Резиме
- Вкупно 34 лица и три фирми се опфатени со обвинителниот акт за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Меѓу нив се газдите на дискотеката, поранешни министри, градоначалници
- Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Дискотеката, каде пожарот избувна, според обвинението, не ги исполнувала ниту минималните технички услови за угостителска дејност.
- Родителите и семејствата секоја сабота одржуваат „Марш за ангелите“ во Кочани барајќи правда. Во пресрет на судењето, маршираа и во Скопје заедно со илјадници граѓани. Сите посакуваат правда, но дел се скептични.
- Големиот број на обвинети и долгиот временски период опфатен со обвинението го прават овој предмет комплексен, но и тест за судството.
19 ноември 2025 година. Судница во затворот „Идризово“ на периферијата на Скопје. Ова се датумот и местото за кога е закажан почетокот на судскиот процес за една од најголемите трагедии во поновата историја на Северна Македонија - пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој однесе 63 жртви, а над 200 лица беа повредени.
На обвинителна клупа треба да седнат вкупно 34 лица и застапници на три фирми опфатени со обвинителниот акт. Меѓу нив, газдите на дискотеката, поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори…
Судењето доаѓа осум месеци по пожарот кој избувна во утринските часови на 16 март за време на настап на музичката група ДНК. Исто толку време трае и крикот за правда на родителите и роднините на загинатите. Секоја сабота низ кочанските улици организираа „Марш за ангелите“, а последниот, 30-ти по ред, го одржаа во Скопје на 15 ноември.
Поддршка добија од илјадници граѓани кои маршираа со нив од централниот плоштад „Македонија“, до Собранието и Основниот кривичен суд. Сите посакуваат правда, но голем дел се и скептични.
„Од историјата на нашето правосудство и начинот како претходно се водело судството, човек не може да биде преголем оптимист. Меѓутоа, јас мислам дека ова е шанса судската власт да се избори како самостојна власт и да не подлегнува под притисоци на извршната власт“, изјави за Радио Слободна Европа, скопјанецот Илија кој беше дел од граѓаните кои маршираа низ главниот град во саботата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
По 8 месеци, почнува судската разврска за трагедијата во дискотеката во Кочани
Трагедијата во Кочани се случи за време на настап на музичката група ДНК - искри од пиротехниката го потпалиле таванот во дискотеката, огнот брзо се проширил, а паниката и тесниот излез од објектот предизвикале и стампедо.
Според обвинението, објектот не ги исполнувал ниту минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, а не бил изработен и план и процена за заштита и спасување.
Обемен и комплексен предмет
Овој предмет бројни правници го посочија како тест за правосудните органи, кои изминатите години се соочуваа и со доверба кај јавноста од само 2%.
„Овој предмет ќе биде тест не само за капацитетот на судот да управува со сложена постапка, туку и за способноста на институциите да понудат правда што ќе го издржи тестот на правната аргументација и довербата на јавноста“, вели за РСЕ, Дарко Аврамовски, извршен директор на невладината Коалиција „Сите за правично судење“ која долги години врши мониторинг на судските постапки.
Обвинителниот акт за предметот не е обемен и комплексен само по бројот на обвинети и оштетени, туку и по временскиот период што го опфаќа – последните 13 години. Обвинетите се товарат дека со своите постапки придонеле да се случи трагедијата или дека тоа што ништо не сториле, исто така довело, до неа. Ова се однесува посебно на службените лица и функционерите.
На сите ќе им се суди за исто кривично дело - „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.
„Освен формалните предизвици, постојат и материјални прашања кои придонесуваат кон комплексноста и специфичноста на овој случај. Така на пример, обвинението ги товари сите обвинети за едно исто кривично дело, иако нивните улоги, дејствија, како и временски период во кој тие се случиле се драстично различни“, вели Аврамовски.
Ваквата поставеност, според него, „ја отежнува индивидуализацијата на одговорноста и јасното утврдување на причинско-последичната врска за секое лице поединечно“ и тоа дополнително ќе влијае на ефикасноста и правичноста на процесот.
Сепак, вели тој, ефективна и ефикасна правда е возможна ако судењето се води внимателно, професионално и без отстапување од правните стандарди. А важно е, како што вели, и да не се дозволи јавниот притисок да ја измени суштината на правниот процес.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Шест месеци од пожарот во Кочани: „Светлина за ангелите“
Судиите, според јавните реакции, се свесни за значењето на процесот што почнува пред Основниот кривичен суд во Скопје.
„Овој процес нема да биде само тест на нашата правна подготвеност, туку и на нашата издржливост, професионалност и независност. Секој од нас е свесен дека ваквите предмети се следат со големо внимание од јавноста, но тоа само дополнително ја нагласува нашата одговорност да останеме доследни на принципите на правдата и владеењето на правото“, рече в.д. претседателката на судот, Даниела Димовска, во својот говор на годишното собрание на Здружението на судии на 31 октомври.
Анкетна комисија – родителите побараа, пратениците на потег
А покрај, судството, на потег за случајот со пожарот во Кочани се и пратениците. Родителите на последниот „Марш за ангелите“ на 15 ноември од пред Собранието побараа анкетна комисија и надзорна расправа со цел да се расветли целосната одговорност за трагедијата.
Опозијата го поддржа барањето. Лидерот на СДСМ и пратеник, Венко Филипче, најави дека денеска (18 ноември) ќе поднесат ваков предлог во парламентот.
„Пратеничката група ни раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија“, вели Филипче.
Претседателот на Левица и пратеник Димитар Апасиев, пак, најави дека како претседател на Постојната анкетна комисија за следната недела ќе закаже посебна седница на која ќе се разгледуваат претставнките и наводите на родителите за пожарот во „Пулс“.
Видете и ова: „За правда нема да молиме, за правда ќе се бориме“: Марш во спомен на загинатите во „Пулс“Пратеникот од вјадејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, пак, во изјава за медиумите рече дека ќе го прифатат барањето, но анкетната комисија да биде проширена и за други трагедии што се случиле во земјата, како што е автобуската несреќа на „Дурмо турс“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, претходно се огласи за уште едно барање од родителите - еднократна парична помош по примерот со трагедијата во модуларната болница во Тетово во 2021 година, кога загинаа 14 лица.
„Како Влада, досега правевме сѐ што е во наша моќ, и ќе продолжиме да го правиме истото. Болката на овие семејства е огромна и должност ни е да ја ублажиме колку што можеме“, рече Мицкоски на 17 ноември.
Кои се обвинетите
Додека се чека потег од пратениците, на првото рочиште во судницата во Идризово на 19 ноември треба да се појават сите обвинети - 34. Тројца од нив се одговорни лица, сопственици и управители на фирмата КЛАСИК ДМ – Кочани со подружница Кабаре ПУЛС и фирмата ММММ КАФЕ – Кочани, кои вршеле угостителска дејност во кобниот објект од декември 2012 година. Меѓу обвинетите е и братот на сопственикот на дискотеката кој, според обвинителството, бил одговорен за продажба на билети и контрола на бројот на гости и нивната возраст.
Во „Пулс“, кобната ноќ според проценките на обвинителството имало над 500 лица.
На обвинителна клупа треба да седнат и тројца градоначалници на Кочани. Љупчо Папазов (ВМРО-ДПМНЕ), кој беше на функцијата во моментот на трагедијата, како и неговите претходници Николчо Илијев (СДСМ) и Ратко Димитровски (ВМРО-ДПМНЕ). Според обвинителството, тие знаеле дека во градот постои ноќниот клуб „Пулс“, но не преземале ништо односно локалот не бил впишан во регистарот на општината согласно Законот за угостителска дејност. Тие, како што тврди обвинителството, овозможиле локалот да работи и сопственикот да си плаќа надоместок за вршење угостителска дејност – кабаре.
Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како поранешни министри за економија, исто така, се опфатени со обвинението. На списокот се и еден државен секретар и петмина службеници од Министерството за економија кое е надлежно за издавање лиценци за ноќните клубови.
Истрагата првично опфати уште двајца министри од овој ресор, Беким Незири и Дритон Кучи, но за нив како за уште три лица од овој ресор постапката беше запрена поради недоволни докази.
На обвинителна клупа ќе седне и актуелниот министер без ресор во Владата, Шабан Салиу, кој се гони како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со уште тројца други бивши директори, но и еден генерален инспектор кој бил раководител на инспекциска служба во ДЗС.
Се гонат и локални инспектори, како што се на пример, тројца градежни инспектори од Општина Кочани, членови на обезбедувањето…
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Молк за жртвите, аплауз за лекарите и свирежи за Владата
Бројот на странки - обвинети, адвокати, како и застапници на оштетените семејства, кои ќе бидат во судница секое рочиште, се очекува да биде над 70. Обвинението, пак, ќе го застапуваат дури 15 обвинители, кои наизменично ќе се менуваат на рочиштата во зависност од тоа кој од нив кој дел од истрагата го работел.
Судскиот процес ќе го води судијката Дијана Груевска-Илиевска од скопскиот кривичен суд, која меѓу последните познати предмети, го судеше случајот со автобуската несреќа на „Дурмо Турс“ во Ласкарци во 2019 година, кога загинаа 16 лица.
Предметот, според одлука на Врховниот суд, беше доделен на Основниот кривичен суд Скопје бидејќи во судовите во Штип и Струмица нема доволен број судии од кривичната материја. Но, и затоа што Врховен сметаше дека во случајот треба да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“.
Уште две постапки за „Пулс“
За пожарот во „Пулс“ има уште два предмети.
Едниот е поврзан со фирмата „Рубикон секјурити солушн“, која била задолжена за обезбедување на дискотеката. Се гони нејзиниот сопственик, А.Н., за делото тешки дела против општата сигурност.
Со обвинителниот акт се посочува дека сопственикот на фирмата за обезбедување имал пропусти во работењето односно не постапувал според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери.
Обвинителството тврди дека обезбедувањето на дискотеката од страна на „Рубикон“ било вршено без писмен договор со клубот „Пулс“, и без контрола и надзор при исполнување на обврските на вработените кои вршеле обезбедување на имот.
Обвинението за овој случај беше одобрени од страна на Основниот кривичен суд на 17 октомври.
Видете и ова: Трагедијата во Кочани - рефлексија на руинираниот системВо фаза на истрага, пак, е предмет во кој се опфатени десет полицајци кои се товарат дека од 2012 до 2022 година издавале согласности и му овозможиле на правното лице, дискотеката „Пулс“, да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови.
Оваа истрага ја води Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во рамки на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).