Чешкиот победник Бабиш го смирува Западот, но може да наиде на тешкотии за коалиција

Поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш ја прославува победата на парламентарните избори на 4 октомври.

Експремиерот Бабиш победи на изборите, но нема мнозинство во парламентот. Тој уверува дека ќе се посвети на ЕУ и НАТО, но можеби ќе биде принуден да соработува со евроскептичните партии во Чешка.

По драматичниот политички камбек на парламентарните избори на 4 октомври во Чешка, поранешниот премиер Андреј Бабиш, се обиде да го смири Западот во врска со неговата посветеност кон ЕУ и НАТО. Но, можеби ќе биде принуден да соработува со уште поевроскептични партнери за да формира влада.

„Сакаме да ја спасиме Европа … и ние сме јасно проевропски и про НАТО“, рече Бабиш пред новинарите поради загриженоста дека би можел да ја приближи Чешката Република кон Русија, следејќи го патот на неконвенционалните земји од ЕУ – Унгарија и Словачка, како и да се спротивстави на понатамошната воена помош за Украина.

По целосната инвазија на Русија во 2022 година, Прага се постави како главен поддржувач на Украина и прими илјадници воени бегалци, дејствија на кои Бабиш честопати гласно се спротивставуваше.

Со пребројување на речиси сите гласови, резултатите покажаа дека Бабиш, милијардер кој ја предводи популистичката партија АНО, е јасен победник со освоени речиси 34,6 проценти од гласовите.

Видете и ова: Бабиш победи на изборите во Чешка, го чекаат тешки коалициски преговори

Излезноста на изборите беше 68,9 проценти, највисока во земјата од 1996 година.

Но, со околу 81 место во парламентот со 200 членови, АНО ќе нема мнозинство, што значи потенцијално сложени напори за наоѓање коалициски партнери.

Многу аналитичари оценија дека коалициските преговори може да ја вклучат крајно десничарската СПД, која повика Чешка да се повлече и од ЕУ и од НАТО. Таа доби 7,6 проценти од гласовите, што веројатно ќе ѝ донесе околу 15 места во парламентот.

„Моторист“, мала опозициска партија која изрази противење на многу политики на ЕУ, исто така успеа да го помине прагот и да влезе во парламентот за првпат во историјата. Таа доби 6,8 проценти, што значи околу 13 места.

Централно-десничарската, прозападна групација „Заедно“ на актуелниот премиер Петр Фиала заврши втора со 23,3 проценти (52 места), додека нејзиниот коалициски партнер СТАН освои 11,2 проценти од гласовите (22 места), а либералната партија Пирати речиси 9 проценти (18 места).

„Ако владата зависи од позицијата или од поддршката на СПД, ќе биде многу комплицирано“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Јан Махачек, советник за надворешна политика на чешкиот претседател Петр Павел, по објавувањето на резултатите.

Махачек додаде дека ова би создало „многу опасна ситуација за надворешната политика, бидејќи СПД е екстремистичка, остро антиукраинска и анти ЕУ – проруска партија“.

Прославувајќи го она што го нарече „историски резултат“, Бабиш најави дека ќе се обиде да формира еднопартиска малцинска влада и ќе разговара со СПД и „Мотористс“ за обезбедување на нивната поддршка во гласањето.

71-годишниот Бабиш честопати користи силна евроскептична реторика, но ја исклучува можноста за повлекување од ЕУ или НАТО.

Видете и ова: Прага врши притисок врз ЕУ да ги заузда руските дипломати

Тој е ко-основач на крајнодесничарскиот блок „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Вистината победи! Добри вести за Европа“, напиша Орбан на социјалната мрежа Икс по изборите.

Против иницијативата за обезбедување муниција за Украина

Иако не се спротивставува директно на понатамошната помош за Киев во борбата против целосната инвазија на Русија, Бабиш повторно нагласи дека не е за континуирано водство на Прага во иницијативата од 2024 година за обезбедување муниција за Украина.

„Ако има војна, никој не треба да заработува пари поради војната. Таа [иницијативата] треба да ја организира НАТО“, изјави тој пред новинарите.

„Ние ѝ помагаме на Украина преку ЕУ. ЕУ ѝ помага на Украина, а тоа е во европскиот буџет. Плаќаме многу пари во европскиот буџет, и на овој начин ќе продолжиме да помагаме“, рече Бабиш.

Дури 16 европски земји, предводени од Чешка, во 2024 година ја формираа оваа ад хок коалицијата за купување артилериска муниција за Украина. Целта беше да се обезбедат дури 800.000 гранати со голем калибар за да се помогнат украинските воени напори.

И покрај тврдењата дека иницијативата била успешна, таа се соочи со жестоки критики од чешката опозиција и украинските невладини организации поради наводно профитирање, политичко фаворизирање, слаб квалитет и доцнење во снабдувањето со муниција.

Видете и ова: Како Чесите ја тролаа руската амбасада, а потоа работите ескалираа

Исто така, Бабиш ги повтори своите забелешки за непосредно членство на Украина во ЕУ.

„Не сме подготвени [за членство во ЕУ]. Прво мора да ја завршиме војната. Секако дека можеме да соработуваме со Украина, но не сме подготвени за ЕУ“, рече Бабиш.

Претседателот ќе го избере премиерот

Според чешкиот Устав, претседателот Петр Павел ќе го избере следниот премиер. Тој најави дека ќе започне разговори со лидерите на партиите на 5 октомври.

Павел, кој го победи Бабиш во вториот круг од претседателските избори во 2023 година, се сретна со милијардерот лидер на АНО минатата недела за да разговараат за судирот на интереси во врска со улогите на Бабиш како политичар и бизнисмен.

„Му ветив на господинот претседателе дека ќе се сретнам со него и ќе му покажам решение кое ќе биде во согласност со чешките и европските закони“, рече Бабиш.

Видете и ова: Изборите во Чешка би можеле да ја поместат земјата од проевропскиот пат, влијаејќи на поддршката за Украина

Заедно со обвинувањата за судир на интереси, Бабиш – еден од најбогатите луѓе во земјата, со значителен удел во агробизнисот и медиумите – е прогонуван и од правни спорови и обвинувања за измама со субвенции од ЕУ.