Можни безбедносни ризици од српските пасоши за руските граѓани

Доделувањето на српско државјанство на руски граѓани, а со тоа и српски пасош, со кој тие можат слободно да патуваат во земјите од Европската Унија, беше споменато како „можен безбедносен ризик“ од страна на ЕУ во најновиот извештај за напредокот на Србија како земја-кандидат.

Од вкупно 121 одлука на Владата на Србија за доделување државјанство во 2025 година, речиси две третини се однесуваат на граѓани на Русија.
Ова го покажува анализата на Радио Слободна Европа (РСЕ) за решенијата објавени во Службен весник.

Станува збор за посебна постапка, според која српско државјанство можат да добијат граѓани на други земји, во случај тоа да претставува „интерес за Србија“.
Сепак, тој број може да биде поголем, со оглед на тоа што податоците за државјанствата што се доделуваат според редовната постапка и за кои одлучува Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија не се јавно достапни.
Бројот на владини одлуки за прием на руски граѓани во српско државјанство се зголемува од 2022 година, кога Русија ја започна инвазијаta на Украина, според податоците собрани од РСЕ од одлуките објавени во Службен весник.

Владата на Србија не одговори на прашањата на РСЕ за тоа дали и какви конкретни мерки ќе преземе за справување со ова прашање и од што се раководеше при донесувањето на одлуката за доделување на српско државјанство.

Несогласување во надворешната и безбедносната политика

Прашањето за доделување српски пасоши на руски граѓани е содржано во делот од извештајот на Европската комисија за усогласувањето на надворешната и безбедносната политика на Србија со европската.

„Стекнувањето право на безвизно патување во ЕУ за граѓаните на Русија преку доделување на српско државјанство претставува потенцијален безбедносен ризик за Европската Унија“, се вели во извештајот на Европската комисија, кој шефот на Делегацијата на ЕУ во Белград, Андреас фон Бекерат, им го предаде на српските претставници на 6 ноември.

Србија има безвизен режим со ЕУ, па граѓаните на Србија можат да патуваат во земјите од европскиот блок без визи од декември 2009 година.
Како што оценува Игор Новаковиќ, од невладиниот Центар за меѓународни и безбедносни прашања (ISAC Fund), за РСЕ, „интересот на Србија“ може да стои зад одлуката за доделување државјанство, но и можната важност за српско-руските билатерални односи.

Игор Новаковиќ, директор за истражување на Центарот за меѓународни и безбедносни прашања

„Со други зборови, дека во некаков дијалог меѓу Белград и Москва има некои барања или станува збор за некаков вид услуга каде што Белград дава државјанство на одредени лица кои можат да бидат безбедносен проблем за Европската Унија“, објаснува Новаковиќ.

Во 2023 година, Владата на Србија ги напушти измените на Законот за државјанство што овозможија полесна постапка со која странските државјани можеа да добијат српски пасош по три години постојан престој.
Тој предлог за измени наиде на остри критики од Брисел, кој рече дека усвојувањето на отстапки може да го загрози безвизниот режим на Србија со ЕУ.

Кои се можните последици?

Со 63 проценти, според Европската комисија, Србија има ниска стапка на усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

Исто така, официјален Белград одбива да ги почитува санкциите на ЕУ против Русија, што го направија сите други земји од Западен Балкан.

Ниската стапка на усогласеност, според Новаковиќ, би можела прво да има политички, а потоа и економски последици.

„Не очекувам построги мерки во таа смисла, но ќе видиме - ако нема спроведување на реформите поврзани со реформската агенда, нема да има пари од тој фонд, тоа е многу јасно“, вели тој.

Тој истакнува дека непосредно пред извештајот на Европската комисија, Србија „ретроактивно“ се придржувала до некои декларации за надворешна политика на ЕУ, со што ги подобрила своите перформанси, но дека повеќегодишната ниска стапка на усогласеност сугерира дека тоа бил „тактички“ потег.

„Една од последиците од ова однесување е зајакнувањето на недовербата кај самите земји-членки на ЕУ, пред сè кај оние што директно граничат или влегуваат во зоната близу до Руската Федерација. Тука, пред сè, мислам на скандинавските, централноевропските и балтичките земји“, вели Новаковиќ.

Србија преговара за членство во ЕУ од 2014 година. Повеќе од три години не отворила ниту едно поглавје или кластер во преговорите за пристапување.

Колку Руси има во Србија?

Веднаш по почетокот на руската инвазија на Украина, директните летови меѓу Москва и Белград и безвизниот режим што го имаат Србија и Русија доведоа до фактот дека оттогаш десетици илјади руски граѓани поминале низ Србија, делумно бегајќи од мобилизација, но и со цел непречено да продолжат да работат со Западот.

Видете и ова: „Сакам да живеам во Србија“: Секој втор странец со дозвола за престој е од Русија


Голем број од нив останаа во Србија. Според најновите достапни податоци од Министерството за внатрешни работи на Србија, кои РСЕ ги доби како одговор на барањето за бесплатен пристап до информации од јавно значење од јануари, нешто повеќе од 48.000 руски државјани имале привремен престој во Србија.

На пописот на населението одржан во октомври 2022 година, бројот на Руси се зголемил за трипати во споредба со претходниот попис во 2011 година. Во официјалната статистика од пописот, во кој можеа да учествуваат сите граѓани кои престојуваат во Србија една година или помалку, но со намера да останат во земјата некое време, беа вклучени повеќе од 10.000 граѓани кои се изјасниле како Руси.
Ова ги направи 16-та најголема малцинска заедница во Србија. За споредба, во 2011 година тие беа 20-ти по бројност.