Достапни линкови

Вести

По наредба на Трамп, 200 војници од Тексас пристигнаа во Илиноис

Војници на Националната гарда на Тексас пристигнаа во Илиноис за да го заштитат федералниот персонал и имотот среде антиимиграциски протести, потврди Пентагон.
Војници на Националната гарда на Тексас пристигнаа во Илиноис за да го заштитат федералниот персонал и имотот среде антиимиграциски протести, потврди Пентагон.

Војници на Националната гарда на Тексас пристигнаа во Илиноис за да го заштитат федералниот персонал и имотот среде антиимиграциски протести, потврди Пентагон.

Официјален претставник на Пентагон изјави дека 200 гардисти се мобилизирани за првичен период од 60 дена, јави Фокс Њуз.

Војниците пристигнаа во Илиноис „во поддршка на Мисијата за федерална заштита за заштита на федералните функции, персонал и имот“, се вели во соопштението на Пентагон.

Околу десетина лица се уапсени во близина на објектот на Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) во Бродвју, каде што со денови се собираат антиимиграциски групи.

Секретарката за домашна безбедност (DHS), Кристи Ноем, во саботата објави дека дополнителен персонал за специјални операции ќе биде распореден во Илиноис, откако федералните агенти биле удрени и блокирани од 10 автомобили.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, објави потврда на платформата Икс, наведувајќи дека припадниците на службата се „на терен и подготвени за акција“.

„Тие ја ставаат Америка на прво место со тоа што обезбедуваат федералната влада да може безбедно да го спроведе федералниот закон“, напиша Абот.

Градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, синоќа повтори дека верува оти распоредувањето е „незаконско, неуставно, опасно и погрешно“.

Со извршна наредба потпишана во понеделникот, Џонсон создаде „зони без ICE“, забранувајќи им на федералните имиграциски агенти да користат имот во сопственост на градот за операции за спроведување на имиграцијата.

„Администрацијата на Трамп мора да стави крај на војната против Чикаго. Администрацијата на Трамп мора да стави крај на оваа војна против Американците. Администрацијата на Трамп мора да стави крај на својот обид да ја демонтира нашата демократија“, рече Џонсон на прес-конференција во понеделникот.

Коалицијата против агендата на Трамп (CATA), активистичка група со седиште во Чикаго, планираше итен протест во центарот на Чикаго, закажан за денеска попладне (8 октомври).

Хатем Абудајех, национален претседател на Мрежата на палестинската заедница во САД (USPCN) и портпарол на CATA, за „Фокс Њуз Дигитал“ изјави дека групата „стои обединета во борбата против расистичките и белите супрематистички напади на претседателот Доналд Трамп врз нашите заедници“.

„Гардата е испратена да им се придружи на ICE за да предизвика хаос и да ги тероризира нашите населби, бидејќи жителите на Чикаго не се повлекуваат пред насилници како Трамп“, напиша Абудајех во изјава за „Фокс Њуз Дигитал“.

„Нашите заедници овде – особено Мексиканците, Централноамериканците и Црнците – се организираат, даваат отпор и се мобилизираат во огромен број за протести, едукација на заедницата и презентации 'Запознајте ги своите права', и тимови за брз одговор кои директно ги бранат нашите соседи имигранти од ICE. Ќе продолжиме да се спротивставуваме заедно, обединети преку расата, класата и националноста, и тие никогаш нема да нѐ скршат!“

Османи и новиот командант на КФОР разговарале за „заканите со беспилотни летала“ од Србија

Претседателката на Косово Вјоса Османи и турскиот генерал-мајор Озканом Улутас во Приштина, октомври 2025 година
Претседателката на Косово Вјоса Османи и турскиот генерал-мајор Озканом Улутас во Приштина, октомври 2025 година

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на состанокот со новиот командант на мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР) турскиот генерал-мајор Озкан Улуташ, истакна дека нејзината земја се соочува со „закани од беспилотни летала“ од Србија.

На состанокот со генерал-мајор Улуташ, кој минатата недела ја презеде функцијата командант на КФОР, Османи разговараше за безбедносните случувања, објави кабинетот на косовскиот претседател.

„Разговарајќи за безбедносните случувања и заканите што доаѓаат од Србија, вклучувајќи ги и заканите со посебен фокус на употребата на беспилотни летала, претседателката ја нагласи важноста на координацијата и соработката на КФОР со нашите безбедносни институции со цел да се спречат дестабилизирачките тактики на Србија“, пишува во соопштението.

Косовските власти кон крајот на септември изјавија дека воздушниот простор на Косово бил нарушен од според сомневањата, српски беспилотни летала.

Сепак, ниту вршителот на должноста министер за внатрешни работи Џелал Свекла, ниту директорот на косовската полиција Газменд Хоџа не дадоа дополнителни детали за тие наводи или кога се случиле тие сомнителни дејствија.

Од друга страна, КФОР за Радио Слободна Европа на 26 септември соопшти дека не евидентирале никакво нарушување на воздушниот простор на Косово од страна на беспилотни летала од странство, што би можело да влијае на целокупната безбедност на земјата.

Мировната мисија на НАТО, исто така, изјави дека „не сакаат да шпекулираат со извештаи за неовластени летови на беспилотни летала над Косово“.

Османи, исто така, се пожали на „постојаните закани“ од Србија на неодамнешниот состанок со командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол, адмирал Стјуарт Б. Манш.

КФОР е третата безбедносна сила во Косово, по Косовската полиција и Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС).

Мисијата на НАТО, меѓу другото, е одговорна за безбедноста на границата меѓу Косово и Србија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги отфрли обвинувањата на Османи, велејќи дека „сите се подготвуваат за војна“ и дека Косово „се обидува да го искористи времето пред војната“ за да ги придобие повеќето европски и НАТО земји.

Тензиите меѓу Косово и Србија особено се зголемија кон крајот на 2023 година, кога косовската полиција беше нападната од група вооружени Срби на северот на Косово, во области населени со Срби.

Еден косовски полицаец и тројца српски напаѓачи беа убиени во тој напад во селото Бањска, општина Звечан, а одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на најголемата српска партија во Косово - Српската листа.

Косово го окарактеризира нападот како терористички чин и ја обвини Србија, додека Белград негираше каква било вмешаност.

НАТО го зголеми своето присуство во Косово во текот на 2023 година, по ескалацијата на тензиите на север, и моментално има 4649 мировници од 33 земји.

Емисиите на јаглерод диоксид од војната во Украина - еднакви на годишните емисии на четири земји од ЕУ

Војната во Украина не само што одзеде десетици илјади животи и принуди милиони луѓе да ги напуштат своите домови, туку предизвика и огромна штета врз климата, пренесе ДПА.

Според студија на Иницијативата за пресметка на стакленички гасови во војна (IGGAW), објавена денеска(8 октомври), од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, војната има емитувано онолку штетни стакленички гасови колку што заедно испуштаат Австрија, Унгарија, Чешка и Словачка во текот на една година.

Според истражувањето, вкупните емисии од војната достигнале 237 милиони метрички тони јаглерод диоксид (CO₂) еквиваленти, мерка што се користи за споредување на ефектите од различните видови стакленички гасови.

Околу една третина од емисиите се резултат на самите борбени дејствија, како на пример од тенкови, авиони и друга воена техника кои трошат огромни количини дизел и керозин.

Дополнителен фактор се пожарите во шуми и грмушести подрачја предизвикани од војната. Извештајот на IGGAW наведува дека погодената површина со пожари во 2024 година била повеќе од 20 пати поголема од просекот за периодот 2006 – 2021, со тоа што најголемиот дел од пожарите беснееле долж фронтот или во пограничните области.

Климатолозите забележале и невообичаено суво лето во 2024 година, што делумно го припишуваат на засиленото глобално затоплување, а тоа дополнително ги разгорело пожарите.

Поради воените дејствија, гаснењето пожари било речиси невозможно, па огнот често се ширел неконтролирано.

Истражувачите наведуваат дека 2024 година покажува како климатските промени и вооружените конфликти меѓусебно се засилуваат и го забрзуваат глобалното затоплување.

Фон дер Лајен: Европа мора да има капацитет за да одговори на хибридните закани

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ja повика Европа да стекне капацитет да одговори на хибридните закани по неодамнешните, како што се верува, руски упади во воздушниот простор на неколку европски земји.

„Време е да се нарече со неговото име. Тоа е хибридна војна. Европа мора да стекне капацитет да одговори и да го заштити своето небо“, рече Фон дер Лајен на седницата на ЕП посветена на неодамнешните руски нарушувања на воздушниот простор и критичната инфраструктура на земјите-членки на ЕУ.

Како што објави на својот профил на мрежата X, на седницата присуствува и Мари Бјер, министерка за надворешни работи на Данска, актуелниот претседател на ЕУ.

Фон дер Лајен оцени дека „нешто ново и опасно се случува“ на европското небо.

„Не треба само да реагираме, туку треба да одвратиме. Ако се двоумиме да дејствуваме, сивата зона само ќе се прошири“, рече таа во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур.

Пратениците ќе гласаат за резолуција за ова прашање во четврток, 9 октомври.

Групата на социјалисти и демократи во ЕП на својот профил на мрежата X напиша дека руските нарушувања на воздушниот простор не претставува изолирани инциденти, туку „хибридно војување за тестирање на колективната подготвеност на Европа“.

„Мораме да ги зајакнеме нашите одбранбени капацитети преку подобрување на нашата способност за откривање, припишување и пресретнување на овие упади, во соработка со НАТО“, напиша групата на платформата X.

Во септември, три руски борбени авиони влегоа во естонскиот воздушен простор откако голем број руски беспилотни летала го пробија полскиот воздушен простор. Повторените прелетувања на беспилотни летала во Данска сериозно го нарушија данскиот воздушен сообраќај. Дронови неодамна беа забележани и на аеродромот во Минхен во Германија.

Мелони пријавена во Меѓународниот кривичен суд за соучество во геноцид

Италијанската премиерка Џорџа Мелони
Италијанската премиерка Џорџа Мелони

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека таа и уште двајца министри се обвинети од Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради поддршката на Рим за Израел.

„Јас, министерот Крочето (Гвидо, министер за одбрана), министерот Тајани (Антонио, министер за надворешни работи) и верувам дека извршниот директор на Леонардо, Роберто Чинголани, станавме предмет на тужба од МКС за соучество во геноцид“, рече таа во телевизиска емисија на 7 октомври.

„Не мислам дека постои друг случај на ваков вид тужба во светот или во историјата“, додаде италијанската премиерка.

Леонардо е италијанска група за аеронаутика и одбрана.

Тужбата, поднесена на 1 октомври, е изготвена од група која се нарекува „Адвокати и застапници за Палестина“ и потпишана од околу педесет лица, вклучувајќи професори по право, адвокати и неколку јавни личности.

„Со својата поддршка на израелската Влада, особено преку снабдување со смртоносно оружје, италијанската Влада стана соучесник во актуелниот геноцид и тешките воени злосторства и злосторства против човештвото извршени против палестинското население“, наведоа авторите на тужбата.

Тие бараат од МКС да размисли за започнување формална истрага за нивната жалба.

Путин во посета на Централна Азија за да го зајакне руското влијание

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретне со лидерите на Централна Азија во Таџикистан во четврток, 9 октомври на вториот ваков самит од падот на Советскиот Сојуз. Како што јавува АФП, ослабена од војната во Украина, Москва се бори со Кина и Европа за влијание во Централна Азија.

На првиот самит со петте лидери на Централна Азија во 2022 година, Путин доби критики од претседателот на Таџикистан, кој ја обвини Москва дека ги занемарува постсоветските држави и дека им покажува малку почит.

Во меѓувреме, Кина и Европа побрзаа да го пополнат вакуумот во власта. И двете земји одржаа самити на високо ниво во Централна Азија оваа година и се надеваат дека ќе го прошират својот пристап до огромните природни ресурси на регионот.

Се очекува Путин да пристигне во Таџикистан во денеска, 8 октомври.

Лидерите на Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Таџикистан и Туркменистан треба да присуствуваат на состанокот во четврток, кој ќе се одржи во главниот град на Таџикистан, Душанбе.

Централноазиските земји ќе го искористат самитот за „унапредување на своите позиции“, како и за градење доверба со Русија и развивање трговски врски, изјави Министерството за надворешни работи на Казахстан за АФП.

Русија соопшти дека очекува „значајни и интересни резултати од разговорите“.

Совршено исполирани, фотошопирани лидери од Централна Азија Совршено исполирани, фотошопирани лидери од Централна Азија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:18 0:00

Сите пет централноазиски држави одржуваат блиски културни и економски врски со Русија.

Регионот е дом на милиони луѓе кои зборуваат руски јазик, додека милиони централноазиски мигранти се преселија преку границата за да работат во некои од најтрудоинтензивните индустрии во Русија.

Русија е подготвена да ја изгради првата нуклеарна централа во Казахстан, а нејзините односи со соседите се во главно пријателски.

Но, по повеќе од еден век руска доминација, петте републики во Централна Азија сè повеќе гледаат подалеку од Москва.

Регионот сè повеќе гледа кон Кина и Турција за снабдување со оружје, додека Европската Унија објави инвестициски пакет од 14 милијарди долари во регионот по самитот во април.

Соседна Кина веќе воспостави силно присуство таму преку својата иницијатива „Еден појас, еден пат“, колосален инфраструктурен проект кој има за цел да ја зголеми трговијата меѓу Пекинг и остатокот од светот.

Русија изјави дека не се натпреварува со Пекинг за влијание во Централна Азија, но соперништвото со други сили - вклучувајќи ја и Европа - е „тешко да се игнорира“, изјави за АФП Иља Ломакин, аналитичар од Киргистан.

„Дали Русија ќе може да ја задржи својата позиција во оваа област, а камоли да ја прошири, останува да се види“, додаде тој.

На последниот самит Централна Азија-Русија во октомври 2022 година, таџикистанскиот лидер Емомали Рахмон побара од Русија да покаже „почит“ во седумминутна тирада што го остави Путин збунет.

„Да, ние сме мали нации, не 100 милиони или 200 милиони луѓе. Но, имаме историја, култура. Сакаме да бидеме почитувани“, додаде тој.

Како одговор, Путин рече дека „во голема мера се согласува“ и ги повика да се фокусираат на „конкретни прашања“.

Европската комисија предлага удвојување на царините за увоз на челик - на 50 отсто

Белгија - Европската комисија во Брисел, 23 април 2024 година.
Белгија - Европската комисија во Брисел, 23 април 2024 година.

Европската комисија(ЕК) предлага двојно да се зголемат царините за увоз на челик - на 50 отсто, за да се заштитат производителите од Европската унија (ЕУ) од евтина конкуренција од земји како Кина, објави комесарот за индустрија на ЕУ, Стефан Сежурне.

Покрај тоа, обемот на увоз без царина треба да се намали речиси за половина, јави агенцијата ДПА.

Целта е да се спасат европските производители на челик и работните места.

„Ова е реиндустријализација на Европа“, напиша Сежурне на мрежата Икс.

Прашањето стана поитно откако Соединетите Американски Држави(САД) ги зголемија своите царини за увоз.

Во Брисел постојат стравувања дека извозот претходно продаден во САД сега би можел да биде пренасочен кон Европа, со што ќе се изврши дополнителен притисок врз производителите од ЕУ, објави ДПА.

Според бројките на ЕУ, најголемиот дел од увозот на челик во блокот моментално доаѓа од Турција, Јужна Кореја, Индија, Виетнам, Кина, Јапонија, Велика Британија и Украина. Германија која е дом на најголемата челична индустрија во ЕУ, веќе се соочува со криза во потрошувачката индустрија, особено во автомобилската индустрија.

Кина произведува убедливо најмногу челик во светот, а Германија е рангирана на седмо место во споредба со другите.

Сегашниот заштитен механизам за европската челична индустрија треба да истече во јуни 2026 година.

Без напредок заврши вториот ден од преговорите во Шарм ел-Шеик за војната во Газа

Газа - Палестинци се собираат за храна од добротворна кујна во градот Нусејрат
Газа - Палестинци се собираат за храна од добротворна кујна во градот Нусејрат

Без никаков опиплив напредок заврши вториот ден од преговорите во Шарм ел-Шеик, насочени кон завршување на војната во Газа, според египетски безбедносни извори, јави агенцијата ДПА.

Разговорите се водат со учество на Катар под египетско посредништво.

Висок египетски безбедносен службеник запознаен со дискусиите за ДПА изјави дека „ситуацијата останува непроменета во споредба со првиот ден“, при што и делегациите на Израел и Хамас, прогласен за терористичка организација од страна на САД и на ЕУ, цврсто стојат на своите позиции.

Изворот рече дека делегацијата на Хамас продолжува да бара цврсти гаранции дека Израел нема да ги продолжи воените операции по ослободувањето на заложниците, инсистирајќи дека војната мора целосно да се запре пред каква било размена, пренесе ДПА.

Според египетската телевизија „Ал Кахера њуз“, на списокот на затвореници чие ослободување Хамас го бара се наоѓаат истакнати палестински личности како Марван Баргути, Ахмед Саадат, Хасан Саламех, Абас ал-Сајед и други.

Хамас, исто така, побара разјаснување на механизмите и процедурите потребни за спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучително и гаранции дека Израел нема да се врати на агресија врз Газа.

Се очекува американската делегација, предводена од Стивен Виткоф, да се приклучи на разговорите во среда, а медијаторите се надеваат дека американското учество ќе помогне во притисокот врз израелската страна да покаже флексибилност по клучните спорни точки - особено барањето за гаранции против обновен конфликт откако ќе бидат ослободени заложниците.

Хамас на 3 октомври соопшти дека е подготвен да ги ослободи сите заложници како дел од планот на американскиот претседател, објавен на 29 септември, и веднаш да започне преговори за финализирање на деталите.

Трамп го повика Израел „веднаш да го запре бомбардирањето на Газа“ за да дозволи ослободување на заложниците откако Хамас соопшти дека во голема мера го прифаќа планот.

Планот на САД вклучува прекин на огнот, ослободување на заложниците во рок од 72 часа, постепено повлекување на израелската војска од Газа, разоружување на Хамас и негово исклучување од власта и протерување на неговите борци од Газа.

Светска банка: Забавува економскиот раст на Западен Балкан

Вашингтон - Седиштето на Светска банка
Вашингтон - Седиштето на Светска банка

Економскиот раст во Западен Балкан забавува во 2025 година, а се очекува трендот да продолжи до крајот на годината, објави Светската банка во својот нов редовен економски извештај.

Светската банка предвидува дека растот на бруто домашниот производ (БДП) ќе забави на 3,0 проценти во просек за сите земји од Западен Балкан до крајот на оваа година.

Во 2024 година, тој процент изнесуваше 3,6.

Глобалните услови, во комбинација со „зголемените домашни притисоци во неколку земји“, придонесоа за овој пад, според Светска банка.

Најголемиот пад на економскиот раст во споредба со 2024 година е проектиран за Србија - за 1,1 процентен поен до крајот на 2025 година. Некои земји, како што е Северна Македонија, ќе забележат мал раст во споредба со претходната година.

Светската банка во својот извештај наведува дека умереното закрепнување на еврозоната треба да придонесе и за растот во Западен Балкан преку стимулирање на инвестициите и извозот.

Целосно закрепнување не се очекува до 2027 година, според проценките на Светската банка.

Сириската влада и курдските сили постигнаа договор за прекин на огнот

Мурхаф Абу Касра, министер за одбрана на Сирија
Мурхаф Абу Касра, министер за одбрана на Сирија

Сириските владини сили и Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите се согласија за сеопфатен прекин на огнот во северна и североисточна Сирија, јави агенцијата ДПА повикувајќи се на информации од официјални лица.

Договорот дојде по состанокот во Дамаск меѓу сирискиот министер за одбрана Мурхаф Абу Касра и командантот на Сириските демократски сили.

„Се согласивме за сеопфатен прекин на огнот на сите фронтови и точки на воено распоредување во северна и североисточна Сирија, при што овој договор ќе се спроведе веднаш“, напиша Абу Касра на мрежата Икс (поранешен Твитер).

Двете страни се фокусираат на спроведување на прекинот на огнот, спречување на присуство и употреба на оружје и обезбедување стабилност за да се избегне избувнување на нова војна.

Во понеделникот (6.10.) во Алепо избувнаа судири во две населби под контрола на СДФ. Сириската арапска новинска агенција (САНА) објави дека еден член на безбедносните сили е убиен, а тројца се повредени, додека извори од цивилната одбрана изјавија дека еден цивил загинал, а петмина се ранети од ракетно гранатирање на СДФ.

Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Велика Британија, опиша „претпазливо смирување“ во областа по прекинот на огнот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG