Достапни линкови

Вести

Група инвеститори ја тужат Мета поради кршење на приватноста на податоците

илустрација
илустрација

Повеќе инвеститори поднесуваат колективна тужба против директорот на компанијата „Мета“, во чија сопственост е Фејсбук, Марк Закерберг, во износ од осум милијарди долари.

Тие се сомневаат дека социјалната мрежа во 2018 година им дозволувала на трети лица, вклучувајќи ја и фирмата Кембриџ Аналитика, да пристапуваат до личните податоци на корисниците.

Во тужбата, инвеститорите тврдат дека „Мета“ не ги открила целосно ризиците од злоупотреба на личните податоци на корисниците на Фејсбук од страна на компанијата Кембриџ Аналитика, која ја поддржувала републиканската претседателска кампања на Доналд Трамп во 2016 година.

Акционерите наведуваат дека официјалните лица во Фејсбук повеќекратно и континуирано го прекршувале договорот од 2012 година со Сојузната комисија за трговија (ФТЦ), според кој Фејсбук се обврзал да престане да собира и споделува лични податоци на корисниците и нивните пријатели без нивна согласност.

Во тужбата понатаму се наведува дека Фејсбук подоцна продавал кориснички податоци на комерцијални партнери, што е директно кршење на тој договор, како и дека ги отстранил известувањата од поставките за приватност кои биле во рамките на договорот.

Поради овие настани, Фејсбук се согласи да плати казна од 5,1 милијарди долари за решавање на обвиненијата од ФТЦ. Сега, акционерите бараат Закерберг и другите да и ја надоместат на „Мета“ казната од ФТЦ и другите правни трошоци, кои тужителите ги проценуваат на повеќе од осум милијарди долари.

Се очекува судењето да трае до крајот на следната недела и ќе вклучува сведочења и од Закерберг и од поранешната извршна директорка за операции, Шерил Сандберг.

види ги сите денешни вести

До 500 милиони долари од Германија за американско оружје за Украина

Илустрација - Украинското знаме помеѓу знамето на Европа и германското знаме, пред зградата на Рајхстагот за време на дебатата во германскиот парламент Бундестаг во Берлин, 1 јуни 2022 година.
Илустрација - Украинското знаме помеѓу знамето на Европа и германското знаме, пред зградата на Рајхстагот за време на дебатата во германскиот парламент Бундестаг во Берлин, 1 јуни 2022 година.

Германија најави дека ќе обезбеди до 500 милиони долари за набавка на американска воена опрема за Украина, јави германската новинска агенција ДПА.

Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи во соопштението од 13 август наведоа дека помошта ќе се координира преку НАТО-механизмот „Листа на приоритетни потреби на Украина“.

НАТО го надгледува доставувањето на оружјето за Украина купено во САД, а финансирањето доаѓа од европските партнери и Канада.

„Германија е најголемиот европски донатор на воена помош за Украина, а оваа најава уште еднаш ја потврдува нејзината посветеност за одбрана на слободата и суверенитетот на украинскиот народ“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте синоќа.

Според НАТО, помошта ќе опфати воена опрема која или не може да се произведе во Европа или може да се испорача побрзо од САД отколку од европските сојузници или Канада.

Осум активни пожари, сѐ уште гори во резерватот Јасен

илустрација
илустрација

На територија на државава денеска(14 август) до 12 часот регистрирани се вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, а 11 се изгаснати.

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), сѐ уште е активен пожарот во повеќенаменското подрачје „Јасен“ во општина Македонски Брод.

Активни пожари има и во Струга, кај местата викани „Октишка Краста“ и „Бегова Шума“, во Прилеп – село Дабница, во општина Македонски Брод, кај селата Девич – Грешница, во општина Чешиново и Облешево – село Теранци, општина Јегуновце – меѓу селата Рогачево и Јажинце и во општина Сопиште – село Св.Петка.

Изгаснати се пожарите во општините Демир Хисар, Струга, Делчево, Куманово, Старо Нагоричане, Сарај, Арачиново, Желино, Тетово и Гостивар.

Северна Македонија и ова лето се справува со зголемен број пожари на отворено.

На територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Влада ја седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.

За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.

Мицкоски: Борбата против криминалот не може да се води со вакво обвинителство и овој републички обвинител

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека борбата против криминалот и корупцијата не може да се води со вакво Обвинителство и републички обвинител.

Институциите вели тој, постојано поднесуваат пријави за сторен криминал, но, како што рече, обвинителството не презема ништо.

„Институциите преземаат мерки, доставуваат пријави, но треба обвинителството да преземе. Тоа е суштината. Не можете вие со ова обвинителство, со овој обвинител да очекувате резултати во борбата против корупцијата и криминалот. Можа да ги набројам можеби 100, 200 пријави од страна на институциите кои се доставени до обвинителството, таму нема никаков резултат така што треба обвинителството да преземе, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Мицкоски, кој присуствуваше на увид на градежни активностои на патот од Климештица до Охрид, вели дека институциите постојано преземаат мерки, но, како што нагласи, тоа со овие обвинители, и со овој обвинител е залудно.

Собранието на 29 јули, годинава со 71 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.

Собранието изгласа и заклучок во кој констатира дека наводите во интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Коцевски се основани, и кој требаше да се достави до Владата и до државниот јавен обвинител.

Собраниската интерпелација има улога како политички притисок и ја одрази недовербата од страна на пратениците. Но, одлуката за понатамошно разрешување или останување на функцијата зависи од самото обвинителство и Владата.

Основната разлика помеѓу механизмот на интерпелација на Коцевски поднесена и изгласана во Собранието и постапката на Владата за негово разрешување се во нивната правна обврзност.

Интерпелацијата нема правно обврзувачко дејство за разрешување на обвинителот и не може сама по себе да иницира правно дејство или да изврши разрешување. Другата постапка која ја потегна Владата за разрешувањена обвинителот Коцевски е законски регулирана процедура со јасни чекори и правни ефекти.

Израел најавува населба на Западниот Брег за да спречи формирање палестинска држава

На оваа фотографија од 11 февруари 2020 година, палестинскиот претседател Махмуд Абас држи мапа на можна палестинска држава додека зборува за време на состанокот на Советот за безбедност во седиштето на ОН
На оваа фотографија од 11 февруари 2020 година, палестинскиот претседател Махмуд Абас држи мапа на можна палестинска држава додека зборува за време на состанокот на Советот за безбедност во седиштето на ОН

Израелскиот министер за финансии од крајна десница, Безалел Смотрих, на 14 август објави изградба на контроверзна нова еврејска населба во Западниот Брег, окупиран од Израел, за која Палестинците и групите за човекови права стравуваат дека ќе ги попречи перспективите за идна палестинска држава со делење на Западниот Брег на два одделни дела.

Објавата доаѓа откако многу земји изјавија дека ќе признаат палестинска држава во септември.

„Ова конечно ја закопува идејата за палестинска држава, бидејќи нема што и кој да се признае“, рече Смотрих и додаде дека „секој во светот кој се обидува да признае палестинска држава ќе добие одговор од нас на терен“.

Развојот во Е1, појас на земја источно од Ерусалим, се разгледува повеќе од две децении, но е замрзнат поради притисокот од Соединетите Држави.

Смотрих, сепак, ги пофали претседателот Доналд Трамп и амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби, како „вистински пријатели на Израел какви што никогаш порано не сме имале“.

Планот Е1 сè уште не добил конечно одобрение, кое се очекува следната недела. Планот вклучува околу 3500 станови за проширување на населбата Мале Адумим. Иако остануваат некои бирократски чекори, ако процесот се одвива брзо, инфраструктурните работи би можеле да започнат во следните неколку месеци, а изградбата за околу една година.

Групите за човекови права брзо го осудија планот. Организацијата „Мир Сада“ го нарече „смртоносен за иднината на Израел и за секоја шанса за постигнување мирно решение за две држави“, кое „гарантира уште многу години крвопролевање“.

Објавата доаѓа откако Палестинската самоуправа и арапските земји ја осудија неодамнешната изјава на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е „многу“ посветен на визијата за Голем Израел. Поддржувачите на идејата веруваат дека Израел треба да го контролира не само окупираниот Западен Брег, туку и делови од арапските земји.

Руските регулатори ги ограничуваат апликациите WhatsApp и Telegram

илустрација
илустрација

Руските регулатори презедоа мерки за ограничување на користењето на популарните апликации за пораки WhatsApp и Telegram, што е најновиот чекор на руските власти да ги префрлат Русите кон новолансираната „супер апликација“ управувана од владата.

Овој потег на Роскомнадзор, агенцијата задолжена за следење и контрола на рускиот интернет, е дел од поголем, повеќегодишен напор на властите да контролираат како Русите пристапуваат до информации преку интернет.

Во соопштение од 13 август, Роскомнадзор објави дека телефонските повици направени преку Telegram и WhatsApp ќе бидат делумно ограничени, тврдејќи дека тие се „главните гласовни услуги што се користат за измама и изнудување пари и вклучување на руски граѓани во саботажа и терористички активности“.

„Ве информираме дека со цел борба против криминалците, во согласност со материјалите на агенциите за спроведување на законот, се преземаат мерки за делумно ограничување на повиците во овие странски пренесувачи на пораки“, ја цитираа државните новински агенции, Агенцијата.

Овој потег доаѓа неколку недели откако официјалните лица ја лансираа Max, нова апликација развиена од VK, компанијата за социјални медиуми порано позната како VKontakte. Активистите велат дека Max е делумно моделирана според кинеската апликација WeChat.

Со години, властите се мачеа да смислат начини за контрола или следење на Телеграм - апликација создадена во Русија, која сега се управува надвор од Русија - и WhatsApp, кој е во сопственост на матичната компанија на Фејсбук, Мета.

Овие напори се совпаѓаа со пошироките напори за контрола на тоа како Русите го користат интернетот.

Покрај тоа што ги таргетираа западните интернет гиганти како што се Фејсбук, Гугл, Епл и Амазон, властите развија домашни алтернативи како што се Јандекс, ВК и Меил.ру и се обидоа да воспостават надзор или целосна контрола врз нив.

Во соопштение објавено на платформата X, WhatsApp ги потврди ограничувањата и вети дека ќе стори сè што е можно „за да се осигури дека комуникацијата заштитена со енкрипција од крај до крај останува достапна за луѓето ширум светот, вклучително и во Русија“.

VK, чиј извршен директор е син на влијателниот советник во Кремљ, Сергеј Кириенко, се појави како лидер во развојот не само на апликацијата Max, туку и на алтернатива на YouTube, видео платформата во сопственост на Google, која е исто така многу популарна меѓу Русите.

Во јуни, рускиот претседател Владимир Путин објави дека сите владини услуги треба да бидат префрлени на Max.

САД предупредуваат на дополнителни царини за Индија, ако преговорите меѓу Трамп и Путин не успеат

илустрација
илустрација

Американскиот министер за финансии Скот Бесант предупреди дека Вашингтон би можел дополнително да ги зголеми царините за Индија и рече дека одлуката ќе зависи од исходот од средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска на 15 август, објави Би-Би-Си.

Порано овој месец, Трамп воведе казна од 25 проценти за Индија, покрај царините од 25 проценти за купување нафта и оружје од Русија.

Соединетите Држави се обидуваат да посредуваат во прекин на огнот меѓу Русија и Украина, а на 13 август, Трамп предупреди на „тешки последици“ ако Москва не се согласи на мировен договор.

Зголемениот увоз на евтина руска сурова нафта од Делхи од почетокот на војната во Украина ги затегна односите меѓу Индија и САД и ги наруши тековните трговски разговори со Вашингтон. Руската нафта сочинуваше 35 до 40 проценти од увозот на нафта во Индија во 2024 година, во споредба со 3 проценти во 2021 година.

Делхи го оправда купувањето руска нафта, тврдејќи дека како голем увозник на енергија мора да ја купи најевтината достапна сурова нафта за да ги заштити милионите сиромашни Индијци од зголемувањето на трошоците.

Новата царинска стапка на Трамп од 50 проценти за Индија треба да стапи на сила на 27 август, што некои го нарекоа де факто ембарго за трговијата меѓу двете земји.

Тоа ја прави Индија најданочен трговски партнер на САД во Азија и се очекува сериозно да ги попречи нејзините извозно ориентирани индустрии, како што се текстилот и накитот, а би можело и да го намали растот на Индија за дури половина процент.

Коментарите на Бесент доаѓаат откако тој ја нарече Индија „малку непослушна“ во трговските разговори во интервју за Фокс Бизнис на 12 август.

Трговските разговори меѓу Делхи и Вашингтон траат веќе неколку месеци, а се очекува американските преговарачи да пристигнат во Индија на 25 август. Сепак, експертите веруваат дека одбивањето на Индија да ги намали царините за земјоделските и млечните производи е голема пречка во преговорите.

Зеленски разговараше со Стармер пред средбата Трамп-Путин

Володомир Зеленски и Кит Стармер (архивска фотографија)
Володомир Зеленски и Кит Стармер (архивска фотографија)

Британскиот премиер Кир Стармер се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лондон денеска, додека Европа се подготвува за самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин.

Стармер разговараше со Зеленски откако рече дека Велика Британија е подготвена да го „зголеми притисокот“ врз Русија доколку е потребно.

Трамп ѝ се закани на Русија со „сериозни последици“ ако рускиот претседател отфрли мировен договор.

За време на телефонскиот разговор со американскиот претседател и европските сојузници вчера, Стармер го пофали Трамп за неговите напори да создаде „вистинска можност“ за завршување на војната.

Сепак, се изразија загрижености во врска со исклучувањето на Зеленски од самитот Трамп-Путин утре во Алјаска.

„Средбата во петок, на која ќе присуствува претседателот Трамп, е исклучително важна. Како што му кажав лично на претседателот Трамп, во три и пол години колку што трае овој конфликт, не сме се приближиле до перспективата за вистинско решение за прекин на огнот. А сега ја имаме таа можност благодарение на напорите што ги вложи претседателот“, рече вчера Стармер.

„Важно е да ги потсетиме колегите дека сме подготвени да го зголемиме притисокот врз Русија, особено врз економијата, со санкции и посеопфатни мерки, доколку е потребно, додаде тој.

Стармер и европските лидери постојано наведуваат дека дискусиите за Украина не треба да се водат без учество на Киев.

Од друга страна, американскиот претседател претходно призна дека прекинот на огнот може да вклучува „размена“ на територија. Се верува дека едно од барањата на рускиот лидер е Украина да отстапи делови од Донбас што сè уште ги контролира.

Сепак, Зеленски веќе ги отфрли сите предлози што би го нарушиле територијалниот интегритет на Украина, што е забрането со уставот на земјата.

Во заедничката декларација на Коалицијата на подготвените, копретседавана од Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, се вели дека „меѓународните граници не треба да се менуваат со сила“.

Во неа се додава: „Санкциите и посеопфатните економски мерки за притисок врз воената економија на Русија мора да се зајакнат доколку Русија не се согласи на прекин на огнот во Алјаска“.

Коалицијата на подготвените е европска иницијатива за испраќање мировни сили во Украина во случај на прекин на огнот.

Најмалку 20 Палестинци загинале во израелски напади врз Газа

Газа (фотоархива).
Газа (фотоархива).

Најмалку 20 Палестинци биле убиени во серија израелски напади врз Појасот Газа во средта на 13 август, соопштија локални медицински извори.

Меѓу жртвите се седум лица кои биле убиени северозападно од градот Газа на пункт за дистрибуција на хуманитарна помош каде работеле како обезбедување. Уште седум лица, меѓу кои пет деца, биле убиени кога при воздушен напад бил погоден шаторот во кој престојувале.

Нападите се случуваат во време кога израелските сили најавуваат операција за преземање на градот Газа, што предизвика меѓународна осуда и предупредувања за потенцијални катастрофални хуманитарни последици.

Во посебен напад со беспилотно летало на северот на Појасот Газа, пак, загинало едно лице, додека петмина цивили биле убиени чекајќи помош јужно од долината на реката што тече низ централниот дел на Појасот, објави палестинската новинска агенција WAFA. Израелската војска соопшти дека ги истражува тврдењата.

Во текот на утрото на 13 август беа пријавени неколку воздушни напади, особено во Газа, а беа погодени и неколку објекти.

Смртоносни инциденти сè почесно се случуваат во близина на пунктовите за дистрибуција на помош управувани од Хуманитарната фондација Газа (GHF) којашто е поддржана од Израел и САД. GHF започна со операции во мај, по тримесечно прекинување на испораката на помош.

Војната започна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, изврши напад врз Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и заробувајќи повеќе од 250 лица кои потоа беа земени како заложници во Појасот Газа.

Оттогаш, повеќе од 61.700 Палестинци се убиени, според Министерството за здравство управувано од Хамас. Иако бројките не можат да бидат независно потврдени, Обединетите Нации ги сметаат за веродостојни.

Министерството тврди и дека повеќе од 1.850 луѓе загинале обидувајќи се да добијат помош, честопати преминувајќи активни борбени зони.

Безбедносниот кабинет на Израел, предводен од премиерот Бенјамин Нетанјаху, одлучи дека армијата треба да ја преземе контролата врз Газа, со можна цел да го елиминира Хамас. Временскиот рок за операцијата сè уште не е познат, но локалните медиуми наведуваат дека подготовките би можеле да траат околу две недели.

Уставен ќе го испитува Протоколот потпишан со Бугарија

Поранешните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и и Теодора Генчовска по потпишувањето на Протоколот, 17 јули 2022 г.
Поранешните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и и Теодора Генчовска по потпишувањето на Протоколот, 17 јули 2022 г.

Уставниот суд на Северна Македонија оформи предмет во кој ќе го испитува Протоколот што земјава го потпиша во Република Бугарија на 17 јули 2022 година и беше потпишан во период кога се договори т.н. „француски предлог“ за одблокирање на пристапните преговори со Европската унија.

Од Уставен денеска (13 август) информираа дека во тек е постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.

Иницијативата со која се оспори Протоколот ја поднесе поранешната пратеничка и експретседателка на партијата ДОМ, Лилјана Поповска, која смета дека е спротивен на Уставот односно на основните слободи и права на човекот.

„Подносителката тврди дека Пртоколот има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава“, информираа од Уставниот суд.

Како што навела Поповска, таа смета и оти Пртоколот е противуставен бидејќи не е ратификуван во Собранието и не е објавен во Службен весник, а тврди и оти е спротивен на Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори.

„Во иницијативата е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Параламентот туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија“, велат од Уставен.
Она што го бара експратеничката од Уставен е да се поништи Проколот.

Протоколот беше потпишан во Софија за време на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија од страна на поранешните министри за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска.

По потпишувањето, Османи тогаш кажа дека за земјава биле важни три работи и тоа: Протоколот да не биде дел од преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде чист во комуникацијата со ЕУ и историските прашања да се надвор од преговорите.

На брифинг со новинарите, тој тогаш рече дека Протоколот „во својата правна суштина е записник од состанок“, во кој има дневен ред, преглед на политичкиот дијалог, средбите и активностите, потоа преглед на секторска соработка и на меѓуресорските работни групи, како и пет теми за кои двете држави треба да преземаат мерки. Петте теми се однесуваат на историјата, поддршка на ЕУ интеграцијата, говорот на омраза, територијалните претензии и рехабилитацијата на жртвите на репресија од комунистичкиот режим.

Наспроти тврдењата на тогашната власт, ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, вклучително и актуелниот премиер Христијан Мицкоски, реагираа бурно споредувајќи го документот со капитулација.

Антикорупциска ќе добие претседател по локалните избори

Доскорешната претседателка Татјана Димитровска си даде оставка откако против неа беше поднесено обвинение.
Доскорешната претседателка Татјана Димитровска си даде оставка откако против неа беше поднесено обвинение.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе добие нов претседател по завршувањето на локалните избори.

Ова стана јасно откако денеска, 13 август, во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата Собранието го формираше телото кое треба да ја направи селекцијата на кандидатите што ќе се пријават на огласот за претседател.

Тоа значи дека во текот на изборниот процес, Антикорупциската комисија ќе биде без претседател, а со тоа и со еден член помалку – шест од вкупно седум члена. Челната функцијата привремено ќе ја извршува заменик-претседателот, кој според законските одредби, ги врши сите должности и овластувања што ги имал претседателот.

ДКСК остана без прв човек откако доскорешната претседателка Татјана Димитровска си поднесе оставка. Оставката следеше откако таа беше обвинета за две кривични дела: оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, и за компјутерски фалсификат, бидејќи ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.

По ова, Собранието на 5 август одлучи да распише оглас за нејзин наследник. Меѓутоа, на 9 август собранискиот претседател Африм Гаши ги распиша локалните избори што треба да се одржат на 19 октомври (прв круг) и на 2 ноември (втор круг).

Ваквата ситуација го доведе во прашање изборот на нов претседател на ДКСК бидејќи изборните правила забрануваат вработување нови лица во државни институции од распишувањето до завршувањето на изборите, додека постапките што се започнати се ставаат во мирување.
Пратениците побараа мислење од останатите шест члена на Антикорупциската комисија дали да продолжат или да го стават во мирување процесот на избор, но тие одбија да се произнесат. Сепак, антикорупционерите им укажаа на пратениците на законските одредби околу забраните што беше причина изборот да се остави за по завршување на изборите.

„Сакаме да укажеме на Комисијата за селекција дека нејзината работа ќе продолжи по завршување на изборите на 3 ноември“, им рече Сајкоски на членовите на Комисијата што треба ја прави селекцијата на пристигнатите кандидатури.

Инаку, како членови на ова тело беа избрани замениккот народен правобранител Илбер Руфати, двајца претставници на здруженија кои се дел од советите за соработка на Владата и граѓанскиот сектор – Дарко Аврамовски и Бардил Јашари, како и четворица пратеници – Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, Саранда Имери Стафаи од ВРЕДИ, Митко Трајчулески од СДСМ и Арбана Пашоли од Европскиот фронт.

Оваа комисија, по завршувањето на изборите, ќе треба да ги провери документите и да ги селектира кандидатите кои ќе се пријават на огласот за претседател на ДКСК што трае до 15 август. Потоа, во рок од пет дена од објавувањето на листата кандидати, ќе треба да организира интервју со нив за да може да утврди ранг-листа.

Ранг-листата потоа ќе треба да се најде во рацете на пратениците-членови на собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата кои, пак, во рок од два дена треба да изгласаат и достават предлогот за претседател до Собранието за да може тој да се изгласа и на пленарна седница.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG