За хибридни напади и подметнувања пожари организирани од домашни, но и странски центри на моќ, слуша македонската јавноста од највисоките државни функционери во неколку наврати изминатите денови додека во скопскиот регион гореа опасни отпади. Горењето на фабриката за електричен и електронски отпад Ф-Групација во Трубарево се случи по пожарите во поранешната градска депонија Вардариште и во актуелната Дрисла.
По тврдењата за хибридни напади, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) велат дека ја следат состојбата, но потсетуваат дека Министерството за внатрешни работи е тоа што треба да открие вакви кривични дела.
„Обвинителството е орган што во согласност со закон ги гони сторителите на кривичните дела, додека нивното откривање е во надлежност на МВР. Доколку во конкретните настани се утврдат елементи на кривични дела од областа на организиран криминал, Обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности“, велат од ОЈО ГОКК за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во недостаток на повеќе детали, дел од безбедносните експерти се претпазливи со заклучоците дали овде станува збор за хибридни напади.
„Она што дефинитивно е содржина на хибридните напади е и подметнувањето на пожари и низа на други активности како диверзии, саботажи кои би можеле да се случуваат. Но, сето тоа не можеме ние однадвор како академска фела да го цениме, едноставно тоа мора со факти и аргументи да се поткрепи“, вели за РСЕ професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност – Скопје.
Засега нема информации од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дали ќе биде свикан и Советот за безбедност кое е највисоко советодавно тело во Републиката и ги разгледува прашања поврзани со безбедноста и одбраната.
За да се зборува за хибриден напад, треба да има докази
Дали има реална закана односно дали во пракса се случуваат хибридни напади, тоа најреално и објективно може да го проценат претставниците на безбедносните служби што се терен, посочува Димовски. Во процената, објаснува тој, се земаат предвид и евентуалните информации пред пожарите што ги собрале безбедносните служби во однос на некаква подготовка, правење планови или поврзување со надворешен фактор…
„Ако имаме одредени докази и насочувања, ако претходно имало индиции дека ова ќе се случува – затоа што сепак службите на терен си ја работат својата работа и добиваат информации – тогаш дефинитивно ќе може да разговараме многу поотворено во смисла на квалификација и дали таквата намера, евентуално начин на извршување или средствата што се употребени спаѓаат во такви елементи за да се изврши еден акт или евентуално се работи за несреќни случаи при самиот процес на работа“, посочува Димовски.
Во јавноста засега повеќе детали не се откриваат. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на 15 септември во краток коментар само ги потврди сомнежите.
„Постојат индиции во она што го говореше и премиерот и директорот на ДЗС. Во интерес на истрагата во овој момент не би можел да споделам повеќе“, изјави Тошковски.
За власта хибридните напади се реалност, за опозицијата само ПР драма
Доцна синоќа (14 септември), министерот, пак, изјави дека засега не може да најдат поврзаност меѓу осомничените за пожарите, но сепак е убеден дека не се случајни.
„Досега над 40 луѓе се лишени од слобода заради пожарите, дел од тие луѓе се во притвор, за жал засега не можеме да утврдиме организициона поставеност меѓу тие луѓе. Но, факт е дека во три дена ни горат четири депонии во Скопје, што диви, што легални. Господ не може да ме убеди дека ова е случајност“, рече Тошковски.
Дека е преголема случајност односно убеденост за хибридни напади, прв во јавноста изнесе директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
По него и премиерот Христијан Мицкоски излезе со слична изјава велејќи дека „пожарите се организирани од странски центри на моќ„.
„Сакам да кажам дека вакви работи ќе се случуваат и нема да престанат и сакам да упатам апел и до граѓаните дека вакви подметнувања и диверзии ќе има и во периодот којшто следи, затоа што има центри на моќ во државата, но и надвор, коишто не сакаат оваа Влада да успее“, изјави Мицкоски на 14 септември.
Опозицијата, пак, не верува во овие тврдења на власта. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека секогаш кога премиерот не може да изменаџира некоја ситуација некој друг му е крив и затоа изминатите 15 месеци излегувал со приказни за следење со дронови, обиди за дестабилизација, хибридни напади… Тој го обвини Мицкоски дека ја злоупотребува ситуацијата во однос на безбедносната сфера.
„Ако навистина сме под некои хибридни напади или некои странски центри на моќ, тогаш прво требаше да заседава Советот за безбедност, требаше на терен да излезе армијата, да излезе министерот за одбрана, да се активираат сите безбедносни служби во државата, да се извести НАТО како наш стратешки партнер. Ништо не се случува, се ова на што премиерот се вади е практично само една пиаровска драма нема никаква акција да се решат проблемите и ова е доказ за едно дилетантско водење на државата“, рече Филипче.
Каква е состојбата со пожарите?
Додека останува прашањето дали воопшто станува збор за хибридни напади и од кого, информациите што од терен ги споделуваат надлежните се дека последните два најсериозни пожари – во фабриката за отпад во Трубарево и во депонијата Дрисла, се ставени под контрола односно изгаснат.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше дека во Трубарево пожарот е целосно изгаснат и опожарената површина е затрупана со песок и земја, а дежурни екипи се на терен и ако повторно има чадење ќе се дејствува со специјална пена.
„Во Дрисла драстично е подобрена ситуацијата, останува сосема мал ден да биде затрупан. Очекувам во попладневните часови да биде целосно затрупано местото кое чадеше. На тој начин се целосно затворени и пожарот во Трубарево и пожарот во Дрисла“, изјави Ангелов на 15 септември.
Причините за пожарот во фабриката за електричен и електронски отпад и батерии Ф Групација во Трубарево допрва ќе се утврдуваат. Министерот за внатрешни работи рече дека според информациите од форензичарите, увид може да се прави најрано 24 часа по целосно гаснење на пожарот, а препорачливо е и 48 часа.
Последните информации од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во врска со последиците од овој пожар се дека нема зголемена радијација во воздухот и оти со мостри од водата и почвата во Трубарево се прави физичко-хемиска анализа, а се очекуваат и резултати од испитувањата на примероци од чешми, бунари и почвата во однос на евентуално јонизирачко зрачење.
Од Министерството за животна средина на 14 септември соопштија дека во складиштето е поставена мерна станица што го мери квалитетот на воздухот во реално време.
За пожарот во Трубарево, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопшти дека побарале краткотраен притвор од 48 часа за четири лица поради сомнение за кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад. Станува збор за лица кои се дел од сопственичката и управувачката структура на компанијата, како и еден вработен и еден раководител, но нивните конкретни дејствија дополнително ќе се испитуваат.
За случајот со Дрисла, пак, засега нема информации дека до обвинителството е поднесена некаква пријава, додека за дивата депонија Вардариште (поранешната градска депонија) на 11 септември беше поднесено обвинение за три лица за загрозување на животната средина и природата. Тие се товарат за оставање, фрлање, непрописно транспортирање отпад и со тоа создавање диви депонии кои биле зафатени со пожарот на оваа локација.