Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека начинот да се промени мислењето на рускиот претседател Владимир Путин и да се донесе на преговарачка маса за да се стави крај на војната во Украина е да се зголеми воената помош за Киев.
Во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) на 7 ноември, Столтенберг, кој ја водеше Алијансата една деценија пред да замине во октомври 2024 година, рече дека и покрај „невидената“ поддршка, некои членки на НАТО не прават сè што треба за да го поддржат Киев.
Иако рече дека нема да „именува и засрамува“, тој призна дека прашањето „се дискутира интерно меѓу сојузниците на НАТО“.
Тој го даде интервјуто во услови на застој во дипломатските напори предводени од САД за да се натера Русија да се согласи на прекин на огнот во Украина, каде што започна целосна инвазија во февруари 2022 година.
Столтенберг, кој беше шеф на НАТО кога почна инвазијата, а сега е министер за финансии на Норвешка, рече дека Путин сè уште верува дека може да победи повеќе на бојното поле отколку на преговарачката маса, што значи дека мора да биде принуден да го стори тоа.
„Не мислам дека можеме да го предомислиме Путин. Неговата цел е да ја контролира Украина. Но, мислам дека можеме да ги промениме пресметките на Путин“, рече тој.
„И можеме да го направиме тоа со засилување, со обезбедување поголема воена поддршка на Украина, за Путин да разбере дека нема да победи на бојното поле“, кажа Столтенберг.
Според податоците што ги собра германскиот Килски институт, членките на НАТО обезбедија околу 291 милијарда евра (336 милијарди долари) помош за Украина помеѓу јануари 2022 и август 2025 година.
Ова вклучуваше воени ресурси како што се системи за ракетна одбрана „Патриот“, тенкови, артилерија и борбени авиони, како и британски и француски крстосувачки ракети „Сторм шедоу“/СКАЛП.
Но, немаше голем нов пакет за воена помош од Соединетите Американски Држави (САД)откако Доналд Трамп го почна својот втор мандат како претседател на САД во јануари, а европските земји не успеаја да го надоместат заостанувањето.
„Секогаш можеме да се согласиме дека може да се направи повеќе“, рече Столтенберг.
„Проблемот е што не сите сојузници прават толку колку што треба... Нема да ги именувам и засрамувам, делумно затоа што не мислам дека тоа е правилниот пристап. Знам дека тоа е нешто што се дискутира внатрешно меѓу сојузниците на НАТО“, додаде тој.
Столтенберг, исто така, рече дека откако ја презеде функцијата министер во февруари оваа година, Норвешка објави дека тројно ќе ја зголеми помошта за Украина на седум милијарди евра (8,1 милијарди долари) годишно.
„Речиси ниедна друга земја, ако воопшто ја има, не ѝ дава поголема поддршка на Украина во однос на БДП по глава на жител“, рече тој.
Заканата од Кина
Иако Украина е клучен тест за решителноста на НАТО, Столтенберг ги истакна пошироките предизвици со кои се соочува Алијансата - особено „Кина, големината на Кина, нејзината економија, нејзиниот технолошки напредок“.
Истакнувајќи ја улогата на Кина како „главен поддржувач“ на Русија во војната против Украина, преку нејзината економска поддршка за Москва, тој рече дека овој поширок контекст е моќен двигател што ја одржува обединета НАТО - Алијансата.
„Се поставуваат прашања од двете страни на Атлантикот за тоа дали ќе продолжиме да стоиме заедно. Но, верувам дека ќе го сториме тоа“, рече тој, посочувајќи на комбинираната економска сила на Европа и САД и нивната заедничка глобална мрежа на сојузници.
Улогата на Вашингтон во европската воена одбрана е фундаментална. Сепак, Столтенберг рече дека заемната одбрана не е еднонасочна улица.
Преку границата на Норвешка, рече тој, „го имаме полуостровот Кола (во Русија) и таму имаме најголема концентрација на нуклеарно оружје во светот: на подморници, стратешки бомбардери, ракети... насочени кон Соединетите Американски Држави“.
„Но, секако, со норвешките капацитети, со капацитетите на другите европски земји, ние сме во можност да следиме подморници, да следиме активности на руска страна. И тоа ги прави Соединетите Американски Држави побезбедни“, рече тој.
Уште едно намалување на бројот на американски војници во Европа?
Сепак, тензиите во рамки на Алијансата се добро документирани.
Откако Трамп повторно ја презеде функцијата, тој го зголеми притисокот врз другите членки на НАТО да ги зголемат своите воени буџети. Ова резултираше со договор на самитот на Алијансата во јуни во Хаг за зголемување на воените трошоци во секоја земја на пет проценти од бруто домашниот производ.
„Плаќаме многу повеќе од нашиот фер дел. Всушност, тоа е доста неправедно“, рече Трамп тогаш.
Но, тие нови цели сè уште треба да се исполнат.
Се очекува ревизијата на Пентагон да доведе и до намалување на американските сили во Европа, бидејќи Вашингтон продолжува со своето насочување кон Азија. Минатиот месец беше објавено дека САД одлучиле значително да го намалат бројот на своите војници во Романија.
Столтенберг не кажа дали очекува натамошни намалувања.
„Но, сепак верувам дека мора да бидеме подготвени“, рече тој, додавајќи дека сè додека тоа се случува „на координиран начин“, Европа може да се справи со намаленото американско присуство.
„И видовме како европските сојузници навистина почнаа да инвестираат повеќе во одбраната во последните години“, рече тој.
„Важно е САД да останат посветени на безбедносните гаранции“, рече поранешниот шеф на Алијансата, осврнувајќи се на Член 5 на НАТО, во кој се наведува дека нападот врз една членка е напад врз сите членки.
„Силен НАТО е добар за Европа. ЗА мене тоа е очигледно“, додаде Столтенберг. „Но, силен НАТО е добар и за САД.“