Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со папата Лав XIV на денот на неговата инаугуративна миса на плоштадот Свети Петар во Ватикан на 18 мај.
Украинскиот лидер побара од поглаварот на Римокатоличката црква да помогне во напорите да се запрат борбите во речиси 39-месечната војна на Русија против Украина.
Папата Лав Четиринаесетти се сретна со Зеленски на 18 мај, откако беше официјално поставен, и тоа беше една од неколкуте приватни состаноци што ги одржа по церемонијата.
„Измачената Украина чека конечно да се случат преговорите за праведен и траен мир“, рече папата во молитвата по мисата.
Канцеларијата на Зеленски подоцна објави фотографии од украинскиот лидер и папата, заедно со сопругата на Зеленски, Олена и неговите министри за надворешни работи и за одбрана.
„Му благодариме на Ватикан за неговата подготвеност да стане платформа за директни преговори меѓу Украина и Русија. Подготвени сме за дијалог во кој било формат заради вистински резултати“, рече Зеленски.
Претходно, украинскиот лидер се сретна и со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на маргините на церемонијата во Ватикан. Тоа беше нивна прва средба по исклучително жестоката расправија во Овалната соба во Белата куќа во февруари.
Сепак, ниту еден официјален претставник не објави детали за средбата.
Средбата на Зеленски со папата доаѓа неколку дена откако руските и украинските преговарачи ги одржаа своите први разговори лице в лице по повеќе од три години, во обид да ги запрат борбите.
Сепак, немаше голем напредок во овој поглед, но страните се договорија да извршат голема размена на воени заробеници.
Русија ги отфрли повиците од Украина, европските земји и Соединетите држави за 30-дневен прекин на огнот во војната, која сега е четврта година.
Москва започна голем напад со беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта, а најновите напади погодија област во близина на Киев и регионот Суми, иако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ќе разговара со руските и украинските лидери во одделни повици со надеж дека ќе се постигне прекин на огнот.
Украинската војска соопшти дека Русија истрелала 273 беспилотни летала врз украински цели во текот на ноќта на 18 мај, што е еден од најголемите напади од почетокот на инвазијата во 2022 година. Војската тврди дека пресретнала или соборила најмалку 88 беспилотни летала и дека околу 130 не успеале да ги погодат своите цели.
Една 28-годишна жена е убиена, а едно четиригодишно дете е меѓу повредените во напад со беспилотно летало во област надвор од главниот град Киев, изјави регионалниот гувернер.
Еден ден претходно, напад со руско беспилотно летало погоди минибус со цивили во регионот Суми, во близина на руската граница, при што загинаа девет лица, а неколку беа ранети, соопштија украинските власти.