Дваесет и девет болни од канцер примиле несоодветни дози терапија и биле несоодветно лекувани на Клиниката за радиотерапија и онологија, утврдено е со медицинските вештачења во истрагата за случајот „Онкологија“.
Се набавувале лекови на реверс без да постои правна основа за тоа, се правеле постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни, бидејќи добавувачите ги фактурирале претходно добавените лекови, нанесувајќи му на тој начин штета на Буџетот.
Основното јавно обвинителство денеска (22 мај) поднесе две обвиненија за случајот „Онкологија“. Првото се однесува на финансиски злоупотреби, а второто за третманот на пациентите.
„Предметот е поделен на два дела, првото обвинение се однесува на економското работење на клиниката – опфаќа две лица. Првиот медицински директор, вториот економски директор. Тие се гонат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата. Делата ги сториле од 2018 до 2022 година. Тие со дејствијата прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот. Исто така, двата се обвинети за измама, па во вршење на службена должност, го довеле до заблуда Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата. Набавувале лекови на реверс, без да постои правен основ на тоа. Потоа правеле постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни, бидејќи добавувачите ги фактурирале претходно добавените лекови. Со вакви противзаконити дејствија, креирале противправни обврски на Фондот“, образложи Ана Гоговска-Јакимовска, обвинителка во случајот „Онкологија“.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев е обвинет дека прибавил имотна корист од 13 милиони денари со присвојување на дел од лековите.
„Откако со свој потпис ќе го потпишел и одобрел лековите, фиктивно ги раздолжувал, не ги аплицирал на пациентите во чие име биле требувани. И така постои разлика помеѓу требована разлика и раздолжена количина на пациенти од 2 милиони денари. Ова е констатирано кај девет пациенти. Медицинскиот директор користејќи ја неусогласеноста на издадените лекови од аптека и примени лекови во организационите едници на клиниката, каде бил одговорен организацискиот директор – присвоил дел од лековите кои Клиниката требало да ги има на залиха. Станува збор за девет лекови – авастин, херцептин ербитукс, фубрестан… Прибавил противправна имотна корист од најмалку 13 милиони денари“, рече Гоговска-Јакимовска.
Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите. Опфаќа четворица лекари онколози. Прв обвинет е поранешниот директор на Клиниката, се товари дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на болни. Другите се товарат за несовесно лекување на болни.
„Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил неподобен начин на лекување, со што, тешко го нарушил здравјето на пациентите. Во дел од случаите му било ова овозможено од вториот обвинет кој му дал факсимил и податоци за влез во системот. Другите двајца лекари се обвинети за несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории, се утврдува дека одредувале лекови од новите генерации, во фаза кога било очигледно дека пациентот нема да има корист поради лошиот статус, без да се наведе висината и тежината на пациентот, со отстапување од дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба“, образложи обвинителката Гоговска-Јакимовска.
Инаку истрагата за случајот „Онкологија“ започна по медиумските написи за злоупотреби во лекувањето на пациентите болни од рак, а меѓудругото беше објавено и дека скапа биолошка терапија завршувала на црн пазар во Косово.
Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, како и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања случајот веднаш да биде расчистен.
Поранешните директори на Клиниката за онкологија, но и ексминистри и други функционери во здравството, за случувањата во оваа здравствена установа зборуваа јавно пред пратениците на седници на Анкетната комисија- ад хок тело кое беше формирано за овој случај.
Со него претседаваше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи. Комисијата заврши неславно на крајот на ноември лани, со изнесување заклучоци од страна на Мизрахи и од пратеници од владејачкото мнозинство, без да се изгласаат некои од нив.
Заклучоците се однесуваа на имиња од кои треба да се бара одговорност, но пратениците од СДСМ не се согласија со тие заклучоци кои, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, а бараа и оставка од Мизрахи.