Украински функционери во САД на мировни разговори, додека Зеленски се бори со корупциски скандал

„Американската делегација (лево) на маса со украинските преговарачи во Халандејл, Флорида/ 30 ноември.“

Резиме

  • Претседателот на Украина испрати делегација во САД и планира посета на Париз за да ја турка идејата за „достоинствен мир“ во услови на руски напади и корупциски скандал.
  • Американски и украински претставници разговараат за „усовршен“ мировен план, но клучните прашања, како членството во НАТО и територијалните спорови, и натаму остануваат нерешени.

Украинските преговарачи се сретнаа со високи американски претставници на Флорида, во услови на забрзани напори за утврдување на условите на план за завршување на војната на Русија против Украина, додека руските дронови повторно напаѓаа станбени згради, повредувајќи повеќе од десетина луѓе.

Во објава на Телеграм, Рустем Умеров, шефот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, го најави почетокот на разговорите, кои се одржуваат во голф-клубот на главниот пратеник на Белата куќа, Стив Виктоф.

Државниот секретар Марко Рубио и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, исто така учествуваат во разговорите.

„Имаме јасни директиви и приоритети: заштита на украинските интереси, суштински дијалог и напредување врз основа на постигнувањата остварени во Женева,“ напиша Умеров.

Видете и ова: Украина погодена од руски напади и корупциски скандал во пресрет на мировните преговори


Подоцна, Виктоф треба да отпатува во Москва за да се сретне со високи руски претставници, вклучително и со претседателот Владимир Путин. Тоа ќе биде шестата средба на Виктоф со Путин од јануари.

„Американската страна демонстрира конструктивен пристап, и во наредните денови изводливо е да се разјаснат чекорите за утврдување како да се доведе војната до достоинствен крај,“ изјави Зеленски во објава на социјалната мрежа Икс порано на 30 ноември.

Киев и неговите европски сојузници брзаат да развијат алтернативен предлог откако претставници на администрацијата на Трамп објавија план од 28 точки кој ги повторува повеќето од цврстите услови што Москва ги бара од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година.

За некои Украинци, планот претставува капитулација по речиси четири години војна која уби или рани повеќе од еден милион мажи од двете страни.

Француските власти објавија дека претседателот Емануел Макрон ќе го прими Зеленски во Париз на 1 декември за да разговараат за „условите за праведен и траен мир“.

Макрон е еден од најсилните поддржувачи на Киев.

Првичниот американски предлог од 28 точки, објавен минатата недела, ги вознемири украинските претставници – и наводно го налути Зеленски – по што тие одржаа сопствени разговори со Рубио и други американски официјални лица во Женева.

Тие разговори резултираа со план од 19 точки, кој остава неколку големи прашања отворени, вклучително и судбината на дел од украинскиот Донбас, судбината на украинските аспирации за НАТО и можна горна граница за бројноста на вооружените сили на Киев.

Видете и ова: Шефот на кабинет на Зеленски поднесе оставка по претресот во неговата канцеларија

Оставка на шефот на кабинетот

Дипломатската активност доаѓа по турбулентна недела што кулминираше со оставката на Андриј Јермак, влијателниот шеф на кабинетот на Зеленски, неколку часа откако државното антикорупциско биро и обвинителството извршија претреси во неговата канцеларија.

Претресите беа дел од корупциски скандал поврзан со наводно пренасочување на десетици милиони долари од средства наменети за ранливата енергетска инфраструктура на земјата.

Неколку влијателни личности поврзани со Зеленски се инволвирани во шемата, иако самиот претседател не е директно поврзан.

Јермак не е директно обвинет и за време на претресите изјави дека истражителите добиле „целосен пристап“ до неговиот стан и дека тој „целосно соработува“.

Продолжуваат руските напади со дронови

Во текот на ноќта, руски дрон погоди станбена зграда во Вишгород, град во Киевскиот регион, при што загина најмалку едно лице, а повеќе од десетина други беа повредени.

Регионалниот гувернер Микола Калашник рече дека спасувачките екипи евакуираат жители од висококатницата и трагаат по преживеани.

Русија изврши серија масовни воздушни напади врз Киев и други делови од Украина, оставајќи стотици илјади луѓе без електрична енергија низ целата земја, додека температурите почнуваат да паѓаат.

Во нападите загинаа најмалку три лица и ранија десетици други, што го поттикна Зеленски повторно да побара дополнително одбранбено оружје за да се заштитат украинските градови.

Додека се бори на фронтот да ја задржи поголемата и подобро опремената руска војска, Украина сè почесто погодува цели на руска територија, насочувајќи се кон нафтени и енергетски објекти.

Видете и ова: Украина погодена од руски напади и корупциски скандал во пресрет на мировните преговори

Украинската војска соопшти дека го погодила нафтениот рафинерија Афипски во руската Краснодарска област рано на 29 ноември, како и воен авио-завод во Ростовската област.

Главната украинска разузнавачка агенција објави видео за кое тврди дека прикажува морски дронови како таргетираат два танкера од „сенковиот флот“ во Црното Море. Глобална флота на бродови со нејасни податоци за регистрација и сопственост се користи од Русија за извоз на нафта со заобиколување на западните санкции.

Во меѓувреме, Молдавија ја на 29 ноември соопшти дека руски дронови влегле во воздушниот простор на земјата пред да преминат во соседна украинска територија. Ова е трет таков инцидент за девет дена.

Ројтерс и АФП