„Воената интервенција ќе доведе до поголемо уништување, повеќе смртни случаи и повеќе раселување, а ние јасно ставивме до знаење дека тоа ќе ја влоши веќе катастрофалната хуманитарна ситуација и ќе ги загрози животите на заложниците“, рече тој, пренесе АФП.
Еврокомесарите во среда треба да дадат согласност да се воведат нови санкции против Израел поради војната во Газа, изјави портпаролката на Европската комисија истиот ден, објави Ројтерс.
„Утре, комесарите ќе усвојат пакет мерки против Израел. Поточно, предлог за суспендирање на одредени трговски одредби од договорите меѓу ЕУ и Израел“, изјави портпаролката Паула Пињо.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 11 септември изјави дека ќе бара санкции и делумно замрзнување на трговијата со Израел поради војната во Газа.
ЕУ, која брои 27 земји, е длабоко поделена во својот пристап кон Израел и Палестинците, и не е јасно дали ќе се најде мнозинство кое ќе ги поддржи санкциите и трговските мерки, пишуваше претходно Асошиејтед прес.
Истражителите на Обединетите нации, на 16 септември, го обвинија Израел за геноцид во Газа во обид да ги „уништи Палестинците“ на оваа територија и го обвинија израелскиот премиер и други високи функционери за поттикнување на геноцидот.
Амбасадорот на Израел во ОН во Женева, Даниел Мерон, го нарече извештајот „скандалозен“ и „лажен“.
Речиси 65.000 лица се убиени во Газа од почетокот на војната, според бројките од Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, податоци кои Обединетите нации ги сметаат за релевантни.
Војната во Газа започна по смртоносниот напад на Хамас, палестинска група која е прогласена за терористичка од САД и ЕУ, на 7 октомври 2023 година во Израел.
Белорусинка и Украинец осомничени за летање дрон над претседателската палата во Полска

Полските власти соопштија дека две лица – државјани на Белорусија и Украина, се приведени под сомнение дека летале дрон над државни згради на 15 септември, пренесува Асошиејтед прес.
Дронот, кој беше забележан како лета над претседателската палата Белведере во главниот град Варшава, беше неутрализиран од Службата за државна безбедност.
Двајцата осомничени се „млада Белорусинка“ и Украинец „во раните дваесетти години“, рече Јацек Добжински, портпарол на министерот за координација на специјалните служби.
Премиерот Доналд Туск првично на социјалните мрежи во понеделник вечерта напиша дека се приведени „двајца белоруски државјани“. Не е јасно зошто првичните информации се неточни.
Службата за државна безбедност соопшти дека полицијата ги испрашувала осомничените во текот на ноќта.
„Ги негираме гласините дека станува збор за масовна шпионска операција“, рече Добжински, додавајќи дека е прерано да се потврдат дополнителни детали.
Полска е во состојба на зголемена готовност откако повеќе руски дронови ги преминаа нејзините граници минатата недела. НАТО испрати борбени авиони да ги соборат беспилотните летала.
Ова беше првпат западните борбени авиони да соборат руски беспилотни летала во текот на војната во Украина, што предизвика нови стравувања во регионот кој е на раб на конфликт откако Москва започна целосна инвазија во 2022 година.
Русија во средата соопшти дека не ја таргетирала Полска, а сојузникот на Москва, Белорусија, наведе дека беспилотните летала биле пренасочени бидејќи биле блокирани. Но, некои европски лидери се убедени дека упадите биле намерна провокација од страна на Русија.
Увидот за пожарот во Трубарево ќе започне утре, се бара нов притвор за осомничените

Екипи на безбедносните служби под координација на јавен обвинител, утре (17 септември) ќе го започнат увидот за причините за пожарот во фабриката за електричен и електронски отпад на фирмата Ф-Групација во Трубарево, информираше Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
„По наредба на јавниот обвинител екипи на СВР Скопје и денеска излегоа на лице место со цел преземање дејствија и прибирање определени докази потребни во однос на постапката за загрозување на животна средина со отпад. Во континуитет се преземаат повеќе дејствија на обезбедување и анализа на документација“, велат од Обвинителството.
Пожарот во Трубарево избувна на 13 септември, а гаснењето траеше околу 30-тина часа.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на 15 септември повикувајќи се на информации од форензичарите рече дека увид може да се прави најрано 24 часа по целосно гаснење на пожарот, а препорачливо е и 48 часа.
Исто така на 15 септември, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов информираше дека пожарот е целосно изгаснат и опожарената површина е затрупана со песок и земја.
Во постапката што ја води ОЈО Скопје за овој пожар опфатени се четири лица од кои две се дел од сопственичката и управувачката структура, еден раководител и еден вработен.
На нив на 14 септември им беше определ краткотраен притвор од 48 часа, кој завршува денеска.
Од ОЈО Скопје информираа дека поднеле предлог за нов 48-часовен притвор. Лицата се осомничени дека „со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад“.
Во последниот период, за кратко време се случија неколку пожари во скопскиот регион. Покрај фабриката за отпад во Трубарево, гореа депониите Дрисла и Вардариште, како и сервиси за возила во скопската населба Пинтија.
Владини претставници тврдат дека станува збор за хибридни напади, додека опозицијата обвинува дека тоа е само ПР драма на премиерот Христијан Мицкоски во неможност да се справи со ситуацијата.
Зеленски ја повикува Европа да развие систем за воздушна одбрана по последниот руски напад

Претседателот на Украина Володимир Зеленски ја повика Европа да продолжи со развивање на воздушната одбрана откако Русија повторно го бомбардираше украинскиот град Запорожје, при што беа повредени најмалку 13 лица, вклучувајќи и две деца.
Зеленски на социјалните мрежи на 16 септември порача дека руските ракети намерно биле насочени кон цели „за да го тероризираат нашиот народ“, оштетувајќи „многу станбени згради“.
Тој додаде дека од почетокот на септември, повеќе од 3.500 беспилотни летала и речиси 190 ракети, како и повеќе од 2.500 воздушни бомби, биле лансирани од Москва кон цели во Украина, а имаше и „провокации против нашите партнери“.
„Ова е токму видот на воздушен терор против кој Украина повикува на заедничка одбрана“, наведе Зеленски.
„Сега е време да се спроведе заедничка заштита на нашето европско небо со повеќеслоен систем за воздушна одбрана. Сите технологии за ова се веќе воспоставени. Потребни се инвестиции и решителност – силни акции и одлуки од сите наши партнери“, додаде тој.
Прашањето за одбрана од беспилотните летала што ги лансира Русија стана главна тема на разговор откако повеќе од десетина руски дронови извршија упад во воздушниот простор на Полска минатата недела. По ова следеше уште еден упад во воздушниот простор на НАТО од страна на руски беспилотен авион во Романија.
Во годишниот говор за состојбата на Европската Унија на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што таа го имаше оваа недела, беше јасно ставено до знаење дека блокот треба да ја подобри својата одбрана од беспилотни летала. Исто така, таа најави заем од 6 милијарди евра за формирање „алијанса за дронови“ со Украина.
Таа предложи „Источна гарда“ за која рече дека ќе обезбеди „вселенски надзор во реално време“ на сите воздушни движења од Балтичкото до Црното Море.
Фон дер Лајен, исто така, се обврза и на изградба на „ѕид од беспилотни летала“ – нешто што нејзината ЕК првично одби да го финансира кога за ист ваков потфат Естонија, Латвија и Литванија побараа европски пари претходно оваа година.
Засега има малку детали за сето ова: нема конкретни бројки за буџетот, прецизен географски опсег или временска рамка, освен тоа што се очекува во октомври Европската комисија да презентира план со нови заеднички одбранбени проекти.
„Во овие гранични земји треба да создадеме ’ѕид од беспилотни летала‘ заедно со Украина и да ја вклучиме Украина во овој проект“, изјави европскиот комесар за одбрана и вселена Андриус Кубилиус за украинската новинска агенција Укринформ на 15 септември.
Денеска, 16 септември, Зеленски во интервју за Скај њуз, изјави и дека е потребен „јасна позиција“ од американскиот претседател Доналд Трамп за санкциите против Русија и за безбедносните гаранции за Украина.
Тој, исто така, го повика Трамп, кој денеска ја започна својата официјална посета на Велика Британија, да преземе „силни лични чекори“ за да го „запре Путин“.
„Верувам дека САД се доволно силни за да носат свои одлуки … Верувам дека Доналд Трамп може да ни даде системи за воздушна одбрана и дека САД ги имаат доволно на број“, рече Зеленски.
„Сигурен сум дека САД можат да применат доволно санкции за да ѝ наштетат на руската економија, плус Доналд Трамп има доволно сила за да го исплаши Путин. Европа веќе воведе 18 пакети санкции против Русија. И сè што недостасува сега е силен пакет санкции од САД“, додаде тој.
Официјалните претставници на ЕУ на 16 септември изјавија дека 19-тиот пакет санкции против Русија ќе биде одложен откако Трамп побара Европа побрзо да ги прекине купувањето руска нафта и гас.
Вашингтон изјави дека ќе се воздржи од воведување дополнителни тарифи за земји како Кина за да се запре купувањето руска нафта.
Се очекува новите мерки на ЕУ против Русија поради нејзината целосна инвазија на Украина да бидат насочени кон повеќе банки, таканаречената флота во сенка на Кремљ, фирми од трети земји, како и да стават на црна листа голем број поединци, особено оние што се сметаат за одговорни за киднапирањето на украински деца.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете