И новите градоначалници никој не ќе може да ги смени

Северна Македонија - втор круг локални избори, Скопје, 2 ноември 2025 година.

Моќта на градоначалниците е голема, но според законите, не може никој да бара од нив политичка одговорност и да ги разреши пред истек на мандатот. Направени се измени во Законот за локална самоуправа со кои треба да се дозволи отповикување градоначалник на референдум, но уште не се усвоени во Собранието. И ако се усвојат, ќе важат од следните локални избори.

Новите градоначалници избрани на локалните избори на 19 октомври и 2 ноември нема да може да бидат разрешени од функциите ако граѓаните не се задоволни од нивната работа.

Причината е што половина година во Собранието се заглавени измените во Законот за локална самоуправа со кои треба да се дозволи отповикување градоначалници на референдум.

Поради тоа, на сила остануваат досегашните одредби според кои на еден градоначалник може да му престане мандатот само во случај на смрт, оставка, ако биде осуден на повеќе од шест месеци затвор, ако му биде одземена деловната способност, ако има неспоивост на функции, ако шест месеци неоправдано не доаѓа на работа или ако се пресели од општината.

Видете и ова: Менаџерството на Арсовска невидливо во Скопје

Прашањето за одговорност на градоначалниците го актуелизира владејачката ВМРО-ДПМНЕ во втората половина од мандатот на Данела Арсовска, досегашна градоначалничка на Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година поради несогласување за пречистителната станица, останатите три години поминаа во меѓусебно обвинување за тоа кој ги кочи проектите во главниот град поради што скопјани остануваа без јавен превоз и затрупани во ѓубре.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска - Давкова, пак, неделава предложи да се размисли за можноста изборот на еден градоначалник да се ограничи на два мандата.

Во спротивно, како што кажа, има опасност од партизација поради силните ингеренции, дури и од рефеудализација, посебно во малите средини.

„Повеќе од дваесет години ние имаме исти градоначалници. Тоа некаде се нарекува републикански монархизам“, рече Сиљановска-Давкова во интервју во емисијата 360 степени на МРТВ.

Сега во законот нема ограничување колку пати некој може да се кандидира за градоначалничка функција.

Аномалија во системот

Секој носител на јавна функција мора да сноси и политичка одговорност и во секое време да може да му престане мандатот, но ние во системот имаме аномалија што никој не ја поправи, смета Борче Давитковски, професор по административно право и поранешен декан на Правниот факултет во Скопје.

Според него, куриозитет е што и претседателот на државата и градоначалниците се избираат на непосредни избори - но притоа за отповикување на претседателот во Уставот има постапка за импичмент, а градоначалниците не одговараат пред никого.

„Ако тргнеме од таа логика, од секогаш имало потреба во Законот за локална самоуправа да се предвидат одредби за случи кога граѓани се незадоволни од својот градоначалник. Мора да има одредба да политички неодговорните градоначалници ги ставиме во калапот на политичката одговорност, како што е за сите носители на јавни функции“, изјави Давитковски за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видете и ова: Додека трае кампањата, ЈСП и Комунална Хигиена „во дефект“

Тој не се согласува да се ограничи манадатот на градоначалниците, затоа што тие сепак се избираат во тесна локална заедница, за разлика од изборите за претседател на државата.

„Доколку локалните жители им одговара тој градоначалник, ги исполнува нивните очекувања, може да го бираат на секои регуларни четири години. Ако граѓаните му даваат доверба, не гледам причина зошто законодавецот да ги ограничува“, вели Давитковски.

Градоначалничкото столче привлечно за министри и за пратеници

Еден вицепремиер и тројца пратеници по овие локални избори беа избрани за градоначалници.

Изет Меџити, кој беше и вицепремиер во Владата, ќе биде градоначалник на Чаир.

До неодамна пратениците Јане Мицевски, Бети Стаменкоска Трајкоска и Дејан Проданоски, тројцата од ВМРО-ДПМНЕ, во иднина ќе ги водат општините Сопиште, Кисела Вода и Прилеп.

Видете и ова: Ако сака, Владата може да и одземе ингеренции на Арсовска

Отсуството на политичка одговорност што ќе предизвика нивна смена се толкува како една од причините зошто повисоки функционери се кандидираат за градоначалници.

На тоа укажа и Сиљановска-Давкова.

„Ако има граница во парламентарните системи, кај претседателите со церемонијални функции, тогаш кај нас системот на локална самоуправа се квалификува како квази претседателски, со многу силни ингеренции на градоначалниците. Оттука, нешто што е невообичаено, министри, пратеници, се одлучуваат да конкурираат за градоначалничка функција“, рече претседателката на државата Силјановска-Давкова.

Потребно е Бадентерово мнозинство што власта го нема

Измените на Законот за локална самоуправа беа доставени во Собранието во мај годинава. Поминаа прво и второ читање на комисиска и пленарна седница, но не можат да бидат изгласани бидејќи за тоа се потребни двотретинско и Бадентерово мнозинство што власта го нема.

Златко Перински, министер за локална самоуправа, вели дека кочничари се опозициските СДСМ и ДУИ.

„Тоа што како ресор можевме да го направиме, го направивме. Останува да се гласаат кога ќе се обезбеди потребното мнозинство. Шест месеци потрошивме за консултации за измените, беа направени со широк консензус. СДСМ и ДУИ не го поддржуваат законот од чист политички инает. Ако може ВМРО-ДПМНЕ со 55 градоначалници да поддржува разрешување на референдум, зошто да не можат СДСМ и ДУИ?“, изјави Перински за Радио Слободна Европа (РСЕ).

И да се изгласаат измените сега, тие би важеле од следните локални избори, затоа што така стои во завршните одредби на измените.

Видете и ова: Неизбежна реконструкција на Владата, можни „прелети“ во Собранието

Во актуелниот состав на македонското Собрание, од вкупно 120 пратеници 39 се припадници на малцинствата кои гласаат по принципот на Бадентер(гласови од пратениците кои припаѓаат на немнозинските заедници).

Принципот на т.н. Бадентерово мнозинство беше воведен со Охридскиот рамковен договор во 2001 година, за при гласањето за системски закони да се заштитат правата на малцинските заедници.

Тоа значи дека за одредени закони и одлуки не е доволно само просто мнозинство од сите пратеници, туку мора да има и мнозинство од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се во мнозинство (Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други).

Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека сега откако завршија изборите, тој проблем ќе се надмине.

„Нам ни се важни реформите. Се надевам дека дел од силите и во парламентот ќе се прегрупираат во периодот што следи“, рече Мицкоски во обраќањето по вториот круг од локалните избори, на прашање како ќе добие Бадентерово мнозинство.

Видете и ова: Проектите од унгарскиот заем ги чекаат старо-новите градоначалници

Во измените на Законот за локална самоуправа е регулирано дека „граѓаните преку референдум можат да покренат прашање за доверба на градоначалникот, еднаш во мандатот на градоначалникот, но не во првата година и во последната година од мандатот“.

Минатото лето, скопските градоначалници ја повикаа градоначалничката Арсовска да поднесе оставка поради негрижа за градот и бараа Владата да и ги одземе ингеренциите за претпријатијата „Комунална хигиена“ и „Паркови и зелено“.

Таа го истера мандатот до крај и вчера(6 ноември) ја предаде функцијата на новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.