Достапни линкови

Ако нема реформи до 2027, парите од Планот за раст ќе се вратат во ЕУ


Самит ЕУ - Западен Балкан, Скопје, 1 јули 2025
Самит ЕУ - Западен Балкан, Скопје, 1 јули 2025

Исполнетоста на реформи во регионот е 75%, но еврокомесарката за проширување Марта Кос побара лидерите да се посветат на остатокот. Добра вест за Кос е што и Босна и Херцеговина ја усвоила реформската агенда. Членството во ЕУ е најдобар начин да се заштити идентитетот, порача Кос, но македонскиот премиер Мицкоски е повнимателен затоа што, вели, нема гаранции оти уставните измени се последните отстапки што се бараат од Северна Македонија.

Секое едно евро од шесте милијарди да се потроши на земјите од Западен Балкан, посака еврокомесарката за проширување Марта Кос која во Скопје на 30 јуни и 1 јули учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан посветен на Планот за раст.

На балканските лидери, таа им испрати јасна порака – ако не испорачаат реформи, нема да добијат ни пари.

„Парите што ги користиме во овој инструмент за сите земји од Западен Балкан ќе бидат достапни до крајот на 2027 и ако не ги искористиме, ако земјите не успеат да ги апсорбираат, јас ќе морам да ги вратам парите во буџетот на ЕУ. Мислам дека има подобри решенија од тоа, ако вие ги испорачате реформите, ние поскоро би ги дале вас отколку да ги вратиме во буџетот на ЕУ“, рече Кос на заедничка прес-конференција со домаќинот на лидерската средба, премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски.

Од регионот, на настанот во Скопје присуствуваа и премиерите на Косово и Албанија - Албин Курти и Еди Рама. Од Босна и Херцеговина допатува претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, додека делегацијата на Србија ја предводи министерот за евроинтеграции Немања Старовиќ.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ во Скопје присуствуваше само на вечерата на 30 јуни, по што замина, а делегацијата ја преводи вицепремиерот за надворешни и европски работи Филип Ивановиќ.


„Фемили фото“ од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Скопје, 1 јули 2025 г.
„Фемили фото“ од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Скопје, 1 јули 2025 г.

Една четвртина од реформите не се имплементирани

Ако на досегашните вакви самити се зборуваше за планови за реформи, средбата во Скопје е прва на кој се покажуваат и конкретни резултати. За следниот Самит за домаќин се понудил албанскиот премиер Еди Рама, но се уште нема конкретен датум.

Како што констатираше еврокомесарката од Скопје, досегашниот просек за сите земји од регионот е дека 75% од реформите се или спроведени или во тек е имплементирање. Една четвртина од реформите, пак, не се имплементирани и Кос ги повика лидерите да ги забрзаат процесите.

Северна Македонија, која прва ја презентираше реформската агенда за Планот за раст, како што рече премиерот Мицкоски, предничи за неколку проценти над регионалниот просек од 75%.

Конкретните резултати - СЕПА, Коридорот 8, роаминг со ЕУ

Планот за раст и реформите на регионот треба да му овозможат забрзана интеграција во ЕУ, а граѓаните на Западен Балкан да ги почувствуваат придобивките уште пред полноправното членство, како што е на пример, интеграција на нивните земји во заедничкиот европски пазар. Еден од конкретните резултати е приклучувањето на Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија, во Единствената област за плаќања во евра -СЕПА.

„Младите претприемачи во Скопје или во Тирана може да добиваат исплати од цела ЕУ исто како деловните субјекти во Мадрид или Виена. Ова важи за земјите од Западен Балкан, четири држави се во прашање“, рече Кос.

Таа ја истакна и посветеноста на проектот за зелени линии на границите, користењето на сателитот Галилео за следење на камионите за транспорт и набљудување и надминување на тесните грла на границите.

Кос го поздрави и тоа што Северна Македонија и Бугарија се договориле за изградба на Коридорот 8 што рече, не е важен само за регионот туку и за ЕУ затоа што ќе учествува во новата стратегија за Црното Море што неодамна беше усвоена од Европската комисија односно за поврзување на Унијата со централноазиските земји.

„Исто зборувавме за роамингот, ако навистина работиме трудољубиво, ќе има многу реформи што ќе ги променат законите и ќе може да имаме бесплатен роаминг од 1 јануари 2026 година“, посочи Кос.

„Добра вест“ од БиХ за Планот за раст - колку пари ќе добие регионот?

Планот за раст, за кој еврокомесарката зборуваше со лидерите од регионот, Европскиот парламент и Советот на Европската унија го усогласија во мај 2024 година, а беше одобрен во октомври истата година. Тој е во вкупна вредност од шест милјарди евра и опфаќа инвестиции и реформи на државите од Западен Балкан, како дел од реформската агенда 2024-2027 година.

Босна и Херцеговина, од сите земји на Западен Балкан беше единствената која немаше усвоено реформска агенда. Но, тоа како што рече Кос се променило бидејќи Советот на министри во петокот ја усвоил агендата и е исполнет првиот услов. Тоа, оцени еврокомесарката, е „добра вест“.

Од пакетот од шест милијарди евра за целиот регион, земјите ќе добијат еден дел во форма на неповратни грантови – 2 милијарди евра, а другиот дел во форма на поволни заеми – 4 милијарди евра.

Парите се исплаќаат во фази – два пати годишно, но под услов државите да ги исполнат обврските за реформи, владеење на правото и добро управување.

За Северна Македонија се предвидени вкупно 750 милиони евра, од кои досега државата доби 52,4 милиони евра. Од останатите држави од регионот, пари веќе добија и Србија – 110,7 милиони евра, Албанија, 64,5 и Црна Гора – 26,9.

Следните транши, според најавите од Самитот во Скопје, се очекува да биде подоцна во јули, како и наесен откако ќе бидат оценети извештаите за сработеното што државите треба да ги достават до европските претставници.

Кос побара уставни измени, Мицкоски не сака нови отстапки

Еврокомесарката за проширување Марта Кос на Самитот ЕУ - Западен Балкан во Скопје, 1 јули 2025 г.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос на Самитот ЕУ - Западен Балкан во Скопје, 1 јули 2025 г.

Но, покрај исполнување на реформите предвидени со Планот за раст, пред земјите од регионот се и други предизвици. За Северна Македонија тоа се уставните измени за вметнување на бугарската заедница во Преамбулата, а заедничката прес-конференција со Кос, премиерот Христијан Мицкоски ја искористи за да порача дека нема да прифати нови условувања.

„Сакам да бидам јасен дека нашите чекори по европскиот пат се со отворено срце и разум. Со прифаќање на европските вредности. Меѓутоа се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес“, рече Мицкоски.

Од друга страна, пак, Кос порача дека за Европската комисија ситуацијата е јасна и ги повтори пораките што и претходно беа испраќани во однос на македонските евроинтеграции – „ако Северна Македонија ги исполни заложбите и го промени Уставот тогаш веднаш ќе се започне со Меѓувладина конференција без какви било дополнителни политички условувања“.

„Идентитетот не може да биде предмет на политичко одлучување, тоа е нешто што го носиме во нашите срца и души, тоа е како ја чувствуваме нашата татковина, како се грижиме за нашата традиција. На пример, за манастирите, погачата, тавче-гравчето, полнетите пиперки, како ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик. И никој ова не може да ви го одземе“, рече Кос.

Додека таа зборуваше за македонските специјалитети, Мицкоски возврати дека за него идентитетот е нешто повеќе од само македонската кујна туку тоа се Илинденското востание, и Гоце Делчев, Даме Груев итн.

„Морам да признаам дека овие три децении изгубивме многу – менувајќи знаме, име, неколку пати и Устав. И во услови кога нема гаранции дека ова е последна идентитетска отстапка, јас би бил многу повнимателен се водам од максимата не ги слушај што зборуваат, гледај ги што прават. А, тоа што го направија и сè уште прават дел од пратениците во Европскиот парламент од нашиот источен сосед нема никаква врска со европските вредности“, рече Мицкоски.

Кос најави дека ќе дојде наскоро во билатерална посета. За тогаш, рече, се договориле со Мицкоски да ги посетат и повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што го нарече „национална трагедија“ од која земјава сè уште се закрепнува и изрази сочувство кон семејствата на настраданите.

Во оваа трагедија што се случи на 16 март, загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG