Достапни линкови

Нови ветувања - онколошка терапија и во други болници


Илустрација - онколошки преглед
Илустрација - онколошки преглед

Една до две недели е рокот што го дава министерот за здравство Азир Алиу да се стави во функција онколошката амбуланта во „8 Септември“. Штип е најдалеку од нудење онколошки услуги во споредба со Битола и Тетово – градовите каде треба да се дисперзираат услугите. На пациентите тоа ќе им го намали стресот, ќе им заштеди време и пари, но се надеваат дека конечно ќе стане и реалност.

Нови ветувања, стари надежи – терапиите за онколошките пациенти во јавното здравство конечно да се дисперзираат и Клиниката за онкологија и радиотерапија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје да не биде единственото место каде болните од рак ќе може да се лекуваат.

Предвидени оддели за онкологија во државните болници во Северна Македонија има во Битола, Штип и Тетово, како и во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Најави имаше многу, но никако да профункционираат.

Последниот рок што сега го даваат здравствените власти за конечно да профункционира еден од овие оддели е за околу две недели. Први би се биле пуштиле амбулантите во „8 Септември“ во Скопје.

„Да бидам искрен за ’8 Септември‘ очекував дека побрзо ќе оди работата. Административно, од наша страна имавме инспектори коишто отидоа и направија извештај, имаше побарување од инфраструктурна гледна точка. Се надевам дека после вториот извештај ќе може да се отвори амбулантата во ’8 Септември‘. Очекувам да биде тоа недела - две. Не очекувам подолго од толку“, вели министерот Алиу во неделното интервју на Радио Слободна Европа што ќе се емитува на 9 ноември.

Неделава тој беше во посета на Битола, каде што, вели, одделот за онкологија е инфраструктурно најспремен за да може да ги нуди сите онколошки услуги. Таму се нудат само дел од услугите.

Во битолската болница, како што беше објавено летото, прегледи почнаа да вршат доктори онколози од Скопје.

Што ќе значи ова за пациентите?

За ваквите најави и ветувања, пациентите велат дека „многу пати е кажано досега дека ќе се прави децентрализација на онколошките услуги“, свесни се оти тоа не може преку ноќ бидејќи е потребно да се обезбедат добри услови, но се надеваат дека тоа конечно ќе се случи.

Од здружението ХЕМА-ОНКО, во кое членуваат онколошки пациенти, посочуваат дека диспрезијата на услугите ќе им реши многу проблеми.

„Проблеми во однос на скратување на трошоците коишто се одлеваат џебот на пациентите за патување. Потоа изгубените денови кога нема терапија, а пациентот дошол во Скопје за да ја прими итн … Стресот, исто така, би се намалил, подготвувањето односно губењето на денови, за некого можеби и денови од работа. Во секој случај би било многу поедноставно“, вели за РСЕ Милица Кузмановска од здружението ХЕМА-ОНКО, во кое членуваат онколошки пациенти.

Иако мислењата на пациентите се поделени, сепак нагласува таа, ставањето во функција на „8 Септември“, што ќе значи уште еден онколошки центар во Скопје, ќе донесе бенефит бидејќи во моментов, според здружението, 99 отсто од пациентите се лекуваат во Клиничкиот центар.

Клиника за онкологија – драматичен крик за помош од државата
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:21 0:00

Штип е најдалеку од онколошки терапии

Покрај за „8 Септември“ и за Битола, министерот Алиу за РСЕ зборува и за останатите болници кои е предвидено да нудат онколошки услуги – во Тетово и Штип.

Се работи и во двете, посочува тој, но штипската болница е „најкомплициран случај“.

„Штип ни е подалеку за онколошките терапии бидејќи сè уште не сме спремни. Додека Тетово, исто така, некои од процедурите се нудат таму. Веќе колегите заедно со универзитетската клиника разговараат за да може таа палета на здравствени услуги од онкологија да се прошири таму“, вели Алиу.

Дисперзирањето на онколошките услуги во Северна Македонија е важно бидејќи Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија во Скопје опслужува најголем дел од пациентите со карцином кои се бројат во илјадници на годишно ниво.

Во државата годишно се регистрираат над 7.200 нови случаи на сите видови рак, а според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) смртноста е околу 3.780 годишно. Ракот на бели дробови е најзастапена дијагноза кај македонските граѓани со околу 12 проценти од вкупниот број на регистрирани случаи на карциноми. Со оваа дијагноза годишно, во просек, се регистрираат по 870 нови случаи.

Земјава има речиси двојно поголем број на новорегистрирани во споредба со светскиот просек кој изнесува 390 наспроти 236 случаи на 100.000 жители. Во 2021, на пример, во Северна Македонија имало дури 457 случаи на 100.000 жители.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG