Достапни линкови

Каде е Путин? Како Кремљ ја крие неговата локација со три речиси идентични канцеларии


илустрација
илустрација

Резиме

  • Истрагата открива дека Кремљ постојано ја доведувал јавноста во заблуда за локацијата на претседателот Владимир Путин, кој користи три речиси идентични канцеларии во различни делови од Русија.
  • Истражната единица Система на Радио Слободна Европа (РСЕ/РЛ) откри несовпаѓања во видео снимките и патните дневници, што покажува дека многу состаноци за кои се тврди дека се одржале надвор од Москва всушност биле снимени во Сочи или Валдај.
  • Путин сè почесто престојува во изолиран станбен комплекс во Валдај, особено откако војната во Украина продолжи и нападите со беспилотни летала врз руски цели се зголемија.

Во извештај емитуван на 11 октомври 2020 година, новинар од руската државна телевизија возбудено им најавува на гледачите што ги очекува: клипови од неговото интервју со претседателот Владимир Путин и вести за хиперсоничниот ракетен тест на Москва, меѓу другото.

„По интервјуто, уште работа“, вели новинарот, повторувајќи го наративот на Кремљ дека Путин работи нон-стоп за да ја одржи земјата безбедна и силна. На етикетата во аголот од екранот пишува „Ново-Огарјово“ - главната претседателска резиденција во предградието на Москва - а снимката го покажува Путин како оди кон вратата од својата канцеларија и посегнува по кваката.

И тука е вистината: положбата на рачката на вратата и неколку други детали откриваат дека видеото не е снимено во Ново-Огарјово, откри истрагата на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Всушност, снимката е направена повеќе од 1500 километри јужно, во речиси идентична канцеларија во Бочаров Ручеј, државната резиденција во Сочи, на брегот на Црното Море.

Система, руската истражувачка гранка на Радио Слободна Европа (РСЕ), откри дека не постои само една, туку две копии од канцеларијата на Путин во Ново-Огарјово - едната во Сочи, а другата во Валдај, приближно на половина пат помеѓу Москва и Санкт Петербург и дека Кремљ со години е неискрен во врска со локацијата на претседателот.

Во повеќето случаи идентификувани од Система, состаноците за кои се тврди дека се одржале во Ново-Огарјово всушност биле снимени во Сочи или Валдај - град на брегот на езерото чија шумска локација Путин ја претпочита откако започна целосна инвазија на Украина, што доведе до украински напади со беспилотни летала врз воени и индустриски цели во Русија.

Истрагата укажува на високо таинствен Кремљ кој редовно ја заведува јавноста за локацијата на Путин барем во последните неколку години. Исто така, постои прашање за точното време на состаноците и разговорите што ги објавува администрацијата на Путин.

Во истражувачки извештај објавен во август, Система откри дека најмалку пет состаноци во Кремљ, за кои се тврдеше дека се одржале во април или мај, всушност биле снимени неколку месеци претходно. Путин ја продолжи оваа измама есенва: од август, Кремљ објави најмалку седум стари снимки од состаноците на претседателот, претставувајќи ги како нови, откри Система.

Зад врата број 1...

Меѓу другото, Система дошла до своите сознанија за трите речиси идентични канцеларии внимателно прегледувајќи околу 700 видеа објавени од администрацијата на Владимир Путин или прикажани на државната телевизија, како и анализирајќи слики објавени на официјалната веб-страница на Кремљ.

Новинарите, исто така, испитале голема количина материјал, вклучувајќи објави на социјалните медиуми и протечени дневници за патувања со детали за плановите и вистинските патувања на придружбата на Путин, како што се безбедносниот персонал и новинарите на државната телевизија кои го следат.

Извештајот од октомври 2020 година е едноставен, но има еден зачудувачки пример.

Во канцеларијата во Ново-Огарјово, рачката на вратата до бирото на Путин е поставена малку пониско од спојот што ги одделува ѕидните панели од двете страни - што е јасно видливо на снимките и фотографиите од собата, вклучувајќи ги и сликите од компанијата што го постави паркетот.

Сепак, иако кваката на вратата по која Путин посегнува кога ја напушта својата канцеларија изгледа исто, таа е поставена малку повисоко од спојот на ѕидот - разликата е само неколку сантиметри, но е неоспорна.

Ова значи дека интервјуто всушност е снимено во Сочи, а не во близина на Москва.

Меѓу другите детали што откриваат несовпаѓања помеѓу локацијата објавена од Кремљ и вистинската локација на бројните состаноци за кои се тврди дека се одржале во Ново-Огарјово се: шарите на вратоврските на Путин, обликот на држачот за телевизор, нијансата на површината на масата и текстурата на дрвената лента за документи на масата.

Система ги потврди своите наоди за вистинската локација на Путин во видеата со анализа на патни документи. На пример, телевизиско интервју од август 2020 година, за кое Кремљ тврдеше дека е снимено во Ново-Огарјово, всушност, судејќи според детали како рачката на вратата, било снимено во Сочи.

И навистина, електронски билет купен преку туристичка агенција поврзана со Кремљ, добиен од Система, покажува дека новинарот Сергеј Бриљов летал од Сочи за Москва на 27 август, денот кога интервјуто било емитувано на државната телевизија.

Овој и други интерни документи на руската државна телевизија дошле во рацете на новинарите на Система благодарение на протечените е-пораки од корпорацијата ВГТРК, кои им биле доставени од Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP).

Патувања што ја откриваат вистината

Поточно, снимката од септември 2020 година, за која се тврдеше дека е направена во Ново-Огарјово, според е-поштата до која имаше увид Система, всушност била причината продуцентот на државната телевизија да побара од колега да организира патување во Сочи за добро познатиот новинар Павел Зарубин и неколку членови на телевизиската екипа.

Зарубин, еден од авторите на неделната информативна емисија фокусирана на Путин на државната телевизија „Россија-1“, често патувал во Сочи и носел снимки што Кремљ потоа ги претставил како направени во Ново-Огарјово, открива Система.

Протечен патен документ и краток клип од една од емисиите на Зарубин откриваат дека член на претседателското обезбедување задолжен за комуникации поминал една ноќ во Сочи во времето кога материјалот со Путин, за кој се тврдеше дека е создаден во Ново-Огарјово, всушност бил снимен во Бочаров Ручје во октомври 2021 година.

Покрај рачката на вратата, постојат и други детали што ја разликуваат канцеларијата во Ново-Огарјово од онаа во „Бочаров Ручеј“ - како што се положбата на спојот на ѕидот зад грбот на Путин и ногарките на држачот за телевизор.

Користењето на „Бочаров ручеј“ од страна на лидерите на Кремљ датира од времето на Никита Хрушчов, советскиот лидер од 1953 до 1964 година, и неговиот наследник Леонид Брежњев. Зградата каде што тогаш се одржувале состаноците, изградена во 1950-тите, подоцна била срушена и заменета со нова зграда изградена пред Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 година.

Снимките направени кратко по церемонијата на отворањето на игрите покажуваат прием на кој присуствувале руски културни личности, како и Владимир Путин и Алина Кабаева, олимписката шампионка по ритмичка гимнастика од 2004 година, за која се вели дека е негова долгогодишна партнерка и мајка на најмалку две од неговите деца.

Со текот на годините, Путин бил домаќин на многу други лидери и руски функционери во „Бочаров ручеј“. За време на пандемијата со Ковид-19, во текот на поголемиот дел од 2020 и 2021 година, приближно една третина од состаноците за кои се тврдеше дека се одржале во Ново-Огарјово всушност се одржале во Бочаров ручеј, според доказите собрани од „Система“.

Путин, исто така, помина многу време во Валдај, каде што одржуваше состаноци во канцеларија што изгледа речиси идентично со онаа во близина на Москва и онаа во Сочи.

Изолација и безбедност

Во последниве години, Путин сè повеќе го претпочита Валдај. Од февруари 2023 година, една година по започнувањето на целосна инвазија на Украина, тој во голема мера се повлече од „Бочаров ручеј“.

Понатаму, снимките од Кремљ и другите материјали анализирани од Система сугерираат дека скоро сите состаноци на Путин за кои се тврди дека се снимени во Ново-Огарјово во текот на 2025 година всушност се одржале во Валдај.

Валдај е исто така местото каде што се наоѓа државната резиденција, а павилјонот за состаноци и конференции е изграден во 2016 година на местото на поранешното тениско игралиште во шумовитиот дел од комплексот. Изградбата ја извршила истата компанија што ги извршила реновирањата во Ново-Огарјово и Бочаров Ручеј.

Како и во случајот со Бочаров Ручеј, позицијата на спојот на ѕидот зад столот на Путин е еден од знаците дека не е Ново-Огарјово. Друг детаљ што го разликува Валдај од другите две канцеларии е термостатскиот прекинувач поставен точно во средината на ѕидната плоча. На бирото на Путин, шарата на дрвената кутија за документи исто така има различен шара.

Врз основа на визуелните детали, времето на патување и други докази, Система утврди дека еден од многуте состаноци одржани во Валдај бил состанок на кабинетот три дена по пожарот во март 2018 година во трговски центар во сибирскиот град Кемерово, во кој загинаа најмалку 60 лица, повеќето од нив деца - една недела откако Путин го обезбеди својот четврти претседателски мандат. Кремљ тврдеше дека состанокот се одржал во Ново-Огарјово.

Додека Русија распоредуваше трупи по границата со Украина пред целосна инвазија на 24 февруари 2022 година, Путин разговараше преку видео врска на 7 декември 2021 година со тогашниот американски претседател Џо Бајден, кој го предупреди за последиците од нападот, додека Путин ги критикуваше Киев и НАТО. Тој разговор се одржа од Сочи.

Потоа, Путин отпатува во Валдај, каде што одржа неколку состаноци, според наодите на Система, додека Кремљ тврдеше дека тој бил базиран и работел од Ново-Огарјово.

Од 24 февруари до 12 април, додека руските сили првично напредуваа на повеќе фронтови, но потоа беа истиснати од предградијата на Киев, не успевајќи да ја покорат Украина и со тоа отворајќи го патот за долготрајна војна што продолжува без јасен крај на повидок, Путин одржа најмалку 12 состаноци во или од својата канцеларија во Валдај, откри Система.

Анализата на снимките и другите докази, исто така, покажува дека 29 од 30-те појавувања на Путин во таа канцеларија помеѓу јануари и крајот на септември оваа година всушност биле снимени во Валдај - каде што, во одреден момент во последните години, прекинувачот за термостат беше преместен на истото место како и во канцелариите во Ново-Огарјово и Сочи.

Константин Гаазе, социолог кој го проучува рускиот авторитаризам и бирократија, вели дека, во средината на војната против Украина - во која руските енергетски и воени објекти се сè повеќе цел на напади со беспилотни летала и ракети - постои едноставна причина зошто Путин го претпочита Валдај.

„Секако, тоа е прашање на безбедност“, вели Гаазе.

Според него, „Бочаров ручеј“ е релативно изложен бидејќи се наоѓа на рид во Сочи, додека истакнатите одбранбени мерки би привлекле внимание во елитното московско предградие каде што се наоѓа Ново-Огарјово.

Резиденцијата Валдај е многу потајна, а руската редакција на Радио Слободна Европа (РСЕ) во август објави дека во негова близина се инсталирани 12 противвоздушни системи, главно ракетни системи Панцир-С1.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги прочита прашањата што Система му ги испрати пред објавувањето на овој напис, но не одговори. Ниту прес-службата на ВГТРК не ги коментираше прашањата на новинарите.

Уште во 2020 година, откако рускиот медиум Проект првпат објави дека Путин имал две речиси идентични канцеларии - во Ново-Огарјово и Бочарово Ручеј - Песков рече дека извештајот е неточен и дека нема „идентични канцеларии“.

Администрацијата на претседателот Путин никогаш не се осврна на доказите дека ја довело руската јавност во заблуда за локациите на стотици состаноци.

XS
SM
MD
LG