СДСМ победи во Центар и во уште две општини, Филипче не поднесува оставка
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во вториот круг победи во три општини - во скопската општина Центар, во Македонска Каменица и во Зрновци, објави на прес-конференција претседателот на партијата, Венко Филипче.
Со тоа, СДСМ досега освои победа во вкупно шест општини, заедно со победата во првиот круг во Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани.
ВРЕДИ прогласи победа во четири општини, меѓу нив и Тетово и Струга
Коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) прогласи победа во четири од пет општини во кои имаше кандидати во денешниот втор круг од локалните избори за градоначалници.
„До овој момент можам да потврдам убедлива победа во Тетово со над 5.000 гласови разлика. Убедлива победа во Боговиње со 1.400 гласови разлика. Убедлива победа во Дебар, Долнени, во Струга со над 1.500 гласа“, рече Башким Бакиу од ВРЕДИ.
Орце Ѓорѓиевски победи во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ слави во уште 21 општина
ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Градот Скопје, како и во уште 21 друга општина во вториот круг од локалните избори за градоначалник што се одржаа денеска, 2 ноември, во Северна Македонија.
Партискиот лидер и премиер, Христијан Мицкоски, на прес-конференција објави победа на владејачката партија и во: Карпош, Аеродром, Чучер Сандево, Брвеница, Валандово, Дојран, Крушево, Кочани, Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново-Облешево, Виница, Дебарца, Конче, Демир Капија, Пробиштип и Кичево.
Мециновиќ: Скопје само дополнително ќе се мобилизира
„Во изминатите два месеца постигнавме нешто што не можевме да го замислиме“, порача вечерва на прес конференција Амар Мециновиќ кој во трката за градоначалник на Град Скопје, влезе како кандидат на партијата Левица.
Од обработени 98,98 проценти од податоците за одѕивот на денешното гласање во рамките на вториот круг од локалните избори, Мециновиќ освои 60.303 гласови, односно 36,53% од гласовите - покажува статистиката објавена на веб страницата на Државната изборна комисија.