„Кога зборуваме за херои во здравството, со сигурност не зборуваме само за доктори, туку за луѓе кои сакаат да направат некаква промена. Не е проблемот во поединците кои сакаат да бидат херои, туку во системот кој ги исцрпува на секое ниво. Тие се откажуваат и си заминуваат“, вели Ана Марјановиќ од здружението Хема-онко.
Скопјанката, која пред неколку години беше дијагностицирана со рак на дојка, е дел од пациентите кои постојано се мобилизирани барајќи од институциите да ги променат здравствените политики. Марјановиќ вели, кај нив постои голем отпор. Дел од административците ги одбиваат промените, кои всушност треба да почнат, од одговорноста на сите нивоа.
„Пациентите се променија, а системот остана ист. Не може да очекувате од пациенти на кои им се достапни сите алатки и комуницираат на едно ново ниво, да бидат задоволни со моментот „кој доктор ќе ви се падне, кај тој ќе се лекувате“. Не можете да очекувате дека ќе бидат задоволни со „термин има за тебе, ама нема за мене“. Ако пациентите се променија, треба да се промени и системот“, порача Марјановиќ денеска (5 ноември) на конференцијата „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“ што ја организираше Американската стопанска комора во Северна Македонија.
Видете и ова: Тргни-застани со лековите за пациенти со канцер на дојкаЗошто промените во македонското здравство одат толку бавно, беше прашањето на кое и властите и експертите и пациенти се обидоа да дадат одговор.
Пракаш Џајакумар , доктор и професор на Универзитетот во Тексас констатира дека се работи за популација од два милиони и би требало да биде лесно за менаџирање, но не е. Има различни предизвици.
„Што е потребно за да се придвижите напред? Три нешта – да се редефинира персоналот и моделот на услуги, целта да биде вредноста, а не обемот и да се унапреди инфраструктурата за здравствени податоци, кажа Џајакумар на конференцијата во Скопје.
Не се прават промени со популизам
Од друга страна, пак, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски , критикувајќи ја честата смена на министри и директори во здравствениот ресор, вели дека токму тоа е еден од проблемите. На ова се „надоврзува“ како што вели, популизмот со кој не е возможно да се води политика.
„Реформите во ФЗО застанале после почетните воведувања на системот на купување на услуги. Можеби повеќето не знаат дека јавните здравствени установи немаат контролни механизми како било кој друг буџетски корисник во државата. Нема стратешко планирање, долгорочно планирање, нема трезорска контрола. Системот е застанат негде помеѓу и тоа се одразува на внатрешната организација бидејќи понекогаш доминира културата каде не е целта да се обезбедат здравствени услуги за граѓаните туку целта е да се заштити државниот имот“, рече Клековски.
Видете и ова: Ѓорѓев - Загадувањето е меѓу доминантните причини за големиот број карциномиЗа бесплатното здравство вели дека е невозможно да го имаме така како што пациентите очекуваат, но политичарите сепак го ветуваат. Отпорот кон промени е огромен, посочува Клековски, а промените треба да почнат од справувањето со корупцијата.
„Малку е незгодно да се говори за црниот лебед во општеството, криминалот и корупцијата се толку структурно инкорпорирани во системот од најситните делови па едноставно на некој начин е претворено во модел на функционирање и тој нејќе да се промени. Треба да нѐ потсети трагедијата во Кочани за што говорам. Тоа е едно секојдневно толерирање на ситни пропусти, ситни частења и така натаму“, предупреди директорот на ФЗО.
Финансиите кои се инвестираат овде, го ставаат македонското здравство на претпоследно место во Европа, односно зад Северна Македонија според јавните финансии, е само Албанија.
Ризик за ненавремена реакција
А директорката на компанијата на Рош за Северна Македонија и Косово, Александра Ивановска вели дека ако останеме во сегашниот систем, како мала земја ќе бидеме во ризик да не реагираме навреме на сите промени кои се случуваат глобално.
Видете и ова: Донациите во здравството се корисни, но, не се решение за лошите услови во здравствените установиВеќе не се разговара само за иновации во терапиите, туку и за тоа колку тие им се достапни на пациентите, вели Ивановска која додава дека
„има дупликација во носењето на одлуките меѓу институциите“.
„Веќе разговараме за регенеративна медицина и од аспект на сегашниот систем не може да замислиме како оваа терапија би ја направиле достапна за пациентите. Дали еден пациент за кого специјално се произведува одредена терапија може да чека тендерска постапка. Во овој контекст би рекла, не“, истакна Јовановска.
Додека впечатокот е дека меѓу индустријата и институциите има „искри на недоверба“, на самата индустрија ѝ требаат податоци за и таа да се вклучи во креирањето на здравствените политики.
„Податоци имаме, но дојде време да ги користиме во носење на долгорочни политики , а не на гаснење на пожари“, заклучи Јовановска.
Нема податоци, ниту столчиња во клиниките
Дека токму податоците се проблем во здравството, потврдува и првиот чекор во овој ресор на министерот за здравство Азир Алиу. Министерот вели дека податоците не се централизирани, а така не може да се креираат политики. Токму поради тоа, тој ни самиот не ја знае точната бројка на доктори и медицински сестри.
„Податокот во реално време треба да биде внесен во системот бидејќи уште нема автоматизација и мора човечка рака да ги внесе. На крај испаѓа дека човечкиот фактор е најважен, а нашиот здравствен, но и образовен систем не е компатибилен со трендовите. Вие кога креирате профил на доктор тој можеби е еден од најдобрите, но со трендовите во светот доцни поради образовниот систем“, додаде Алиу.
Видете и ова: Државата мижи пред нечовечките услови во психијатриските болнициОвие теми, за него, веќе се нормални во светот, но сепак смета дека кај нас срамежливо се дискутираат бидејќи се уште ни недостигаат базични работи.
„Додека зборуваме за технологии, имаме клиники кои немаат столчиња, тоалетите се такви какви што се. Мора да направите баланс меѓу тоа што знаете дека е иднината во здравството“, додаде Алиу.
Тој информираше дека веќе се креира сектор за кризен менаџмент кој ќе делува во моменти кога ќе бидат потребни ад-хок решенија. Најави и дека за првпат ќе биде направена стратегија со Министерството за образование и наука за подобро да се изменаџираат човечките капацитети, со кои здравството кубури во континуитет.
При тоа, тој соопшти дека ќе се реорганизираат и специјализациите, а кај дел од нив ќе има и намалување на временската рамка, како обид да се намали недостигот на специјалисти.
Финансирањето на јавното здравствово Северна Македонија останува под просекот на ЕУ, иако бележи благо зголемување од 4,8% од БДП во 2023 година на 5,07% во 2024 година.
Ова е и една од клучните забелешки на Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на земјава, каде се наведува дека особено специјалистичките медицински услуги остануваат недостатни.
Одливот на медицински персонал од јавниот здравствен сектор кон приватниот сектор или за работа во странство продолжи. Трошоците за здравствена заштита од сопствен џеб изнесуваат 41,7% од вкупните трошоци за здравје, што претставува пречка за еднаков пристап до здравствена заштита – нотираше Европската комисија.