Вести
По полициската акција продолжуваат протестните блокади во Белград
Протестните блокади на сообраќајниците во Белград продолжија по полициската акција во која вечерта претходно на повеќе локации во главниот град и во Нови Сад беа уапсени речиси 80 лица.
Демонстрантите на 3 јули ја блокираа Автокоманда, еден од најголемите кружни текови во Белград.
„Ни ги тепаат децата, ги ловат како зајаци, по улици, по влезови. Четворица студенти завршија на Воено-медицинската академија“, се наведува на Инстаграм од страна на неформалното здружение на граѓани од Вождовац, кое заедно со студентите повика на блокада на Автокоманда.
Демонстрантите ја блокираа и крстосницата кај Авијацискиот плоштад во белградската населба Земун.
Собирите продолжија и пред зградата на Ректоратот на Универзитетот во Нови Сад.
Ректорот на Белградскиот универзитет, Владaн Ѓокиќ, од протестот ја повика власта да се „воздржи од брутални напади врз студентите и граѓаните“.
„Синоќа студентите на ова место примија тешки удари од припадници на јавниот ред и мир. Ударите беа насочени кон автономијата на универзитетот и животите на оние што беа тука“, изјави Ѓокиќ.
Собраните пред Правниот факултет ги поздравија адвокатите кои понудија бесплатна правна помош за студентите и граѓаните.
„Синоќа прагот на репресијата беше подигнат. Тука се собраа повеќе од сто адвокати како дел од ветувањето дека ќе бидеме и пред и зад студентите кога тоа ќе биде потребно – а мислам дека сега навистина е потребно“, изјави за Радио Слободна Европа адвокатот Виктор Гостилјац.
На собирот пред Правниот факултет им се приклучија и демонстранти кои претходно ги имаа блокирано сообраќајниците во други делови на градот.
Во Нови Сад приведен пратеник на Собранието на Војводина
Во Нови Сад, студентите и граѓаните се собраа пред зградата на Ректоратот, а потоа блокираа два моста во градот.
За време на блокадите беше приведен опозицискиот пратеник во Собранието на Војводина, Радивоје Јововиќ.
По сослушувањето, му беше одреден полициски притвор од 24 часа поради нарушување на јавниот ред и мир.
Во Ниш демонстрантите преминуваа преку пешачки премини на кружен тек, а потоа тргнаа во протестна прошетка.
Поради полициските акции во Белград изминатата ноќ, демонстранти излегоа на улиците и во Ваљево, Ужице, Суботица, Крагуевац, Чачак, Шабац и други градови.
Полицијата ги отфрла обвинувањата
Полицијата ги отфрли обвинувањата за прекумерна употреба на сила, наведувајќи дека „од страна на учесниците во блокадите биле повредени четворица полициски службеници и оштетено едно возило на МВР“.
„Полицијата беше максимално толерантна во сите овие месеци зад нас. Во изминатите денови, и јас и моите соработници повеќепати соопштивме дека нема да дозволиме нарушување на јавниот ред и мир. Апсолутно нема да дозволиме напад врз припадници на полицијата,“ изјави за Радио телевизија Србија директорот на полицијата, Драган Васиљевиќ.
Блокадите во градовите ширум Србија започнаа откако студентите повикаа на граѓанска непослушност по митингот одржан на 28 јуни во Белград.
Најголем дел од студентите уште во мај побараа нови избори, откако организираа масовни демонстрации и блокади на факултети низ целата земја, барајќи одговорност од властите за загинувањето на 16 лица при уривање на покривната конструкција на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
види ги сите денешни вести
Последни подготовки на ДИК пред вториот изборен круг
Вкупно 1 013 357 избирачки ливчиња за гласањето на вториот круг на Локалните избори 2025 се дистрибуираат низ државата. Од Државната изборна комисија (ДИК) велат дека дистибуцијата на избирачкиот материјал се одвива без никакви проблеми.
На 2 ноември ќе се бираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје.
Во сабота гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.
Локалните избори, според информациите на ДИК, ќе ги следат 1 569 набљудувачи, од кои 904 домашни и 651 меѓународни, а акредитирани за известување од изборите се и 14 странски новинари.
Поради недоволен цензус на првиот круг од локалните избори, во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – ќе се спроведе нова изборна постапка за избор на градоначалници. Гласањето, согласно Изборниот Законик, нема да се одржи во недела, туку во рок од 60 дена од конечните резултати од Локалните избори 2025.
Во првиот изборен круг од Локалните избори 2025 беа избрани градоначалници во 44 општини, како и нови членови на советите во сите општини, освен во Шуто Оризари каде ќе има прегласување за Советот на три избирачки места.
Во четирите општини, поради непостигнат цензус, ќе има нови избори и целата постапка ќе се повтори од почеток до крај – од распишување избори, поднесување кандидатури, водење кампања, до гласање. Најверојатно денот на гласање би бил во првата половина од јануари 2026 година.
При новото гласање во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, нема да се „брка“ цензус од една третина излезност бидејќи Изборниот законик во меѓувреме е изменет со што овој услов се отстрани.
Германската економија стагнира, избегнувајќи рецесија
Германската економија стагнираше во третиот квартал, за малку избегнувајќи рецесија, покажуваат официјалните податоци објавени во четврток, под влијание на ослабениот извоз додека земјата се бори да се опорави од долготрајниот економски пад.
Најголемата економија во Европа забележа нулта раст од јули до септември во споредба со претходниот квартал, според прелиминарните податоци на сојузната статистичка агенција „Дестатис“.
Ова следи по пад од 0,2 проценти во вториот квартал. Аналитичарите анкетирани од финансиската компанија „Фактсет“ предвидуваа раст од 0,1 процент за третиот квартал.
Клучниот германски извоз „се намали во споредба со претходниот квартал“, соопшти агенцијата, иако инвестициите во машини и опрема обезбедија одредена поддршка.
Бројките покажуваат дека „работите сè уште не одат добро во Германија“, изјави економистот на од банката ЛББВ, Јенс-Оливер Николаш.
Според него планираниот голем јавен трошок за инфраструктура и одбрана „нема да биде доволен на долг рок“
„Потребни се реформи кои ќе го поттикнат растот“,додаде тој.
Годишната инфлација во Германија се намали во октомври на 2,3 проценти, од 2,4 проценти претходниот месец, според прелиминарните податоци на „Дестатис“.
Но падот беше побавен од очекуваното, аналитичарите од „Фактсет“ предвидуваа инфлација од 2,2 проценти за октомври.
Традиционалниот мотор на растот во еврозоната се намали и во 2024 и во 2023 година, погоден од кризата во индустријата, високите енергетски трошоци и слабата побарувачка за извоз.
Трговските царини што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп дополнително ги влошија условите, бидејќи САД се голем пазар за германски производи – од автомобили до фармацевтски и индустриски машини.
Растот беше поттикнат на почетокот на годината, кога американските компании забрзано складираа германски производи пред стапувањето во сила на царините на Трамп, но тој замав подоцна се изгуби.
Официјалните податоци објавени во четврток покажаа дека и италијанската економија стагнирала во периодот јули–септември, по падот во претходниот квартал.
Во меѓувреме, француската економија порасна побрзо од очекуваното – за 0,5 проценти во третиот квартал, и покрај политичката криза поврзана со огромниот јавен долг и буџетскиот дефицит. Економијата на еврозоната, исто така, забележа побрз од очекуваниот раст од 0,2 проценти во истиот период.
Околу 4000 студенти пешачеа од Белград до Нови Сад
На 30 октомври, околу 4000 студенти пешачеа од Белград до Нови Сад по повод комеморативниот собир на 1 ноември во тој град.
Во четврток во 10:00 часот наутро, тие тргнаа на патување од 90 километри за да бидат во Нови Сад за да ја одбележат првата годишнина од смртта на 16 лица при падот на настрешницата на главната железничка станица во тој град.
„Сакаме мирно да им оддадеме почит на жртвите и уште еднаш апелираме до владата да ги исполни барањата на студентите“, изјавија студентите за Радио Слободна Европа на пат кон Нови Сад.
Како што изјавија, во групата што оди од Белград има 4000 студенти.
Оваа група, која тргна од Нови Белград, беше пречекана со овации од голем број граѓани кои аплаудираа, мавтаа и ги поздравуваа со извици „студенти, студенти“ и „ве сакаме студенти“.
Претходниот ден, на пат кон Нови Сад, група студенти што пешачеа од Нови Пазар помина низ Белград.
Голем број луѓе од цела Србија, студенти, средношколци и други граѓани, пешачеа од Чачак, Краљево, Горњи Милановац, Ужице, Суботица, Вршац, Богатиќ, Шабац, Ваљево, Крагуевац, Петровац на Млава до Нови Сад. Група од Ниш оди со велосипед.
Веќе една година, самоорганизираното студентско движење предводи бран граѓански протести во Србија, барајќи одговорност од властите на Српската напредна партија (СНС) за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на реконструираната главна железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Кон крајот на ноември минатата година, започнаа блокади на повеќе од 80 факултети на шест државни универзитети како одговор на физичкиот напад од страна на владини претставници врз студенти на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград, додека стоеја на улицата и тивко им оддаваа почит на загинатите.
Во март, во Белград се одржа најголемиот протест организиран од студентите во изминатата година, на кој, според Архивата на јавни собири, присуствувале најмалку 280.000 до 330.000 луѓе.
Претходно, во ноември, студентите побараа објавување на целосна документација за реконструкцијата на железничката станица, итно гонење на функционерите на СНС кои ги претепаа студентите на ФДУ во Белград, прекин на судските постапки против уапсените за учество во демонстрациите и зголемување на буџетот за факултетите за 20 проценти.
Откако барањата не беа исполнети, во мај побараа распишување вонредни парламентарни избори.
Претседателот Александар Вучиќ, во име на владата, одби да распише нови избори.
Тројца германско-руски државјани виновни за шпионажа за Русија
Германски суд денеска прогласи три лица со двојно државјанство, германско-руски државјани, за виновни за шпионажа во корист на Москва, а осомничениот водач на групата е осуден и за планирање саботажа и учество во борбите во источна Украина.
Како што јави ДПА, високиот регионален суд во Минхен главниот осомничен го осуди на шест години затвор, додека другите двајца добија условни казни од шест месеци и една година.
Според судот, 41-годишниот главен обвинет служел како паравоен припадник во вооружена терористичка група, која се борела против украинските сили во источна Украина во периодот од Германски суд во четврток прогласи тројца германско-руски државјани со двојно државјанство за виновни за шпионажа за Москва, а осомничениот водач на групата е осуден и за планирање саботажа и борба за милиција во источна Украина.
Високиот регионален суд во Минхен го осуди главниот осомничен на шест години затвор, додека неговите двајца сообвинети добија условни казни од шест месеци и една година.
Според судот, беше утврдено дека 41-годишниот главен обвинет служел како паравоен припадник во вооружена терористичка група, која се борела против украинските сили во источна Украина во периодот од 2014 до 2016 година, како и дека имал силни врски со руската разузнавачка служба
Другите двајца осудени му помагале на првообвинетиот. Сите осудени ги негираа обвиненија.
Кремљ: Неодамнешните тестови за оружје што ги најави Трамп „не се нуклеарни“
Кремљ не верува дека започнала нова рунда од трката во вооружување меѓу Русија и САД, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно денеска нареди итен почеток на тестирањето на нуклеарно оружје и исто така спомена дека САД имаат полигони за тестирање на нуклеарно оружје, а деталите за тестовите ќе бидат објавени подоцна.
„Ова во никој случај не може да се протолкува како нуклеарен тест“, изјави Песков пред новинарите кога беше прашан дали изјавите на Трамп за почетокот на тестирањето на нуклеарно оружје може да се сметаат за нова рунда од трката во вооружување.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера објави дека Русија пред два дена го тестирала подводното возило „Посејдон“, а, исто така, на 26 октомври објави дека се завршени и тестирањата на ракетата „Буревестник“ која има нуклеарен мотор и можност за носење нуклеарно оружје. Москва моментално разгледува опции за користење на ракетата, бидејќи војната во Украина продолжува без јасен исход.
Договорот за забрана на нуклеарни тестови во атмосферата, во вселената и под вода беше потпишан во Москва на 5 август 1963 година од претставници на СССР, САД и Велика Британија.
ЕУ и земјите од Западен Балкан ќе потпишат Договор за борба против тероризмот
Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер и претставници на земјите од Западниот Балкан денеска(30 октомври)во Сараево ќе потпишат Договор за спречување и борба против тероризмот и насилниот екстремизам.
Како што јави МИА, договорот ќе биде потпишан во рамки на денешниот Министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, што се одржува во главниот град на БиХ.
„Западниот Балкан не е само наш сосед. Тој е длабоко поврзан со внатрешната безбедност на ЕУ“, порача Брунер во пресрет на потпишувањето на Договорот, додавајќи дека документот е уште еден чекор кон зајакнување на соработката меѓу ЕУ и земјите од регионот во областа на безбедноста.
Целта на договорот е заедничко справување со растечките закани, како што се радикализацијата преку интернет и злоупотребата на новите технологии за терористички цели, но исто така и засилување на напорите за превенција од насилниот екстремизам.
Со договорот се предвидува зајакнување на соработката на полициите од земјите од Западниот Балкан со Европол, вклучително и во спроведување на заеднички истраги поврзани со тероризам, терористички активности и безбедносни закани.
Дополнително, договорот предвидува и вклучување на земјите од регионот во оперативните проекти на Центарот за препознавање на радикализацијата на Европол.
Потпишувањето на договорот доаѓа во пресрет на објавувањето на пакетот на извештаи на Европската комисија за напредокот на кандидатите за членство во ЕУ на нивниот европски пат, предвидено за во вторник, 4 ноември.
„Лукоил“ ја прифати понудата на „Ганвор“ да го купи нејзиниот странски имот
Лукоил соопшти дека ja прифатил понудaта од глобалниот трговец со стоки „Ганвор“ (Gunvor) за купување на неговиот странски имот, кои втората по големина руска нафтена компанија се обидува да го продаде откако Вашингтон воведе санкции врз неа минатата недела.
Планираната продажба на странски имот е досега најзначајната акција од страна на руска компанија како резултат на западните санкции воведени поради војната во Украина, која започна со целосната инвазија на Русија врз нејзиниот сосед во 2022 година.
Лукоил во соопштението соопшти дека прифатил понуда од „Гунвор“ за продажба на „Лукоил Интернешнл ГмбХ“, која ги контролира странските активи на нафтениот гигант.
„Клучните услови на трансакцијата се претходно договорени од страните. Од своја страна, Лукоил ја прифати понудата, обврзувајќи се да не преговара со други потенцијални купувачи“, соопшти Лукоил за понудата на „Ганвор“.
„Ганвор“ потврди дека е во преговори со „Лукоил“ за евентуално стекнување на целокупниот странски имот.
Инаку Министерството за финансии на САД издаде лиценца со која им дава на компаниите рок до 21 ноември да ги прекинат сите трансакции со Лукоил и Роснефт, уште една руска енергетска фирма насочена кон новата рунда санкции.
„Доколку е потребно, страните планираат да аплицираат за продолжување на тековната лиценца“, соопшти Лукоил.
Договорот е предмет на дозвола од Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии, додаде тој.
Ганвор се здоби со популарност во 2000-тите како најголем трговец со руска нафта во светот.
Меѓу неговите акционери во тоа време беше и Генадиј Тимченко, близок сојузник на претседателот Владимир Путин, кој го продаде својот удел во Гунвор откако САД го санкционираа по анексијата на Крим од страна на Русија во 2014 година.
Како и многу трговски компании, Ганвор многу профитираше од растот на цените на нафтата и гасот што започна со избувнувањето на војната во Украина и потегот на Европа да ја намали својата зависност од руска енергија.
Ганвор и комапниите Витол и Трафигура ги искористија тие профити за да стекнат средства, почнувајќи од рафинерии и нафтени полиња, па сè до електрани и ветерни фарми.
Лукоил, со седиште во Москва, учествува со околу 2% во глобалното производство на нафта.
Неговиот најголем странски имот е нафтеното поле Западна Курна 2 во Ирак, едно од најголемите во светот, во кое поседува 75% удел. Производството на полето достигна 480.000 барели дневно во април, објави руската новинска агенција Интерфакс.
Исто така, ја поседува рафинеријата Лукоил Нефтохим Бургас во Бугарија со капацитет од 190.000 барели дневно, најголемата на Балканот, како и рафинеријата за нафта Петротел во Романија.
Лукоил испорачува нафта во Унгарија и Словачка, како и во турската рафинерија СТАР, која е во сопственост на државната нафтена компанија на Азербејџан СОКАР и во голема мера зависи од руската сурова нафта.
Лукоил, исто така, има удели во нафтени терминали, како и во малопродажни синџири за гориво во Европа и поседува проекти за нагорен и низводен вод во Централна Азија, Африка и Латинска Америка.
Избори во Холандија: Крајните десничари на Вилдерс и либералите изедначени
По пребројување на 90% од гласовите, крајнодесничарската партија на холандскиот популист Гертс Вилдерс е „рамо до рамо“ со либералните демократи 66 (D66), по парламентарните избори кои се одржаа во среда (29 октомври). Се очекува двете партии да освојат 26 од 150 места во парламентот, според најновата проекција од изборната служба на холандската новинска агенција ANP, објавена рано во четврток, на 30 октомври.
Прелиминарните конечни резултати се очекуваат подоцна во текот на денот.
Претходните проекции и прогнози покажаа дека D66, предводена од Роб Јетен, има водство од две места пред Партијата за слобода (PVV) на Вилдерс. Сепак, најновите бројки означуваат назадување за Вилдерс во споредба со изборите во 2023 година, кога неговата партија обезбеди 37 места, додека D66 обезбеди само девет.
Либералната D66 се смета за победник, освојувајќи 17 места во споредба со резултатите од пред две години. Нејзиниот 38-годишен лидер Јетен има најголеми шанси за формирање владина коалиција, бидејќи сите големи партии ја исклучија можноста за соработка со Вилдерс.
Сегашната владејачка конзервативна Народна партија за слобода и демократија (VVD) може да очекува 22 места во парламентот, алијансата Лабуристичко-зелена левица (PvdA) се очекува да добие 20 мандати, а по нив следува Христијанско-демократскиот апел (CDA) со 18.
Вилдерс сака „100% сигурност“ пред следните чекори. Тој претходно го опиша резултатот на неговата партија како под очекувањата, кога првичните проекции сугерираа дека D66 освоила мнозинство места.
По најновите проекции, тој на платформата X напиша:
„PVV сака да ја преземе водечката улога во формирањето влада ако станеме најголема партија. Додека нема 100% сигурност за тоа, не може да почнеме да работиме на тоа. Ќе направиме сè за да го спречиме ова“, напиша Вилдерс.
Тој претходно им изјави на новинарите дека, иако се надевал на повеќе места во парламентот, неговата партија сепак го постигна својот втор најдобар резултат досега.
На последните избори пред две години, PVV се појави како најголема сила за прв пат. Тимерманс поднесе оставка од функцијата лидер на партијата по резултатите. Водечкиот кандидат на Алијансата на Лабуристите и Зелените од Левицата, Франс Тимерманс, ја објави својата оставка по резултатите. Алијансата се состои од холандските Зелени и социјалдемократите. Првично, ова беа две независни партии, а социјалдемократската Лабуристичка партија е една од најстарите. Двете партии планираат да се спојат во една партија под ново име.
Во меѓувреме, Вилдерс предизвика колапс на коалицијата. Изборите во Холандија станаа неопходни по предвремениот крај на претходната влада во јуни. Оваа влада од четири партии се сметаше за најдесничарска во холандската историја. Најголемиот од четирите коалициски партнери беше PVV на Вилдерс.
Сепак, тој не стана премиер. Оваа позиција ја држеше независниот Дик Шуф. По помалку од една година, Вилдерс ја повлече својата партија од владата, велејќи дека другите три коалициски партнери не ја поддржуваат имплементацијата на строга антимиграциска политика.
На прашањето дали оваа одлука била грешка, Вилдерс рече дека покажал „цврстина“. Ако сите големи партии го почитуваат своето одбивање да соработуваат со Вилдерс, далеку е од јасно кој ќе ја предводи новата влада - или колку време ќе биде потребно за да се формира.
Пакистанско-авганистанските мировни преговори „веројатно“ ќе продолжат, тврди пакистански безбедносен извор
Пакистан и Авганистан веројатно ќе одржат уште една рунда мировни преговори во Истанбул, изјави во четврток (30 октомври) за АФП пакистански безбедносен извор, по објавата на Исламабад дека претходните преговори не успеале.
Разговорите, посредувани од Катар и Турција, дојдоа по најсмртоносните судири меѓу јужноазиските соседи откако Талибанците се вратија на власт во 2021 година.
Повеќе од 70 лица беа убиени, а стотици беа повредени во насилството што избувна по експлозиите во Кабул на 9 октомври, за кои талибанските власти го обвинија Пакистан.
Двете страни се состануваа во Истанбул од саботата со цел да се обезбеди мир, пред Исламабад во среда да соопшти дека преговорите пропаднале.
„На барање на режимот на авганистанските Талибанци, уште една рунда разговори меѓу Пакистан и Кабул веројатно ќе се одржи во Истанбул“, рече изворот, кој зборуваше под услов да остане анонимен бидејќи не бил овластен јавно да разговара за темата.
Авганистанската државна телевизија РТА, исто така, во четврток објави дека „застојот во преговорите треба да продолжи во Истанбул со посредство на Турција и Катар“.
„Пакистан ќе присуствува на разговорите со добра намера, но без да го компромитира својот основен став за национална безбедност“, рече безбедносниот извор.
Односите меѓу некогашните сојузници, кои делат граница од 2600 километри (1.600 милји), се влошија во последните години.
Исламабад го обвинува Кабул за засолнување на милитантни групи кои организираат прекугранични напади, особено Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП), за кои велат дека ја користат авганистанската територија како база.
Талибанската влада постојано ги негира обвинувањата.
Трамп најави почеток на нови тестирања на нуклеарно оружје
Американскиот претседател Доналд Трамп најави моментален почеток на нови тестови за нуклеарно оружје, наведувајќи ги програмите за тестирање во други земји во објава на неговата платформа „Truth Social“.
„Поради тестирањето на програмите во други земји, му наложив на Министерството за војна да започне со тестирање на нашето нуклеарно оружје на рамноправна основа. Тој процес ќе започне веднаш“, напиша Трамп.
Тој не прецизираше кое оружје ќе биде тестирано.
Американскиот претседател го објави ова кратко пред планираниот состанок со кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја. Кина е исто така воспоставена нуклеарна сила.
Според извештајот на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), во моментов има девет нуклеарно вооружени држави: САД, Русија, Кина, Обединетото Кралство, Франција, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел.
Само неколку дена претходно, рускиот претседател Владимир Путин ја нагласи воената сила на нуклеарната сила за време на состанокот со неговиот генералштаб во команден центар на непозната локација.
Путин рече дека војската постигнала бројни успеси во војната против Украина и потврди дека тестирањето на нуклеарната ракета со долг дострел „Буревестник“ било успешно.
Според руските власти, ракетата „Буревестник“ била тестирана на 21 октомври за време на неодамнешната вежба на руските стратешки нуклеарни сили.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете