Вести
Советот на ЕУ го одобри буџетот на Унијата за 2026 година
Советот на ЕУ денеска (24 ноември) формално го усвои Предлог-буџетот на Европската Унија за 2026 година, којшто беше усогласен со Европскиот парламент на 15 ноември, јави МИА.
Во Буџетот вкупно 192,8 милијарди евра се предвидени за „обврски“, а 190,1 милијарди евра во „исплати“. „Обврските“ се трошоци за активности што се спроведуваат во текот на неколку финансиски години, а „исплатите“ опфаќаат расходи за проекти само за тековната година.
По усвојувањето на Буџетот, данскиот министер за финансии Николај Вамен, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, изјави дека со ова е направен последниот чекор во обезбедувањето средства што ќе и овозможат на Унијата да продолжи да ги исполнува заедничките приоритети во текот на следната година.
„Со оглед на приоритетите, како што се одбраната, миграцијата, конкурентноста и подготвеноста, овој Буџет ни овозможува решително да одговориме на потребите на европските граѓани. Во исто време, вградивме флексибилност за да можеме да се справиме со кризите што се во тек“, рече Вамен.
Со Буџетот, за реагирање во непредвидени околности се обезбедни 715,7 милиони евра.
Сега останува Буџетот да биде и формално одобрен од страна на Европскиот парламент, што се очекува да се случи в среда (26 ноември).
Се предвидува Буџетот на ЕУ за следната година да ја зголеми конкурентноста, да ја зајакне одбранбената подготвеност на Европа, да обезбеди поддршка за хуманитарна помош, да се справи со миграциските притисоци, како и да овозможи брза и ефикасна реакција на непредвидени потреби и кризи.
Вкупните средства за „обврски“ се на ниво од еден отсто од БДП на ЕУ, а „исплатите“ на 0,99 проценти од европскиот БДП.
Со усогласениот Буџет за следната година, во однос на првичниот предлог на Еврокомисијата, зголемени се средствата се програмата за научни истражувања „Хоризонт Европа“, за транспортните и енергетските мрежи, за цивилната заштита и за земјоделство.
Инаку, ова е шести годишен Буџет во рамките на Повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година.
Царините во фокус на разговорите меѓу американскиот и европските министри за трговија
Трговските преговори меѓу Европската Унија (ЕУ) и САД напредуваат, но сè уште има работа што треба да се направи во врска со аспекти како што се царините за челик, изјави на 24 ноември шефот на ЕУ за трговија, Марош Шефчовиќ.
Министрите за трговија на ЕУ во Брисел ќе разговараат за спорните трговски односи со своите американски колеги, министерот за трговија Хауард Лутник и трговскиот претставник Џејмисон Грир.
Разговорите со американските колеги ќе вклучуваат критични материјали и суровини, изјави Шефчовиќ за новинарите.
Како што објави ДПА, во центарот на разговорите е спроведувањето на договорот за царини меѓу САД и ЕУ постигнат во јули, како и глобални прашања како што се прекумерниот капацитет и протекционизмот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на САД, Доналд Трамп, се согласија ова лето дека основна царина од 15 проценти ќе се применува за поголемиот дел од увозот на ЕУ во САД.
Европската Унија (ЕУ) и САД објавија заедничка изјава на 20 август во која се наведува дека сеопфатната царинска стапка на САД ќе биде максимум 15 проценти за огромното мнозинство од извозот на ЕУ, вклучувајќи ги и стратешките сектори како што се автомобили, фармацевтски производи, полупроводници и дрва.
Од 1 септември, за некои групи производи се применува посебен режим, т.е. само царински давачки утврдени според принципот на најповластена нација. Тие вклучуваат недостапни природни ресурси, авиони и делови за авиони, генерички фармацевтски производи и нивните состојки и хемиски прекурсори.
Вашингтон претходно се закани дека ќе воведе многу повисоки тарифи. За возврат, ЕУ направи неколку отстапки, вклучително и ветување за купување американска енергија во вредност од 750 милијарди долари и други големи инвестиции до крајот на мандатот на Трамп.
Сепак, некои детали од договорот и нивното спроведување сѐ уште се нејасни.
ЕУ е исто така загрижена за последиците од рестриктивните трговски политики на Вашингтон под администрацијата на Трамп.
Постојат загрижености дека американските царини за стоки од други региони би можеле да доведат до тоа глобални прекумерни капацитети да се продаваат по дампинг цени на ЕУ наместо на САД, со што ќе се изврши дополнителен притисок врз европските економии.
Рубио: Трамп е „задоволен“ од напредокот на разговорите во Женева за Украина
Белата куќа соопшти дека разговорите во Женева со Киев означиле „значаен напредок“ кон завршување на војната во Украина и доведоа до „ажурирана и усовршена“ рамка што „целосно ќе го поддржи“ суверенитетот на земјата разорена од војна и ќе обезбеди праведен мир.
Во соопштението од Вашингтон од 23 ноември не се прецизира какви промени се направени во мировниот план од 28 точки предложен од претседателот Доналд Трамп, кој поддржувачите на Киев го критикуваа како премногу пријателски кон Русија.
„Дискусиите беа конструктивни, фокусирани и почитувачки, нагласувајќи ја заедничката посветеност за постигнување праведен и траен мир“, соопшти Белата куќа во она што го нарече заедничка изјава со Украина.
„Разговорите покажаа значителен напредок кон усогласување на позициите и идентификување на јасни следни чекори. Тие потврдија дека секој иден договор мора целосно да го поддржи суверенитетот на Украина и да обезбеди одржлив и праведен мир. Како резултат на разговорите, страните развија ажурирана и подобрена мировна рамка“, дсоопшти Белата куќа, без да даде детали.
Во соопштението се додава дека двете страни се согласиле да „останат во близок контакт со своите европски партнери“, кои остануваат едни од најсилните поддржувачи на Украина.
Самиот Трамп не даде веднаш коментар.
Заедно со европските сојузници на Украина, многу американски пратеници - вклучувајќи и некои републиканци - го нападнаа оригиналниот предлог, а некои го нарекоа „список на желби“ на Кремљ.
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека „украинската делегација потврди дека сите нивни главни загрижености - безбедносни гаранции, долгорочен економски развој, заштита на инфраструктурата, слобода на навигација и политички суверенитет - беа темелно дискутирани за време на состанокот“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека на разговорите за окончување на војната во Украина е постигнат „огромен напредок“, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп бил „задоволен“ по брифингот за текот на дискусиите.
Рубио вторпат им се обрати на новинарите на 23 ноември, по средбата со украинската делегација во Женева, оценувајќи дека разговорите биле „најпродуктивни и најзначајни“ откако администрацијата на Трамп е на власт.
„Сè уште има работа, но денес сме многу подалеку од утрово, а уште повеќе од пред една недела“, рече тој, не откривајќи детали.
Додаде дека безбедносните гаранции за Украина „мора да се разгледаат“ и дека разговорите продолжуваат на 24 ноември.
Средбите во Женева се фокусирани на американскиот план за запирање на војната што трае од руската целосна инвазија во февруари 2022 година. Планот не е официјално објавен, но протечените елементи предизвикаа загриженост кај сојузниците на Киев, кои сметаат дека е наклонет кон Русија.
Трамп претходно рече дека планот не е конечен и може да претрпи измени, но неговите коментари на Truth Social од 23 ноември покажаа фрустрација со ставовите на Европа и Украина.
„Украинското ‘раководство’ не покажало никаква благодарност, а Европа сè уште купува руска нафта,“ напиша тој со големи букви во неговиот пост.
ЕУ-членките Унгарија и Словачка и натаму купуваат руска сурова нафта, а истото го прави и Турција, членка на НАТО.
Во очигледен одговор, украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи му се заблагодари „лично на претседателот Трамп“ за помошта „која ги спасува животите на Украинците“.
Во следна објава Зеленски го опиша и темпото на дипломатијата во Женева: „Многу работи се менуваат – внимателно работиме на чекорите за да ја завршиме војната. И утре ќе биде подеднакво активно.“
Што содржи планот?
Според протечените информации, многу од одредбите бараат сериозни уступки од Киев и се поклопуваат со барањата на Москва – вклучително и предавање на Донецк, Луганск и Крим, како и ограничување на големината на украинската армија.
Киев би требало исто така да донесе уставна забрана за приклучување кон НАТО, додека на западниот воен сојуз би му биле поставени ограничувања за стационирање на своите сили. Финансиските санкции кон Москва исто така би биле олеснети според планот.
Во замена, Украина би добила некакви „гаранции за безбедност“, најмногу од САД, би ѝ било дозволено да се приклучи кон Европската унија и би добила одредени финансиски бенефиции. Русија исто така би била должна да се повлече од делови на Украина кои ги окупира во моментов.
Поради отпор од американските законодавци и странски сојузници, Трамп на 22 ноември остави отворена можноста за промени во планот.
На прашањето на новинарите дали неговиот предлог е „конечна понуда за Украина“, Трамп одговори: „Не.“
Европските сојузници на Украина, кои не учествувале во изработката на американскиот план, рекоа дека предлогот бара „дополнителна работа“.
Новинската агенција Ројтерс извести за детали од европските контра-предлози, кои вклучуваат поголема големина на украинските сили и американска гаранција за безбедност слична на членот 5 од НАТО – според кој напад врз една држава се смета за напад врз сите.
Рубио рече дека не видел никакви европски контра-предлози.
Со известување од украинскиот сервис на РСЕ/РЛ, новинските агенции Ројтерс, АФП и ДПА.
Република Српска: Каран победник според СНСД, СДС оспорува
Претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, изјави дека на предвремените избори за претседател на Република Српска победил кандидатот на оваа партија, Синиша Каран.
„Добил 9.984 гласови повеќе, врз основа на она што досега е пребројано. Имаше ниска излезност. Народот не ги сакаше овие избори. Опозицијата ги извлече сите свои луѓе, нашите не, и тоа е поради бунтот. Кога ќе ги собереме гласовите од мобилните тимови и оние кои гласаа во отсуство, за Синиша Каран ќе има околу 12.500 гласови повеќе“, изјави Додик на прес-конференција во 22 часот со прелиминарните податоци.
Говорејќи за повиците од претставниците на опозициската Српска демократска странка, Додик изјави дека „Република Српска сега ќе се занимава со своето репозиционирање и ќе бара да ѝ бидат вратени сите надлежности од Дејтонскиот мировен договор“.
Тој додаде дека Синиша Каран ќе работи на тоа како професор по уставно право, а тој како претседател на партијата.
„Сега добија два Додика“, рече претседателот на СНСД.
Синиша Каран им се заблагодари на „претседателот Додик и српскиот народ“.
„Мирот и стабилноста се наш приоритет. Нека достоинствено го прифатат поразот. Народот им го порача тоа, а на институциите на Република Српска им даде нова сила да се бориме против оние што се борат против неа,“ изјави Каран.
СДС бара повторување на изборите во три града
Јовица Радуловиќ, вршител на должност претседател на Српската демократска партија, изјави дека не ги прифаќа наводите на Сојузот на независни социјалдемократи за изборна победа.
„Бројките што тие ги изнесоа не се ниту приближно точни. Ние не ги признаваме резултатите што тие ги објавија. Станува збор за неколку стотици гласови, но во корист на (кандидатот на СДС) Бранко Радуше“, рече Радуловиќ.
Тој истакна дека треба да се почекаат резултатите од мобилните тимови и од непотврдените гласачки ливчиња и додаде дека „повеќе од 20.000 луѓе од дијаспората се регистрирани за гласање по пошта“.
„Ова е почеток на политичкиот крај на Милорад Додик и СНСД. Овие избори не завршуваат вечерва, туку дури кога ќе се повторат во Добој, Зворник и Лакташи“, рече Радуловиќ и додаде дека „постојат видео-снимки од обиди за изборна измама“, како и дека ќе бара повторно броење и гласање во овие градови.
Гласачите во автономната Република Српска во Босна и Херцеговина, на 23 ноември излегоа на предвремени избори за нов претседател, распишани откако поранешниот претседател Милорад Додик беше разрешен од функцијата и доби забрана за вршење на јавни функции во период од шест години.
Регистрирани се 1,26 милиони избирачи, а кандидати се Драган Ѓокановиќ, Бранко Блануша, Синиша Каран, Никола Лазаревиќ, Игор Гашевиќ и Славко Драгиќевиќ.
Вучиќ на средба со американски конгресмени за прашањето на Нафтната индустрија на Србија.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, им соопштил на конгресмените од две американски сојузни држави, Охајо и Њу Џерси, дека за Србија „многу значајно прашање е функционирањето на Нафтната индустрија на Србија (НИС)“ и „изразил уверување дека ова прашање наскоро ќе биде решено“.
Вучиќ тоа го објави на 23 ноември на мрежата Инстаграм по средбата со конгресмените, републиканецот Мајкл Тарнер и демократот Доналд Норкрос во Белград .
„Во содржински и отворен разговор, изразивме подготвеност да ја зајакнеме соработката и врските помеѓу Србија и Соединетите Американски Држави (САД), како и да продолжиме дијалог по сите прашања од заеднички интерес“, напиша Вучиќ на Инстаграм.
САД ја ставија компанијата НИС, која е во мнозинско руско сопствеништво, на листата санкционирани компании во јануари, а примена на санкциите, по повеќемесечно одлагање, започна на 9 октомври.
Американската администрација бара излез на руското сопствеништво од НИС за да се укинат санкциите врз националната нафтена компанија на Србија.
Санкциите на САД се насочени, меѓу другото, кон спречување финансирање на војната во Украина преку средства кои доаѓаат од руските енергетски компании.
За сега, се наведува дека постојат три заинтересирани купувачи за НИС, на која САД ѝ воведоа санкции поради мнозинското руско сопствеништво.
Не е познато за кои компании станува збор, а ниту НИС ниту мнозинскиот сопственик, руската државна компанија Гаспром њефт, одговориле на прашањата на Радио Слободна Европа (РСЕ) за тоа со кого се преговара.
Србија повеќе од четвртина век зависи од руските енергенти, а соработката со таа држава ја продолжила и по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Папата бара ослободување на над 300 киднапирани деца во Нигерија
Папата Лав XIV на 23 ноември повика на ослободување на над 300 заложници киднапирани од католичко училиште, во еден од најголемите масовни киднапирања во Нигерија.
„Со огромна тага ги примив вестите за киднапирањата на свештеници, верници и ученици во Нигерија,“ рече Папата.
Христијанската асоцијација на Нигерија (CAN) во саботата соопшти дека вооружени напаѓачи киднапирале повеќе од 300 ученици и наставници во напади на две училишта во земјата.
Се наведува дека, покрај учениците и наставниците за кои порано беше познато дека биле киднапирани од интернатот во петок, е утврдено дека биле киднапирани уште 88 ученици кои се обиделе да избегаат.
„Киднапирани се 303 ученици и 12 наставници,“ се наведува во соопштението на CAN.
„Искрено повикувам на итно ослободување на заложниците,“ изјави Папата, изразувајќи „длабока тага, особено за многуте млади момчиња и девојчиња кои беа киднапирани и за нивните вознемирени семејства“.
„Да се молиме за овие наши браќа и сестри и црквите и училиштата секогаш и секаде да останат места на безбедност и надеж,“ рече тој на крајот од молитвата Анѓелус.
Во понеделник вооружени напаѓачи упаднаа во средно училиште во сојузната држава Кеби и киднапираа 25 девојчиња. Потоа следуваше петочниот напад на училиште „Св. Марија“ во сојузната држава Ниџер.
Висок претставник на Стејт департментот изјави во четврток дека САД разгледуваат мерки како санкции и ангажирање на Пентагон во областа на борбата против тероризмот, со цел да се изврши притисок врз нигериската влада за подобра заштита на христијанските заедници и верските слободи.
Нигерија тврди дека тврдењата за прогон на христијаните се погрешна интерпретација на сложената безбедносна ситуација и дека критиките не ги земаат предвид напорите што државата ги вложува за зачувување на верските слободи.
Нигерија сè уште е погодена од киднапирањето на речиси 300 девојчиња од страна на џихадистите на Боко Харам во Чибок, во североисточната држава Борно, пред повеќе од една деценија. Некои од тие девојчиња сè уште се водат за исчезнати.
Поплави ja погодија Албанија, една жена загина
Една жена загина, а стотици лица беа евакуирани од своите домови откако неколку региони во Албанија беа погодени од поплави по неколку денови на поројни дождови, соопштија властите во саботата.
Телото на 75-годишна жена беше пронајдено во саботата во Девол, општина на југоистокот на земјата, по неколкучасовна потрага, соопшти полицијата.
Жената, која беше пријавена за исчезната во петокот, беше однесена од водата од поплавите, додаваат властите.
Над 1500 хектари земјоделски земјиште и околу илјади домови се поплавени.
Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу, од Мобилниот центар за цивилни вонредни состојби при Националната агенција за цивилни вонредни состојби соопшти дека се евакуирани се стотина семејства, регистрирани се оштетени мостови.
„До сега најпогодени се регионите Лежа, Пешкопеја, Фиер, Берат, Корча, Ѓирокастро и Валона, каде што високите речни текови и обилните врнежи предизвикаа бројни тешкотии на терен“,изјави Венгу.
Тој додаде дека засега нема масовни евакуации, туку само привремени во неколку општини и тоа 52 семејства евакуирани се во Валона, 18 семејства во регионот Корча, по неколку семејства во останати делови на земјата.
Венгу посочи дека во Лежа евидентирани се 600 поплавени домови, во Корча, 300, во Валона 52 и 25 домови во Фиер.
Армиските единици беа ангажирани за помош при спасување и евакуација на лица во ризик, дистрибуција на храна, како и за зајакнување на брани и насипи.
Во саботата, неколку стотици домаќинства беа без електрична енергија откако бројни електрични столбови беа однесени од одрони, објавија локалните медиуми.
„Управувањето со каскадата на Дрим, каде се трите најзначајни хидроелектрани, е клучно за да се избегне потенцијално катастрофална ситуација во Скадар, и покрај големите странични текови“, посочи Венгу.
Неколку десетици патишта се поплавени или блокирани поради одрони, според извештаите на медиумите.
ЕУ- Границите на Украина не можат да се менуваат со сила
Границите на Украина не можат да се менуваат со сила, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во пресрет на разговорите на украинските и американските претставници во Женева на 23 ноември.
„Нејзината армија не смее да се намали на начин што ќе ја остави ранлива на напад, а Европската Унија мора да има централна улога во мировниот договор за Украина“, изјави фон дер Лајен.
Нејзината изјава доаѓа во време кога високи претставници од САД, Украина и советници за национална безбедност од Франција, Британија и Германија одржуваат средби во Женева за да го разгледаат нацрт-планот на Вашингтон за завршување на војната во Украина.
„Секој кредибилен и одржлив мировен план треба пред сè да го запре убивањето и да ја стави крај на војната, а во исто време да не посее семиња за идниот конфликт,“ е наведено во соопштението од нејзиниот кабинет.
„Се согласивме за главните елементи потребни за праведен и траен мир и за суверенитетот на Украина. Ќе издвојам три од нив. Прво, границите не можат да се менуваат со сила,“ додаде таа.
„Второ, како суверена нација, не смее да има ограничувања на вооружените сили на Украина кои ќе ја остават земјата ранлива на идни напади и со тоа ќе ја поткопаат и европската безбедност,“ се наведува во соопштението.
„Трето, централната улога на Европската Унија во обезбедувањето мир за Украина мора целосно да се рефлектира. Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата иднина. Тие ја избраа европската иднина,“ рече фон дер Лајен.
Европските сојузници на Украина, предводени од Велика Британија, Франција и Германија, таканаречената Е3 група, изразија загриженост во врска со предлогот, кој сè уште не е официјално објавен, иако клучните елементи се познати во јавноста.
Многу од условите на договорот бараат големи отстапки од Киев и се чини дека ги одразуваат многу од барањата на Кремљ, вклучително и предавање на украинските региони Донецк и Луганск, познати како Донбас, како и Крим, додека се поставуваат ограничувања за големината на војската на Украина.
Од Киев, исто така, ќе се бара да усвои уставна забрана за приклучување кон НАТО, додека ограничувањата за стационирање на трупи ќе бидат воведени и врз самата Западна воена алијанса.
Финансиските санкции против Москва, исто така, ќе бидат ублажени според планот.
Европските сојузници на Украина, кои не беа вклучени во изготвувањето на американскиот план, рекоа дека предлогот бара „дополнителна работа“.
Зеленски рече дека неговата земја се соочува со „еден од најтешките моменти“ во својата историја, предупредувајќи дека ризикува да го изгуби еден од своите клучни сојузници - Вашингтон - но дека Киев нема да ги „издаде“ сопствените интереси во никакви преговори.
Лукашенко ослободи 31 Украинец во договор постигнат со посредство на САД
Авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко помилува и ослободи 31 украински државјанин кои биле притворени во Белорусија – потег кој, според Минск, е дел од договор постигнат со американскиот претседател Доналд Трамп.
Украинскиот координациски комитет за размена на затвореници ја потврди акцијата на 22 ноември, соопштувајќи дека примил цивили од белоруските власти.
„Жени и мажи притворени во Белорусија и осудени на различни затворски казни од две до 11 години се враќаат во Украина“, соопшти комитетот на социјалната платформа Телеграм.
„Изразуваме благодарност до Соединетите Американски Држави и претседателот Доналд Трамп за нивната плодна работа во враќањето на украинските цивили и воен персонал од Белорусија и Русија“, се додава во соопштението.
Конкретните обвиненија под кои затворениците биле притворени не беа веднаш јасни. Украинските претставници рекоа дека „ова се цивили – мажи и жени – кои биле притворени поради проукраински став, обвинети за помагање и поддршка на Украина“.
Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, одобри ослободување на неколку притвореници во последната година додека настојува да ги подобри односите со Западот.
Белорускиот лидер се надева дека подобрите односи ќе доведат до ублажување на западните санкции воведени поради соработката на земјата со Русија во нејзината целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Но, додека Минск инсистира на наративот за затоплување на односите со Вашингтон, се појавуваат сериозни прашања поради извештаи за тортура и малтретирање на претходно ослободени затвореници.
Трамп назначи специјален пратеник за Белорусија со цел да преговара за дополнителни ослободувања.
Американскиот претседател, кој ги изненади многумина со телефонскиот разговор со Лукашенко во август, изјави во септември дека верува дека источната европска држава ќе ослободи многумина од стотиците политички затвореници што ги држи.
„Верувам дека ќе ослободат многумина од тие 1.400“, рече Трамп на 5 септември, додавајќи дека тоа би можело да се случи „во доста блиска иднина“.
Предвремени претседателски избори во Република Српска
Гласачите во автономната Република Српска во Босна и Херцеговина, на 23 ноември излегоа на предвремени избори за нов претседател, распишани откако поранешниот претседател Милорад Додик беше разрешен од функцијата и доби забрана за вршење на јавни функции во период од шест години.
Регистрирани се 1,26 милиони избирачи, а кандидати се Драган Ѓокановиќ, Бранко Блануша, Синиша Каран, Никола Лазаревиќ, Игор Гашевиќ и Славко Драгиќевиќ.
За предвремените избори се формирани вкупно 2.211 избирачки места, кои ќе бидат отворени до 19 часот.
Поради лошите временски услови, поединечни избирачки места во ентитетот Република Српска утринава не биле отворени навреме, соопшти Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина.
„Причините се условени од временските прилики и снежните врнежи кои го отежнуваат пристапот до избирачките места, како и прекинот на електричната енергија. Поради отежната комуникација, Централната изборна комисија на БиХ сè уште нема целосни информации од сите избирачки места“, стои во соопштението.
Додик беше осуден во февруари поради непочитување на уставниот суд и на меѓународниот мировен пратеник, што доведе до најголема политичка криза во Босна од крајот на разорната војна пред 30 години.
Тој постојано ја отфрлаше пресудата, која беше потврдена од жалбениот совет во август и од уставниот суд претходно овој месец, но во октомври неочекувано именуваше лојален соработник како негов привремен наследник.
Мандатот ќе трае помалку од една година, бидејќи следните редовни избори се закажани за октомври.
Додик активно води кампања за Каран, кој моментално е министер за научен и технолошки развој во Република Српска. Каран води кампања под мотото дека гласот за него е „глас за претседател Додик“, а заеднички фотографии од двајцата се поставени на плакати низ целиот регион.
Блануша е универзитетски професор и ново лице во политиката. Го поддржуваат речиси сите српски опозициски партии, а тој се заложува за борба против корупцијата и „заробувањето на државата“ од страна на центри на моќ во Република Српска.
Претседателот на РС го претставува овој ентитет, го предлага мандатарот за состав на владата, ги прогласува законите и може да ги врати на повторно одлучување.
Има право да свикува седници на Владата, да бара ставови за прашања од значење, а во вонредни околности носи уредби со законска сила.
Може да ја распушти и Народната собрание по консултации, предлага судии на Уставниот суд на РС, дава помилувања и одликувања, и ги именува раководителите на претставништвата на ентитетот во странство.
Има надлежност и да покрене постапка пред Уставниот суд на РС, како и да предложи измени на Уставот на ентитетот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете