Пелегрини: Остри критики за ЕУ и силна поддршка за Северна Македонија

Претседателот на Словачка, Петер Пелегрини и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, Скопје, 14 октомври

Словачка е голем поддржувач на македонските евроинтеграции, а ЕУ не може да си игра со довербата на луѓето во оваа земја, порача од Скопје, словачкиот претседател Петер Пелегрини кој денеска (14 октомври) престојува во официјална посета на земјава. Пелегрини не штедеше критики кон Европската Унија, која како што рече, применува двојни стандарди во процесот на проширување.

„Сфаќам дека минавте тежок пат кон ЕУ, знам колку беше тешко да се реши прашањето за името. Но, еве постојано се појавуваат нови услови и затоа мислам дека ЕУ прави голема грешка. Вашата земја е дел од процесот 20 години и мораше да донесе тешки одлуки. И покрај тоа немам одговор кога ќе се приклучите кон ЕУ. ЕУ ризикува со овој процес, но ние сме на ваша страна и ќе ве поддржуваме на сите можни начини затоа што веруваме дека сте дел од Унијата“, изјави Пелегрини на прес-конференција со неговата македонска колешка Гордана Сиљановска-Давкова.

Исто како и неговата македонска колешка, Пелегрини е согласен дека интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ не треба да се злоупотребува со политички спорови, туку треба да се заснова само на исполнување на Копенхашките критериуми.

„Дали рокот од 2030 за влез на вашата ЕУ е реален? Јас навистина го посакувам тоа и сметам дека ЕУ си игра со напорите на оваа земја. Таа треба да е свесна дека овој процес е жив и земји како вашата имаат потенцијал да преговараат за секое поглавје и да ги спроведуваат реформите. Загрижен сум дека пристапувањето нема да се заснова на техничките процеси, туку на некои геополитички игри, што би било огромна политичка грешка и ќе зажалат за ова. Не можам да прифатам двојни стандарди и затоа ја критикувам ЕУ“, рече Пелегрини.

Инаку деновиве во Брисел се актуелизираше и идејата за укинување на едногласното одлучување во Европската Унија (ЕУ)за преговорите на земјите кандидати, но земјите членки беа поделени по ова прашање. Словачка е на став дека треба да се задржи правото на вето на секоја земја, а Пелегрини образложи и зошто:

„Укинувањето на консензусот ќе значи дека големите земји ќе диктираат, а малите ќе мора да прават тоа што ќе им кажат и затоа сакаме да го задржиме правото на вето. И затоа единствениот глас за секоја земја е со цел да го елиминираме диктатот на големите земји“, категоричен е словачкиот шеф на државата.

Видете и ова: Заобиколување на ветото во ЕУ – (не)реална шанса и за Северна Македонија

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова уверува дека Словачка е еден од нашите најверни и најпосветени поддржувачи на евроинтеграцијата со кристално јасна заложба за потребата од проширување на ЕУ.

„Нема подобро чувство од тоа да видите како претседател на земја членка на ЕУ ви изразува јасна поддршка на европскиот пат. И двајцата се согласуваме дека проширувањето треба да се темели на заслуги и резултати и да не зависи од дополнителни ирационални условувања кои го узурпираат процесот. Нема празен политички вакуум, но најдоброто решение за пополнување на тој вакуум и оневозможување на политичко влијание од трети страни е да се реинтегрираме во ЕУ и да имаме јасни гаранции дека таму ни е местото“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа ја искористи можноста за да ги коменира и актуелните случувања во Газа, изразувајќи благодарност до американскиот претседател за напроите за завршување на конфликтот меѓу Израел и Хамас.

„За поздравување е она што сега се случува со мировните преговори во Газа и тоа што го прави претседателот на САД, Доналд Трамп. Ние секогаш сме се залагале за траен мир на Блискиот исток, кој не засега директно и нас и нашиот мир и европскиот мир“, рече Сиљановска-Давкова.

Северна Македонија и Словачка имаат стабилни и пријателски односи, констатираа двајцата претседатели. Денеска беше потпишан и меморандум за продлабочување на економската соработка, од кој очекувањата и на двајцата шефови на држави се големи.

Трговската размена меѓу двете земји е умерена, но како што нагласи Пелегрини, постои потенцијал за нејзино зголемување. Досега се потпишани повеќе билатерални договори со цел унапредување на економската и културната соработка.

Утре(15 октомври)во посета на земјава во рамки на својата турнеја во регионот, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе го посети и Скопје. Пелегрини се надева дека нејзината посета е за да се покаже дека ЕУ ја поддржува Северна Македонија на патот кон ЕУ. Сиљановска-Давкова пак вели дека нејзината редовна посета е добра за покажување на регионална солидарност во евроинтегративниот процес.

Северна Македонија сè уште нема отворено кластери од преговорите со ЕУ бидејќи услов за тоа да се случи е вметнување на бугарската заедница во Преамбулата во Уставот, на што власта не се согласува без гаранции дека ќе нема други условувања и вета од Бугарија.

Видете и ова: Македонско – бугарски (НЕ)доразбирања

Претставниците на власта најавија раздвижувања околу евроинтеграциите по локалните избори. Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека „постои сериозна одлучност кај премиерот и Владата веднаш по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија“.

Сиљановска-Давкова вели дека во моментот државата нема официјална комуникација со властите во Софија бидејќи е предизборен период, но дека одредена комуникација на маргините, постои.

Северна Македонија и Бугарија од 2017 година имаат меѓусебенДоговорот за пријателство, добрососедство и соработка. Сепак, во ноември 2020 Софија стави вето за почеток на пристапните преговори на Скопје поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај постоечките, да се додаде и бугарската заедница, но од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.