Девојка од внатрешноста студира во Скопје, обидувајќи се да ги покрие трошоците со минималната плата на нејзината самохрана мајка, инаку, текстилна работничка. Меѓу студентите има млади чии родители се со хронични болести, но и такви кои имаат брат или сестра со попреченост, па скромниот семеен буџет не стигнува за партиципацијата за студирање.
Затоа младите од самохрани и еднородителски семејства почнаа да се откажуваат од студирање бидејќи немаа финансии, вели за Радио Слободна Европа, Елена Божиновска, претседателка на здружението „Млади од семејна разновидност“.
„Некои од нив студираа на Правниот, други на Економскиот факултет. Но, најжално е тоа што и студенти на Медицина исто така не можеа да продолжат со учењето бидејќи немаа како да платат, во услови кога на државата ѝ требаат сѐ повеќе доктори“, раскажува 24-годишната Елена, која пораснала со нејзината самохрана мајка.
Некои немаат средства ни воопшто да се запишат на факултет. Оние пак, кои почнале со студии, мораат паралелно и да работат за да ги покријат трошоците. Но, според Елена, ова не е решение бидејќи се одразува на учењето.
Иницијатива за законски измени
Таа и останатите од Здружението почнаа кампања за донации за студентите откако шест години се обидуваат да ги „убедат“ надлежните да го изменат Законот за високо образование. Преку овие измени, тие бараат студентите од самохрани и еднородителски семејства да плаќаат само половина партиципација за факултет.
Ова право, децата на самохраните родители, го имале до 2017 година донесено со владина уредба, по што државата решава да го укине.
Министерството за образование и наука пак, информираше дека веќе работи на нов Закон за високо образование, но за РСЕ не одговорија конкретно дали во него се регулира и партицијата за овие студенти.
- Откако нацрт верзијата ќе биде подготвена, ќе следи јавна дебата. Ќе биде објавен на владиниот ЕНЕР систем, така што сите засегнати ќе можат да дадат свои сугестии и придонес во усвојување на најдобрата верзија – велат од МОН.
Донации за студирање
Бидејќи дотогаш не можат да чекаат, Елена Божиновска и останатите членови на здружението решиле да почнат кампања за донации насловена „Плати семестар“.
Студентката од внатрешноста од почетокот на овој текст е една од стотината студенти кои преку донации ќе добијат средства за да платат еден семестар за студирање. Во рамките на оваа кампања, граѓаните може да донираат средства на трансакциската сметка на самото здружение, или пак, преку платформата eCrowd.mk.
„На платформата има директен линк за донации. Најмалата сума која може да се донира е сто денари, а највисоката 6000“, додава Елена.
Во меѓувреме, во кампањата се вклучил и основачот на организацијата „Донирај компјутер“, Борче Стаменов.
Тој, уплаќајќи од донациите кои пристигнуваат до него, на сметката на „Млади од семејна разновидност“ веќе обезбедил сума доволна за да се плати по еден семестар за пет студенти.
Сумата од 600.000 денари - крајна цел
Целта на ова здружение е да дојде до сума од 600.000 денари. Предност ќе имаат младите кои живеат со социјална помош, само од пензијата на починатиот родител или оние од еднородителските семејства каде што родителот не ја исплатил алиментацијата.
„Тоа не значи дека останатите кои аплицирале нема да добијат средства“, вели Елена додавајќи дека пред да почне кампања, објавиле отворен повик на кој можеле да се пријават сите кои имаат потреба од финансиска помош.
„На повикот беа пријавени 120 лица, но не беа сите од самохрани и еднородителски семејства. Ние секако ќе се обидеме да помогнеме, но предноста е нашата целна група. Ако имаме повеќе донации ќе им помогнеме и на останатите“, посочува соговорничката на РСЕ.
Поволности за студирање на дел од државните универзитети
Студентот Станиша Станковиќ од Кавадарци, дете на самохрана мајка кога се обидел да се запише на факултет дознал дека мора да плати целосна партиципација.
Откако дознал дека намалената партиципација е укината, разочаран заедно со останатите деца од еднородителски семејства решиле да се обратат директно до универзитетите.
„Ректорските управи може да иницираат сопствени промени на универзитетот, бидејќи тој како автономна управа може да донесува одредени уредби“, објаснува Станиша за РСЕ.
Така, од 2021 година Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) овозможува поволности за студирање на студентите со самохрани родители. Овој пример го следеле и универзитетите во Охрид, Битола и Штип.
Сепак, здружението „Млади од семејна разновидност“ бара ова прашање да се регулира законски, бидејќи студентите кои ќе добијат право на намалена партиципација, секоја година мора да реаплицираат.
Радио Слободна Европа се обрати до сите шест државни универзитети, со прашање дали ќе овозможат поволности за студирање за младите од самохрани и еднородителски семејства во новата академска 2025/2026 година.
Од УКИМ-Скопје во писмениот одговор до РСЕ, наведуваат дека во септември ќе донесат Одлука со која студентите чие родителско право го врши само еден родител ќе остваруваат право да плаќаат половина од школарината, но наведуваат дека кај нив веќе имаат некои поволности.
Така, оваа категорија студенти плаќа половина од износот на уписнината. Ова се однесува и за новите студенти и за студентите кои запишуваат следна студиска година, со аплицирање секоја година, по распишување на интерниот оглас кој го објавува Универзитетот.
- Студентите на разведени родители кои не го изгубиле родителското право не припаѓаат на оваа категорија студенти и тие не можат да го остварат ова право – појаснуваат од УКИМ.
Сличен одговор, пристигна и од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Таму поволноста важи за студенти со еден родител и чиј вкупен семеен месечен приход не надминува две минимални нето плати. Но не важи за вонредни студенти кои паралелно и работат.
Во претстојната академска година, намалување од 50 проценти на партиципацијата, ќе понуди и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, на чиј отворен повик може да аплицираат и студенти со разведени родители. Освен тоа, Универзитетот нуди ваква опција и за двајца студенти од семејства со родители со минимална месечна плата. Единствено што треба да сторат овие студенти е да аплицираат во октомври.
Од здружението „Млади од семејна разновидност“ велат дека поволности за студирање овозможува и Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а Државниот универзитет во Тетово и Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје, не одговорија за Радио Слободна Европа, дали воопшто ќе донесат одлука за поволности за студентите од самохрани семејства, но и од еднородителски семејства.