Во главниот град на Киргистан, Бишкек, не е тешко да се најде оглас за „високо платена работа“ во Русија.
Плакати и огласи поставени низ градот нудат можност за заработка од 1.000 долари неделно — двојно повеќе од месечната плата на просечен жител на Бишкек. Според огласите, работата бара само три до четири часа дневно, а патните трошоци и сместувањето во Русија се целосно покриени.
Но кога Радио Слободна Европа стапи во контакт со Telegram-профилот наведен во огласот, одговорот што го добија потврди дека станува збор за транспорт на нелегални дроги.
И покрај сериозните ризици, многу граѓани на Киргистан ја прифаќаат оваа понуда. Обвиненијата за трговија со дрога во Русија можат да резултираат со затворски казни од 20 години па доживотно.
„‘Кариерата’ на нарко-курир трае многу кратко — во најдобар случај две недели,“ вели имиграциониот адвокат Мирлан Токтобеков за РСЕ.
„Од сите кривични дела што ги извршуваат киргистански државјани во Руската Федерација, најголем дел се поврзани со дрога. Неодамна учествував во судски процес каде граѓанин на Киргистан, роден во 1998 година, доби 15 години затвор само затоа што пренесувал пакет,“ вели Токтобеков.
Во некои случаи, куририте кои се регрутирани во нарко-трговијата се пријавуваат на властите од страна на самите организатори, вели адвокатот Мирлан Токтобеков. „Кога доаѓа време да им се плати, организаторите самите ги предаваат на полицијата, и тие се приведуваат,“ изјави тој за РСЕ.
Во такви ситуации, странците вклучени во руската нарко-трговија имаат многу малку можности да се бранат. „Правата на нашите граѓани во Русија се многу слабо заштитени,“ додава Токтобеков. „Дополнителни обвиненија лесно може да им се прикачат. Луѓето од Централна Азија се лесна цел за овие шеми.“
Министерството за внатрешни работи на Киргистан соопшти дека властите работат на откривање на организаторите кои регрутираат киргистански граѓани за криминални активности во Русија.
Канибек Усенов, претставник на Службата за контрола на дрога при Министерството, рече дека истражните активности се спроведуваат во соработка со Русија и другите централноазиски држави. Во една неодамнешна акција, киргистанските власти затворија онлајн платформа за продажба на дрога и уапсија три осомничени: еден Киргистанец, еден Узбекистанец и еден Русин.
„Бидејќи сè се случува онлајн, многу е тешко да се утврди локацијата на трговците,“ изјави Усенов. Во врска со регрутацијата, тој додаде: „Овие огласи ги објавуваат наши сопствени граѓани.“
За странски државјани обвинети за трговија со дрога во Русија, последиците можат да бидат уште пострашни од затвор.
Според шефот на Руската федерална казнена служба, повеќе од 30.000 странски државјани моментално се наоѓаат во руски затвори, а речиси 70 проценти од нив се од земјите од Централна Азија.
Тие затвореници сè почесто се регрутираатда се борат во војната во Украина на страната на руските сили.
Според украинскиот проект „Сакам да живеам“ (I Want To Live), кој им нуди можност на војници на окупаторските сили да се предадат, повеќе од 3.000 државјани од Централна Азија веќе се борат во Украина на страната на Русија.