Вести
Се одбележуваат 153 години од раѓањето на Гоце Делчев

Во земјава денеска (4 февруари) се одбележуваат 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.
Централното чествување по повод раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност е во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што цвеќе положија премиерот Христијан Мицкоски, претставници на Собранието, делегации на други институции, на партии, граѓански здруженија.
„Тоа што го правевме во минатото продолжуваме да го правиме и како Влада. Цениме дека македонската Влада треба да има традиција и во иднина да го чествува овој ден бидејќи ова е наш македонски великан кој е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее никогаш да биде заборавено“, порача премиерот Мицкоски.
Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев пак вчера изјави дека заедничко одбележување на 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари ќе нема, бидејќи Бугарија не добила покана од Северна Македонија.
„Ако прашањето е зошто нема да има заедничко чествување, тоа е затоа што не сме добиле покана за такво нешто. Последното такво чествување беше откако се потпиша Договорот за добрососедство во 2017 година. Но, во овој момент немаме покана од Република Северна Македонија заедно да го чествуваме тој ден“, рече Георгиев.
Прашан дали со заедничкото одбележување би можеле да се повторат тензиите од 2023 година, тој посочи дека „историјата треба да обединува, а не да разделува“.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер. Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.
види ги сите денешни вести
Анализа: Нападот на Иран врз американската воздухопловна база во Катар е високо симболичен

Иранскиот ракетен напад на воената база Ал Удеид во Катар беше многу симболичен чин, внимателно калибриран за да испрати порака на решителност, избегнувајќи поширок и поразорен конфликт.
Иран експлицитно изјави дека бројот на проектили лансирани денеска (23 јуни) соодветствува со бројот на бомби фрлени од Соединетите Американски Држави на иранските нуклеарни локации, сигнализирајќи ја својата намера да даде пропорционален одговор наместо да ја ескалира ситуацијата неконтролирано.
Оваа симетрија во акцијата ја нагласува намерата на Иран да не ги остави нападите на својата територија без одговор, но ,исто така, и да не бара војна без ограничувања во однос на користењето оружје.
Зошто Иран целеше кон воздухопловната база Ал Удеид?
Воената база Ал Удеид служи како најголема американска воена инсталација на Блискиот Исток која ги надгледува американските воени операции во регионот. Сателитските снимки од 20 јуни индицираа дека САД отстраниле околу 40 воени воздухоплови на различни типови од базата.
Нападот беше насочен кон Ал Удеид, но Иран нагласи дека одбрале база надвор од населените области и, според катарските службеници, тој не резултирал со повредени.
Таквата воздржаност укажува дека целта на Иран не била да предизвика масовни жртви, туку да направи политичка и воена изјава.
Со обезбедување на претходно предупредување и внимателно избирање на целите, Иран мим овозможи на на Соединетите Држави и нивните сојузници да превземат мерки за претпазливост, со што дополнително се намали ризикот од непланирано ескалирање.
Иран сигнализира дека е отворен за де-ескалација
Овој пристап го рефлектира одговорот кон САД за убиството на командантот на Иранската револуционерна гарда, Касем Сулејмани за кого се сметаше дека е вториот најмоќен човек во Иран.
Иран се одмазди со испраќање ракети кон ирачка воена база каде што се наоѓаат американски трупи во јануари 2020, на што исто така му претходеше предупредување и не резултираше со жртви.
Во двата случаи, Иран се стремеше да ги задоволи домашните побарувања за одмазда, истовремено сигнализирајќи ѝ на меѓународната заедница, особено на регионалните актери и глобалните сили, дека е отворен за деескалација.
Оваа тактика им овозможи на сите страни потенцијална патека за избегнување на понатамошен конфликт, овозможувајќи им на лидерите да тврдат дека делувале одлучно, без да преминат прагови што би ги направиле дипломатските решенија невозможно.
Иран соопшти дека ја нападнал базата во Катар во која се стационирани силите на САД

Иран денеска (23 јуни) соопшти дека ги нападнал американските сили стационирани во катарската воздухопловна база Ал Удеид – пренесе АП.
Со објава на државната телевизија е наведено дека тоа е „моќен и успешен одговор на вооружените сили на Иран на американската агресија“.
Катар пак, соопшти дека дека го задржува правото да одговори директно, согласно со меѓународното право откако Иран ја погоди американската воена база Ал Удеид во Доха како одговор на нападот на САД на иранската нуклеарна постројка.
Катар наведува дека иранскиот напад на американската база е „флагрантно кршење“ на суверинитетот.
Во соопштението на Катар се наведува дека не се пријавени жртви во нападот.
Катарското Министерство за одбрана наведе дека неговата противвоздушна одбрана „успешно го пресретнала ракетниот напад насочен кон воздухопловната база Ал Удеид“. Министерството потврди дека воздушниот простор и територијата на Катар се безбедни и дека катарските вооружени сили „секогаш се целосно подготвени да се справат со каква било закана“.
Бахреин привремено го прекина воздушниот сообраќај бидејќи Иран ја нападна базата на САД во соседен Катар како одговор на амариканските напади.
„Службата за цивилно воздухопловство при Министерството за сообраќај и телекомуникации објави дека привремено го запира воздушниот сообраќај над небото на Кралството Бахреин како мерка на претпазливост“, се наведува во соопштението.
Инаку, неколку часа по полноќ на 22 јуни, САД извршија напад со десетина конвенционални бомби најголеми во американскиот арсенал (13.000 килограми GBU-57 Massive Ordnance Penetrator) и тие беа исфрлени од еден од најсофистицираните авиони на американските воздухопловни сили - бомбардерот Б-2.
Станува збор за планинскиот венец Фордо, каде што Иран со години градеше голем објект, длабоко под земја, за збогатување ураниум за употреба во цивилни електрани, или, како што инсистира Израел, за употреба во нуклеарно оружје.
Овој мал планински венец се наоѓ на околу 200 километри југозападно од Техеран.
Српско оружје до Украина преку Чешка и Бугарија, тврди Надворешната разузнавачка служба на Русија

Муниција произведена во одбранбените претпријатија во Србија, се праќа кон земјите на НАТО во интерес на Украина за обликување комплетни сетови на делови за монтажа – соопшти прес службата на руската Служба за надворешно разузнавање.
„Ова му овозможува на Киев формално да прими производи на воената индустрија кои веќе не се српски, туку се монтираат во фабриките за оружје во западните земји. Монтажата и полнењето на муницијата пред сѐ, се врши во Чешка и Бугарија“, се наведува во соопштението кое денеска (23 јуни) беше објавено на веб страницата на Службата.
Во соопштението се додава дека според информациите кои ги добила Надворешната разузнавачка служба на Русија (СВР), „украинската војска е благодарна на српските производители на оружје и муниција за нивниот придонес во одржувањето на борбената готовност на вооружените сили на Украина“.
Се наведува и дека според податоците на СВР, фабриката „Крушик“ од Ваљево на западот на Србија, „продала неколку големи серии комплети за склопување на ракети на чешката компанија „Poličske strojerni", а компанијата „Елинг“ како што се додава, пратила комплети за производство на истите ракети како и на мини, на бугарската компанија „ЕМКО“.
Во соопштението се наведува дека производителите на оружје и воена опрема во Србија „добро се свесни за вистинските потрошувачи на нивните производи“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија го прекинала извозот на муниција. Неговата изјава доаѓа во екот на судирот меѓу Израел и Иран.
Во обраќањето пред новинарите, Вучиќ се осврна и на наводите дека Србија извезува муниција во Украина.
„Да променам нешто, можам само на ваков начин – да кажам, целата муниција некое време е само во нашите касарни“, изјави Вучиќ.
Прецизни податоци за тоа што од оружјето и воената опрема и во кои количини Србија извезува во Украина, Израел и други држави не се јавно достапни. Ресорното министерство последните години на својата веб страница не објавува годишни извештаи за издадените дозволи за извоз. Осврнувајќи се на критиките поради извозот на оружје, Вучиќ рече дека води сметка за безбедноста на државата, но води сметка и за работниците во наменската индустрија каде што се произведува муницијата која Србија ја извезувала во странство.
Ова не е првпат руската надворешна разузнавачка служба да ја обвини Србија за испорака на муниција кон Украина. Во претходното соопштение од 28 мај, Службата наведе дека Србија „и покрај официјално декларираната неутралност“, продолжува со воените испорани на Украина.
Реакцијата од Москва доаѓа откако со години наназад одредени медиуми пишуваа за тоа дека српското оружје и муниција преку трети земји завршуваат во рацете на украинските војници. Официјален Белград повеќепати демантираше дека Србија директно извезува оружје во Украина или Русија, со оценка дека „не може да влијае на тоа" дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.
Вкупно 45 повредени од пожарот во „Пулс“ почнаа со рехабилитација на Пониква

Од викендов на двонеделна рехабилитација во одморалиштето на МВР на Пониква се наоѓа првата група од 45 повредени лица од пожарот во клубот „Пулс“.
Со нив работат лекари специјалисти од Клиниката за пластична хирургија од Скопје, како и физиотерапевти од Кочани и Штип, кои им овозможуваат соодветна медицинска нега и физиотерапевтска терапија.
„Престојот на повредените им годи. Превентивно носат долги ракави, заштитени се, не излегуваат преку ден на сончева светлина, а во вечерните часови се физички активни и ги користат опремените игралишта, со што некои постепено се враќаат на своите нормални спортски активности од претходно“, истакна Катерина Мирчовска, в.д. директорка на Општата болница во Кочани.
Таа додаде дека сите пациенти се вклучени во системот „Мој термин“ во рамки на проектот за рехабилитација на Пониква.
На Одделот за хирургија во болницата во Кочани пак, веќе се обезбедени услови за ПРП терапијата на повредените според списокот што е добиен од Клиниката за пластична хирургија. Терапијата ќе се спроведе в петок во соработка со специјалисти по пластична и реконструктивна хирургија од Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“ од Скопје.
„Во нашата болница ќе продолжи и физикалната терапија за 16 повредени, оваа недела ќе се реализира во втора смена, во адаптираните простории на хирургија“, рече д-р Мирчовска.
Пристигнаа повредените од „Пирогов“ во Софија
Таа информираше дека дополнително, пристигнале и повредените од болницата „Пирогов“ во Софија. Тие ќе се вклучат во терапијата во кочанската болница, затоа што сѐ уште ќе имаат обврски за прегледи во бугарската здравствена институција.
„Со оглед што реконструкцијата на просториите за физикална терапија оди според планот, очекуваме за три недели да почнат да се користат условите таму“, додаде Мирчовска.
Во втората група повредени кои ќе престојуваат на Пониква, освен оние на кои им е потребна физикална терапија, ќе бидат вклучени и лица со респираторна патологија на кои им завршило лекувањето.
Лекувањето за сите повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ е бесплатно, а одлуката одморалиштето на Пониква да стане рехабилитационен центар за нив, Владата ја донесе на 11 јуни.
Владината прес служба тогаш соопшти дека одморалиштето има 27 соби и 56 легла коишто му се ставаат на располагање на Министерството за здравство.
Неколку дена подоцна, ваквата одлука беше оспорена од опозицијата која реагираше дека се отвораат сериозни прашања околу „одговорноста и профеисоналноста на институциите“.
„Македонија располага со повеќе објекти наменети за долготрајна нега и рехабилитација: Јасеново, Отешево, Лешок, па дури и делови од постојните клиники и болници кои можеа да бидат пренаменети и опремени. Зошто ниту еден од овие капацитети не беше земен предвид? Зарем здравствениот систем не знае со што располага“ – праша на прес конференција д-р Елена Радевска, членка на Комисијата за здравство на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, ги оценија овие изјави како „паушални и злонамерни“.
„Врз основа на која проценка и кои факти проценија од СДС и Радевска дека одморалиштето Пониква се несоодветни за таа намена? Ставањето во употреба на одморалиштето беше проценка на стручен здравствен тим од лекари на министерството за здравство, а меѓу другото е и барање на самите пациенти“, возвратија од владеачката партија.
Пожарот кој избувна на 16 март годинава во дискотеката „Пулс“ во Кочани ги одзеде животите на 62 млади лица, а околу 200 беа повредени.
Ормутскиот теснец: зошто е важен?

Иранските пратеници ги поддржуваат повиците за затворање на Ормускиот теснец, витална глобална трговска рута, каде што поминува повеќе од една петтина од светското снабдување со нафта секој ден.
Техеран во минатото се закануваше дека ќе го затвори теснецот, што ќе ја ограничи трговијата и ќе влијае на глобалните цени на нафтата,но никогаш не ја оствари заканата.
Иако очигледно постои консензус во иранскиот парламент за поддршка на затворањето на теснецот, крајната одлука е на Врховниот совет за национална безбедност на земјата.
Покрај Иран, Саудиска Арабија, Кувајт и Ирак исто така се потпираат на тесниот воден пат за да ја донесат својата нафта до Кина и другите светски пазари.
Теснецот лежи помеѓу Оман и Иран и го поврзува Персискиот Залив на север со Оманскиот Залив на југ и Арапското Море пошироко.
Широк е 33 километри во својата најтесна точка, а неговата лента за транспорт е широка само 3 километри.
Стравувањата од затворањето на теснецот предизвикуваат шокови низ нафтените пазари
Иран, клучна членка на ОПЕК, произведува околу 3,3 милиони барели нафта дневно и извезува над 2 милиони дневно, најголем дел преку Ормутскиот Теснец.
Како што ескалираат тензиите со Израел, се зголемуваат стравувањата дека оваа витална бродска рута би можела да биде цел или затворена.
Приближно 20% од светската нафта, околу 18-19 милиони барели дневно, поминува низ теснецот.
Дури и привременото нарушување може да предизвика шок на глобалното снабдување и да доведе до пораст на цените на енергијата.
Затворањето на теснецот му нуди на Техеран начин директно да ги притисне САД со предизвикување скок на цените на нафтата, што веројатно би предизвикало итна инфлација, како во САД, така и на глобално ниво.
Меѓутоа, таквиот потег би бил и значаен чин на економска самосаботажа.
Иран се потпира на истата рута за сопствениот извоз на нафта, а нејзиното блокирање може да ги натера арапските земји од Персискиот залив - и покрај нивните критики за израелскиот напад - да влезат во кавгата со цел да ги заштитат своите стратешки и економски интереси.
Пред избори ДОМ ја напушта СДСМ, формира Зелена коалиција

Во пресрет на локалните избори наесен партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) објави дека излегува од досегашната коалиција со СДСМ и во иднина ќе делува независно на македонската политичка сцена. Стратегиската определба на партијата е создавање на нова "Зелена коалиција" во партнерство со граѓански организации.
Промените ги донел Централниот одбор на ДОМ, со цел да се постави нова програмска насока ориентирана кон развој на еколошки, фер и инклузивни политики. "Кога процесите се затворени, потребно е самостојно и доследно политичко дејствување", наведуваат од партијата.
Ова било решено на седница на Централниот одбор на ДОМ одржана пред два дена, на која, како што велат од партијата, се донесени три важни одлуки кои ќе ја постават идната политичка насока на ДОМ, која води кон вредносна доследност, отвореност и одговорност.
Велат дека ваквиот политички избор е желба на членовите на партијата да градат нова култура на локална политика – автентична, вредносно доследна и поврзана со потребите на локалните заедници.
„Наместо компромиси со политички партнери без визија, ДОМ ги отвора вратите само за граѓанските сојузници кои ја споделуваат вредносната мисија за зелена, праведна и инклузивна локална политика“, велат од партијата.
Во својата изјава, партијата изразува критика кон актуелниот политички амбиент и потенцира дека коалициите треба да се создаваат врз основа на вредности, а не само на партиски интереси. За претстојните локални избори, ДОМ најавува отсуство на формални коалиции со политички партии и соработка исклучиво со граѓански иницијативи и локални заедници.
ДОМ не соопштува со кого конкретно ќе коалицира на локалните избори кои најверојатно че се одржат во октомври, ниту каде ќе има свои кандидати за градоначалници и советници.
Двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ вече објавија кандидати за градоначалници во голем дел градови, но и двете партии главно ги објавуваат имињата на актуелни градоначалници кои повторно ќе се кандидираат .
Трамп зборува за можна „промена на режимот“ во Иран по американските воздушни напади

Американскиот претседател Доналд Трамп сугерираше дека би можел да го поздрави соборувањето на владата во Техеран, неколку часа откако членовите на неговата администрација инсистираа дека неодамнешните напади врз Иран не биле наменети за „промена на режимот“.
„Политички не е коректно да се користи терминот „Промена на режимот“, но ако актуелниот ирански режим не е во состојба да го направи Иран ПОВТОРНО ГОЛЕМ, зошто да не го промени режимот? Да ја направиме Америка повторно голема!!!“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.
Коментарите дојдоа неколку часа откако водечките членови на неговата администрација - потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и секретарот за одбрана Пит Хегсет - посочија дека американските воздушни напади на иранските нуклеарни постројкина 21 јуни имале за цел да се постигне договор преку преговори, а не да се собори сегашната теократска влада предводена од исламот.
На прес-конференција, Хегсет ги нарече нападите „прецизна операција“ чија цел е само иранската нуклеарна програма, а не иранските трупи или иранскиот народ. „Оваа мисија не беше, и не е, за промена на режимот“, рече тој.
Трамп „бара мир, а Иран треба да оди по тој пат“, рече Хегсет, подоцна додавајќи: „Треба да има договор со преговори овде“.
„Ние не сакаме да го продолжиме ова или да го прошириме повеќе отколку што е веќе проширено. Сакаме да ставиме крај на нивната нуклеарна програма“, рече Венс на телевизијата NBC. „Сакаме да разговараме со Иранците за долгорочно решение овде.
„Иранскиот режим треба да се разбуди и да каже: „Во ред, ако навистина сакаме нуклеарна енергија во нашата земја -- постои начин да го направиме тоа“. Таа понуда сè уште постои.
Некои членови на Републиканската партија на Трамп, сепак, повикаа на соборување на иранската влада во минатото, вклучувајќи го и влијателниот сенатор од Тексас, Тед Круз.
„Јас се залагам да користиме максимален притисок и економски санкции за да извршиме притисок врз режимот на начин што би можел да го поттикне падот на овој режим“, рече тој пред американските напади.
На 22 јуни, американските власти го предупредија Техеран да не возвраќа по невидените воздушни напади за кои Трамп тврдеше дека ги „уништиле“ клучните ирански нуклеарни постројки.
Во услови на зголемени тензии, Соединетите Држави објавија ретко „глобално предупредување“, советувајќи ги Американците во странство да бидат повнимателни.
„Конфликтот меѓу Израел и Иран резултираше со нарушувања на патувањата и периодично затворање на воздушниот простор низ Блискиот Исток. Постои можност за демонстрации против американските граѓани и интересите во странство“, се вели во предупредувањето.
Иран и Израел започнаа нови рунди воздушни напади едни против други во раните утрински часови на 23 јуни.
Иран одговори ладнокрвно на итните повици за враќање на разговорите, нагласувајќи го своето право на самоодбрана, велејќи дека Соединетите Држави ќе бидат одговорни за „опасните последици“ од своите постапки и сугерирајќи дека дипломатијата може да дојде само откако Техеран ќе одговори.
Министерот за надворешни работи Абас Аракчи на прес-конференција во Истанбул рече дека „вратата на дипломатијата“ секогаш треба да биде отворена, но дека „тоа не е така во моментов“.
Иран е нападнат и ќе го користи своето право на самоодбрана се додека е потребно, додаде тој, но рече дека не може да открие какви дејствија ќе преземе Иран како одговор на американските напади.
Иранските државни медиуми подоцна објавија дека Аракчи пристигнал во Москва на 23 јуни за да одржи консултации со високи лидери, вклучително и со претседателот Владимир Путин, чија неодамнешна понуда да помогне во преговорите со Техеран беше практично отфрлена од Трамп.
„Русија е наш партнер и ние секогаш се консултираме“, рече Аракчи пред неговото пристигнување.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел е „многу, многу блиску“ до постигнување на своите цели по повеќе од една недела воздушни напади против Иран, вклучително и елиминирање на балистичките ракети и нуклеарните закани на Техеран.
„Чекор по чекор се движиме кон постигнување на овие цели, многу, многу сме блиску до нивно исполнување“, рече Нетанјаху на прес-конференција.
Тој додаде дека „штом ќе бидат постигнати, операцијата ќе биде завршена“.
На 13 јуни, Израел започна големи напади против Иран, гаѓајќи ги неговите ракетни и нуклеарни постројки, како и воените лидери и безбедносните служби.
Многу врвни воени лидери и нуклеарни научници беа убиени во нападите, призна Иран.
Од почетокот на првичните израелски напади, двете нации разменија воздушни напади една против друга, предизвикувајќи воени и цивилни жртви и материјална штета.
Групата за човекови права Активисти за човекови права со седиште во Вашингтон соопштија дека најмалку 950 луѓе се убиени во Иран во воздушни напади од 13 јуни, меѓу кои 380 цивили. Израелските власти соопштија дека бројот на загинати во иранските напади е 24.
Генералниот секретар на ОН предупреди на „растечкиот ризик дека овој конфликт може брзо да излезе од контрола“, бидејќи стравувањата од поширока војна се зголемија по американското бомбардирање во текот на ноќта.
Антонио Гутереш зборуваше на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, додавајќи дека „народот во регионот не може да издржи уште еден циклус на уништување“.
Извори: Ројтерс, АФП, АП
Мицкоски тврди дека во Брисел имало обид за удар врз македонскиот јазик

Премиерот, Христијан Мицкоски тврди дека деновиве добил „вознемирувачки информации за една силна активност на одредени политичари во Брисел“.
„Очекувам силна порака од Европскиот парламент за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик. Успеавме да го амортизираме ударот, којшто повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик“, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при пуштањето во употреба на реконструираниот регионален пат Понов мост-Богданци.
Тој посочи дека откако ја добил информацијата за една силна активност на одредени политичари во Брисел, имал организирана активност со министерот за надворешни работи, при што успеале да го амортизираат ударот, кој како што рече, повторно некој сакал да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик.
„Јас успеав да контактирам со сите од Брисел и мислам дека успеавме некако да го амортизираме оној удар, кој што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик, доформулирајќи го, дообјаснувајќи го со модерен или сегашен, само да се обидат да креираат некоја нова нација, а со тоа да го нарушат и кредибилитетот на самата ЕУ. За жал, постојат и такви членови на Европскиот парламент, но среќа за нас што огромното мнозинство таму, застануваат зад нашите аргументи“, рече Мицкоски.
Прашан за коментар во врска со денешната трибина на СДСМ насловена „Македонија понижена – Една година Влада“, Мицкоски порача дека сето она на кое што работат овие денови, е токму исплата на сите долгови наследени од оваа партија.
Тој потенцира дека веќе нема да има прифаќање на сѐ што „ќе се сервира на маса, нема да се прифаќаат билатерални спогодби и договори кои што се на штета на македонскиот идентитет“.
Претходно, опозицискиот лидер Венко Филипче реагираше дека актуелната влада ги понижила работниците, земјоделците и младите.
„Една година беше повеќе од доволно време да видиме дека ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со една голема лага. По една година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНAM и ВЛЕН, Македонија не изгледа како просперитетна држава со јасна насока, туку како држава со повредено достоинство и разочарани граѓани“, порача денеска лидерот на СДСМ, Филипче на партиската трибина насловена „Македонија понижена – една година Влада“.
Пластичен хирург утре ќе ги посети повредените во одморалиштето на Пониква

Експерт за пластична хирургија утре ќе ги посети повредените од пожарот од Кочани кои се на рехабилитација во Пониква за да види какви потреби имаат и како ќе може да им се помогне - најави денеска (22 јуни) министерот за здравство, Азир Алиу.
„Таму 45 граѓани се дел од таа програма во Пониква. Имаме пет вработени, двајца лекари и три медицински сестри. Имаме програма која е во тек од сабота. Денеска на пример таму температурата е фантастична 17 степени. Надвор се, играат кошарка и такви активности имаат“, изјави Алиу на денешната прес конференција.
Што се однесува до Кочани и последиците од пожарот во дискотеката „Пулс“, тој кажа дека се планира долгогодишна програма за градот не само за граѓаните и за настраданите.
Претходно, на брифинг со новинарите тој најави дека Кочани ќе добие модерен и иновативен центар, каде повредените ќе може да развиваат креативни идеи.
„Верувам дека од таков тип на центар ќе излезат можеби и старт-ап компании со нови идеи во здравството и во други решенија. Тие млади се многу креативни, само им треба инфраструктура и менторирање за да реализираат креативни идеи во проекти, компании и така натаму“, истакна министерот.
Првите пациенти од трагедијата во Кочани пристигнаа во одморалиштето на Пониква вчера, а во меѓувреме се подобруваат условите и во болницата во Кочани.
Доктор Катерина Паниќ - Мирчовска, в.д. директор на Општата болница - Кочани, во петокот информираше дека веќе ги добиле потребните креми за апликација на изгорениците. Таа рече дека е стигната и тура од 95 лепенки кои како што додаде, пациентите долго ги барале.
„Support Kocani“ обезбеди 4.070 силиконски лепенки за повредените
Попладнево пак, граѓанската иницијатива Support Kocani соопшти дека во Кочани пристигнале 407 кутии со силиконски лепенки Atrauman Silicone, со вкупно 4.070 лепенки, како дел од континуираната хуманитарна помош за повредените од трагичниот настан во клубот „Пулс“.
Овие медицински лепенки, во кои секоја кутија содржи 10 парчиња, како што посочуваат, се специјално наменети за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожа. Тие претставуваат донација од хумани сограѓани и компании кои живеат и работат во Словенија, кои великодушно се приклучија на нашата мисија за помош.
-Лепенките наскоро ќе бидат донирани на Општата болница во Кочани, во координација со здравствените служби и потребите на пациентите. Оваа донација е уште еден потсетник дека вистинската поддршка понекогаш доаѓа таму каде што најмалку ја очекуваме - од срцата на обичните луѓе, преку граници и без големи зборови, велат од иницијативата.
Нагласуваат дека Support Kocani очекува нови пратки со медицински материјали и од други земји, меѓу кои Австралија и Данска, каде како што велат, македонски иселеници и пријатели на Кочани активно се вклучуваат со поддршка.
Зеленски: Москва не гледа кого праќа, место украински, примивме тела на руски војници

Киев прими тела на најмалку 20 руски војници, наместо на украински, во текот на неодамнешната размена на загинати во војната со Москва – изјави претседателост Володомир Зеленски, обвинувајќи ја Русија дека „не проверува кого праќа“.
„Нам ни дадоа мртви тела на свои граѓани. Тоа е нивниот став кон војната, кон своите војници. И тоа е веќе документирано. Понекогаш овие тела дури имаат и руски пасоши“, истакна Зеленски,
Тој посочи дека руската страна инсистирала дека сите загинати се Украинци.
Зеленски разговараше со новинарите во Киев на 20 јуни, покажувајќи им руски пасош и лична карта за кои украинските власти сметаат дека му припаѓаат на еден од дваесетмината загинати Руси.
Според надлежните, човекот бил од околината на Москва, но тие не го открија неговиот идентитет.
Репатријациите беа спроведени по двете рунди директни мировни преговори во Истанбул на почетокот на јуни, кои резултираа со договор за враќање на затвореници и тела на загинати, но не донесоа видлив напредок во заокружувањето на руската војна против Украина.
За време на втората рунда преговори, Украина и Русија се согласија да разменат тела на по 6000 војници. Меѓутоа, Киев изрази загриженост дека бројот е преголем и дека немало доволно време за форензички прегледи и проверка на идентитетот на загинатите.
Десетина илјади војници беа убиени на двете страни од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022. Ниту една од двете земји не објавува редовни информации за воените жртви.
Украина бара поддршка од Западот за зголемување на производството на оружје. Зеленски исто така, изјави дека Украина почнала да користи домашни дронови-пресретнувачи за да се спротивстави на руските дронови. При тоа, побара од западните сојузници на Украина да издвојат 0,25 проценти од својот бруто домашен производ (БДП) за да му помогнат на Киев да го зголеми производството на оружје.
Тој додаде и дека Украина преговарала со Данска, Норвешка, Германија, Канада, Велика Британија и Литванија за отпочнување на заедничко производство на оружје.
„Украина е дел од европската безбедносна мрежа и сакаме 0,25 проценти од бруто домашниот производ на одредени земји да се издвои за нашата одбранбена индустрија и домашното производство“, исткна Зеленски.
Тој посочи дека Украина оваа година обезбедила 43 милијарди долари за финансирање на домашното производство на оружје.
Шефовите на државите членки на НАТО ќе имаат средба на претстојниот самит во Хаг идната недела за да разговараат за поголеми издатоци за одбраната.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте предложи секоја земја да потроши пет проценти од својот БДП за одбранбени и безбедносни мерки.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете