Од Битола, истрагата за бизнисменот и белоруски почесен конзул во земјава, Борче Марковски се прошири и стигна до Белград.
Две недели откако Марковски заврши во притвор поради сомнежи за злоупотреби во енергетскиот комбинат РЕК Битола, Обвинителството тргна во акција на замрзнување на имот - пари, земјишта, станови и возила и дома и во соседна Србија.
Обвинителството замрзна речиси половина милион евра од личните банкарски сметки на Марковски и неговата истоимена фирма, а побара и забрана за располагање на имотот стекнат во последните две години. Станува збор за три стана во Скопје, парцела на градежно неизградено земјиште и гаража, како и три товарни и едно патничко возило.
„Постои сомнение дека претставуваат принос од казниво дело, односно имот кој во иднина може да е предмет на конфискација поради сторените кривични дела кои се опфатени со истрагата“, соопшти Обвинителството.
Но, истрагата не застана на македонското тло. Битолското Обвинителство упати итно барање до надлежните органи на Србија за замрзнување на 10 нови товарни и приклучни возила.
Овие возила се набавени во 2025 година од компанија со седиште во Белград, кое има јасна сопственичка поврзаност со Марковски. Се работи за компанијата „Хаза изградба“ со седиште во Белград, која Радио Слободна Европа ја откри во декември 2024 година како дел од бизнис портфолиото на Марковски надвор од Северна Македонија.
Битолското Обвинителството верува дека овие возила претставуваат имотна корист од кривичните дела за кои е отворена истрага. Од нивните колеги во Белград е побарано не само да ги замрзнат возилата, туку и да се забрани „на правното лице, на неговиот управител или на секое друго лице во нивно име, да ги отуѓува, оптоварува или располага со возилата“, што преставува мерка која органите ја користат поради сомнеж дека имотот е стекнат како резултат на криминална активност.
„Дополнително, од српските власти е побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениот го поседува во една српска банка со цел да се провери неговата содржина“, изјавија од Обвинителството, дополнувајќи дека поднесените барања се прифатени и српското Обвинителство издало наредби за замрзнување на имотот.
Марковски има сопственички удел во уште една компанија во Србија
РСЕ дознава дека освен „Хаза изградба“, Борче Марковски има сопственички удел и во друга компанија во соседна Србија. Според извори од истрагата, и двете компании се поврзани веројатно и меѓусебно.
Сепак, возилата кои се запленети во моментов се водат на „Хаза изградба“, а доколку Обвинителството утврди имот и на другата компанија, може да побара негово замрзнување, во случај ако постојат индиции за кривично дело.
Истражувањето на РСЕ во декември 2024 година откри две компании во Србија кои се поврзуваа со Борче Марковски.
Првата фирма е со исто име како и битолската „Марковски компани“ регистрирана е на 2 март 2009 година. Но, била активна само 10 месеци бидејќи на 24 декември е избришана. Тогашен управител бил извесен Бранислав Стоилковиќ, кој сега според податоците на Централниот регистар има градежна работилница близу Белград.
Втората компанија „Хаза изградба“ која сега е предмет на интерес на битолското Обвинителство е основана ист ден со претходната. Нејзина управителка е Гордана Појужина. Во ограничувања на управителката, која инаку е книговодител, стои дека за зделки кои се над 150 илјади евра, потребен е и потпис од основачот Борче Марковски.
Истражувањето покажа дека „Хаза изградба“ е редовен добитник на тендери во Јавното претпријатие “Србија шуми“. Фирмата се наоѓа на булеварот Михајло Пупин 10Д во Нов Белград, на адреса на трговски центар.
Од 2021 година па се до септември 2024 година, оваа компанија добила 14 тендери во Србија. Се работи за изградба или реконструкција на шумски патишта, а вкупната вредност е околу 3 милиони евра.
Најголем добитник на тендери
Во Северна Македонија, неговата компанија „Марковски компани“ важи за фирма со најмногу добиени јавни набавки во последните пет години, односно од 2019 до 2023 година, според податоците од истражувањето на невладината „Центар за граѓански комуникации“. Прворангирана е од сите 3.800 фирми кои добивале државни тендери, со склучени вкупно 77 договори за јавни набавки.
Според нивното истражување, дури 66 тендери се склучени со државното претпријатие ЕСМ со вредност од 141 милион евра или 93 % од вкупната вредност на сите тендери.
На 9 октомври, битолското јавно обвинителство Битола отвори истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола, меѓу кои и за Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“.
Петмина службеници во РЕК Битола, меѓу кои тогашниот директор на Комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, се сомничат дека во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Обвинителството ги товари дека спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола.
Правното лице, Борче Марковски и уште едно лице вработено во „Марковски Компани“ се сомничат дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари, со што сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство“.
Првично, судија на претходна постапка му определи на Марковски мерка куќен притвор. Откако ОЈО Битола поднесе жалба, Кривичниот совет во Основниот суд во Битола ја прифати, со што од 11 октомври бизнисменот е во ефективен притвор.
Сопственикот Борче Марковски од 2016 година е и почесен конзул на Белорусија поради „добрите економски релации со оваа земја“.
Истражувањето на РСЕ откри дека заради соработката со белоруски државни фирми под покровителство на Александар Лукашенко, кои биле под санкции на САД, а одредено време и на Европската унија, Борче Марковски станал почесен конзул на Белорусија во Северна Македонија во 2016 година.