По масовниот протест на 28 јуни, сообраќајниците ширум Србија се под блокада.
Реагирајќи на апсењата на учесници на студентскиот протест на Видовден, за само еден ден студентите и граѓаните во Србија ја сменија формата на својата политичка борба и започнаа акции на „граѓанска непослушност“.
Ваквиот вид на акции започнаа по серијата апсења на демонстрантите и студентите во блокада кои го предводеа протестот на плоштадот „Славија“ во Белград на 28 јуни, а на кој се собраа десетици илјади луѓе.
Дејан Бурсаќ, научен соработник на Институтот за филозофија и социјална теорија, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека овие акции покажаа дека антивладиното движење е многу витално и оти „енергијата на граѓаните што протестираат не се намалила“.
„Властите сметаа дека со доаѓањето на летото и годишните одмори, протестите ќе стивнат. Се покажа дека она што Александар Вучиќ постојано го нарекуваше крај на протестот, не испадна така“, вели Бурсаќ.
Видете и ова: Инциденти и апсења по големиот студентски протест во БелградПретседателот на Србија во неколку наврати во изминатите месеци изјави дека „пропадна шарената револуција“– како што ги нарекува повеќемесечните протести и блокадите на факултетите, алудирајќи дека демонстрациите биле финансирани од странство. Сепак, тој во јавноста не изнесе докази за такво нешто.
Исто така, на 28 јуни, Вучиќ од кампот на поддржувачи на владата во паркот Пионирски во центарот на Белград преку Инстаграм изјави дека „блокадерите загубија, а студентите кои се спротивставуваат на блокадите на факултетите победија“.
На протестите и блокадите, српските власти одговорија со апсења, а на 30 јуни српските медиуми забележаа и случај каде полициски возила се залетуваат кон демонстрантите кои блокираа една од главните улици во Белград.
Од Европската комисија (ЕК) за ТВ Н1 посочија дека внимателно го следат развојот на ситуацијата во Србија, „каде се евидентирани случаи на употреба на сила против демонстрантите, масовни апсења и обвинувања против студенти за наводно организирање државен удар“.
„Внимателно ја следиме ситуацијата. Остро го осудуваме секој чин на омраза и насилство. Правото на мирен собир мора да биде заштитено“, изјави портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие.
Протестите и блокадите на факултетите во Србија започнаа по трагедијата во Нови Сад кога 16 лица загинаа при падот на настрешницата на железничката станица. Демонстрантите бараат одговорност од властите за оваа трагедија откако уривањето на настрешницата се случи само четири месеци по реконструкцијата на зградата на железничката станица.
Видете и ова: Стотици граѓани на протест во Белград побараа да се распишат нови избори„Зелено светло“ за граѓански акции
Мостот Газела, една од најфреквентните сообраќајници во Белград, Панчевачкиот мост и десетици други раскрсници беа блокирани вечерта на 29 јуни.
Зад блокадите стојат неформални здруженија на граѓани, форма на самоорганизирање на граѓаните на локално ниво на што студентите повикаа во март годинава.
Студентите им препорачаа на граѓаните да се организираат на собири на сличен начин како што студентите во блокада донесуваат одлуки на пленуми на факултетите со директно гласање.
Неколку стотици луѓе ја блокираа и раскрсницата во Автокоманда во Белград, на 29 јуни. На репортерката на РСЕ учесниците на собирот и рекоа блокадата ја организирала група граѓани од населбата во општина Вождовац и оти блокадата е „логично продолжение“ на студентскиот протест организиран на 28 јуни.
Имено, студентскиот протест на 28 јуни заврши со пораката дека владата во Србија „е нелегитимна“ и дека рокот до власта да го исполни барањето за распишување вонредни избори во земјата и да го распушти кампот на нејзините поддржувачи во центарот на Белград е истечен.
По протестот, студентите во блокада на социјалната мрежа Инстаграм објавија фотографија од семафор со зелено светло и пораката – „Ултиматумот е истечен“.
На крајот од протестот на 28 јуни, група демонстранти се судрија со полициските кордони во центарот на Белград кои обезбедуваа делови од градот помеѓу местата на двата протеста – протестот на студентите и собирот на поддржувачи на режимот кои во центарот на градот организираа „литературна вечер“.
Вечерта следниот ден, следуваа серија блокади на патиштата низ целата земја.
Видете и ова: Премиерот на Србија ги осуди насилните демонстрации на белградските улициПолитикологот Дејан Бурсаќ вели дека овој вид организација покажува дека за акција е потребна барем „минимална структура“.
„Кога студентите дадоа ’зелено светло‘, очигледно немаше голем план зад тоа и немаше структура што ќе го преземе граѓанскиот протест. Затоа изгледаше така како што изгледаше во саботата, многу хаотично“, вели Бурсаќ, алудирајќи на судирите меѓу демонстрантите и полицијата по протестот.
Бурсаќ верува дека собирите успеале да ја насочат енергијата на демонстрантите.
„Без разлика колку дифузни и лабаво организирани беа тие собири, тие сепак успеаја да ги организираат луѓето во некои значајни акции“, вели тој.
На 29 јуни, студентите во блокада на Земјоделскиот факултет во Белград објавија „водич за граѓанска непослушност“.
Како што велат, граѓанската непослушност значи блокирање на раскрсници, боење на партиски простории, лепење налепници и плакати и забавување на сообраќајот со возење велосипеди и џогирање по улиците во групи.
Барањата зад овие акции се распишување вонредни парламентарни избори, распуштање на собирот на поддржувачите на владата во паркот Пионерски и ослободување на неправедно притворените студенти.
Засега, претставниците на властите инсистираат дека нема да ги исполнат барањата на демонстрантите.
Блокадите продолжија и на 30 јуни. Додека полицијата ги отстранува барикадите на едно место, граѓаните поставуваат нови на други локации.
Така на пример, откако беа потиснати од жандармеријата на раскрсницата на улиците „Македонска и Дечанска“ во Белград, граѓаните поставија нови барикади малку подолу од оваа локација – на Зелени Венец.
Тоа е еден од низата „мобилни блокови“, како што ги нарекуваат.
Тунелот Теразија во центарот на Белгра, исто така, беше блокиран неколку пати во текот на денот.
Жандармеријата ја проби блокадата на тунелот во близина на Зелени Венец кратко пред 17:00 часот, а за помалку од еден час блокадата повторно беше поставена.
За да постават барикади, граѓаните користат контејнери и огради.
На некои локации, пак, граѓаните на пешачки премин наизменично преминуваат од едната страна на улицата на другата и така го блокираат сообраќајот.
Видете и ова: Најмалку пет новинарки во Србија, според здруженијата, добиле отказ заради студентските протести„Репресивeн“ одговор на властите
По апсењата по протестот на 28 јуни, полицијата на 30 јуни, уапси и демонстранти кои блокираа патишта. Претседателот Александар Вучиќ ги стави блокадите од 30 јуни во контекст на „терористичка активност“ во Србија.
Одредени невладини организации во земјата објавија дека полицијата употребила прекумерна сила во некои случаи. Белградскиот центар за човекови права на 30 јуни објави дека поднел кривични пријави против неколку припадници на полицијата затоа што „со фантоми на лицата и во полициски униформи брутално се однесувале кон граѓаните“.
Политикологот Бурсаќ смета дека одговорот на владата на сите форми на протест е репресија.
„Не постои намера (на властите) да ја решат кризата преку избори затоа што изборите повеќе не се решение за нив бидејќи повеќе не е сигурно дека тоа е поле на политичка борба каде што можат да победат“, смета Бурсаќ.
Од друга страна, тој верува дека владата очигледно не може „да го скрши протестот и да мисли дека овие луѓе ќе исчезнат и повеќе нема да излегуваат на улица“.
„Ако го запрете протестот на едно место, следната недела блокадите ќе се појават низ целата земја. Режимот не може да обезбеди ред и стабилност на улиците. Тие веќе имаат проблем со голем дел од општеството“, убеден е Бурсаќ.