Вести
Во Град Скопје и општините се поднесени 312 листи на кандидати за градоначалници и 575 листи за советници, соопшти ДИК

По завршување на рокот за поднесување на кандидатски листи за градоначалници и совети на општините и на Градот Скопје, во 80 општини и Градот Скопје, до општинските изборни комисии се поднесени вкупно 312 листи на кандидати за градоначалници и 575 листи на кандидати за советници, информира Државната изборна комисија.
Во оваа бројка се вклучени листите на кандидати од политички партии и листите поднесени од група избирачи.
Најголем број на листи на кандидати за градоначалници и совети е поднесено за Градот Скопје односно вкупно 18 листи на кандидати за градоначалник на Град Скопје и 20 листи на кандидати за членови на Советот на Град Скопје.
„Согласно Роковникот за локалните избори 2025 година, ОИК доставува барање до институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите веднаш по приемот на листата односно најдоцна на 14 септември. Откако ќе заврши проверката за исполнетост на условите и ќе заврши процесот на отстранување на евентуални неправилности или пропусти во кандидатските листи, општинските изборни комисии ги доставуваат потврдените листи до Државната изборна комисија за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати, веднаш по потврдувањето на листата односно најдцна на 20 септември 2025 година“, појаснуваат од ДИК.
По завршување на процесот на проверка на документацијата и исполнетоста на законските услови и потврдување од страна на ОИК, ДИК ќе ги објави сите потврдени листи по општини кои ќе учествуваат на изборите.
види ги сите денешни вести
Неуспешен обид на Русија и Кина во ОН да ги одложат санкциите против Иран за шест месеци

Обединетите нации(ОН) предводени од таканаречената европска тројка - Велика Британија, Франција и Германија - се чини дека се подготвени повторно да воведат широки санкции против Иран откако Советот за безбедност го отфрли барањето на Русија и Кина тој потег да се одложи.
Доколку не се постигне итен договор во последен момент, ОН повторно ќе воведе серија мерки против Иран на 27 септември. Мерките вклучуваат ембарго за конвенционално оружје, ограничувања за активности со балистички ракети, забрана за збогатување и преработка на ураниум, глобално замрзнување финансиски средства и забрани за патување на ирански поединци и субјекти.
„Советот нема потребна гаранција дека постои јасен пат кон брзо дипломатско решение. Санкциите на ОН насочени кон ширењето на иранското оружје ќе бидат повторно воведени овој викенд“, изјави Барбара Вудворд, британска амбасадорка во Обединетите нации, на 26 септември.
Техеран веднаш ја осуди акцијата на ОН.
Министерот за надворешни работи, Абас Арагчи, рече дека Техеран „никогаш нема да попушти“ под притисокот околу неговата нуклеарна програма, за која вели дека е исклучиво за цивилни цели и инсистираше дека земјата не се стреми кон нуклеарно оружје.
И покрај овие изјави, Арагчи ја остави вратата отворена за понатамошни разговори во последните 24 часа пред санкциите да стапат во сила.
Санкциите против Иран беа укинати како дел од договорот со светските сили од 2015 година, чија цел беше да се спречи Техеран да се стекне со нуклеарно оружје.
Европските потписници на договорот го обвинуваат Техеран дека го крши договорот.
Како дел од процесот, Советот за безбедност мораше да гласа во рок од 30 дена за резолуција за да продолжи ублажувањето на санкциите врз Иран, за што се потребни најмалку девет гласа „за“ и ниту едно вето од САД, Русија, Кина, Обединетото Кралство или Франција за да се усвои.
Таквата резолуција беше гласана на 19 септември, но не беше усвоена.
Претходно, на 26 септември, Советот за безбедност го отфрли последниот обид на Русија и Кина да го одложат повторното воведување на санкциите врз Иран.
Двете земји, обете со блиски врски со Техеран, предложија нацрт-резолуција со која ќе се дадат уште шест месеци за разговори, или до 18 април 2026 година, изјавија дипломати за новинските агенции, но предлогот не ги доби потребните гласови од Советот за безбедност.
Германската влада сака да постигне договор за депортација со Сирија

Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт изјави дека владата сака да постигне договор со Сирија оваа година за депортација на одбиени баратели на азил, јави агенцијата ДПА.
„Сакаме да постигнеме договор со Сирија оваа година и прво да ги депортираме криминалците, а потоа и оние без законски престој“, изјави Добринт за весникот „Рајнише пост“ во изјава објавена во сабота, 27 септември.
„Важно е да се направи разлика помеѓу луѓето кои се добро интегрирани и работат и оние без право на азил кои се потпираат на социјална помош“, рече тој, додавајќи дека се очекува разговорите да започнат наскоро.
Добринт рече дека ѝ наложил на Федералната канцеларија за миграција и бегалци делумно да ги продолжи суспендираните процедури за азил за Сиријците, отворајќи го патот за депортации.
Германија не депортирала никого во Сирија од 2012 година. Бројот на сириски бегалци кои доброволно се враќаат во својата татковина полека се зголемува од падот на долгогодишниот режим на Башар ал-Асад во декември минатата година.
Според Министерството за внатрешни работи, 1.867 лица се вратиле во Сирија со владина поддршка до крајот на август. На крајот на јули, според Централниот регистар на странци, нешто помалку од 955.000 сириски државјани живееле во Германија. Минатата година, околу 83.150 Сиријци добиле германско државјанство, покажаа податоците на Министерството за внатрешни работи.
Бројките за 2025 година уште не се објавени.
Добринт, исто така, сака поструктуриран пристап кон депортациите во Авганистан.
„Мојата цел е редовно и систематски да депортирам. Во моментов, тоа е можно само со поддршка на Катар“. Во иднина, би сакал ова да се организира без посредници, што бара директни разговори со властите во Кабул“, рече тој, опишувајќи ги разговорите како „технички“.
Германија нема дипломатски врски со Талибанците, кои се вратија на власт во август 2021 година и остануваат меѓународно изолирани поради кршењата на човековите права и правата на жените. Оттогаш, само два лета за депортација од Германија во Авганистан се реализирани со помош на Катар, и двата со осудени криминалци.
Во Србија уапсени осомничени за подготовка на дестабилизација на изборите во Молдавија

Надлежните органи во Србија уапсија две лица под сомнение за сторено кривично дело организирање учество во војна или вооружен конфликт во странска земја, објави на 26 септември српското Министерство за внатрешни работи (МВР).
Во соопштението се тврди дека уапсените лица – Л.П. и С.С., се товарат за организирање борбено-тактичка обуки за државјани на Молдавија и Романија. Целта на обуката е, според сомнежите, да се обучат лица за поефикасно пружање физички отпор на молдавските полицајци во случај на немири за време на денот на изборите во Молдавија, закажани за 28 септември.
Српското МВР објави дека едно од лицата е осомничено за организирање и финансирање на обуките, која била спроведена во угостителски објект во близина на Лозница, додека другиот уапсен се сомничи дека помагал во сето тоа.
Наводно, обуките биле организирани помеѓу 16 јули и 12 септември за 150 до 170 државјани на Молдавија и Романија.
Од полицијата посочија дека при претрес на станот на осомничените заплениле лаптопи, мобилни телефони, како и уред за откривање и следење на радиофреквенциски сигнали. Кај едно од лицата е пронајден и запленет пиштол.
Надлежните соопштија дека по покренување истрага за случајот, Министерството за правда на Република Србија ќе побара информации и докази од Република Молдавија преку инструментот за меѓународна правна помош.
На осомничените им е одреден притвор од 48 часа, по што со кривична пријава ќе бидат спроведени пред Вишото јавно обвинителство во Шабац.
На 22 септември, молдавските власти соопштија дека извршиле 250 рации и уапсиле десетици луѓе како дел од истрагата за наводен заговор за кој велат дека бил координиран од Руската Федерација преку криминални елементи. Молдавија посочи дека повеќето од осомничените биле обучувани во Србија.
На брифинг со медиумите во Кишињев, безбедносните претставници на молдавските служби рекоа дека руските разузнавачки оперативци обучувале молдавски граѓани во Србија за тактики на протести.
Виктор Фуртуна, шеф на канцеларијата на Обвинителството за организиран криминал на Молдавија, рече дека истрагата започнала во јуни.
Молдавските обвинители посочија дека откриле голем број луѓе, на возраст меѓу 19 и 45 години, кои патувале во Србија каде што биле обучени да пробиваат полициски кордони, да се спротивставуваат на спроведувањето на законот, да користат гумени палки, лисици и, во некои случаи, огнено оружје.
Се тврди дека организаторите планирале лицата кои ги поминале обуките да учествуваат во немири во Молдавија.
Обуки се одржувале и во Молдавија, додека во Србија биле организирани од лица од Руската Федерација, според молдавските власти.
Властите во Молдавија ја обвинуваат Русија за водење хибридна војна, вклучувајќи мешање во изборите, кампањи за ширење дезинформации и нелегално финансирање на проруски партии, а се со цел земјата да се одврати од нејзиниот проевропски курс.
Молдавската претседателка Маја Санду изјави и дека Москва троши стотици милиони евра за да влијае на парламентарните избори на 28 септември.
Србија е кандидат за членство во Европската Унија од 2012 година, но во исто време одржува блиски политички и економски односи со Руската Федерација. Таа е една од ретките европски земји што не воведе санкции против Москва поради руската инвазија на Украина.
Претстојните парламентарни избори во Молдавија би можеле да бидат клучни за нејзиниот проевропски пат.
Кишињев тврди дека Москва се обидува да го спречи евентуалното членство на Молдавија во ЕУ преку кампањи за ширење дезинформации, организирање масовни немири и купување гласови.
Русија, пак, негира дека се меша во внатрешните работи на Молдавија.
Дисциплинска за 11 вработени во полицијата за случајот со убиената Росица

Вкупно 11 вработени во Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес ќе подлежат на дисциплинска постапка, откако таков предлог дала внатрешната контрола во Министерството за внатрешни работи (МВР), а во врска со постапувањето на полицијата за случајот со убиената велешанка Росица Коцева.
Од МВР соопштија дека Одделот за внатрешна контрола, по насока од министерот Панче Тошковски, го проверувал постапувањето на полицијата по сите настани кои Росица Коцева ги пријавувала во полицијата.
„Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно согласно законските обврски и процедурите“, соопштија од МВР.
За 11 вработени во СВР Велес за кои се утврдени пропусти, Министерството го известило и Јавното обвинителство, но оттаму соопштија дека сè уште не го добиле писменото известување.
Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, велат од Јавното обвинителство, ќе постапи согласно своите надлежности.
31-годишната Росица Коцева и нејзиниот татко, беа убиени на 15 септември од нејзиниот поранешен партнер Илија Стефановски, кој потоа се самоуби. Пет дена пред убиството, нејзиниот партнер во судска постапка пред Основниот суд во Велес беше прогласен за виновен за загрозување на сигурноста и за насилство врз Росица. За овие дела му беше изречена условна казна.
Овој случај на фемицид во Северна Македонија предизвика низа реакции во јавноста и од невладиниот сектор со обвинувања дека системот не ја заштитил жртвата откако беше објавено дека убиената Росица повеќе пати го пријавувала експартнерот за насилство, за палење на возилото на нејзиниот татко, како и за непочитување на забраната за приближување.
ЕУ планира „ѕид против дронови“ поради страв од руски упади во воздушниот простор

Неколку министри за одбрана на Европската Унија денеска, 26 септември, одржуваат итни разговори за „ѕид против дронови“ откако руски беспилотни летала наводно изминативе денови го нарушија воздушниот простор на Полска и Романија, а прелети со дронови привремено затворија и аеродроми во Данска и Норвешка.
За ова прашање состанок преку видеоконференциска врска свика комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус, и на него присуствуваат неколку министри од земји од источното крило на НАТО, како и Данска и Украина. Идејата е да се координираат сензорите, уредите за блокирање и правилата за брз одговор, така што малите, евтини дронови ќе може да бидат откриени и неутрализирани пред да ја загрозат европската цивилна авијација или критичните бази.
Се очекува министрите да разговараат за инфраструктурата и финансирањата кои се потребни за координиран и ефикасен систем за одбрана од дронови по серијата инциденти со дронови во последниот период.
На 9 и 10 септември, околу 20 руски дронови наводно влегоа во полскиот воздушен простор за време на напад на Украина, што доведе до затворање на аеродромите и полетувања на авиони на НАТО. Неколку дена подоцна, сличен упат пријави и Романија.
На 22 септември, аеродромот во Копенхаген беше затворен неколку часа, а исто се случи и во Осло. Подоцна беше објавено дека беспилотни летала ги попречиле операциите на аеродромите во данските градови Алборг и Билунд. Некои беспилотни летала беа видени и во близина на воени објекти.
Сведоци опишаа дека дроновите имале трепкачки зелени светла, додека властите ја нарекоа оваа активноста „хибридна“ и потенцираа дека изгледа како да е координирана акција без да посочат кој е одговорен.
Западните претставници веруваат дека Москва стои зад активноста, опишувајќи ја како форма на „сива зона“ или хибридно војување. Со користење на евтини беспилотни летала за вознемирување на аеродромите и воздухопловните бази, Русија може да предизвика скапи одбранбени одговори, да вознемирува цивили и да ја тестира ранливоста на одбраната. Сето тоа без да предизвика отворен конфликт.
Данските и регионални медиуми објавија дека рускиот амфибиски јуришен брод од класата Ропух, „Александар Шабалин“, бил снимен од хеликоптер на околу 12 километри од данскиот остров Лангеланд во исто време кога спорните беспилотни летала беа видени во скандинавските земји. На бродот наводно му бил исклучен транспондерот.
Официјални лица јавно не го поврзаа бродот со упадите со дронови, но коинциденцијата со времето и близината покренаа сомнежи дека некои од беспилотните летала можеби биле лансирани од море.
Русија негираше вмешаност.
Експертите велат дека цивилно-воениот воздушен простор на Европа е ранлива зона.
Беспилотните летала за општа употреба или модифицираните дронови можат да полетуваат од копно или море веднаш надвор од заштитените области, накратко спуштајќи се во пристапните коридори на аеродромите или прелетувајќи над базите. На тој начин се создаваат прекумерни нарушувања: пренасочувања, одложувања на летови и безбедносни проблеми.
Средба на историската комисија со Бугарија: Се разговарало за заеднички чествувања и учебници

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија одржала нова средба во Софија на 25 и 26 септември, соопштија од македонската страна.
Дел од прашањата за кои дискутирале биле новиот учебник по историја за седмо одделение во Северна Македонија, како и заеднички чествувања на одредени историски личности.
„Македонската страна во Комисијата ја претстави новата реалност во историското образование во Македонија, при што на бугарската страна ѝ го достави новиот учебник по Историја за VII одделение. Поради тоа дискусијата по првата точка од дневниот ред беше беспредметна“, пишува во соопштението од македонскиот тим во Комисијата, пренесе државната агенција МИА.
Кога се во прашање евентуални заеднички одбележувања, во соопштението се тврди дека бугарската страна инсистирала на заедничко чествување на одредени личности, според нивната перцепција за т.н. „заедничка историја“.
Македонскиот тим, пак, инсистирал на заедничко одбележување на крајот на Втората светска војна како симбол на победата на доброто над злото.
„И овој пат по дискусијата по оваа тема, до израз дојдоа различните разбирања и позиции на двете страни“, стои во соопштението од македонскиот тим.
Ова беше 37-ма средба по ред на заедничката историска комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија. Следната треба да се одржи во првата половина на ноември, во Скопје.
Комисијата беше формирана според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што на 1 август 2017 го потпишаа Скопје и Софија и во неа двете држави имаат по седум члена.
Пред една година од македонска страна беа сменети најголем дел од членовите откако на претходните им истекоа мандатите во септември 2024 година.
Промената во македонскиот тим дојде и по смената на власта во Северна Македонија по изборите во мај 2024 на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, која потоа формираше Влада заедно со ЗНАМ и коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН).
Инаку, откако беше потпишан Договорот за добрососедство, Република Бугарија во ноември 2020 стави вето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Словачка ги ограничи правата на ЛГБТ+ лицата

Словачкиот парламент усвои амандман на Уставот со кој се ограничуваат правата на истополовите парови и се отежнува промената на полот.
Овој амандман, изгласан денеска (26 септември), им дава приоритет на домашните закони за регулирањето на ваквите прашања, наместо на регулативите на Европската Унија (ЕУ), чија членка е Словачка.
90 од 99 присутни пратеници гласаа „за“, додека опозицијата не учествуваше во гласањето.
Првично, гласањето беше закажано за 24 септември, но беше одложено бидејќи владата процени дека нема мнозинство за да го усвои амандманот. Потоа, тој беше ставен на дневен ред на парламентот за денеска.
Претходно, Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа составено од експерти за уставно право, ја предупреди Словачка да не усвојува таков амандман бидејќи државите не треба да создаваат конфликт помеѓу „културните прашања“.
Текстот на амандманот наведува дека Словачка треба да има суверенитет над ваквите „културни и етички прашања“ и треба да има предност пред правото на ЕУ.
„Полот може да се менува само од сериозни причини, во согласност со условите што ќе се утврдат со закон“, се вели во текстот на амандманот, со кој правото на посвојување деца им се дава само на брачните парови, со ретки исклучоци.
Словачка е членка на Европската Унија од 2004 година и со нејзиното приклучување се обврза да ги почитува основните човекови права.
Право на глас на локалните избори имаат 1,83 милиони граѓани

На локалните избори во Северна Македонија, што треба да се одржат во октомври, право на глас ќе имаат 1.832.415 граѓани, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) откако денеска беше заклучен избирачкиот список.
Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112.000 кои се на привремена работа или со престој во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 избирачки од домовите за стари лица.
Локални избори ќе се одржат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје. Вкупно ќе има 3.480 избирачки места.
На локалните избори ќе се гласа на 3.480 избирачки места.
Бројот на набљудувачи, пак, сè уште не е заклучен. Досега до ДИК се поднесени четири барања за набљудување и тоа од Центарот за развој, реформи и обуки за изборни системи – Грузија, од Амбасадата на Република Словачка во земјава, Централната изборна комисија на Украина и Здружението Институт за истражување и аналитика на политика Ромалитико – Скопје.
На изборите за сите градоначалнички места вкупно има 303 кандидати за градоначалници, а ќе се бираат и нови советници.
Кампањата официјално ќе започне во понеделник, 29 септември.
Првиот круг од гласањето ќе се одржи на 19 октомври, додека вториот ќе биде две недели подоцна, на 2 ноември.
Во првиот круг треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил 50 отсто плус еден глас под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина. Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.
Претстојните ќе бидат осми по ред локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година.
Зголемена претпазливост на данско-германската граница по инцидентите со дроновите

Данската полиција ја зголемува внимателноста во пограничниот регион со Германија, најавија од оваа земја-членка на НАТО.
„Особено сме внимателни на данско-германската граница во Јужен Јитланд во врска со можниот транспорт на дронови преку границата“, напишаа полициските сили за Јужен Јитланд на X.
Данска деновиве се соочи со тревоги за дронови. Прелетувањето на неколку поголеми дронови доведе до целосно затворање на аеродромот во Копенхаген во текот на неколку часа во вторник. Две вечери подоцна, дронови повторно се појавија над различни аеродроми во западна Данска, што доведе до затворање на воздушниот простор на аеродромот Алборг.
Засега останува нејасно кој стои зад инцидентите.
Властите веруваат дека професионален актер со потребните капацитети се обидува да предизвика немири во земјата-членка на НАТО. Постојат сомневања дека дроновите можеби биле контролирани од брод.
Владата сугерира дека се работи за „хибриден напад“. Премиерката Мете Фредериксен, повикувајќи се на разузнавачките служби, изјави дека нема непосредна воена закана за Данска.
„Но, она што го доживуваме во Данска овие денови е, според мене, хибридна војна“.
Таа даде слична изјава во видео обраќање до данскиот народ, шпекулирајќи за тоа кој стои зад инцидентите.
„Пред сè, постои една земја што претставува закана за безбедноста на Европа, а тоа е Русија“, рече Фредериксен.
Инцидентите беа дел од шема што се забележува и во други земји, изјави Фредериксен за националното радио, алудирајќи на сличните ситуации над Полска, Романија и Естонија.
ЕУ вели дека договорот со САД ја штити европската фармацевтска индустрија од нови царини

Објавата на американскиот претседател Доналд Трамп за значително зголемување на царините за лекови и други производи предизвика негодување кај некои сојузници, при што ЕУ тврди дека нејзината фармацевтска индустрија има имунитет врз основа на претходен трговски договор.
Објавата, дадена доцна на 25 септември, која вклучува 100-процентна царина на фармацевтски производи, претставува најстрога трговска политика на претседателот од април минатата година, кога беа воведени „реципрочни“ царини за речиси сите трговски партнери на САД низ светот.
Почнувајќи од 1 октомври, „ќе воведеме 100% царина на секој брендиран или патентиран фармацевтски производ, освен ако компанијата НЕ ГРАДИ своја фармацевтска фабрика во Америка,“ напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.
Европската Унија денеска соопшти дека јулскиот договор со Вашингтон ја штити Унијата од царини повисоки од 15 проценти за нејзиниот извоз на лекови.
„Оваа јасна, сеопфатна горна граница на царина од 15 проценти за извозот на ЕУ претставува осигурување дека нема да се појават повисоки царини за европските економски оператори,“ рече портпаролот за трговија на ЕУ, Олоф Гил.
Една европска фармацевтска индустриска група предупреди дека царините на лекови би „создале најлошо можно сценарио.“
„Царините ги зголемуваат трошоците, ги нарушуваат синџирите на снабдување и ги спречуваат пациентите да добијат животоспасувачки третмани,“ изјави генералната директорка на Европската федерација на фармацевтски индустрии и асоцијации, Натали Мол.
Последниот потег на Трамп беше критикуван и од сојузникот Австралија, која во 2024 година извезла фармацевтски производи во вредност од околу 1,35 милијарди долари во САД, според базата на податоци Comtrade на ООН.
Австралискиот министер за здравство, Марк Батлер, изјави дека повисоките стапки „не се во интерес на американските потрошувачи особено имајќи предвид колку нивните извозници во Австралија имаат корист од тој слободен пазар.“
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете