На изведувачите во државно контролираниот културниот сектор во западен Туркменистан им е даден рок да ослабат и да „изгледаат претставително“ за време за Денот на независноста на нацијата, изјавија неколкумина вработени за РСЕ.
Актери, пејачи, танчери и други тврдат дека властите во покраината Балкан им рекле на оние кои имаат прекумерна тежина да ослабат пред јавните прослави на 27 септември или ќе се соочат со последици.
Службениците наводно се заканиле дека оние кои нема да ослабат ќе ги изгубат своите работни места и повеќе нема да им биде дозволено да се појавуваат на сцена или на телевизија.
Се вели дека наредбата доаѓа од Гурбангули Бердимухамедов, авторитарниот поранешен претседател и шеф на моќниот Народен совет на Туркменистан, кој ги надгледува сите гранки на власта и ги одредува неговите политики.
„Врз основа на упатствата [на Бердимухамедов], на културните работници со прекумерна тежина им е наредено да ослабат, а особено да го изгубат салото на стомакот до 27 септември“, изјави еден актер за РСЕ. „Тие беа усно и цврсто предупредени дека ако не ослабат, ќе бидат исклучени од културниот систем.“
Друг изведувач рече дека властите не сакаат да бидат ни „премногу слаби“.
Тие зборуваа под услов на анонимност, плашејќи се од одмазда од страна на туркменската влада која е познато дека не толерира никаква критика за нејзините политики.
Туркменистан во минатото им нареди на полицајците да ослабат или да ги изгубат своите работни места.
Здравата храна е недостапна
Изведувачите во културниот сектор брзо почнаа да држат диети за да го исполнат рокот, според актер во Државниот драмски театар „Сапармурат Туркменбаши“ во регионалниот главен град, Балканабат.
Но, тој рече дека многу луѓе се жалат дека не можат да си дозволат здрава храна или членство во теретана со нивните оскудни плати.
„Нашите плати не се доволни за да купиме зеленчук, овошје, леб од цело зрно или посно месо со пристоен квалитет за здрава исхрана“, рече актерот, додавајќи дека од изведувачите се очекува да платат и за сите костими што ги носат на настаните.
Ниските плати ги принудија луѓето да купуваат поевтини опции за храна како што е белиот леб, изјави друг вработен за РСЕ.
„На пример, брокулата чини богатство. Килограм јаболка чини 50 манати, килограм портокал е 60 манати, а месечното членство во теретана е 1.000 манати. Со нашата месечна плата од 3.000 манати, не можете да си дозволите многу од овие работи“, рече тој.
Според девизниот курс утврден од Националната банка на Туркменистан, националната валута е 3,49 манати во однос на американскиот долар. Но, всушност, валутата има многу пониска вредност од официјалниот курс.
Ограничувања во секојдневниот живот
Соседите на Туркменистан, Таџикистан и Узбекистан, во минатото им дадоа на своите полицајци со прекумерна тежина рок од шест месеци да се подготват за работата. Најмалку 10 таџикистански полицајци кои не го исполнија рокот беа отпуштени од полицијата.
Гурбангули Бердимухамедов, таткото на сегашниот претседател Сердар Бердимухамедов, е познат по својата опсесија со она што тој го нарекува здрав начин на живот.
Секој април, строго контролираната нација го одбележува Месецот на здравјето и среќата, кога државните службеници и студентите учествуваат во масовни џогирања, возења велосипеди и физички вежби.
Многу луѓе во богатата со гас централноазиска нација се незадоволни од угнетувачката политика на нивната влада, широко распространетата корупција и сиромаштијата што принудија милиони Туркменистанци да ја напуштат својата земја.
„Сега Бердимухамедов сака да ја контролира дури и големината на нашите стомаци“, рече работникот во драмскиот театар во Балканабат. „Тоа беше едно од последните нешта за кои владата немаше збор.“