Украина се соочува со „еден од најтешките моменти“ во својата историја, бидејќи САД (Соединетите Американски Држави) вршеа притисок врз Киев да се согласи со контроверзниот план за ставање крај на војната што ја започна Русија, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во снимено обраќање до нацијата на 21 ноември.
Тој предупреди дека Украина ризикува „да изгуби клучен партнер“, но рече дека земјата нема да ги „издаде“ сопствените интереси.
Зеленски рече дека неговата влада ќе „соработува мирно со Америка и со сите партнери“ и вети дека ќе води „конструктивна потрага по решенија“ со Вашингтон, кој му предаде нацрт-план од 28 точки еден ден претходно.
„Ќе презентирам аргументи, ќе убедувам, ќе понудам алтернативи, но дефинитивно нема да му дадеме причина на непријателот да каже дека Украина не сака мир“, рече Зеленски, сугерирајќи дека Киев ќе бара значајни промени во предлогот на САД, што подразбира големи отстапки од Киев, откако нацрт-документот одеднаш се појави оваа недела.
„Сега Украина може да се соочи со многу тежок избор. Или да го изгуби достоинството или да ризикува да го изгуби клучниот партнер (САД)“, рече Зеленски, облечен во црно и повикувајќи на единство со мрачен тон. Планот дојде во тежок момент додека скандал со корупција ја потресува администрацијата на Зеленски.
„Или тешки 28 точки или исклучително тешка зима - најтешката - и дополнителни ризици. Живот без слобода, без достоинство, без правда“, рече Зеленски.
Нацрт-верзијата на предлогот што ја добија Радио Слободна Европа и други медиуми укажува дека, доколку биде одобрен во сегашната форма, Украина ќе мора да отстапи повеќе од 20 проценти од својата територија, барем де факто, и да направи други големи отстапки вклучително и ограничување на големината на својата војска и уставна забрана за влез во НАТО.
Би се вовеле ограничувања и за НАТО, обврзувајќи ја Алијансата да не се шири или да не распоредува трупи во Украина и би се ставило крај на изолацијата на Русија на Запад, отворајќи го патот за укинување на санкциите со покана за Москва повторно да се приклучи на клубот познат како Г-7, откако беше исклучена од групата во 2014 година поради анексијата на Крим.
Ниту САД ниту Украина не ја потврдија формулацијата на нацрт-предлогот од 28 точки, додека Русија имаше малку коментари за ова прашање.
Првичните извештаи сугерираа дека планот е изработен од САД и Русија без придонес од Украина, што предизвика загриженост дека тој ѝ е наметнат на Украина како свршен чин.
Видете и ова: Американски предлог за мир бара големи отстапки од Украина, додека Зеленски ги поттикнува преговорите во ТурцијаНа 20 ноември, „Фајненшл тајмс“ цитираше неименувани украински претставници дека администрацијата на Трамп им кажала на Зеленски и на другите во неговиот тим дека Белата куќа работи на „агресивен“ временски рок за завршување на војната пред Нова Година и дека американските претставници очекуваат Зеленски да го потпише планот пред Денот на благодарноста на 27 ноември.
„Тоа е добар план“ и за Русија и за Украина, изјави портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит истиот ден, додавајќи: „Веруваме дека треба да биде прифатливо за двете страни. И работиме многу напорно за да го оствариме тоа“.
Во исто време, Ливит рече дека специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф, и државниот секретар Марко Рубио работеле на предлогот околу еден месец и дека разговарале и со Русија и со Украина „за да разберат на што би се обврзале овие земји за да имаат траен и стабилен мир“.
Рубио се чини сугерираше дека нацрт-договорот не е конечен, кога на мрежата Икс напиша дека „развиваме и ќе продолжиме да развиваме список на потенцијални идеи за завршување на оваа војна врз основа на придонесите од двете страни во овој конфликт“.
По состанокот со високи претставници на Пентагон и шефот на американската војска во Киев на 20 ноември, Зеленски рече дека го добил американскиот нацрт-договор и дека има намера да разговара со Трамп, што би можело да се случи следната недела, според извештаи на медиумите.
„Работиме на документ подготвен од американската страна. Ова мора да биде план што обезбедува вистински и достоинствен мир“, напиша Зеленски на „Икс“ на 21 ноември.
Неговата формулација е нејасна за тоа дали делови од планот се прифатливи за Киев и колку Украина би можела да инсистира на промени, големи или мали.
Нацрт-документот објавен од медиумите се чини дека ги преминува црвените линии на Киев, со бројното ограничување на големината на армијата, забраната за членство во НАТО и повикот за признавање на Крим и регионите Донецк и Луганск како „де факто руски“.
Клаузулата што повикува на „целосна амнестија“ за сите страни во војната би била тешка за многу Украинци, со оглед на широко распространетите докази за злосторства извршени од руските сили - што Москва генерално ги негира - и честите напади во кои се убиени и осакатени украински цивили, меѓу другите дејства на руската влада и на војската.
Путин е баран од Меѓународниот кривичен суд под сомневање за воени злосторства поради нелегалното префрлање на украински деца во Русија.
Едно од клучните барања на Украина за согласност за каков било мировен договор беа цврсти безбедносни гаранции.
Објавениот нацрт на планот наведува дека Украина ќе добие сигурни безбедносни гаранции и дека нова руска инвазија на Украина би довело до „решителен координиран воен одговор“, повторно воведување санкции и повлекување на признавањето на „новата територија“. Сепак, деталите се оскудни.
Зеленски посочи дека Европа не смее да стои настрана во мировниот процес. По разговорите со лидерите на Франција, Велика Британија и Германија на 21 ноември, тој изјави дека земјите „тесно се координираат за да се осигурат дека се земаат предвид принципиелните ставови“.
И Русија може да има забелешки во одредени аспекти на планот, како што е ограничувањето на големината на украинската војска на 600.000, што е многу повеќе од она што Москва претходно го бараше и самата формулација, за која аналитичарката Татјана Становаја рече дека „открива потценување и неточно разбирање за тоа како Москва ги формулира своите позиции“.
Сепак, портпаролот на Кремљ на 21 ноември изјави дека Москва би „претпочитала да ги третира билатералните (руско-американски) односи и украинското решение како два различни патишта“, одразувајќи го она што аналитичарите го нарекоа јасна желба на Кремљ да ги подобри своите односи со САД без да прави отстапки за Украина.
Многу аналитичари велат дека Путин нема да се согласи на никаков мировен договор за кој верува дека би ги поткопал руските напори да ја покори Украина со сила, дипломатија или со комбинација од двете.