Вести
Затворска казна од 21 година за напаѓачот на словачкиот премиер Фицо

Судот во Словачка денеска (21 октомври) пресуди дека човекот кој минатата година пукаше и го рани премиерот Роберт Фицо е виновен за тероризам и го осуди на 21 година затвор.
Словачкиот премиер Роберт Фицо беше тешко ранет кон средината на мај 2024 година во обид за атентат во градот Хандлови.
Пресудата изречена денеска на напаѓачот на словачкиот премиер може да се обжали до Врховниот суд на земјата.
Словачкиот премиер Роберт Фицо беше застрелан додека се движел меѓу толпа луѓе во градот Хандлова откако претходно бил одржан состанок на владата на 15 мај, минатата година. Тој беше погоден со неколку куршими. Му беа извршени две операции.
Министерството за внатрешни работи инцидентот го квалификуваше како „обид за атентат“, а осомничениот беше приведен веднаш по инцидентот.
Москва тврди дека нема план за средба меѓу Лавров и Рубио

Можната средба на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио бара претходни подготовки, изјави денеска заменик министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков.
„Не можеме да одложиме нешто што не е договорено. Не го потврдивме она што го пишуваа некои западни извори вчера. Немавме јасно дефинирано ни време ни локација за таква средба. Постои само идеја за одржување на оваа средба“, рече Рјабков.
Тој нагласи дека се работи на подготовките за средбата на Лавров и Рубио и потврди дека шефот на руската дипломатија вчера разговарал со својот американски колега на таа тема.
Тој во понеделникот изјави дека на можната средба на Лавров и американскиот државен секретар на дневен ред се очекува да бидат украинското прашање, билатералните односи и економската агенда.
Трамп минатата недела ги засили напорите за посредување во прекин на огнот, откако оствари телефонски разговор со Путин и средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа.
Разговорите со Зеленски изгледаа во голема мера неубедливи.
Зеленски и високи претставници на Европската Унија постојано изразуваат сомнежи во подготвеноста на Путин да ја заврши војната и објавија заедничка изјава на 21 октомври во која го нагласуваат ова.
„Тактиките на одложување на Русија покажаа одново и одново дека Украина е единствената страна што е сериозна во врска со мирот“, се вели во изјавата, потпишана од Зеленски, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџија Мелони, шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лајен и други.
Зеленски рече дека е „подготвен“ да седне на мировни преговори во унгарската престолнина, иако изборот на место беше критикуван од Европската Унија, со оглед на тоа што против Путин е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд.
Санае Такаичи избрана за прва жена премиер на Јапонија

Јапонскиот парламент официјално ја избра Санае Такаичи за премиерка, со што стана првата жена на оваа позиција во историјата на Јапонија.
Такаичи, 64-годишна ултраконзервативна политичарка, ја презеде функцијата откако нејзиниот претходник Шигеру Ишиба поднесе оставка.
Такаичи беше избрана откако нејзината партија, Либерално-демократската партија (ЛДП), формираше коалиција со десничарската Јапонска партија за иновации (Ишин но Каи), обезбедувајќи го потребното мнозинство за избори.
Таа доби 237 гласови во Долниот дом на парламентот и 125 во Горниот дом, победувајќи ја својата противничка од опозицијата, Јошихико Нода.
Такаичи е долгогодишна политичарка позната по своите тврдокорни ставови, вклучувајќи ја поддршката за зајакнување на војската на Јапонија, ревидирање на пацифистичкиот устав, спротивставување на истополовите бракови и промена на законот за презимиња на брачните парови.
Таа е штитеничка на покојниот премиер Шинзо Абе, а претходно ја извршуваше функцијата министер за внатрешни работи, економска безбедност и родова еднаквост.
Првата жена шеф на јапонската влада ја презема функцијата во време на длабока политичка нестабилност. Откако е избрана за премиерка, таа се соочува со низа сериозни предизвици што ќе го тестираат нејзиното лидерство и способноста да ја консолидира власта, пишуваат медиумите.
Нејзината партија, ЛДП, неодамна го загуби својот долгогодишен коалициски партнер Комеито, што дополнително ја ослабна политичката позиција на владата. Причината за распуштањето на коалицијата беа скандалите со фондовите и внатрешните конфликти што ја потресоа партијата и ја поткопаа јавната доверба.
Меѓу најитните задачи што ја чекаат новата премиерка се борбата против растечката инфлација, враќањето на довербата на граѓаните во институциите и подготовката за претстојната средба со претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп. Средбата ќе биде клучна за редефинирање на односите меѓу Токио и Вашингтон, кои беа под притисок во последните години.
Такаичи влегува на функцијата премиер со големи очекувања, но и со предизвици што би можеле да го обликуваат не само нејзиниот мандат, туку и иднината на јапонската политика.
Радев побара од Унгарија да ги убеди македонските власти за уставни измени

Бугарскиот претседател Румен Радев ја повика Унгарија да ги убеди властите во Скопјe дека вклучувањето на Бугарите во уставот на Република Северна Македонија и отсуството на притисок врз Бугарите се неопходни услови за мекдонскиот евроитнегративен пат, односно за продолжување на преговорите за членство во Европската Унија.
„Односите меѓу Унгарија и Бугарија се пример за примерно партнерство“, рече Радев по средбата со унгарскиот претседател Тамаш Сујок. Тој и Сујок разговараа и за ситуацијата во регионот на Западен Балкан и за процесот на проширување на Европската Унија.
Радев изјавил дека историски и културни врски меѓу Унгарија и Македонија се одлична можност за продолжување на конструктивниот дијалог по однос на ова прашање.
„И токму затоа го повикав претседателот Шујок и унгарската страна, која има пријателски односи со нашите браќа во Република Северна Македонија и растечки економски односи со РСМ, да ѝ помогнат на оваа земја со тоа што навистина ќе ги убедат нашите браќа дека прифаќањето и вклучувањето на Бугарите во уставот, почитувањето на европскиот консензус и отсуството на притисок и дискриминација врз Бугарите во Северна Македонија се неотповиклив услов за започнување преговори за членство во Европската Унија“, изјавил Радев.
За време на средбата во Софија, двајцата претседатели, меѓу другото, разговарале за ситуацијата на Западен Балкан и за проширувањето на Европската Унија. Во оваа смисла Радев нагласил дека Бугарија ги поддржува своите соседи на европскиот пат, но инсистира проценката за пристапување да се прави врз основа на заслуги.
Северна Македонија и Бугарија од 2017 година имаат меѓусебен Договор за пријателство, добрососедство и соработка.Сепак, во ноември 2020 Софија стави вето за почеток на пристапните преговори на Скопје поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај постоечките, да се додаде и бугарската заедница, но од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата на Уставот.
Вучиќ најави нова средба со Орбан

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 20 октомври објави дека ќе замина на работна посета на Будимпешта каде ќе се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Вучиќ ја најави средбата со Орбан во петок, кога рече дека ќе разговараат за важни теми.
„Ќе разговарам со Орбан за сè, од енергија до сите видови соработка меѓу Србија и Унгарија. Имаме одлични односи и сакаме да ги продлабочиме“, рече Вучиќ на 17 октомври.
Ден претходно, Вучиќ разговараше по телефон со Орбан, на кого рече дека му честитал за претстојната средба на претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, во Будимпешта.
Орбан се сретна со Вучиќ во Белград во мај, за време на работната посета на унгарската делегација на Србија.
Тогаш беше објавено дека претставниците на двете земји разговарале за геополитичката ситуација и надворешната политика, економијата, соработката во областа на одбраната и безбедноста и воено-индустриското производство.
Унгарската влада, предводена од Орбан, е политички сојузник на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Според изјавите на српските и унгарските функционери, сегашните односи меѓу Србија и Унгарија се на највисоко ниво во историјата.
Србија и Унгарија имаат Договор за стратешко партнерство од 20 јануари 2023 година, кој е прецизиран во договорите и проектите, вклучувајќи ја изградбата на нафтовод меѓу Нови Сад и Унгарија, трговијата со гас, изградбата на патна инфраструктура и соработката во земјоделството.
Двете влади одржаа шест заеднички седници од јули 2014 година, на кои ја потврдија својата посветеност на зајакнување на соработката во сите области.
Со повеќе од две милијарди евра годишна трговија, Унгарија е трет најголем трговски партнер на Србија, зад Германија и Италија.
На предлог на Орбан, на Вучиќ му беше доделено највисокото државно одликување, „Голем крст на унгарскиот орден за заслуги со огрлица и ѕвезда со златни зраци“, во Будимпешта на 17 февруари 2025 година.
На 16 септември 2022 година, Вучиќ му го додели на Орбан „Орденот на Република Србија со голема огрлица“ за, како што беше најавено, исклучителни заслуги во развивањето и зајакнувањето на соработката и пријателските односи.
Приведен 15 годишно момче за убиство на врсник во Софија

Петнаесетгодишно момче е притворено за убиството на свој врсник во трговски центар во Софија од недела навечер(19 октомври). Ова го објави портпаролката на Обвинителството на градот Софија, Десислава Петрова.
Од досега објавените информации, јасно е дека жртвата и наводниот сторител се познавале, а убиството настанало по физичка пресметка.
Во недела навечер во трговски центар во Софија, малолетник со нож прободел во градниот кош свој 15 годишен врсник. По инцидентот повреденото момче било однесено во софиската болница во критична состојба. Подоцна, болницата соопшти дека момчето им подлегнало на повредите и набрзо по приемот починало.
Портпаролката на бугарското обвинителство Петрова изјави дека момчето за кое се верува дека е сторител на убиството веќе е обвинето и дека му е одреден притвор од 72 часа.
Дополнително, извршени се претреси и пронајдено е оружјето за кое се верува дека е употребено за извршување на кривичното дело.
Началникот на Полициската управа во Софија, главниот комесар Љубомир Николов, изјави дека осомничениот претходно учествувал во кражби и разбојништва. Тој е сместен и во дом за малолетници.
„Ваквите трагедии нè потсетуваат колку е кревко чувството за безбедност, особено кога станува збор за нашите деца. Во последната година, Општина Софија, заедно со полицијата и трговските установи, вложи сериозни напори за подобрување на видео надзорот, контролата и спречувањето на агресијата на јавни места“, напиша градоначалникот на Софија, Васил Терзиев.
Во последниве години, случаите на тепачки, кражби и други кривични дела извршени од групи млади станаа почести. Во ноември 2024 година, група млади претепаа обезбедувач во еден од трговските центри во главниот град.
Во тоа време, самите раководства на трговските центри објавија дека ќе го зголемат нивото на безбедност.
Бугарија може да му дозволи прелет на Путин за средба со Трамп во Будимпешта

Авионот на рускиот претседател Владимир Путин би можел да добие право за прелет над Бугарија за да одржи средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, јавува бугарскит сервис на Радио Слободна Европа повикувајќи се на изјава на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, објавена од бугарското државно радио на 20 октомври.
„Доколку се направат напори за постигнување мир, ако условот за ова е да има средба, тогаш најлогично е средба од ваков вид да се олесни на остварлив начин“, изјавил Георгиев.
На прашањето дали ова значи дека Бугарија ќе му обезбеди на рускиот претседател воздушен коридор, Георгиев одговори кусо.
„А како треба да се одржи состанокот ако еден од учесниците не може да дојде?“, изјави министерот, јавува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Во петокот, РСЕ/РЛ го праша Министерството за надворешни работи дали Бугарија ќе обезбеди воздушен коридор за Путин за неговата евентуална средба со Трамп во Будимпешта, но не доби одговор.
Веста доаѓа по неколку дена откако Трамп најави претстојна билатерална средба со Путин во Будимпешта по двочасовниот телефонски разговор меѓу нив двајца, кој се одржа на барање на лидерот на Кремљ.
Една можна патека за летање од Москва до Будимпешта лежи над Црното Море, Бугарија и Србија, но бугарскиот воздушен простор е затворен за руски авиони од целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Други рути лежат на север - над Белорусија и Полска или над Балтичкото Море, Германија и Чешка, јавува ДПА.
Во четврток, Трамп објави на својата социјална мрежа „Truth Social“ дека советници на високо ниво ќе се состанат за да договорат средба со Путин.
„Претседателот Путин и јас потоа ќе се сретнеме на договорена локација, Будимпешта, Унгарија, за да видиме дали можеме да ја завршиме оваа „неславна“ војна меѓу Русија и Украина“, додаде тој, без да даде датум.
Трамп и Путин последен пат се сретнаа во Алјаска во август.
Европската Унија и украинскиот претседател Володимир Зеленски изразија сомнежи во врска со подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши повеќе од тригодишната војна во Украина, додека се наѕира можноста за самит во Будимпешта со американскиот претседател Доналд Трамп.
Зеленски рече дека е „подготвен“ да седне на мировни преговори во унгарскиот главен град, место кое е критикувано од Европската Унија со оглед на тоа што против Путин е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд.
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, на 20 октомври изјави дека, иако мировните напори на Трамп се добредојдени, „не гледаме дека Русија навистина сака мир“.
Во последните денови, претседателот Трамп ги обнови своите критики кон Украина. Тој ја најави претстојната средба со Путин еден ден пред да го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа.
Трамп: Хамас ќе биде „искоренет“ доколку го прекрши договорот за Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во понеделник дека ќе му даде шанса на Хамас да го почитува договорот за примирје во Газа со Израел, но предупреди дека групата ќе биде „искоренета“ ако не го стори тоа. Хамас е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ.
„Склучивме договор со Хамас дека ќе бидат многу добри, ќе се однесуваат добро, ќе бидат фини“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа додека беше домаќин на австралискиот премиер Ентони Албанезе.
„А ако не бидат, ние ќе одиме и ќе ги искорениме, ако мораме. Ќе бидат искорени, и тие го знаат тоа,“дода тој.
Коментарите на Трамп дојдоа откако двајца од неговите највисоки претставници се сретнаа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху откако насилството за време на викендот создаде ризик да се уништи кревкото примирје што го посредуваше американскиот претседател пред речиси две недели, јавува новинската агениција Франс Прес.
Кревкото примирје меѓу Израел и Хамас го претрпе својот прв голем предизвик во во неделата, на 19 октомври. Според израелската војска, трупите во јужна Газа биле нападнати, вклучително и со ракетна граната, при што загинале двајца војници.
Израел одговори со најсилните воздушни напади откако започна примирјето на 10 октомври. Медицинските лица изјавиле дека 44 Палестинци биле убиени. Хамас(која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација)негираше вмешаност во нападот. Израелската армија подоцна соопшти дека ќе продолжи да се придржува до договорот за прекин на огнот, но ќе одговори на какви било прекршувања.
Сепак, Трамп инсистираше дека американските сили нема да бидат вклучени во акции против Хамас, велејќи дека десетици земји кои се согласиле да се приклучат на меѓународните сили за стабилизација за Газа „би сакале да влезат“.
„Дополнително, Израел би влегол за две минути, ако ги замолам да влезат“, рече Трамп.
„Но, во моментов, не сме го кажале тоа. Ќе му дадеме малку шанса и се надеваме дека ќе има малку помалку насилство. Но, во моментов, знаете, тие се насилни луѓе, “ истакна тој.
Трамп рече дека Хамас сега е многу послаб, особено со оглед на тоа што регионалниот поддржувач Иран сега е малку веројатно да се вклучи во негово име по нападите на САД и Израел претходно оваа година.
Руското производството на гас во Казахстан погодено од украински напад

Украински напад со дрон врз гасна фабрика во рускиот Оренбург, една од најголемите вакви постројки во светот, и понатаму влијае врз производството во соседен Казахстан, во момент кога Европската Унија се движи кон целосно укинување на увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Според Министерството за енергетика на централноазиската земја, приемот во казахстанската фабрика бил прекинат по нападот на 19 октомври – првиот познат удар врз постројката, која е дел од Оренбургскиот гасно-хемиски комплекс управуван од руската државна енергетска компанија „Гаспром“.
Новинската агенција Ројтерс на 20 октомври, повикувајќи се на свои извори, објави дека поради нападот производството на гас на казахстанското наоѓалиште Карачаганак било намалено за 25 до 30 проценти. Фабриката годишно преработува 37,5 милијарди кубни метри гас.
Официјални лица во Киев потврдија дека Украина стои зад нападот, а претседателот Володимир Зеленски изјави дека тоа покажува „зголемување и на дострелот и на прецизноста на нашите долгодострелни санкции против Русија“.
„Буквално секој ден или два се погодуваат руски рафинерии. И тоа придонесува Русија да се соочи со реалноста,“ додаде тој.
Во последниве месеци, Киев ги засили нападите врз руската енергетска инфраструктура, што очигледно предизвикува недостаток на гориво и раст на цените во самата Русија. Минатиот месец беше погоден и нафтениот резервоар во Новокујбишевск, при што украинскиот Генералштаб тогаш соопшти за значителни оштетувања.
Во меѓувреме, министрите за енергетика на ЕУ ја поддржаа иницијативата за постепено укинување на увозот на руски гас и нафта до јануари 2028 година, и покрај противењето на Словачка и Унгарија, кои сè уште се силно зависни од руските енергенси.
Планот, кој оди заедно со санкциите против Москва, е поттикнат од војната што Русија ја води во Украина и е дел од пошироката стратегија на Унијата.
„Иако вложивме многу напор за да го исфрлиме рускиот гас и нафта од Европа во последниве години, сè уште не сме таму,“ изјави министерот за енергетика на Данска, Ларс Агард, која моментално претседава со ЕУ, додавајќи дека договорот од 20 октомври е „критичен чекор“ кон реализацијата на таа стратегија.
Пред Москва да ја започне целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија обезбедуваше околу 45 проценти од увозот на гас во ЕУ. Денес таа бројка изнесува околу 12 проценти.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на 20 октомври изјави дека нов пакет санкции – деветнаесеттиот по ред – може да биде усвоен уште оваа недела.
„Русија разбира само сила. Преговара само кога е ставена под притисок,“ рече таа.
ОБСЕ/ОДИХР: Загрижувачки се извештаите за притисоци и заплашување и купување на гласови

Кампањата за локалните избори во Северна Македонија беше конкурентна, но изборите беа негативно засегнати од системски правни празнини и недостатоци во надзорот на финансирањето на кампањата, како и од политичка поларизација и длабоко јавно разочарување со политиките.
Ова е прелиминарната оценка на меѓународните набљудувачи од заедничката мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа (Конгресот) и Европскиот парламент (ЕП) за изборната кампања и локлните избори кои се одржаа на 19 октомври.
Тие во нивната заедничка оценка посочија дека минатогодишните законски измени, иако во себе содржат дел од препораките на ОДИХР, сепак поголем дел од претходно дадените препораки не се исполнети.
„Беше добро да се види конкурентна кампања во изминатите недели и добро организиран и претежно мирен изборен ден вчера, но и понатаму остануваат загрижувачки недостатоци во изборното законодавство, кои го поткопуваат работењето на институциите,” изјави Матео Мекачи, шеф на Мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР.
Тој додаде дека решавањето на клучните аспекти од изборниот процес кои бараат реформи - од финансирањето на кампањата до еднаквите можности за кампања во медиумите за сите кандидати, ќе остане во фокусот на нивната работа и следење и во наредните две недели кога ќе го набљудуваат спроведувањето на вториот изборен круг од изборите на 2 ноември.
Според оценката на ОБСЕ/ОДИХР основните слободи биле генерално почитувани за време на кампањата, но во истовреме, како што велат, иако не го прекршува законот, градоначалници и високи владини функционери отвораа, посетуваа или промовираа инвестициони и инфраструктурни проекти и пред, и за време на официјалниот период на кампањата, што претставува поткопување на правните гаранции за да се превенира злоупотреба на јавни ресурси и е во спротивност на меѓународните стандарди.
„Извештаите за наводен притисок врз вработени во јавниот сектор, заплашување на гласачи и опозициски кандидати, како и купување гласови од страна на политички партии, беа исто така загрижувачки. Денот на изборите општо беше мирен, иако беа забележани некои недостатоци во процедурите, како што е групно гласање и несоодветно мешање од страна на претставниците на кандидатите,“ се вели во извештајот.
Во нивниот извештај се посочува дека системските недостатоци за следењето на финансирањето на кампањите, во комбинација со ограничените капацитети на надзорните органи ја попречија ефикасната проверка на финансирањето на кампањите.
Проблемот според нив е во формулата за распределба на парите која, како што велат, значително ги фаворизира големите парламентарни партии, исклучувајќи ги помалите партии со пратеничка група, и понуди само ограничени можности за други мали партии и независни кандидати.
Медиумската сцена е разновидна, но фрагментирана по политички и етнички линии, е нотирано во извештајот, посочувајќи дека неповолните услови за работа и ограничените човечки ресурси во медиумскиот сектор влијаат врз квалитетот на известувањето.
Додека мониторингот на медиумите од страна на набљудувачката мисија покажува дека известувањето за изборите од радиудифузерите е генерално избалансирано, кампањата на социјалните мрежи во голема мера е нерегулирана, и не постои надлежен орган со мандат да ја следи изборната кампања на социјалните мрежи и да открива дезинформации или манипулативна содржина.
Меѓународната набљудувачка мисија за локалните избори во Северна Македонија, составена од вкупно 275 набљудувачи од 40 земји, од кои 253 ОДИХР експерти и долгорочни и краткорочни набљудувачи, 15 членови и вработени од конгресот и 7 парламентарци и вработени од ЕП.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете