ЕУ пред предизвици за новите санкции против Русија и финансирањето на Украина

Официјалните претставници на ЕУ се претпазливи во поглед на додавање уште една задача што бара консензус и наговестија дека новиот пакет санкции кон Русија би можел да пристигне околу четвртата годишнина од руската инвазија врз Украина, во февруари 2026 година.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски неодамна наговести дека Европската унија (ЕУ) работи на нов пакет санкции против Русија, по помалку од еден месец од договорениот нов сет мерки насочени кон тоа да го погодат Кремљ поради целосната инвазија врз неговиот сосед.

Првото прашање е колку брзо би можел да се појави таков нов предлог. Дипломати на ЕУ со кои разговараше Радио Слободна Европа (РСЕ) под услов на анонимност велат дека се сомневаат дека новите мерки ќе бидат претставени годинава пред Божиќ.

Брисел моментално има два големи приоритети: обезбедување финансирање за Украина за следните две години (при што т.н. кредит за репарации и понатаму е претпочитаната опција) и обезбедување дека сите сегашни санкции на ЕУ против Москва ќе бидат обновени.

Видете и ова: Кремљ: Украина ќе мора да преговара со Русија „порано или подоцна“

Двете прашања мора да бидат решени најдоцна до јануари. За второто е потребна едногласност, додека за првото е потребна широка политичка поддршка.

Официјалните претставници на ЕУ, со други зборови, се претпазливи околу додавање на уште една задача која бара консензус и наговестуваат дека новиот пакет санкции би можел да пристигне околу четвртата годишнина од целосната руска инвазија врз Украина, во февруари 2026 година.

Сепак, тоа не ги спречи земјите членки на ЕУ да ги состават своите листи на желби.

Еден документ за дискусија, во кој РСЕ имаше увид, а чии автори се балтичкото трио — Естонија, Латвија и Литванија како и Германија, Полска и Шведска, јасно ставува до знаење дека следната цел треба да биде ограничување на увозот на руски стоки во ЕУ.

Наведувајќи дека блокот минатата година увезол стока од земјата во вредност од 35 милијарди евра, шесте држави тврдат дека клубот сè уште има доволен простор да ја намали својата зависност од Москва.

Најголемиот дел од овој увоз се енергенси како гас и нафта, како и различни земјоделски производи. Брисел веќе годинава се обврза дека до 2027 година главно ќе го укине увозот на руска енергија и земјоделски производи.

Руски челик и фосфати

Земјите всушност го разгледуваат вториот најмногу увезуван руски производ: челикот.

Видете и ова: Повеќе оружје за Киев би ги променило „пресметките на Путин“, вели Столтенберг, поранешниот шеф на НАТО

Досега клубот оваа година увезол руски челик во вредност од 1,3 милијарди евра, или 8 проценти од вкупниот увоз на ЕУ од таа земја. Поголемиот дел од тие челични производи се т.н. челични плочи — основен материјал што се преработува во покомплексни челични производи.

Додека Брисел во 2022 година воведе забрани за увоз на дел од рускиот челик, челичните плочи имаат изземување до октомври 2028 година. Ова изземување би можело да биде укинато.

Втора потенцијална цел се т.н. неоргански хемикалии од Русија, кои сочинуваат 3 проценти од вкупниот увоз на ЕУ од Русија. Тоа вклучува безводен амонијак и калциум фосфати, кои се користат во земјоделството, но и во индустријата за пластика и фармацевтската индустрија.

Во документот за дискусија се наведува дека САД моментално се и најголеми увозници и извозници на овие производи и дека потенцијалните санкции нема да ги нарушат нивните европски испораки.

Слична е состојбата и со калиумовите ѓубрива. Иако ЕУ воведе трговски ограничувања на ѓубривата на база на азот, увозот на оние на база на калиум всушност се зголемил во 2024 година во однос на 2023 и 2022 година.

ЕУ сè уште произведува сопствени калиумови ѓубрива, но по повисока цена, главно поради строгите прописи за заштита на животната средина. Меѓутоа, блокот може да увезува и од други земји, како Канада и Израел, што значи дека санкциите за овој руски увоз не би значеле неизбежен недостиг за европските земјоделци.

Целта — руската „сенковита флота“

ЕУ исто така сака да разбере како да ја таргетира руската „сенковита флота“ — често нестабилни бродови со сомнителна сопственост што Москва ги користи за да го заобиколи ценовниот лимит на Г7 за нафта.

Видете и ова: Фон дер Лајен најави исплата на шест милијарди евра за Украина

Лимитот го поставува максималното ниво — моментално 47,60 долари за барел — по кое е дозволено да се тргува со руска сурова нафта.

Брисел досега стави на црна листа 562 брода кои се обидуваат да ја намалат цената.

Ставањето на црна листа значи дека тие не можат да се сервисираат во ниту еден пристаништен кеј на ЕУ, но се верува дека има уште најмалку 400 кои сè уште не се таргетирани. Тие и понатаму смеат да пловат во европските води, што често предизвикува страв од разлевање нафта и други опасности.

Франција неодамна дистрибуираше документ за дискусија меѓу главните градови на ЕУ за тоа што уште може да се направи во оваа област. Суштината на парискиот предлог е ЕУ и земјите со исти ставови да се фокусираат на она што се нарекува „пристап воден од количини“.

Тоа суштински значи регулирање на количината на нафта што бродовите смеат да ја превезуваат. Иако не се објаснува како тоа би функционирало во пракса, документот, во кој РСЕ имаше увид, забележува дека следниот потег на Брисел треба да биде удар врз „сите оние кои овозможуваат работа на ‘сенковитата флота’, особено врз нивните финансиски, комерцијални и логистички мрежи во трети земји“.

Иако ова очигледно би можело да значи санкции, документот исто така предлага „воведување стимулации за поттикнување на сопствениците на овие пловила да се реинтегрираат во легитимните трговски канали“ и „спречување на понатамошно зголемување на тонажата преку построги контроли и барања за должна проверка при продажба на бродови“.

Потоа, тука е и прашањето за запирање на бродови што ѝ припаѓаат на „сенковитата флота“ во европските води.

Париз дојде и на насловните страници претходно во септември кога француските сили се качија на бродот Pushpa/Boracay по сомнеж дека бил вклучен во инциденти со дронови во Данска претходно истиот месец, што доведе до неколкучасовно затворање на аеродромот во Копенхаген.

Франција го повикува блокот поодлучно да дејствува против бродови кои всушност може да се без државјанство, тврдејќи дека „кога овие сомнителни бродови лажно се означени со знаме или кога во реалноста веќе се избришани од регистарот на државата чијшто знак го носат, тие се пловила без државјанство“ и како такви им овозможуваат на европските држави да извршат инспекција без да ја прекршат Конвенцијата на ООН за правото на морето.