Достапни линкови

Почна тридневниот прекин на огнот, засега мирно во украинските градови


илустрација
илустрација

Мирно е во украинските градови рано изутрината на 8 мај, откако стапи на сила тридневниот прекин на огнот прогласен од Русија. Засега нема извештаи за напади со дронови со долг дострел или лансирање ракети по последователните ноќи бомбардирање.

Украинските воздухопловни сили, сепак, соопштија дека руските авиони двапати лансирале насочувачки бомби врз регионот Суми во североисточна Украина во раните утрински часови на 8 мај.

Воздухопловните сили соопштија дека првите бомби биле лансирани речиси три часа откако прекинот на огнот стапил на сила. Втората рунда бомби била лансирана во рок од два часа, соопштија на Телеграм.

Нема информации за штети.

Украина не се обврза на прекин на огнот, велејќи дека Путин го објави само за да создаде впечаток дека сака да ја заврши војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видео обраќање на 7 мај рече дека сирените за воздушен напад се вклучиле низ цела Украина во текот на денот по смртоносните ноќни напади.

„Преку ноќ, имаше уште еден руски напад со ракети и беспилотни летала - балистички напади и повеќе од 140 дронови во една ноќ. Беше гласно во Киев и во другите градови. Трагично, има ранети, има убиени“, рече Зеленски.

Тој исто така, додаде дека Украина стои зад својата понуда да почитува 30-дневен прекин на огнот во војната, која започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Путин го објави примирјето по повод годишната прослава на Денот на победата во Русија на 9 мај, кога се одбележува крајот на Втората светска војна во Европа.

Украина го отфрли потегот како симболичен и, заедно со Соединетите Држави, продолжува да повикува на минимално 30-дневно примирје.

XS
SM
MD
LG