Достапни линкови

Неизвесна иднина за Авганистанка која ги изгуби машките од семејството во земјотресот


Авганистанки покрај оштетена куќа по земјотресот во селото Мазар Дара во округот Нургал, источен Авганистан, 1 септември 2025 година.
Авганистанки покрај оштетена куќа по земјотресот во селото Мазар Дара во округот Нургал, источен Авганистан, 1 септември 2025 година.

Сола се разбудила во болница полна со преживеани од катастрофалниот земјотрес во источен Авганистан.

Откако се освестила, младата жена била информирана дека осум членови на нејзиното семејство загинале во полноќниот земјотрес во кој на 31 август загинаа над 2200 луѓе, претежно во оддалечената планинска источна покраина Кунар.

„Не знам кој ме донесе тука“, рече Сола, која го кажа само своето име, од болничкиот кревет во главниот град на покраината, Асадабад.

„Немам никој со мене“, изјави оваа жена за Радио Азади, програма на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Тоа ги вклучува и нејзините машки роднини, сите кои загинале во масивниот земјотрес со јачина од 6,0 степени што го срамнил нивниот семеен дом, заедно со многу други во нивното село.

Под Талибанците, жените не можат да ги напуштат своите домови или да користат јавен превоз без машки придружник. Откако ја презедоа власта во август 2021 година, оваа тврдокорна исламистичка група сериозно ја ограничи слободата на движење на жените и девојките, како можат да се појавуваат во јавноста и нивното право да работат и учат.

Жените, исто така, се соочуваат со големи културни и правни бариери за пристап до медицинска нега.

„Тука нема лекарки. Имам повреди на делови од моето тело што не можам да им ги покажам на лекарите“, раскажува Сола.

Авганистан се соочува со акутен недостиг на лекари, лекови и опрема. Во некои рурални области нема медицински професионалци.

„Имав семејство, имав дом, но сега не знам каде ќе одам или што ќе правам“, вели Сола.

Жените „го носат товарот на оваа катастрофа“

Експертите предупредуваат дека жените и девојките ќе бидат меѓу најпогодените од катастрофата.

„Жените и девојките повторно ќе го носат товарот на оваа катастрофа, па затоа мора да се осигураме дека нивните потреби се во центарот на одговорот и закрепнувањето“, изјави специјалната претставничка на ОН за жени во Авганистан, Сузан Фергусон, на 2 септември.

Како би изгледал мојот ден ако живеев во Кабул?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:49 0:00

Фавзија Насим, авганистанска докторка која отпатувала во Кунар за да ги лекува преживеаните, рече дека ситуацијата за жените и девојките е исклучително тешка.

„Жените и децата во моментов имаат итна потреба од засолниште и заштита од понатамошни природни катастрофи бидејќи нивните (машки) старатели починале“, рече таа.

„Нивните потреби се бројни - храна, вода за пиење и засолниште. Најголемата потреба е за шатори и засолниште, бидејќи многу куќи се уништени, а оние што се оставени се непогодни за живеење“, вели Насим.

Откако се вратија на власт во 2021 година, Талибанците воведоа голем број дополнителни забрани за жените, вклучително и мерка од декември 2024 година со која им се забранува на жените да се школуваат по медицина или да полагаат завршни испити за медицинска обука.

Како што претходно објави РСЕ, со оглед на тоа што речиси и да нема жени лекарки во регионот, а не пак во земјата, многу жени нема да добијат медицинска нега доволно брзо.

Инаку ова беше третиот голем смртоносен земјотрес во Авганистан откако Талибанците се вратија на власт.

Во јуни 2022 година, силен земјотрес ги погоди провинциите Пактија, Пактика и Хост. Според проценката спроведена во тоа време од страна на Меѓународниот комитет за спасување во Хост, жените и девојчињата беа најпогодени од земјотресот.

Една година подоцна, во покраината Херат, околу 1500 луѓе загинаа во земјотрес, при што жените и девојчињата го сочинуваат мнозинството жртви, соопшти УНИЦЕФ.

XS
SM
MD
LG