Достапни линкови

Вести

Четириесет проценти од младите до 18 години пушат

илустрација
илустрација

Четириесет проценти од младите што се до 18 години пушат, покажуваат податоците на тинк текнк организацијата Аналитика. Тамара Мијовиќ-Спасова од оваа организација алармира дека анализите покажуваат дека веќе на 13 годишна возраст, младите почнуваат да пушат.

„И штом толку мали ја почнуваат таа навика значи веќе многу е веројатно дека тие веќе и во нивниот подоцнежен период ќе станат пушачи. Четириесет проценти од младите што се до 18 години пушат. Бројките се алармантни. Треба да работиме на превенција на овие лоши навики, а не пак да имаат претстава дека новите производи што се нудат на пазарот, како електронските цигари, се некоја безбедна варијанта којашто нема да им пречи. А според новите студии не се така безбедна варијанта на цигарите“, рече Мијовиќ-Спасова во рамки на регионалната работилница „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“.

Mинистерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека превенцијата во рана возраст е клучна за одбегнување на злоупотребата на штетните материи како алкохол, цигари и дрога, а образованиот процес е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи.

„Она што е навистина поразително е штетното влијание на здравјето. Тоа мора да го превенираме. Она што го правиме во образованието кое всушност е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи е дека и во основното и во средното образование во различни предмети се присутни теми за здравствена писменост, и еве една новина во седмо одделение оваа година е воведен изборен предмет „Учам за моето здравје“, рече Јаневска.

Министерката истакна дека во новите законски решенија за основно и средно образование ги задолжиле училиштата да спроведуваат програми против дискриминација, против насилство, против малолетничка деликвенција, но и против злоупотреба на овие супстанции – тутунот, алкохолот и дрогата.

Од Аналитика тинк тенк истакнаа дека Северна Македонија се уште се рангира како земја со една од повисоките стапки на пушење. Оттаму велат дека е најважна соодветна реакција на цело општество, а најважно е едукацијата и превенцијата да почнуваат од рана возраст.

На работилницата учествуваат претставници од медиумите, истражувачите, институциите и меѓународните организации со цел да се поттикне посилна соработка и да се истакне важноста на мерките за контрола на тутунот засновани на докази, во согласност со приоритетите за интеграција во Европската Унија.

види ги сите денешни вести

Убиен судија во судница во Албанија

Убиство во судница во Албанија.
Убиство во судница во Албанија.

Судија во Албанија на 6 октомври беше застрелан за време на седница на Апелациониот суд во Тирана. Албанските медиуми го идентификуваа убиениот судија како Астрит Калаја.

Полицијата соопшти дека осомничениот, Е.Ш. (30), бил странка во судењето. Р.К. (65) и Е.К. (45), татко и син, кои биле други странки во случајот, исто така биле повредени во инцидентот.

Според властите, нивните повреди не биле опасни по живот.

„Полицијата пристигнала на местото на настанот веднаш по приемот на пријавата и успеала да го уапси и притвори осомничениот Е. Ш., и да го заплени оружјето употребено во кривичното дело“, се вели во полициското соопштение.

Албанските медиуми објавија дека судскиот случај бил поврзан со имотен спор и дека осомничениот пукал во судијата бидејќи знаел дека ќе го изгуби случајот на суд.

Според Топ ченел, убиениот судија Калаја бил член на Апелациониот суд во последните седум години и поминал вкупно 18 години во судскиот систем. Албанскиот претседател Бајрам Бегај го осуди убиството на судијата Калаја, опишувајќи го како напад врз судскиот систем.

„Овој ужасен напад врз истакнат судија, но и врз судството како такво, мора да наиде на најдлабок презир и несогласување од целото општество, бидејќи овој чин е монструозен атентат врз самиот систем, врз кој се темелат коегзистенцијата и социјалниот мир“, напиша Бегај на Фејсбук.

Албанскиот премиер Еди Рама изјави на X дека чинот, кој го окарактеризира како криминален напад врз судијата, бара екстремен правен одговор кон осомничениот.

Според него, овој настан е силен аргумент во поддршка на заострувањето на Кривичниот законик за казни за нелегално поседување оружје.

Министерот за правда Бесфорт Ламалари го нарече случајот „напад врз секој службеник на законот, институциите и албанското општество“.

„Убиството на судијата Калаја на должност е злосторство кое заслужува најстрога казна со полна сила на законот. Нема да дозволиме ваквите напади, ниту која било друга форма на насилство, да ја поткопаат довербата на јавноста во судството, ниту да ги засенат нашите континуирани напори за зајакнување на владеењето на правото во Албанија“, рече тој.

Министерот за правда рече дека е потребно да се преиспита безбедносниот систем во судовите, додека Рама побара построги казни за нелегално поседување оружје во новиот Кривичен законик - за кој веќе започнаа јавни консултации - бидејќи, според него, „нелегалното поседување оружје како кривично дело повеќе нема да се третира како што беше досега“.

„Безбедноста на судските работници е црвена линија што никој не смее да ја премине. Ниту едно кривично дело како денешното никогаш нема да може да ја заплаши правдата или мисијата на судиите. Министерството за правда стои зад судските институции“, напиша Ламалари на Фејсбук.

Нелегалното поседување оружје во Албанија е казниво со затвор до три години.

Според Центарот за контрола на мало и лесно оружје на Југоисточна и Источна Европа (SEESAC), од јануари до јуни 2025 година во Албанија се регистрирани 213 инциденти со огнено оружје

Макрон му даде на премиерот во оставка уште една шанса да ја спаси владата

Новоназначениот премиер на Франција, Себастијан Лекорну.
Новоназначениот премиер на Франција, Себастијан Лекорну.

Францускиот претседател Емануел Макрон на 6 октомври му даде на премиерот Себастијан Лекорну два дена да ја спаси својата влада, откако премиерот поднесе оставка по помалку од еден месец на функцијата, туркајќи ја земјата во подлабока политичка криза.

Лекорну претходно денеска поднесе оставка само 14 часа по именувањето на својата влада и требаше да го одржи својот прв состанок на кабинетот тоа попладне.

Во нов пресврт, Макрон вечерва повторно разговараше со Лекорну и му даде два дена да постигне план за „стабилност на земјата“, соопшти претседателскиот кабинет.

Макрон го задолжи Лекорну да „ги води последните преговори до среда навечер за да дефинира платформа за акција и стабилност за земјата“, рече претседателски функционер, кој побара да не биде именуван.

Лекорну во едно интервју рече дека се согласил да одржи последните разговори со политичките сили на барање на претседателот за стабилизирање на земјата.

„Ќе му кажам на шефот на државата во среда навечер дали е можно или не, за да може да ги извлече сите потребни заклучоци“, додаде Лекорну.

Макрон е подготвен да „преземе одговорност“ во случај на неуспех, изјави функционер од претседателската канцеларија, што е можна алузија на распишување нови парламентарни избори.

Одложено судење на обвинети за убиства во Сребреница

Bosnia and Herzegovina, Sarajevo, Court of BiH and Prosecution building
Bosnia and Herzegovina, Sarajevo, Court of BiH and Prosecution building

Радован Чалмиќ, обвинет за убиствата на 31 бошњачки цивил од Сребреница во јули 1995 година, не се појави на судењето во Судот на Босна и Херцеговина на 6 октомври поради болест, изјави неговиот адвокат Јован Готовац за Радио Слободна Европа.

Чалмиќ не се појави на рочиштето, а неговите адвокати на одбраната не беа во можност да му дадат на судот објаснување за неговото отсуство.

Неговиот адвокат Готовац изјави за РСЕ дека подоцна успеал да стапи во контакт со Чалмиќ, кој „се чувствувал лошо утрово и не можел да дојде на судењето“.

Рочиштето пред Судот на Босна и Херцеговина во случајот против Радован Чалмиќ, Милан Јевтиќ и Остоја Перишиќ, кои се обвинети за убиството на 31 Бошњак во Сребреница во јули 1995 година, е одложено поради отсуство на обвинетиот Чалмиќ.

Јевтиќ е обвинет како командант на Првиот баталјон на Првата милициска бригада на Армијата на Република Српска, додека Чалмиќ и Перишиќ се обвинети како членови на истата бригада.

Обвинителството изрази загриженост за необјаснетото отсуство и побара продолжување на забраната за патување и контакт со сведоци.

Адвокатите на одбраната се спротивставија, сметајќи дека мерките се бесмислени со оглед на здравствената и финансиската состојба на обвинетите.

Сослушувањето на двајца планирани сведоци е одложено, а нов датум за сослушување ќе биде закажан подоцна.

За време на геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, силите на Армијата на Република Српска убија повеќе од 8.000 мажи и момчиња во Сребреница и околината. Досега, 47 лица се осудени на повеќе од 700 години затвор за овие злосторства.

Сиљановска-Давкова на самитот „Брдо-Бриони“ во Драч - фокус на европската интеграција и младите

Лидерите на земјите учеснички во ,,Процесот Брдо-Бриони.
Лидерите на земјите учеснички во ,,Процесот Брдо-Бриони.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска учествува на состанокот на шефовите на држави од регионот во рамки на „Процесот Брдо-Бриони“, што се одржува во Драч, Албанија.

Во објава на Фејсбук, Сиљановска-Давкова информира дека со претседателите на земјите учеснички ќе се разменат мислења за најважните прашања поврзани со европската интеграција – Планот за раст на ЕУ, младинската политика и одливот на мозоци, како и за регионалната соработка и безбедноста.

„Процесот Брдо-Бриони е инспириран од солидарноста и пријателството меѓу државите од регионот, со намера да го поттикне политичкиот дијалог и партнерството на највисоко ниво и да ја зајакне меѓусебната доверба“, напиша Сиљановска-Давкова.

Домаќин на годинашниот состанок е претседателот на Албанија, Бајрам Бегај. Според претседателката, одржувањето на процесот е потврда за потребата од редовен дијалог за навремено соочување со регионалните предизвици и решавање на отворените прашања.

„Процесот Брдо-Бриони“ е заедничка иницијатива на претседателите на Словенија и Хрватска, започната во 2013 година со првиот состанок во Брдо кај Крањ.

Израел депортираше 171 активист, меѓу кои Грета Тунберг

Израел пресретна хуманитарна флотила за Газа.
Израел пресретна хуманитарна флотила за Газа.

Израел на 6 октомври објави дека депортирал уште 171 активист од неколку земји од флотилата Хамас-Сумуд во Газамеѓу меѓу кои и шведската активистка Грета Тунберг и еден студент од Србија.

Активистите беа депортирани во Грција и Словачка, објави израелското Министерство за надворешни работи на мрежата X, заедно со фотографии од активистите,

Студентот од Белград, Огњен Марковиќ, е меѓу депортираните активисти.

Граѓани на Грција, Италија, Франција, Ирска, Шведска, Полска, Германија, Бугарија, Литванија, Австрија, Луксембург, Финска, Данска, Словачка, Швајцарија, Норвешка, Обединетото Кралство, Србија и САД беа депортирани.

На 1 октомври, израелските сили пресретнаа бродови кои, според организаторите, носеа хуманитарна помош за Појасот Газа и приведоа 470 активисти.

Активистите планираа да ја пробијат израелската блокада на Појасот Газа.

Израелското министерство тврди дека сите законски права на учесниците во оваа акција, која ја нарекува ПР акција, се „целосно почитувани“.

„Лагите што ги шират се дел од нивната однапред планирана кампања за лажни вести“, изјави министерството.

Глобалната флотила Сумуд оцени дека пресретнувањето на нејзините бродови било „нелегално“, додека Израел го нарече дејството на флотилата „пропаганден трик“ и „измама“.

Организаторите на флотилата тврдат дека тврдењата дека флотилата носела „малку или никаква хуманитарна помош“ се лажни.

Пресретнувањето на бродовите беше широко осудено низ целиот свет и предизвика протести во неколку земји.

Глобалната флотила Сумуд е најистакнатиот симбол на спротивставувањето на израелската блокада на Појасот Газа.

Новата флотила, составена од 11 бродови, се обидува да стигне до Газа, вклучувајќи и брод што превезува медицински лица и новинари, потсетува Ројтерс.

СЗО: Над 15 милиони тинејџери ширум светот користат електронски цигари

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Најмалку 15 милиони луѓе на возраст од 13 до 15 години користат електронски цигари низ целиот свет, при што веројатноста кај младите да користат е-цигари е за девет пати поголема од возрасните во земјите за кои постојат податоци, соопшти Светската здравствена организација (СЗО) на 6 октомври, пишува Ројтерс.

Во својата прва глобална проценка за употребата на е-цигари, СЗО наведе дека повеќе од 100 милиони луѓе ширум светот користат електронски цигари, вклучително најмалку 86 милиони возрасни, претежно во земјите со високи приходи.

Бројките доаѓаат во време кога глобалната употреба на тутун продолжува да се намалува, а бројот на корисници на тутун е намален на 1,2 милијарди во 2024 година од 1,38 милијарди во 2000 година.

Додека сè построгите регулативи помагаат во намалувањето на употребата на тутун, индустријата се сврте кон алтернативни производи како што се електронските цигари за да помогне во компензацијата на падот на продажбата.

Тутунските компании велат дека ги таргетираат возрасните пушачи, со цел да им помогнат да се откажат и да ја намалат штетата од традиционалниот тутун.

Но, е-цигарите предизвикуваат „нов бран на зависност од никотин“, рече Етјен Круг - директор на одделот на СЗО за здравствени детерминанти, промоција и превенција.

„Тие се продаваат како средство за намалување на штетата, но, всушност, ги закачуваат децата на никотин порано и ризикуваат да го поткопаат деценискиот напредок.“

Владите и здравствените власти се борат со тоа како да ги балансираат потенцијалните придобивки и ризици од е-цигарите, односно употребата од страна на новите корисници на никотин.

Од друга страна, некои истражувања покажаа дека е-цигарите се ефикасни во помагањето на пушачите да се откажат.

Прегледот на докази од 2024 година од страна на Кокрејн - непрофитна мрежа на здравствени истражувачи, покажа дека пушачите имаат поголема веројатност да успеат да се откажат со е-цигари отколку со традиционални фластери или гуми за џвакање.

Но, исто така, се предупредува дека се потребни повеќе податоци и дека долгорочните здравствени ефекти остануваат нејасни.

Падот на традиционалната употреба на тутун остро варираше во зависност од регионите.

Преваленцата на тутун кај мажите во Југоисточна Азија се намали речиси преполови, на 37 отсто во 2024 година, од 70 проценти во 2000 година, што претставува повеќе од половина од глобалниот пад.

Европа сега има највисока преваленца на тутун во светот со 24,1 отсто, при што жените се вклучени во највисоката употреба на тутун во светот со 17,4 проценти.

СЗО предупреди дека речиси еден од пет возрасни лица во светот сè уште користи тутунски производи и повика на построго спроведување на мерките за контрола на тутунот и регулирање на новите никотински производи како што се вејповите.

Советот за човекови права на ОН започна истрага за законските прекршувања во Авганистан

илустрација
илустрација

Советот за човекови права на ОН одлучи да покрене истрага за сериозни кршења на правата во Авганистан, поради растечката загриженост поради мерките на Талибанците насочени кон жените и девојчињата.

Врховното тело за човекови права на Обединетите Нации одлучи да покрене истрага за собирање и зачувување на докази за меѓународни злосторства.

Нацрт-резолуцијата поднесена од Европската Унија беше усвоена без гласање од страна на Советот од 47 земји во Женева.

„Четири години откако Талибанците ја преземаа власта со сила, состојбата со човековите права само се влоши поради продлабочувањето на хуманитарната криза“, изјави амбасадорот на Данска, Иб Петерсен, претставувајќи ја резолуцијата во име на Европската Унија.

Тој додаде дека Талибанците ја „зацврстиле репресијата и го уништиле граѓанскиот простор во Авганистан“.

„Овој совет има должност да реагира и да се солидаризира со народот на Авганистан“, рече Петерсен, нагласувајќи дека истрагата ќе се справи со долгогодишната неказнивост.

Резолуцијата воспоставува тековна независна истрага „за собирање, консолидирање, зачувување и анализа на докази за меѓународни злосторства и најсериозни кршења на меѓународното право“.

Нејзиниот опсег вклучува кршења и злоупотреби особено врз жените и девојчињата.

Исто така, ќе се подготват досиеја за олеснување на независните кривични постапки.

„Механизмот ќе може да ги зачува сведоштвата и приказните на жртвите“, изјави портпарол на ЕУ за АФП.

Инаку Талибанците се вратија на власт во Авганистан во 2021 година и воведоа строга верзија на исламскиот закон.

Талибанската влада останува во голема мера исклучена од Меѓународната заедница, која ја критикува за нејзините репресивни мерки, особено оние насочени кон жените.

Замолчени, но не и заборавени: Жени под талибански режим
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:10 0:00

Авганистанските жени повеќе не можат да практикуваат многу професии или да патуваат без машка придружба. Ним им е забрането да учат по 12-годишна возраст, да шетаат во паркови или да одат во теретани.

Резолуцијата „ја осудува институционализацијата на Талибанците на нивниот систем на дискриминација, сегрегација, доминација, непочитување на човечкото достоинство и исклучување на жените и девојчињата“.

Ферешта Абаси, истражувачка за Авганистан во невладината организација „Хјуман рајтс воч“, за АФП изјави дека истрагата „ги известува Талибанците и сите други одговорни за минатите и тековните сериозни злосторства во Авганистан дека се собираат и подготвуваат докази за еден ден тие да се соочат со правдата“.

Алиу: Ќе се менуваат 12 закони, за да не се кочат процесите во здравството

Азир Алиу, министер за здравство
Азир Алиу, министер за здравство

Работни групи од Министерството за здравство ќе работат на измени и дополнувања на 12 законски решенија, кои директно се однесуваат на здравствениот систем. Ова денеска (6 октомври) го најави министерот за здравство Азир Алиу, потенцирајќи дека станува збор за најобемната реформа на законските прописи во здравството досега.

„Целта е подобрена законска рамка која ќе биде гаранција за поквалитетни услуги, фер пристап и поголема сигурност за пациентите. Идејата е да бидат синхронизирани сите 12 закони со цел да може процесите во здравствениот систем да не се кочат“, изјави Алиу.

Станува збор за системско преосмислување на 12 закони во различни области – од евиденции, преку осигурување и лекови, до биомедицина и јавно здравје, во насока на нивно поврзување и функционирање како една целина.

„Со овие закони целиме кон здравствен систем што е стабилен, поврзан и предвидлив. Систем во кој секој податок, секоја постапка и секоја одлука ќе има место, логика и одговорност“, рече Алиу и ги повика сите активно да се вклучат во овие процеси со цел заедно да ги подобрат законите, а со тоа и состојбите во здравствениот систем.

Здравствените власти уверуваат дека со синхронизирање на 12 закони од областа на здравството почнувајќи од евиденции, преку осигурување и лекови, до биомедицина и јавно здравје и нивно поврзување и функционирање како една целина, ќе се овозможи унапредување на процесите во здравствениот систем.

Стручната и јавна расправа ги опфаќа измените и унапредувањата на законите за евиденции во областа на здравството, за здравствената заштита, за здравственото осигурување, за лекови, за медицински средства, за јавно здравје, за заштита на населението од заразни болести, за заштита од пушењето, за биомедицински потпомогнато оплодување, за комплементарна и алтернативна медицина, за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување и за санитарна и здравствена инспекција.

Фон дер Лајен се соочува со нови предизвици за недоверба

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската Kомисија, Урсула фон дер Лајен, ќе се соочи со нови обиди да биде отстранета по втор пат за три месеци, кога екстремно десничарските и левичарските групи во Европскиот парламент ќе поднесат предлози за гласање недоверба неделава.

Иако предлозите за недоверба речиси и да немаат шанси да го достигнат двотретинското мнозинство гласови потребни за соборување на Фон дер Лајен, тие би можеле да разоткријат поопшто незадоволство околу нејзиното водство и да го дестабилизираат собранието на ЕУ, чија поддршка е потребна за донесување закони.

Предлозите треба да бидат предложени на 6 октомври од крајната десница и екстремната левица на Франција, односно од Џордан Бардела, претседател на Националниот собир и Манон Обри од „Непокорена Франција“ - по што ќе следува одбраната на Фон дер Лајен.

Гласањето треба да се одржи во четврток, 9 октомври.

За Фон дер Лајен ова не е ново искуство. Таа, исто така, се соочи со гласање за недоверба во јули од претежно крајно десничарски пратеници, кое таа удобно го „преживеа“.

Сепак, партиите надвор од мејнстримот сфатија дека активирањето на претходно ретко користените предлози за недоверба е лесно да се постигне, откако изборите во 2024 година ја зголемија крајната десница на повеќе од 100 пратеници, при што се потребни само 72 пратенции за да се поддржи еден таков предлог.

Во случајот со левицата, таа исто така придоби еден пратеник од централно-десничарската група Социјалисти и Демократи и неколку претставници од Зелените.“

Двата предлози за недоверба се разликуваат, десницата се жали на „погрешни“ зелени политики и неуспех во справувањето со нелегалната миграција. Левицата пак ја истакнува неактивноста на Европската Унија во врска со Газа.

Сепак, двете страни се согласуваат дека фон дер Лајен прифатила неурамнотежен договор за царини со Соединетите Држави и дека предложениот трговски договор на Комисијата помеѓу ЕУ и Меркосур (регионален економски блок кој го сочинуваат Аргентина, Бразил, Парагвај, Уругвај,Венецуела, Боливија) е закана за земјоделците и животната средина.

И покрај привремениот прекин на израелската офанзива, продолжуваат судирите во Газа

Последици од експлозија во градот Газа
Последици од експлозија во градот Газа

Судирите помеѓу израелските сили и Хамас (вооружена група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација) продолжија во Газа и покрај привремената пауза во офанзивните операции, соопштија Израелските одбранбени сили (ИДФ).

Иако израелската копнена офанзива во градот Газа беше паузирана во саботата (4 октомври), ИДФ изврши низа воздушни напади како одговор на, како што наведуваат, продолжувањето на нападите од Хамас, пренесе Тајмс оф Израел.

ИДФ соопшти дека борбени авиони извршиле прецизни напади на повеќе локации – првиот напад бил насочен кон вооружена ќелија на Хамас која, според тврдењата на војската, подготвувала минофрлачки и експлозивен напад врз израелските трупи во Газа.

Наводно, сите осомничени борци биле убиени.

Вториот напад погодил друга ќелија која истрелувала минофрлачи врз израелските војници, при што еден војник бил полесно повреден. Тој бил пренесен во болница.

Во третиот инцидент, ракетни гранати биле испукани врз возила на 98-та дивизија.

Немало повредени, а ИДФ наведува дека авионите го уништиле објектот од каде биле лансирани проектилите.

Иако офанзивата е паузирана, израелските трупи и понатаму спроведуваат одбранбени и тактички операции во урбаните зони на Газа.

ИДФ истакна дека паузата се однесува исклучиво на „масовни копнени напади“, додека „воздушните напади и одговорот на заканите продолжуваат со полн капацитет“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG