Професоре Ѓорѓев, деновиве граѓаните на Скопје се загрозени од загадување од пожари од отпад во Дрисла, Вардариште и последниот во Трубарево. Што му се случува на организмот кога вдишуваме тешки метали што беа измерени во воздухот по пожарот во Трубарево?
Па да, а не само тешки метали, тоа е една мешавина на честички, има и тешки метали, токсични гасови, а правата структура не можеме да ја знаеме, бидејќи точно не знаеме што се се одлага во тие депонии. Значи едно е да ги измериме, а за да го прецениме ризикот треба да знаеме и кој тип на отпад се одлага. Претпоставуваме дека комунален отпад, општо, отпад сигурно се одлага. Во тој отпад има пластика, пластиката исто дава токсични метали коишто можат да предизвикаат низа болести и некако пропратно на сите тие се тие тешки метали. Овие концентрации ако ги мерите промптно за 24 часа, јас не знам како се изразени, дали на 24 часа или на час - се повисоки концентрации, меѓутоа точно да го знаеме ризикот, потребно е континуираност на експозицијата. Колку тие луѓе биле изложени? Овие се неколку дена на изложеност, концентрациите се повисоки, меѓутоа за неколку дена на изложеност не може да очекуваме сега сериозни оштетувања на органите, покрај тоа зависи и од тешкиот метал кој тип на афинитет има. Оловото на пример има афинитет да влезе и да се позиционира во коските и долго време од коските да се ослободува, така да имаме можност за еден хроницитет. Арсенот исто така ако долго се експонирате, зависи повторно и од концентрациите, може да дојде до и до тумори, до канцер - во некои студии се регистрирани канцер на мочниот меур. Оловото и кадмиумот исто така се крвни отрови, значи ќе дојде до пореметување на крвниот систем, ќе дојде до пореметување на бубрезите и краен ефект при високи концентрации, тоа сега го гледавме за жал на случајот со топилницата во Велес, може да дојде до оштетување на мозокот. Значи таа е бариерата, односно патот кој го поминува оловото. Не е доволно само да се измери концентрацијата. Секако би требало да направиме биомониторинг, да видиме населението кое ниво на олово го има во крвта, што ќе покаже дали овие концентрации коишто се високи, дали се сега вдишувани само во овие неколку дена или луѓето континуирано во околината на депониите се изложени на тешки метали. Значи ризикот постои според таа концентрација, ама таа не е доволна да видиме кој тип на ризик и што би била прогнозата.
Имаше надминување на сите овие тешки метали што ги споменавте, меѓутоа колку е ова прецизно што го добивме како резултати со оглед дека во Трубарево гореше електронски отпад, батерии, акумулатори…?
Да, пак ќе кажам структурата на отпадот ќе ги одреди параметрите кои треба да се мерат. Јас не знам кои можности ги има лабораторијата. Кај нас проблем е што ние не ги мериме сите параметри во воздухот. Најчесто Скопје го мериме преку честички и одредени гасови, но структурата на честичките коишто ги има во зимската сезона, не ги мериме. Во таа структура исто така има олово, има и жива. Имаме концентрации на тешки метали. Според тоа, она сè што може како палета да бидат токсични материи во воздухот, сигурно лабораторијата не може да опфати.
Имајќи ги предвид пожарите сега и претходните зими со високо ниво на загадување во Скопје, колку е опасно да се помине една зима во главниот град?
Многу е опасно е опасно да се помине една зима во Скопје, затоа што Скопје е град којшто е е под силен притисок на аерозагадување повќе децении. При проценка на ризикот на едно население, еден од битните елементи, е должината на изложеноста. Значи периодот на којшто скопјани се изложени е со децении и имунолошкиот систем со децении е нападнат. Ние имаме одбранбени механизми, но тие не можат до бескрај да функционираат, дури и кај здрави луѓе, а во Скопје како и во секој друг град имаме и збор на ранливи групи, стари лица и деца коишто немаат никаков имунитет. Така што е многу сериозно и бројките коишто сме ги покажале како здравствени исходи, тоа и го покажуваат. Колку тоа им значи на оние што можат нешто да променат, тоа е друга приказна.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во Скопје има по околу 300 случаи на бели дробови карцином годишно. Колку тоа е последица на аерозагадувањето?
Еве помеѓу таа поврзаноса, причинско-последична, меѓу еколошките токсини, па и загадувањето со канцерот, канцерот на белите дробови и на бронхите, заедно мезот или омот, кој што е канцер на обвивката на белите дробови и меланомот (канцер на кожата), се единствени три канцери коишто скоро со сигурност можеме да ги врземе со загадувањето. Така што, навистина, канцерот на бронхот и белите дробови е скоро директо, и тој е прогласен – загадувањето на воздухот како канцероген. Така што тоа е високо сериозно. Ние од вкупната смртност во Скопје, која е отприлика околу 10,000, околу 20 отсто отпаѓаат на загадувањето на воздухот. Од тоа, првата причина за смрт е влијанието врз срцевиот систем – исхемична болест на срцето, потоа мозочен удар, а на трето место е канцер на белите дробови. Така што се претпоставува дека од луѓете што умреле од загадување, тие 20 проценти, околу 2.000 луѓе во Скопје, од нив 20 отсто се заради канцер на белите дробови. Значи таа е поврзаноста со аерозагадувањето. Тука постои и е дна коресподенција со изложеност со пушење, ако тој истиот човек бил изложен на тутун, тоа се кофактори коиошто заедно со аерозагадувањето ја даваат таа последица.
Дополнително, поврзано со ова, на ниво на држава, рак на белите дробови предизвикува годишна смрт кај 793 луѓе, односно 12 од вкупните случаи. Освен во Скопје, високи бројки има Прилеп, Тетово, Куманово, Битола и Струмица – сите загадени градови. Спомнавте и тутун, но кои се другите фактори за карцином?
Кај карциномите имате три групи на фактори. Едни се еколошките фактори, другите се генетски или метаболни фактори и третата е комбинација меѓу едните и другите. Она што е поволно во оваа неповолна ситуација кај овие коишто се врзани со еколошките фактори, е дека бидејќи еколошките фактори доминираат во причините, тие може да се спречат. Генетските, па и метаболните тешко може да се спречат, тоа се генетски аномалии коишто науката работи на нив да може рано да ги открие и да се регистрираат, но овде ние можеме да ги спречиме овие три групи на болести - срцевите, мозочниот удар и канцерот на белите дробови. Зашто тоа не го правиме ефикасно, тоа е друга причина. Значи тоа е поволноста.
Со децении укажувате на поврзаноста меѓу загадувањето и здравјето. Дали мислите дека институциите свесно ја игнорираат оваа врска?
Свесно, па не можам да кажам дали е тоа свесно, меѓутоа е едно тешко потценување и запоставување на сите докази коишто ние сме ги дале - и број на смртни случаеви, изгубени години живот или скратен живот заради изложеност на аерозагадување, огромни пари потрошени заради отсуство од работа, смртниот случај исто така има некоја своја цена - значи изгубени средства заради број на умрени луѓе и ништо тоа не помогна. Во некои други земји во тие стручни собири, во размената на искуства, кажувавме дека најдобар доказ за да политичарите нешто направат и да им кажете колку луѓе умираат од тоа, или колку милиони евра се трошат годишно, кај нас тоа не помогна. Така да засега не гледам дека некои сериозни мерки се спроведени. Можеби имаме намалување на загадувањето годишно, ама тоа е повеќе од природни причини отколку од некакви координирани акции.
Освен канцер, имаме ли алармантен раст на други заболувања како последица на аерозагадувањето?
Па еве за канцерот кажав дека е поволно, затоа што веќе е докажан канцероген и може да го врземе со бројот на смртни случаи, а и со дијагнозата на канцер. Другите, нема орган во кој аерозагадувањето не влијае. Значи тие честички влегуваат во крвниот систем, ги оштетуваат крвните садови, така да веќе имате пореметување на целиот васкуларен систем, одат во мозокот, па ако има и тешки метали може да се оштети мозокот, кај децата може да имаме и аномалии, дури и некои студии кажуваат и за аутизам, значи предвремени породувања или абортуси кај жените. Некои студии го врзуваат аерозагадувањето комбинирано со генетските аномалии како причина во одреден број на случаи на канцер на гради кај жените, којшто е прв тип на канцер кај нив. Исто така, некои студии го врзуваат канцерот на мочниот меур со аерозагадување, зависно од канцерогени материи кои не се мерени.
Дијабетот исто се врзува со аерозагадувањето, поради оксидативен стрес во организмот, се пореметува целиот регулаторен и имунолошки систем, а во зависност од имунитетот, староста и други фактори, се јавуваат бројни болести.
Во извештај на Институтот за јавно здравје се наведува дека Македонија регистрира над 7200 нови случаи на рак, речиси двојно повеќе од светскиот просек (390 наспроти 236 случаи на 100,000 жители), а во 2021 биле 457 случаи на 100,000 жители. Зошто ме позагрозена нација во однос на светскиот просек?
Можеме само да претпоставуваме. Една од причините за ова секако е еколошката. Европската Унија одмана веќе не се бави со аерозагадување. Кај нив не е и во првите пет приоритети, кај нас супер прв приоритет. Така што ако они веќе ги следат нормите на дозволено пречекорување коишто се на Светската здравствена организација и се доста строги, построги од оние на Европска унија. На пример, скандинавските земји речиси немаат аерозагадување, а ние и понатаму сме со аерозагадување кое е во просек два пати над нормите.
Друго што можеби е позитивно, е што сега и порано ги откриваме болестите - значи дијагностика и регистрирањето е подобрено, иако не знам колку функционираат одредени скрининг програми, како за рак на дебелото црево, да се фокусира на некои ранливи групи, на оние коишто имаат некои генетски аномалии или кои имаат други пореметувања, да се направат студии за рано откривање, на крварење во столицата. Има и промотивните програми за рак на дојка, затоа што од една страна имаме тренд на покачување на нови случаи, а од друга паѓање на смртноста, посебно кај ракот на бели дробови. Тоа значи дека има порано откривање, но и терапијата дава некаков позитивен ефект, на пример кај мажите кои повеќе се загрозени од рак на бели дробови, а кај жените рак на дојка има сличен тренд – се уште смртноста оди во некој нагорен тренд. Значи, важно е да знаеме колку се нови случаи, но исто така да знаеме колку се е ефикасна терапијата – раното откривање и терапијата.