По пожарот во Трубарево потребни се дополнителни испитувања на храната

Пожарот кој избувна во објект за електронски отпад им создаде проблеми во дишењето на жителите во Трубарево за кои денеска (24 септември) таму почнува дводневен скрининг. Пожарот ја „разгори“ и дилемата – дали да се јаде храната која тие ја произведуваат. И покрај загриженоста, анализите покажаа дека нема радиоактивност во почвата, ниту тешки метали во водата. Експерти, за РСЕ, сугерираат дека доволно е храната убаво да се измие, но потребна е претпазливост и дополнително следење.

„Плодовите во принцип се заштитени од навлегување на некои материи во нив. Тие имаат природна „восочна облога“ и таа не дозволува да навлезе нешто туку тоа останува на површината. Кога ќе остане на површината сѐ што треба е убаво да се измие, не да се потопи туку да се измие и да се протрие бидејќи тоа е како залепено за таа восочна материја, иако не е апсолутен восок. Да се мои плодовите, јас би ги консумирал“.

Вака професорот, Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна аргументира дека нема потреба за вознемиреност или загриженост кај жителите на Трубарево за храната произведена во ова село во близина на Скопје.

Но и покрај тоа мерењата од 13 и 14 септември нотираа дека концентрацијата на кадмиум изнесувала 59,1 нанограм по метар кубен – речиси 12 пати повеќе од дозволените 5. Во воздухот имало и зголемени количини арсен (8,9 од дозволени 6) и олово (0,75 од дозволени 0,5), а единствено никелот останал во рамките на дозволеното.

За овие резултати информираше Министерството за животна средина и просторно планиње, кое сепак наведе дека состојбата веќе е стабилизирана.

Инаку, три дена по пожарот кој избувна таму на 13 септември, анализите на Институтот за јавно здравје не утврдија присуство на радиоактивност во воздух и почва, ниту на тешки метали во вода. Инситутот за Јавно Здравство соопшти дека е забележано само зголемување на два параметра, Cu (бакар) и Zn (цинк) само од едно испитано место - површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии. Но, од Институтот информираа дека тоа било во рамки на очекувањата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Жители на Трубарево се плашат од последиците од пожарот

Пожарот им донесе здравствени проблеми на жителите кај кои се појави дилемата – дали да ги јадат овошјето и зеленчукот што сами ги произведуваат.

„Јас сум хронично болна, со астма, со тахикардија на срцето. Чувствувам печење на очите, а сега се правев операција на десното око, на другото не гледам...И штетно е. И што сега – на целата мака што сме си насадиле пиперче, патлиџанче да јадеме, ние сега да го корнеме тоа и да го фрламе“, вели за Радио Слободна Европа, Снежана Стојановска, жителка на Трубарево.

По првично соопштените наоди, Институтот за јавно здравје најави дека ќе ги повтори анализите според предвидените протоколи. Од таму сепак, не одговорија на прашањето на РСЕ, кога ќе ги прават новите испитувања.

Потенцијален ризик и потреба од ново испитување

Професорот Чукалиев вели дека е потребно ново испитување веднаш, во кое ќе се испита само површинскиот слој на почвата од помалку од еден сантиметар. Според него, во моментот, може да се зборува само за потенцијален ризик кој пак, е сериозна причина за да се истражи нивото на загадување на животната средина околу жариштето на пожарот.

„Колку сте поблиску до пожарот толку е поголема концентрацијата на загаденост во воздухот. Продуктите на горење се гасови и честички, па како се оддалечувате од местото на горење, така доаѓа до разредување. Концентрацијата на штетни материи опаѓа, но количината е иста“, додава Чукалиев.

Видете и ова: Концентрациите на ПМ10 честички во Трубарево во дозволените граници

Професорот објаснува дека штетните материи од воздухот доаѓаат во допир со почвата, врзувајќи се со неа на подолг период, поради нејзиниот апсорптивен капацитет.

Но со оглед на тоа дека пожарот се случи пред десетина дена, Чукалиев вели дека шансите овие штетни материи или продукти да дојдат во ткивото на растението преку коренот, преку водата и почвата кои евентуално се загадени, се минимални.

„Немавме врнежи воопшто, немаме начин како да ги придвижиме овие материи кон коренот. Јас не верувам дека може да има нивна транслокација од коренот кон плодот“, додава Чукалиев.

Покрај потребната претпазливост, сепак вели дека доволно е храната одгледана токму во Трубарево убаво да се измие со вода, без да се користи оцет или сода како што граѓаните правеа во екот на ковид-пандемијата.

„Не знам до каква реакција тоа ќе доведе. Можеби и нема ништо страшно да се случи, но за сега миењето би требало да помогне“, порачува тој.

Државна негрижа за депониите и последиците од нив

Пензионираниот професор, Трајче Стафилов од Природно-математичкиот факултет во Скопје, исто така, не очекува поголеми последици во однос на почвата, но сепак апелира состојбата да се следи.

„Кога имаме вакви инцидентни случаи, критично е во еден краток временски период до санирање на состојбите, најмногу врз населението кое живее таму во околината бидејќи имаме зголемени концентрации на токсични супстанци, што за жал, кај нас не ги анализираме. Не ги мериме. Тоа се различни органски хемиски соединенија коишто се создаваат при горење на таков вид на отпад коишто се генерираат во тој период на горење и се емитираат во околината. За среќа, кратко траеше таа инцидентна состојба и мислам дека потрајни последици не би требало да се очекуваат“, додава професорот Стафилов.

Видете и ова: Четворица приведени за пожарот во Трубарево, училиштата ќе спроведуваат онлајн настава

Тој забележува дека домашните институции генерално недоволно ја мониторираат состојбата со животната средина, но и дека не следат доволно параметри кога е во прашање аерозагадувањето.

Низ државата има депонии од рудници, топилници, фабрики и државни фирми, но државата иако е обврзана, не се грижи за нив и не го решава загадувањето кое тие го предизвикале и кое ќе го предизвикуваат и понатаму.

„Треба системите за автоматски мониторинг да се докомплетираат и со други инструменти. Да немаме исклучување на инструменти кога е најпотребно, да се докомплетира и дооспособи лабараторијата на Министерството за животна средина со опрема и кадар, да може да ги врши испитувањата. Сега тие ангажираат приватни лабаратории да ги вршат тие испитувања. Треба да се вложува многу во опрема, кадар и организација“, додава Стафилов.

Дека се потребни системски мерки за справување со загадувањето, неодамна апелираше и проф. д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија. Тој рече дека еколошките инциденти, како оној во Трубарево само ја дозагадуваат средината, а тоа хронично ги труе луѓето.

„Кога ги немаме овие еколошки инциденти, се случува перманентно труење посебно во поголемите градски средини. Дури и во Охрид во зимските месеци има загадување, а тоа беше незамисливо. Важен е начинот на кој се однесуваме сите, бидејќи каде и да се свртите околу нас има диви депонии, кои се извор на заштита“, посочи д-р Беќаровски во изјава за медиумите.

Бесплатни пулмолошки прегледи за жителите на Трубарево по пожарот

А какви последици по здравјето на локалното население, оставил пожарот во Трубарево, поконкретно треба да покаже скринингот кој почна денеска, а продолжува и утре. Бесплатните прегледи за тамошните жители ги организира Министерството за здравство, во соработка со Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија.

Видете и ова: Скопје пред избори - многу ѓубре и хаос, малку воздух и ред

Во рамки на скринингот, две медицински екипи со амбулантни возила вршат комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други потребни испитувања. Прегледите се наменети за сите жители, а особено за оние што имаат потешкотии со дишењето или симптоми поврзани со заболувања на дишните патишта.

Во понеделникот, на 22 септември, Министерството за животна средина и просторно планирање соопшто дека концентрациите на PM10 честички во зоната на Трубарево се безбедни и не ја надминуваат законската граница. Ресорното министерство се повика на резултатите до кои дојде лабараторијата АМБИКОН при Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.

Оваа лабараторија изврши испитување во период од 14-18 септември 2025 година, кое меѓу другото, покажа дека материите содржани во честичките (Na, Mg, Al, Si, S, K, Ca, Fe, Cu, Zn, Pb и други) се во рамки на нормалните вредности за урбани средини. Концентрациите на PM10 се безбедни и не ја надминуваат законската граница.