Достапни линкови

Вести

До утрово 29 пожари низ Македонија – 10 сè уште активни

Пожари - илустративна фотографија.
Пожари - илустративна фотографија.

До 7 часот утринава низ државата се регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување. Од нив, 10 сè уште се активни, три се ставени под контрола, а 16 се изгаснати.

Активни пожари има во општините Василево, Радовиш, Берово, Прилеп, Македонски Брод, Штип, Зелениково, Желино и Струмица, при што се зафатени нискостеблести шуми, дабови насади, грмушки и ниска вегетација.

Под контрола се пожари во Грешница (Македонски Брод), Шуто Оризари и Јунузлија (Карбинци), додека 16 пожари се целосно изгаснати во општините Ресен, Куманово, Гостивар, Кочани, Велес, Росоман и други.

Дирекцијата најави дека нови официјални информации за состојбата со пожарите ќе бидат објавени околу 14 часот.

Масовни руски напади врз Дњепар и Харкив

Маж поминува покрај трговски центар кој беше погоден од руски ракетен напад во градот Камјанск во украинскиот Днепарски регион на 26 јули 2025 година.
Маж поминува покрај трговски центар кој беше погоден од руски ракетен напад во градот Камјанск во украинскиот Днепарски регион на 26 јули 2025 година.

Руските сили започнаа ноќен напад врз украинските региони Дњепропетровск и Харкив, при што загинаа и беа повредени неколку лица и беше предизвикана голема штета.

Во регионот Дњепропетровск, градот Дњепар и околните области беа нападнати со ракети, беспилотни летала и наведувани бомби.

Според Серхиј Лисак, началник на регионалната воена администрација, еден маж е убиен, а една жена била ранета во „масовен“ напад во ноќта кон саботата, 26 јули, во градот Дњепар. Станбени згради, индустриски постројки и паркинзи претрпеле директни удари, што се предизвикни големи пожари.

Во областа Дњепар, пожари избувнаа во трговски центар, разни бизниси и области покриени со сува трева, што резултираше со уште еден смртен случај и четири повредени.

Руските сили, исто така, ја бомбардираа населбата Покровск со наведувани ракети, предизвикувајќи дополнителни пожари.

Украинската војска соопшти дека воздушната одбрана пресретнала седум ракети и 26 беспилотни летала за време на нападот.

Харкив, исто така, беше под продолжено бомбардирање речиси три часа, со повеќе од 20 напади, вклучувајќи четири наведувани бомби, две балистички ракети и 15 дронови камикази „Шахед“, според Ихор Терехов, градоначалникот на Харков.

Седум големи пожари избувнаа во регионот на Киев. Службите за итни случаи пријавија пет повредени, вклучувајќи тројца спасувачи ранети во вториот напад додека реагирале на последиците од првиот. Пожарникарите успеаја да спасат шест лица, меѓу кои и две деца, пред да бидат уништени три од нивните противпожарни возила.

Преку границата, вршителот на должноста гувернер на рускиот Ростовски регион, Јуриј Сљусар, рече дека две лица се убиени откако напад со беспилотно летало запалил автомобил.

Во меѓувреме, во раните утрински часови на 26 јули, рускиот град Ставропол беше погоден од дронови. Мештаните рекоа дека слушнале серија гласни експлозии. Очигледна цел била воената фабрика „Сигнал“, објект што произведува системи за електронско војување за авиони и копнени сили.

Нападите се случија еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека неговата земја обезбедила финансирање за три системи за ракетна одбрана „Патриот“ и дека преговара за уште седум, по новиот договор што им дозволува на европските сојузници да купуваат американско оружје за Киев.

Објавата дојде две недели откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ даде на Русија 50 дена да постигне договор за војната или да се соочи со високи тарифи и сигнализираше намера да ѝ обезбеди на Украина дополнително одбранбено оружје преку европските партнери.

Според Зеленски, Германија и Норвешка ветиле системи „Патриот“, а разговорите со Холандија се во тек. Покрај тоа, Киев и Вашингтон се согласиле на договор - проценет на помеѓу 10 и 30 милијарди долари - за украински извоз на беспилотни летала во Соединетите Држави.

Откако ја презеде функцијата пред шест месеци, Трамп се обиде да посредува за завршување на конфликтот, но рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли американските повици за прекин на огнот.

Како одговор на застојот, Трамп одобри испораки на оружје за Украина што претходно беа паузирани.

Премиерката на Италија не е за признавање на Палестина пред нејзиното основање

Премиерката на Италија Џорџа Мелони во Брисел, 28 јуни 2024 година.
Премиерката на Италија Џорџа Мелони во Брисел, 28 јуни 2024 година.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека „признавањето на палестинска држава пред да биде воспоставена може да биде контрапродуктивно“.

„Јас сум многу за палестинска држава, но не сум за нејзино признавање пред да се воспостави“, изјави Мелони за италијанскиот весник „Ла Република“, пренесува Ројтерс.

„Ако нешто се признае што не постои на хартија, проблемот може да изгледа решен, а не е“, додаде Мелони.

Одлуката на Франција да признае палестинска држава на Генералното собрание на Обединетите нации во септември предизвика осуда од Израел и САД, во услови на војна во Газа меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

Во петокот, италијанскиот министер за надворешни работи изјави дека признавањето на палестинска држава мора да оди рака под рака со признавањето на Израел на „нов палестински ентитет“.

Портпарол на германската влада изјави во петокот дека Берлин нема планови да признае палестинска држава на краток рок и рече дека негов приоритет сега е да се постигне „долгоочекуван напредок“ кон решение за две држави.

Продолжуваат борбите меѓу Тајланд и Камбоџа и покрај повиците за мир

Тајландските војници пукаат кон камбоџанската страна, во Сурин, Тајланд, 25.07.2025 година.
Тајландските војници пукаат кон камбоџанската страна, во Сурин, Тајланд, 25.07.2025 година.

Борбите на тајландско-камбоџанската граница продолжуваат трет ден по ред, а во денеска се појавија нови жаришта, објави Ројтерс.

Двете страни побараа дипломатска поддршка, велејќи дека дејствувале во самоодбрана и повикувајќи ја другата страна да престане со борбите и да започне преговори.

Најмалку 30 лица се убиени, а повеќе од 130.000 се раселени во најжестоките борби меѓу соседите од Југоисточна Азија во последните 13 години.

Тајландската морнарица соопшти дека утрото на 26 јули избувнале борби во крајбрежната покраина Трат, нов фронт на повеќе од 100 километри од другите боишта долж спорната граница.

Двете земји го обновија конфликтот откако еден камбоџански војник беше убиен во кратка престрелка кон крајот на мај. Армиите од двете страни на границата се зајакнати поради целосна дипломатска криза што ја доведе кревката коалициска влада на Тајланд на работ на колапс.

Бројот на жртви во Тајланд до денеска остана на 19, додека портпаролот на Министерството за одбрана на Камбоџа, Мали Сочеат, изјави дека пет војници и осум цивили се убиени во борбите.

Во округот Кантралак во тајландската покраина Сисакет, на границата во близина на дел од борбите, хотелскиот работник Чиануват Талалај рече дека градот се испразнил.

„Речиси сите си заминаа, градот е речиси пуст“, изјави 31-годишникот за Ројтерс.

„Мојот хотел е сè уште отворен за оние што престојуваат поблиску до граничната област на кои им е потребно сместување.“

Амбасадорот на Тајланд во Обединетите нации на состанокот на Советот за безбедност во петокот изјави дека војниците биле ранети од новопоставени мини на тајландска територија - тврдење што Камбоџа силно го негираше - и рече дека Камбоџа потоа започнала напади во четврток наутро.

„Тајланд ја повикува Камбоџа веднаш да ги запре сите непријателства и акти на агресија и да го продолжи дијалогот со добра волја“, рече Чердчај Чаивавид во обраќање до медиумите.

Скопје одбележува 62 години од катастрофалниот земјотрес

Слика објавена на 27 јули 1963 година од земјотресот во Скопско што се случи на 26 јули, Република Македонија, тогаш дел од Југославија.
Слика објавена на 27 јули 1963 година од земјотресот во Скопско што се случи на 26 јули, Република Македонија, тогаш дел од Југославија.

Скопје денеска ја одбележува 62. годишнина од катастрофалниот земјотрес што на 26 јули 1963 година го разурна градот, однесе 1.070 човечки животи и повреди околу 3.000 лица. Над 200.000 луѓе останаа без покрив, беа урнати речиси 16.000 станови, а оштетени уште 28.000.

Во знак на сеќавање, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје положија цвеќе на Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел. Вечерва во 20 часот, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа“, поставка од траен карактер што ќе биде достапна за сите посетители.

Земјотресот се случи во 5 часот и 17 минути изутрина, со јачина од 6 степени според Рихтеровата и 9 степени според Меркалиевата скала. Епицентарот бил на плоштадот „Македонија“. Старата железничка станица, денешен Музеј на Град Скопје, сè уште го носи трагичниот белег — часовникот е сопрен точно на 5:17.

Трагедијата предизвика глобална солидарност. Обединетите нации, Меѓународниот Црвен крст, Интерпарламентарната унија и бројни влади и организации од целиот свет испратија хуманитарна и финансиска помош.

На 14 октомври 1963 година, Генералното собрание на ОН едногласно усвои резолуција за помош на Југославија за обнова на Скопје. Тој ден остана запишан во историјата на ОН како „ден на Скопје“.

Обновата на градот беше симбол на надеж и меѓународна соработка, а дел од визијата за новото Скопје произлезе од проектите на познатиот јапонски архитект Кензо Танге.

Историјата сведочи дека ова не е првпат Скопје да биде разурнато од земјотрес. Во 518 година, римскиот град Скупи бил целосно уништен, а во 1555 година уште еден силен потрес повторно го разрушил градот. Но, секогаш по катастрофите, Скопје повторно се издигнувал.


Осомничен за кражба од пациент на онкологија заврши во притвор

Илустрација
Илустрација

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 60-годишник осомничен за кривично дело – Тешка кражба .

Кражбата ја извршил на Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде искористил невнимание на еден пациент од велешко, ја протнал раката во неговиот џеб и одзел 300 евра и 28.000 денари.

Пациентот малку подоцна забележал дека му се украдени парите и пријавил во полиција, а сторителот бил идентификуван од снимките на видео камерите во болницата.

Имајќи предвид дека сторителот бил и претходно осудуван, како и дрскоста со која делото сега го извршил во медицинска установа во која во исто време поголем број пациенти во тешка состојба, меѓу кои и оштетениот, чекале да примат терапија од која им зависи животот, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка му предложи да определи мерка притвор за осомничениот.

Кривичниот суд ја прифатил мерката притвор која ја бараше обвинителството.

Иран вели дека ќе продолжи со разговорите со европските сили по „искрените“ разговори

Европска делегација го напушта иранскиот конзулат по нуклеарните разговори во Истанбул, Турција, на 25 јули
Европска делегација го напушта иранскиот конзулат по нуклеарните разговори во Истанбул, Турција, на 25 јули

Иран соопшти дека се согласил со европските дипломати да продолжат со дискусиите за нуклеарната програма на Техеран по „сериозните, искрени и детални“ разговори, први по бомбардирањето на иранските нуклеарни и воени објекти од страна на Израел и САД, за време на состанокот во Истанбул.

Заменик-министерот за надворешни работи, Казем Гарибабади, изјави дека разговорите на 25 јули, кои траеле околу четири часа, биле водени со неговите колеги од Велика Британија, Франција и Германија, како и од Европската Унија.

Тој напиша на X кратко по состанокот дека Иранците „сериозно“ ги критикувале Европејците за нивниот став во врска со 12-дневниот конфликт со Израел минатиот месец.

„Двете страни дојдоа на состанокот со конкретни идеи, чии различни аспекти беа разгледани. Беше договорено консултациите по ова прашање да продолжат“, напиша Гарибабади.

Тој додаде дека Европејците биле информирани за „нашите принципиелни позиции“, вклучително и за заканата на Е3 да иницира враќање на санкциите на ОН против Иран.

Земјите од Е3 предупредија дека доколку не се постигне нуклеарен договор со Иран до крајот на август, тие ќе ги вратат сите санкции на ОН против Иран со активирање на таканаречениот механизам за „враќање“ од нуклеарниот договор од 2015 година.

Според договорот - Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) - долгогодишните ограничувања на ОН за продажба на оружје, банкарство и нуклеарна технологија беа укинати пред десет години.

Европските влади сè уште имаат можност да го активираат механизмот за „поврат“ од договорот пред крајниот рок на 15 октомври - чекор што би ги вратил тие санкции и би им дал тесен, но значаен извор на влијание во тековните преговори.
Европските делегати на состанокот на 25 јули не дадоа веднаш коментари за разговорите.

Европски извор минатата недела за РСЕ/РЛ изјави дека Е3 понудиле да го продолжат рокот еднаш, и тоа само ако има значаен напредок во разговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
Иран, исто така, ќе треба да го преиспита својот потег за суспендирање на соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) - одлука донесена по нападите на САД и Израел врз неговите нуклеарни постројки минатиот месец.

Иран и САД требаше да одржат нова рунда разговори на 15 јуни, но состанокот беше откажан поради војната. Двете страни сè уште не се согласиле да се сретнат, при што Техеран вели дека не може да му верува на Вашингтон, а Белата куќа се прашува дали има некаква корист од понатамошни разговори со оглед на штетата предизвикана на нуклеарните постројки на Иран.

Мрежата за заштита од дискриминација бара независно лице за Народен правобранител

Илустрација
Илустрација

Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието да избере стручно и независно лице, кое ќе работи во интерес на граѓаните и ќе обезбеди ефикасна заштита на нивните права, на функцијата Народен правобранител.

Собранието распиша оглас за избор на нов Народен правобранител, а огласот трае до 26 јули.

„Потребна е силна, независна и непристрасна институција Народен правобранител – не само за унапредување на правата на граѓаните, туку и за исполнување на клучните европски стандарди во владеењето на правото“, посочуваат од Мрежата, повикувајќи се на препораките од Агенцијата за темелни права на ЕУ и на Европската комисија.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на 17 јули соопшти дека на 12 јули 2025 година му престанала функцијата Народен правобранител на Насер Зибери, поради исполнување на условите за старосна пензија.

Претходно, народниот правобранител Зибери обвини дека Собранието го прекршило Законот за народен правобранител, бидејќи не распишало оглас за нов мандатар во предвидениот рок, односно најдоцна три месеци пред истекот на мандатот. Токму поради тоа, оваа институција сега останува без Омбудсман.

Сега од Мрежата за заштита од дискриминација потсетуваат дека транспарентноста на процесот и назначувањето врз основа на заслуги се клучни за легитимитетот и функционалноста на оваа институција. Потсетуваат дека изборот на партиски кадар ќе претставува директно нарушување на уставната определба за независност на Народниот правобранител.

„Апелираме до сите пратеници и парламентарни партии да се воздржат од партиски договори и притисоци и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес. Ова не смее да биде уште една институција во која ќе се вработуваат партиски кадри“, порачуваат од Мрежата.

Тие уште еднаш ги повикаа политичките партии да поддржат непартиски кандидат и да покажат вистинска грижа за заштитата на граѓанските права.

Мандатот на Зибери започна во јануари 2021-ва и завршува по 4 и пол години, иако според законот треба да трае 8 години. На изборите 2020-тата, ДУИ го промовираше како кандидат за премиер -Албанец, а тогашната опозициска партија од албанскиот блок поради тоа го оспоруваше неговиот избор за Омбудсман.


Федерацијата тврди дека повредените млади велосипедисти од Исланд не ги почитувале препораките

Илустрација
Илустрација

Велосипедската федерација на Македонија денеска остро реагира на како што пишува шпекулациите во јавноста кои се однесуваат на несреќата во која беа повредени двајца велосипедисти од репрезентацијата на Исланд кои се учесници на Европскиот младински олимписки фестивал.

Од федератцијата велат дека жалат за несреќата но дека младите велосипедисти од Исланд, на своја рака и самоволно се упатиле на тренинг. Возеле надвор од утврдените термини и патеки, иако како што велат тоа е спротивно на добиените инструкции. Претходно им биле дадени јасни упатства според кои се предвидува со нив заедно да има и полициска придружба.

Тврдиме дека сите протоколи и безбедносни мерки беа спроведени од наша страна а се однесуваат на грижа и безбедност на нашите гости велосипедисти и при тоа сите натпревари поминаа во најдобар ред во организација со која можеме да се гордееме“ велат од федерацијата.

Организацискиот комитет истакнува дека ова е изолиран случај кој не е поврзан со официјалните активности и безбедносните протоколи на ЕМОФ.

Инаку вчера во близина на селото Зубовце, се случила сообраќајна несреќа во која биле повредени двајца малолетни велосипедисти од Исланд, учесници на Младинските европски олимписки игри.

Според информациите на Секторот за внатрешни работи Куманово, до несреќата дошло кога патничко возило „Фолксваген Пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од 42-годишниот Н.Б. од Куманово, удрило во двајцата велосипедисти кои се подготвувале за велосипедската трка.

Младинските европски олимписки игри се оджуваат во земјава, во Скопје и Куманово и тие ќе траат до сабота, а учесници се голем број спортисти од повеќеевропски земји.




Коцевски: Субјективна перцепција на Левица дека владее токсична атмосфера во обвинителството

Љупчо Коцевски, јавен обвинител на РСМ
Љупчо Коцевски, јавен обвинител на РСМ

Јавниот обвинител на РСМ Љупчо Коцевски одговори на предлогот за негова интерпелација кој го предложи партијата Левица во Собранието. Порачува дека нејзиното поднесување според законот е недозволено и е потврда за нападите со кои се соочува институцијата.

Смета дека дел од наводите во поднесената интерпелација се исти или многу слични на оние со кои пред извесно време беше иницирана постапка за негово разрешување .

„Воопштените и со ништо непоткрепени формулации од типот „разно-разни афери“, „низа скандали“ и „хаотична состојба во начинот на функционирање на обвинителството“, со кои подносителите без никаков аргумент бараат моја одговорност само го потврдуваат фактот дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој само се овозможува упад во самостојноста на Јавното обвинителство“, се вели во одговорот на Коцевски до Собранието.

Тој на четирите точки кои се наведени како клучни причини во интерпелацијата. То се селективни кривични истраги за трагдијата во Кочани, кои според напишаното од подносителите „не вклучувале актуелни вмровски носители на високи јавни функции“.

„Обвинителството осомничените не ги дели на членови на ВМРО, СДСМ, ДУИ, Левица, на Македонци, Албанци, Турци или Роми, на мажи или жени, ниту на кој било друг основ. Постапува спрема сите за кои се обезбедени докази“, пишува Коцевски.

Понатаму, во интерпелацијата се изнесуваат наводи за политичко влијание врз обвинителот и тоа директно од премиерот Христијан Мицкоски. Левица смета дека „е постигнат политички договор“ во постапката за неговоторазрешување за да запре во замена за селективност и неправичност на истрагите.

Во интерпелацијата уште има и точка „Функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје“, а како последно се наведени и наводи за „Непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје“.

Коцевски вели дека, наспроти наведеното, Јавното обвинителство има оформено предмети и по допрен глас и по поднесени кривични пријави и во Општина Чаир, и во други скопски општини и во други градови во државата. Дел од нив се во предистрага, дел во истрага, за дел е поднесено обвинение, за некои има и судски постапки и одлуки. Нагласува и дека инструмент „допрен глас“ јавното обвинителство го користи во ситуации кога институциите надлежни за откривање на кривичните дела не си ја вршат својата работа и во случаи кога квантумот на јавно објавени информации е доволно голем за да овозможи основано сомнение за извршено кривично дело и сторител.

На крај сумира дека фразата „Во Јавното обвинителство на РСМ владее нефункционална и токсична атмосфера“, е одраз само на субјективна перцепција на подносителите со која не може да се согласаи.

“Јавните обвинителства покажуваат зајакнат капацитет за истражување, подобра меѓуинституционална соработка, а четирите истражни центри сега се во функција”, се наведува во извештајот со кој се скенира состојбата во оваа област, по примерот на сличните извештаи што се изготвуваат за земјите-членки на ЕУ“, се вели во одговорот на Коцевски.

Тој бара од сите пратеници да ги отфрлат таквите наводи кои според него се целосно неосновани. Тој бара пратениците да ја заштитат институцијата Јавен обвинител и неговата самостојност гарантирана со Уставот и законите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG