Вести
Започна судењето на Саркози поради наводното либиско финансирање на кампањата

Судењето на поранешниот француски претседател Никола Саркози започна во понеделникот поради наводно незаконско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година од страна на тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи.
Саркози, кој беше претседател од 2007 до 2012 година, не им се обрати на новинарите кога пристигна во судот во Париз, пишува Асошиетед Прес. Тој негира дека сторил нешто лошо.
Случајот Либија, најголемиот и можеби најшокантниот од неколкуте скандали со Саркози, треба да трае до 10 април, а пресудата се очекува подоцна.
Саркози се соочува со обвиненија за пасивна корупција, незаконско финансирање кампања, прикривање на проневера на јавни средства и криминален заговор, што предвидува казна затвор до 10 години.
Судскиот процес вклучува уште 11 обвинети, меѓу кои и тројца поранешни министри. Француско-либанскиот бизнисмен Зиад Такиедин, обвинет дека има улога на посредник, побегна во Либан и не се очекува да се појави на суд во Париз.
Саркози ги очекува сослушувањата „одлучно“, се вели во изјавата на неговиот адвокат Кристоф Ингрејн.
„Нема либиско финансирање на кампањата“, се вели во соопштението.
Случајот изби во март 2011 година, кога една либиска новинска агенција објави дека владата на Гадафи ја финансирала кампањата на Саркози во 2007 година.
Самиот Гадафи во интервју рече: „Благодарение на нас тој ја доби претседателската функција. Му ги обезбедивме средствата што му овозможија да победи“, без да ја прецизира сумата или други детали.
Официјалната цена на кампањата на Саркози во 2007 година беше 20 милиони евра.
Саркози е осуден во два други случаи - но се чини дека либискиот е оној кој најверојатно значително ќе влијае на неговото наследство.
Највисокиот француски суд, Касациониот суд, минатиот месец ја потврди пресудата против Саркози за корупција и трговија со влијание додека тој беше шеф на државата.
Тој е осуден на една година домашен притвор со електронска нараквица за следење. Случајот бил откриен кога истражните судии прислушувале телефонски разговори за време на истрагата во Либија.
Во февруари минатата година, апелациониот суд во Париз го прогласи Саркози за виновен за нелегално финансирање на кампањата во неговата неуспешна кандидатура за реизбор во 2012 година.
види ги сите денешни вести
Филипче: Ветија реформи, но не почнаа ниту една

Ветија реформи, но не почнаа ниту една. Победија со лажен патриотизам и празни програми од кои ништо не остана, рече Венко Филипче, претседател на опозициската СДСМ од митинзите во Демир Хисар и во Крушево, од каде СДСМ ја почна изборната кампања за локалните избори на 19 октомври.
Кампањата почна денеска, 29 септември и ќе трае 20 дена.
Филипче ја критикуваше работата на ВМРО-ДПМНЕ, која според него, не направила суштински промени во интерес на граѓаните.
„Сите гледаме, после една и пол година централна власт и повеќе од четири нивна локална власт, дека се неспособни да донесат промени и да работат за и во интерес на граѓаните. Се грижат само за себе, за својата удобност и исклучиво за своите членови. Дали ова е гордата Македонија што ни ја ветија?, рече Филипче.
Тој наброја нефункционалност на институциите, ниски плати, раст на цените и застој во економијата и правосудните реформи.
-Нема реконструирани локални патишта, нема систем за отпад, депонијата во Стругово секојдневно ги труе граѓаните. Тутунарите се соочуваат со ниски откупни цени, младите ја напуштаат општината, здравството е во колапс, а културното наследство како Спомен-паркот на Даме Груев во Смилево е оставено да пропаѓа“, рече Филипче во Демир Хисар.
Филипче рече дека во Крушево, за осум години се реализирани 68 капитални и локални проекти од страна на локалната власт и градоначалникот од СДСМ, Томе Христовски, кој и на овие избори е кандидат за уште еден мандат.
Локални избори ќе се одржат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје. Вкупно ќе има 3.480 избирачки места.
На изборите за сите градоначалнички места вкупно има 303 кандидати за градоначалници, а ќе се бираат и нови советници.
Во првиот круг треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил 50 отсто плус еден глас под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина. Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.
Претстојните ќе бидат осми по ред локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година.
Мицкоски:Овие избори се битка за тоа каде ќе се движи Македонија

Овие избори не се само обични локални избори, туку тие ќе бидат одлука за тоа каква Македонија сакаме да имаме, каква држава сакаме да градиме и какви пораки ќе им се испратат на оние кои уриваат, наместо да градат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, од централниот митинг во Скопје, на првиот ден од кампањата за локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври.
Во обраќањето пред присутните тој рече дека на овие избори има две тајни коалиции: првата на ДУИ и Левица, втората на СДСМ „со еден кандидат за градоначалник на скопска општина кој е на црната листа“.
Мицкоски се осврна и на резолуцијата за „црвени линии“ што ја предложи лидерот на СДСМ, Венко Филипче. За Мицкоски, оваа резолуција е „некое ново додворување на СДС кон Бугарите, на штета на Македонија“.
На предизборниот митинг тој говореше и за судството и обвинителството. Мицкоски рече дека не е задоволен од правосудниот систем, кој, според него, „е главното упориште на неправдите во државата.“
Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, ја презентираше изборната програма. Тој најави 20 годишен стратешки документ изготвен од меѓународни и домашни експерти, наречен „Скопје 2025-2045“
„Тој во себе ги интегрира просторното планирање, мобилноста, зелената инфраструктура, енергетската ефикасност, заштитата на културното наследство согласно европските стандарди за квалитет на живеење. Ќе ја вратиме функцијата градски архитект и ќе се формира ново јавно претпријатие „Урбан центар Скопје“ за да се врати планирањето во раце на стручни лица и на граѓаните, а не на приватните интереси“, рече Ѓорѓиевски.
Тој најави генералка на Скопје во првите 72 часа, целосна комунална и сообраќајна обнова, катни гаражи во Буњаковец и Пролет и монтажни паркинзи во сите критични населби, обнова на Универзалната сала и киното „Милениум“, паметна картичка „SKOPJE CITY GO“ и „Градски портал“, ефикасен и достоинствен јавен превоз со нови, еколошки автобуси и градски воз кој ќе ги поврзе Драчево, Центар и Ѓорче Петров.
ВМРО-ДПМНЕ ја почна кампањата во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, а ќе ја заврши во Охрид.
Кампањата ќе трае 20 дена.
Скопјани на локалните избори ќе имаат можност да избираат градоначалник на Град Скопје меѓу 16 кандидати. За 45 советнички места на изборниот натпревар има 19 листи со 855 кандидати.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.
Србија уапси 11 осомничени за расистички дејствa во Франција и во Германија

Полицијата во Србија уапси 11 лица, а уште едно лице се бара, поради сомневање за сторени кривични дела здружување со цел извршување кривични дела, расна и друга дискриминација и шпионажа, објави српското Министерство за внатрешни работи (МВР) на 29 септември.
Лицата се осомничени за извршување низа расистички дејства во Париз и Берлин, насочени кон еврејски и муслимански објекти.
Според МВР, осомничениот М.Г., кој е во бегство, дејствувал „по инструкции од странска разузнавачка служба“ и организирал и обучил 14-члена група српски државјани на територијата на Србија.
„Тие ги извршиле овие активности во периодот од април до септември 2025 година, со фрлање зелена боја врз Музејот на холокаустот, неколку синагоги и еврејски ресторан, со лепење налепници со „геноцидна“ содржина, со поставување свински глави во близина на муслимански верски објекти, сите во областа на Париз, како и пред Бранденбуршката порта во Берлин, со поставување бетонски „скелети“ со пишани пораки“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
На 27 септември, парискиот весник „Ле Монд“ објави дека француските истражители се сомневаат дека српски државјанин „наводно организирал две операции за дестабилизација насочени кон религиозни и монументални места во и околу Париз“.
Истражителите се сомневаат дека „операциите за странско мешање имале за цел да сеат раздор во француското општество“.
Весникот наведува дека оваа трага ги зајакнала сомневањата на истражителите за вмешаност на руската воена разузнавачка агенција ГРУ, која „дополнително е поткрепена со разузнавачки информации добиени преку соработка меѓу Франција и сојузничките земји“.
Сепак, француските истражители сè уште немаат конкретни докази за руска вмешаност, според „Ле Монд“.
Кон крајот на мај, непознати лица истурија зелена боја врз Музејот на холокаустот, три синагоги и еден ресторан во центарот на Париз, а ниедна група не ја презеде одговорноста за нападот.
Три и пол месеци подоцна, на 9 септември, свинска глава беше оставена пред девет џамии во Париз, од кои на неколку беше напишано името на францускиот претседател.
Трамп вели дека САД ќе воведат царина на филмови направени надвор од земјата

Соединетите Американски Држави (САД) ќе воведат 100 отсто царина на сите филмови произведени во странство, кои потоа се испраќаат во САД, рече американскиот претседател Доналд Трамп, повторувајќи ја заканата од мај дека ќе го наруши глобалниот бизнис модел на Холивуд, јави Ројтерс.
Овој чекор ја сигнализира подготвеноста на Трамп да ги прошири протекционистичките трговски политики во културните индустрии, зголемувајќи ја неизвесноста за студијата кои во голема мера зависат од прекугранични копродукции и меѓународни приходи од бокс-офиси, пренесе Ројтерс.
„Нашиот бизнис за снимање филмови е украден од Соединетите Американски Држави, од други земји, исто како крадење бонбони од бебе“, напиша Трамп во објава на неговата мрежа Truth Social.
Сепак, не беше веднаш јасно какво законско овластување ќе го искористи Трамп за да воведе 100 отсто царина на филмови произведени во странство.
Белата куќа не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за тоа како ќе се спроведат царините.
Врвните американски студија Warner Bros Discovery, Paramount Skydance и Netflix исто така не одговорија веднаш на барањата за коментар.
„Има премногу неизвесност, а овој последен потег покренува повеќе прашања отколку одговори. Засега, како што стојат работите, трошоците веројатно ќе се зголемат, а тоа неизбежно ќе се пренесе на потрошувачите“, рече аналитичарот Паоло Пескаторе.
Трамп првпат ја изнесе идејата за филмска тарифа во мај, но понуди малку детали, оставајќи ги фронтмените на забавната индустрија несигурни дали таа ќе се однесува на одредени земји или на сите увози.
Акциите на Paramount Skydance и Warner Bros Discovery паднаа за 2,1% и 1,3%, соодветно.
Битката за Скопје ќе ја водат 16 кандидати за градоначалници и 855 кандидати за советници

Скопјани на локалните избори ќе имаат можност да избираат градоначалник на Град Скопје меѓу 16 кандидати. За 45 советнички места на изборниот натпревар има 19 листи со 855 кандидати.
Кандидати за градоначалник на Скопје се Орце Ѓеорѓиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Каја Шукова, поддржана од СДСМ и коалицијата, Драган Николовски, поддржан од група избирачи, како и Сашо Маневски, Зоран Јованоски од Единствена Македонија, Амар Меционовиќ од Левица, Демир Исмаил од Сојузот на Ромите, Владимир Куноски од Работничка партија.
Кандидати се и Александар Тортевски од Партија Твоја, Срџан Амет од Политичка партија Унија на Роми Скопје, Александар Трајановски поддржан од ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР, Вангел Божиноски од Родина Македонија, Скендер Реџепи поддржан од коалицијата предводена од ДУИ, Владимир Трајковски од Македонска ера трета/Македонски независни листи-Суверенисти, Горан Марковски поддржан од Независни заедно и Алексадар Рашковиќ од ТМРО.
За споредба, на минатите локални избори во 2021 година имаше 12 кандидатури за градоначалник и 95 советнички листи.
Локалните избори 2025 ќе се одржат на 19 октомври. Вториот круг е на 2 ноември.
Денеска, на 29 септември, почна изборната кампања и ќе трае дваесет денови.
Повеќе од половина институции не доставиле податоци за службените возила

Вкупно 635 институции доставиле податоци за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат односно 42 отсто. Податоци воопшто не доставиле 879 институции односно 58 отсто, соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК).
Според Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал имаа обврска во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на Локалните избори 2025 односно до 18 август да достават податоци до ДКСК за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат институциите.
Комисијата констатирала дека 192 институции располагаат со 2.028 возила, но не доставиле никакви информации.
ДКСК на својата интернет-страница го објави Регистарот на службени моторни возила, како законската обврска од Изборниот законик.
Исто така, за да се спречи евентуална злоупотреба на службените возила во изборната кампања, ДКСК на својата веб-страница објави податоци за институциите кои немаат доставено податоци за службените возила, како и преглед на податоци за марката и регистарскиот број на возилата од институциите кои не доставиле податоци.
Од вкупно 6.637 возила внесени во Регистарот на возила, 5.456 се во возна состојба, 1.003 не се во возна состојба, а за 178 возила воопшто нема податоци за возната состојба.
Обврска да достават податоци имаа вкупно 1.514 институции според податоците на Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Романија пронајде нови делови од дрон близу границата со Украина

Нови делови од дрон беа пронајдени во источниот романски округ Тулча, сосед на Украина, во понеделник на 29 септември, изјави романскиот министер за одбрана Јонут Мостеану, јави Ројтерс.
Експерти од Министерството за одбрана ги собираат деловите од дронот за натамошна истрага.
Претходно, неидентификувани дронови биле забележани ноќта меѓу 26 и 27 септември над најголемата воена база во Данска, во низата забележани надлетувања што данските власти ги нарекоа „хибриден напад“.
Мистериозните набљудувања со беспилотни летала доведоа до тоа да се затворат неколку аеродроми во Данска.
На 9 и 10 септември, околу 20 руски дронови наводно влегоа во полскиот воздушен простор за време на напад на Украина, што доведе до затворање на аеродромите и полетувања на авиони на НАТО.
Српската нафтена индустрија бара од САД да и издадат нова специјална работна лиценца

Нафтената индустрија на Србија (НИС) во понеделник (29 септември) објави дека поднела ново барање до Министерството за финансии на Соединетите Држави (САД) за издавање посебна лиценца со која се одложува целосната примена на санкциите и се овозможува непречено извршување на оперативните активности на компанијата.
НИС, исто така, поднесе амандман на барањето за отстранување од листата на санкции на Специјално назначени државјани (Specially Designated Nationals).
„Тоа е долгорочен и сложен процес, а првичното барање беше испратено на 14 март оваа година“, се наведува во соопштението.
Во јануари, САД воведоа санкции врз НИС поради руска сопственост.
Досега, санкциите беа одложени шест пати, последниот пат до 1 октомври, но српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека рокот е дополнително продолжен за уште осум дена.
Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина, преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.
Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании.
Газпром го напушти сопствеништвото на НИС во септември, а еден од важните сопственици стана друга компанија управувана од Газпром - компанијата „Интелиџенс“ од Санкт Петербург.
Акционерското друштво „Интелиџенс“ стана сопственик на 11,3 проценти од акциите на компанијата, според податоците објавени на веб-страницата на Белградската берза на 21 септември.
Најголемиот удел во НИС сè уште го држи Газпром Нефт, подружница на Газпром (44,9 проценти), а Државата Србија држи 29,9 проценти. Другите акции ги поседуваат мали акционери.
Орбан: Украина не треба да се грижи за унгарските беспилотни летала

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го минимизираше наводното кршење на украинскиот воздушен простор со беспилотни летала од страна на неговата земја, велејќи дека „никој“ нема да ја нападне воено разурнатата нација од правец на Унгарија.
Орбан е најжестокиот критичар на Украина во Европската Унија, одбивајќи да испрати воена помош на земјата за да се бори против руската инвазија.
Унгарија, исто така, ги попречи построгите санкции кон Москва и го блокираше обидот на Киев за членство во ЕУ.
Коментарите на националистичкиот лидер следуваат откако Украина ја обвини Унгарија за кршење на нејзиниот воздушен простор со неколку беспилотни летала кои наводно се обидувале да шпионираат во нејзините гранични области, дополнително затегнувајќи ги односите меѓу двата соседа.
Киев тврди дека извидувачките беспилотни летала биле забележани во петокот наутро, двапати преминувајќи ја украинската граница од Унгарија во западниот регион Закарпатија.
„Украина не е во војна со Унгарија, туку со Русија. Затоа треба да биде загрижена за беспилотните летала на нејзината источна граница, бидејќи тука има земји-членки на НАТО“, рече унгарскиот премиер во подкаст на социјалните медиуми, воден од портпаролот на неговата партија.
„Позадината на Украина е безбедна. Никој нема да ја нападне оттаму“, рече Орбан.
Тој истакна дека прашањето е „фарса“ што нема „никакво значење“ и дека унгарскиот министер за одбрана негирал дека унгарските беспилотни летала влегле во украинскиот воздушен простор.
„Но, еве да речеме дека летале неколку метри. Па што? Украина не е независна земја. Украина не е суверена земја. Ние ја држиме Украина на површина. Западот ја држи на површина. Ние им го даваме нивното оружје. Украина не треба да се однесува како да е суверена држава“, изјави Орбан.
Украина аплицираше за приклучување кон 27-члената ЕУ неколку дена по почетокот на војната во 2022 година, но не можеше да ги унапреди разговорите за членство поради ветото на Орбан.
Унгарија вели дека приклучувањето на Украина кон блокот би претставувало безбедносни ризици и дека додека е во војна ризикува да ја вовлече ЕУ во конфликт со Русија.
Украина ги отфрла ваквите тврдења како неосновани.
Европската народна партија ги повика лидерите на СНС на разговори во врска со внатрешна истрага

Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, изјави дека тој и функционерката на таа партија и претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, ќе разговараат со Европската народна партија (ЕНП) на 22 октомври во врска со жалбите поврзани со владејачката партија во Србија.
Вучевиќ на 29 септември изјави дека верува оти сè ќе биде во ред со статусот на партијата во ЕПП.
„Ана и јас добивме покана, ако не се лажам, на 22 октомври да одиме во ЕПП на разговори во врска со овие жалби поврзани со СНС“, изјави тој за телевизијата К1.
Европската народна партија на 25 септември објави дека започнала внатрешна истрага во врска со улогата на Српската напредна партија во рамките на ЕНП.
„Ова не е официјален правен процес на суспендирање или исклучување во ЕНП, туку темелна и брза внатрешна истрага со отворени резултати“, се наведува во соопштението објавено на официјалната веб-страница.
ЕНП е најголемата групација во Европскиот парламент и ги собира популарните и конзервативните партии од десниот центар од цела Европа.
СНС, како партија од земја што не е членка на ЕУ, е нејзин придружен член од 2016 година.
Можноста за преиспитување на членството на СНС во Европската народна партија ја објави на 9 септември претседателот на парламентарната група на таа партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер, наведувајќи дека „ЕНП не е слепа за настаните во Србија“, осврнувајќи се на десетмесечните антивладини демонстрации по смртта на 16 лица при падот на настрешницата во Нови Сад.
На 9 септември, во Европскиот парламент во Стразбур се одржа дебата за антивладините протести во Србија.
Пред дебатата за Србија, лидерите на Европската зелена партија ги повикаа лидерите на ЕУ да размислат за понатамошно финансирање на Србија „поради автократските тенденции на нејзиниот лидер Александар Вучиќ“.
Зелените, исто така, побараа реакција од институциите на Европската Унија на постапките на властите во Србија кон демонстрантите.
На дебатата за Србија на маргините на сесијата на Европскиот парламент, дел од европратениците се согласија и за потребата од испраќање мисија во Србија со цел да се процени ситуацијата на терен.
Единаесет месеци во Србија траат антивладини протести, на кои се бара политичка и кривична одговорност за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете