Достапни линкови

Вести

ОЈО: Наредба за распишување меѓународна потерница и предложен притвор за Васко Ковачевски

Васко Ковачевски, поранешен директор на Електрани на Северна Македонија
Васко Ковачевски, поранешен директор на Електрани на Северна Македонија

Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството и определи мерка притвор во траење од осум дена за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот, а е осомничен за проневера на 6,5 милиони евра.

Применувајќи ги одредбите од Законот за кривична постапка, предметните јавни обвинители до МВР, како што информираат од ЈОРСМ, доставиле и наредба за распишување на национална потерница и изјава за распишување на меѓународна потерница по осомниченото лице.

Од Обвинителство, посочуваат дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска го примило Решението на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, со кое предлогот за определување мерки за претпазливост против осомничен во предметот „Адитив“ се отфрла, наведувајќи дека осомничениот не е достапен на органите на прогонот.

„Согласно своите законски надлежности, јавните обвинители кои постапуваат во предметот до судијата на претходна постапка веднаш доставија Жалба по однос на донесеното Решение за отфрлање, како и Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот која мерка ќе биде активна по неговото пронаоѓање. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 8 дена“, стои во соопштението од ЈОРСМ.

Истрагата за предметот „Адитив“ започна на 10 овој месец и со него се опфатени 23 физички лица и четири правни лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај.

види ги сите денешни вести

Тројца Украинци затворени во Полска за саботажа поврзана со Русија

Варшава - пожар во шопинг центар, мај 2024 година.
Варшава - пожар во шопинг центар, мај 2024 година.

Тројца Украинци се затворени во Полска поради припадност на банда обвинета за извршување и подготовка на „акти на саботажа и тероризам“ во Европа во име на Русија, соопштија обвинителите, јави агенцијата АФП.

Осудата за тројцата мажи е дел од поширока истрага, особено за пожарите во два трговски центри во Варшава и во продавница на ИКЕА во Вилнус, главниот град на соседна Литванија, минатата година.

Пожарот во Варшава во мај 2024 година беше „резултат на чин на саботажа, извршен од членови на организирана криминална група што дејствувала во име на разузнавачките агенции на руската Федерација“, пишува во соопштението.

Групата дејствувала во Полска, Литванија, Латвија, Украина и Русија, според обвинителите.

Тројцата мажи беа осудени на една година и четири месеци, 2,5 години и 5,5 години затвор на суд во Варшава.

Нивните дејствија се состоеле од „палење големи малопродажни центри лоцирани во земјите-членки на Европската Унија, со намера да предизвикаат сериозно заплашување на голем број луѓе и следствено, да влијаат врз јавното мислење“, рекоа обвинителите.

Пред неколку дена полските власти соопштија дека 55 лица осомничени дека дејствувале во име на Москва се приведени од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година.

Полска постојано ја обвинува Русија дека стои зад голем број акти и обиди за саботажа, вклучително и пожари низ целата земја и во главниот град.

Русија постојано ги отфрла овие тврдења.

Како одмазда, Полска воведе ограничувања за движењето на руските дипломати на нејзина територија и нареди затворање на два руски конзулати во западниот град Познањ и на југ во Краков.

Полска, членка на ЕУ и на НАТО, се граничи со Украина, како и со сојузникот на Кремљ, Белорусија, и руската енклава Калининград и е една од главните земји преку кои западните сили испорачуваат оружје и муниција во Киев.

Али Ахмети: Не изгубив на избори за да се повлечам од политиката

Северна Македонија - Али Ахмети, претседател на ДУИ, декември 2024 година.
Северна Македонија - Али Ахмети, претседател на ДУИ, декември 2024 година.

Не ги изгубив изборите за да се повлечам од политиката, рече Али Ахмети, претседател на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ)на прес-конференција по гласините дека ќе се повлече од политичката сцена по неповолните резултати на локалните избори во Македонија од 19 октомври.

Во екот на кампањата за вториот круг на локалните избори, веста ја објави медиумот на албански јазик „Фол“, кој наведува дека Ахмети сериозно размислувал да се повлече од активната политика по изборите. Медиумот, повикувајќи се на партиски извори, наведува дека Ахмети веќе разговарал за оваа одлука со дел од своите најблиски соработници, како и со политички партнери од Албанија и Косово.

ДУИ денеска(24 октомври) одржа Централно претседателство, по што Ахмети одржа прес-конференција на која рече дека изборите поминале генерално добро.

Тој рече дека дека коалицијата НАИ, која ја предводи ДУИ освоиле 114.076 гласови и со тоа 159 советници, а коалицијата „Вреди“ дека освоила 91.000 со 122 советници.

„Дали слушнавте кој победи, зошто да се повлечам од политиката? Дали ги сакате резултатите, одете во Државна изборна комисија и ќе видите. Ако може да видите дали за 25 години има еден пораз на Али Ахмети тогаш ќе се повлечам. Еве ги резултатите, 25 години сме победиле, не само последниве три циклуси. Апсолутно не е пораз во Тетово и Струга, на 2 ноември играта почнува од 0:0. За Чаир и Сарај во битки има и порази“, рече Ахмети на прес конференцијата.

Кандидатите на НАИ во Чаир и во Сарај, Бујар Османи и Блерант Рамадани, изгубија од противкандидатите од коалицијата Вреди.

Претходно, ДУИ ги демантираше гласините дека Ахмети ќе се повлече од политичката сцена поради неповолни резултати на локалните избори.

„Станува збор за лажна вест“, изјави потпретседателот на партијата, Арбр Адеми.

ДУИ, предводена од Али Ахмети, беше формирана во 2002 година и околу две децении беше коалициски партнер на речиси сите главни партии во владите на Северна Македонија. Во опозиција замина по парламентарните избори во 2024 година, кога власта ја освои ВМРО-ДПМНЕ предводено од сегашниот премиер Христијан Мицкоски.


ИЈЗ: Ѓубрето да се фрла со маски и ракавици, општините да направат вонредна дератизација

Северна Македонија - преполни контејнери со ѓубре, Скопје, октомври 2025 година.
Северна Македонија - преполни контејнери со ѓубре, Скопје, октомври 2025 година.

Епидемиолошката состојба во Скопје е стабилна, но се препорачува одржување на лична хигиена при ракување со отпад како што е користење на ракавици, маска, миење раце, дезинфициенс, совесно одлагање на отпадот во контејнери и избегнување на нелегални депонии како и затворање на капаците на кантите и избегнување физички контакт со отпадот и исцедокот.

Ова е препораката на Институтот за јавно здравје кој е дел од интеринституционалната работна група за справување со актуелната состојба со отпадот во Скопје. Во групата се вклучени Институтот за јавно здравје, МВР Скопје, Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и ДСЗУ.

Eпидемиологот Драган Кучински информираше дека мерките се поделени во две категории- за општото население и за надлежните институции.

„Најважни се мерките за лична и колективна хигиена – често миење и дезинфекција на рацете, користење ракавици при одлагање отпад, како и строго почитување на местата предвидени за одлагање, како што се контејнерите“, рече Кучински.

Тој апелираше граѓаните да не создаваат диви депонии, кои дополнително ја загадуваат животната средина и правилно да управуваат со домашниот отпад.

Во однос на институциите, Кучински нагласи дека е неопходна заштита на работниците кои го собираат отпадот преку користење лична заштитна опрема и редовна вакцинација. Меѓу предложените мерки се и итно собирање на насобраниот отпад, дезинфекција, дезинсекција и дератизација според епидемиолошки индикации.

Редовното собирање на отпадот, особено во погусто населените места, треба да се врши најмалку еднаш дневно.

Проф. д-р Мирјана Димовска апелираше до надлежните институции да спречат поставување контејнери во близина на здравствени установи, училишта и други објекти каде што се бараат високи хигиенски стандарди.

„Искуството од епидемијата на жолтица во Штип покажа дека поставувањето на контејнери пред училишта е ризик. Затоа, апелирам до директорите на училиштата да постават визуелни упатства за правилно миење на рацете, адаптирани за возраста на учениците“,рече Димовска.

Како итни мерки Институтот ги нагласува брзото отстранување на расфрланиот отпад со сите расположливи ресурси, приоритетно чистење околу болници, училишта, паркови и игралишта, вонредна дезинфекција, дератизација и дезинсекција на критичните локации, редовно празнење на контејнерите, минимум еднаш дневно во густо населени делови, заштита на работниците со лична заштитна опрема и задолжителна вакцинација и засилен епидемиолошки надзор за заразни заболувања.

Во однос на долгорочните мерки ИЈЗ препорачува интегриран систем за управување со отпад, редовно чистење, селекција и рециклирање, како и азнени мерки за несовесно одлагање.

Веќе неколку недели контејнерите на улиците во скопските општини се претрупани со отпад, кој службите на Комунална хигиена не го собираат. Граѓаните се револтирани, а за колапсот со собирањето на комуналниот отпад, градоначалничката Данела Арсовска, политичките партии и кандидатите за градоначалници, преку прес-конференции и соопштенија вината си ја префрлаат меѓу себе.

Поради алармантната состојба со несобирањето на комуналниот отпад во Скопје, Владата донесе одлука за вонредни инспекциски контроли, а Обвинителството отвори постапка за евентуално кривично дело.

Хрватска изгласа воведување воен рок

Хрватски војници од борбената група на НАТО на вежба во Рукла, Литванија, 16 јануари 2018 година.
Хрватски војници од борбената група на НАТО на вежба во Рукла, Литванија, 16 јануари 2018 година.

Хрватскиот парламент го усвои Законот за измени на Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили, со кој се воведува основна воена обука.

Откако законот ќ стапи на сила, Министерството за одбрана ќе донесе подзаконски акти што ќе овозможат да се спроведе обуката, објави Хрватска радиотелевизија (ХРТ).

„Целта на програмата е да се обучат младите луѓе за основни воени вештини со цел да се стекнат со знаења и способности потребни во кризни ситуации и со тоа да се придонесе кон националната безбедност. Обучените регрути стануваат важен дел од резервниот состав на вооружените сили на Република Хрватска и ја зајакнуваат одбранбената подготвеност на земјата“, соопшти Министерството за одбрана.

Планирано е годишно да се повикуваат по околу 4.000 регрути, поделени во пет генерации.

Во 2026 година, мажите – воени регрути родени во 2007 година – ќе бидат повикани на основна воена обука.

Регрутите постари од 19 години и помлади од 30 години можат да аплицираат и доброволно.

Жените не подлежат на регрутација, но можат доброволно да посетуваат основна воена обука.

Првите повици за медицински прегледи за воени регрути се очекуваат до почетокот на декември 2025 година.

ЕК: Mета и ТикТок ги прекршуваат обврските од Законот за дигитални услуги

Илустрација
Илустрација

Европската комисија прелиминарно утврди дека ТикТок и Мета ги прекршуваат своите обврски според Законот за дигитални услуги да им обезбедат на истражувачите соодветен пристап до јавни податоци.

Исто така, утврди дека Инстаграм и Фејсбук кои се дел од платформата Мета, ги прекршуваат своите обврски да им обезбедат на корисниците едноставни механизми за пријавување нелегална содржина и не им дозволуваат ефикасно да ги оспоруваат одлуките на модераторите на содржини, јави Ројтерс.

Комисијата наведува дека првите прелиминарни наоди покажуваат дека Фејсбук, Инстаграм и ТикТок воспоставиле комплицирани процедури и алатки што им го отежнуваат пристапот до јавни податоци на истражувачите, што често значи дека тие мора да се потпираат на делумни и несигурни податоци, што влијае на нивната способност да спроведуваат истраги - на пример, за тоа дали корисниците, вклучително и малолетниците, се изложени на нелегална или штетна содржина.

Според Законот за дигитални услуги, пристапот до податоци од платформите е клучна обврска за транспарентност бидејќи овозможува јавен увид во потенцијалното влијание на платформите врз физичкото и менталното здравје.

Наодите на Комисијата, кога станува збор за Фејсбук и Инстаграм, укажуваат дека тие не обезбедиле едноставен и лесно достапен механизам за корисниците да пријавуваат нелегална содржина, како што се материјали за сексуална злоупотреба на деца и терористичка содржина.

Комисијата соопшти дека механизмите што моментално ги спроведува Мета наметнуваат неколку непотребни чекори и дополнителни барања за корисниците.

Фејсбук, Инстаграм и ТикТок сега имаат можност да ги разгледаат документите во истражната датотека и писмено да одговорат на прелиминарните наоди на Европската комисија, потсетува Ројтерс.

Платформите можат да преземат мерки за отстранување на прекршоците.

За ова ќе биде консултиран и Европскиот одбор за дигитални услуги.

Доколку прелиминарните наоди на Комисијата конечно бидат потврдени, Комисијата може да одлучи да ги прекрши обврските според Законот за дигитални услуги, што може да резултира со казни до шест проценти од вкупниот годишен промет на давателот на услуги низ целиот свет.

Комисијата може да изрекува и периодични казни за да ги принуди платформите да се придржуваат до законот.

Весли Кларк ќе сведочи во одбрана на Хашим Тачи

Весли Кларк
Весли Кларк

Пензионираниот американски генерал Весли Кларк ќе сведочи во одбрана на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, кој е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото пред специјализираните судски совети за Косово во Хаг.

Одбраната на Тачи изјави дека Кларк добил дозвола од владата на Соединетите Американски Држави(САД) да сведочи во одбрана на Тачи.

Тачи, заедно со тројца поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), се соочуваат со судење за воени злосторства во Хаг.

Кларк ја предводеше воздушната кампања на НАТО против српските воени цели во 1999 година.

11-неделната бомбардирачка кампања на НАТО против цели во Србија беше спроведена за да се запре широко распространетото насилство од страна на српските сили против Албанците во Косово и беше прекината во јуни 1999 година, денот по потпишувањето на договорот во Куманово.

Судењето на Тачи, Кадрија Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, кои ги негираат обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото пред и за време на војната 1998-1999 година, се ближи кон крајот.

Весли Кларк ќе биде последниот што ќе сведочи во име на Тачи, чија одбрана почна да повикува сведоци во септември.

Не е јасно кога точно Кларк ќе се појави како сведок, но според изјавата на одбраната, тој информирал дека нема да може да сведочи пред 18 или 19 ноември.

Досега, во одбрана на Тачи сведочеа поранешниот помошник државен секретар на САД, Џејмс Рубин, Пол Вилијамс, правен советник на косовската делегација за време на разговорите во Рамбује во 1999 година и поранешниот британски дипломат Џон Данкан.

Сите тие во своите сведочења изјавија дека Тачи немал никаква власт над ОВК.

Специјализираните судски совети очекуваат судењето на поранешните водачи на ОВК да биде завршено до крајот на декември.

Тачи беше политички лидер на ОВК пред и за време на војната 1998-1999 година, Весељи беше шеф на разузнавачката служба, Красниќи беше портпарол, а Селими беше член на Генералштабот.

Обвинението против нив вклучува обвиненија за нелегално притворање, тортура, убиство, злосторства против човештвото, присилно исчезнување и прогон на стотици цивили и лица кои не учествувале во борбите.

Овие злосторства наводно се случиле помеѓу март 1998 и септември 1999 година на различни места во Косово и во северна Албанија.

Според специјализираните судски совети, Тачи, Весељи, Красниќи и Селими носат лична кривична одговорност за овие злосторства.

Сите тие ја негираа вината.

Во Будимпешта спротивставени политички собири за годишнината од востанието во 1956

Петер Маѓар, лидерот на опозициската партија Тиса, држи говор во Будимпешта на собир по повод 69-годишнината од Унгарското востание од 1956 година.
Петер Маѓар, лидерот на опозициската партија Тиса, држи говор во Будимпешта на собир по повод 69-годишнината од Унгарското востание од 1956 година.

Десетици илјади луѓе маршираа низ Будимпешта на 23 октомври на спротивставени политички собири за да ја одбележат годишнината од Унгарското востание во 1956 година против комунистичката власт, кое беше насилно задушено од советските војници.

Премиерот Виктор Орбан го предводеше, како што го нарече, „маршот на мирот“, нагласувајќи го своето противење на воената помош за Украина, додека неговиот главен противкандидат, Петер Маѓар од партијата Тиса, предводеше спротивен протест, јави Унгарската редакција на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во говорот пред насобраните пред парламентот, Орбан го повтори своето противење на воената помош од ЕУ за Украина, како и на можноста Украина да стане членка на ЕУ и НАТО.

„Војната го блокира растот на европската и унгарската економија,“ рече Орбан.

Премиерот им порача на илјадниците свои поддржувачи дека Унгарците кои мислат дека поддржуваат промена на власта, „всушност поддржуваат војна — било да се свесни за тоа или не“.

Орбан се смета за најблизок сојузник на Москва во рамките на Европската унија, но некои од неговите поддржувачи велат дека неговиот став ги штити унгарските интереси.

Орбан изрази желба да биде домаќин на самитот меѓу САД и Русија во Будимпешта за да се разговара за војната во Украина, но американскиот претседател Доналд Трамп на 22 октомври изјави дека состанокот е одложен на неодредено време.

Орбан (62) ја извршува функцијата премиер четири последователни мандати од 2010 година, но се соочува со пад на популарноста пред изборите што ќе се одржат следната пролет. Според повеќето анкети, заостанува зад Маѓар.

Поддржувачите на партијата Тиса на Петер Маѓар излегоа во голем број на опозицискиот собир кој повикуваше на политички промени.

Маѓар (44) води кампања против она што го нарекува „корумпирана политичка елита“, а го нападна и, како што рече, опасното концентрирање на моќта под Орбан.

Тој го обвини Орбан дека повторно гради еднопартиски систем, кој помогнал да се урне во 1989 година, за време на демократската транзиција на земјата.

Некои опозициски демонстранти ја споредија репресијата од 1956 година во Унгарија со денешната војна во Украина.

„Што значи за вас овој натпис денес?“ го праша новинар на РСЕ Петер Лакич, кој држеше транспарент со натпис: „Руси, одете дома.“

„За жал, една работа што ја научивме од историјата е дека ништо не сме научиле од историјата,“ одговори Лакич.

Како што партијата Тиса добива сѐ поголем замав, Маѓар вети борба против корупцијата и јакнење на унгарските врски во рамките на ЕУ и НАТО.

Почнува зимскиот ред на летање

Меѓународен Аеродром Скопје
Меѓународен Аеродром Скопје

Зимскиот распоред на летови за 2025/26 година стапува во сила викендов.

Од Меѓународниот Аеродром Скопјe ќе има поврзување до 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер дестинации на кои ќе сообраќа една авиокомпанија. Од Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, пак, се предвидени пет дестинации, на кои ќе сообраќаат три авиокомпании.

Двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона, што ќе трае до крајот на март следната година. Девет од нив ќе бидат управувани од авиокомпанијата Виз Ер, со субвенции од Владата. Тоа се летовите од Скопје до Бари и Стокхолм, што ќе започнат на 27-ми овој месец, а на истиот датум ќе започне и воздушната линија од Охрид до Базел.

На 28-ми октомври, главниот град првпат ќе се поврзе со Мадрид, која е една од најпосакуваните дестинации од страна на нашите патници. Истиот ден на распоредот за летање се враќа и линијата до Ларнака. Од 15 декември, Скопје ќе се поврзе првпат со Прага, а се враќа и линијата до Келн.

Од 30 март 2026 година двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации.

Од Меѓународниот аеродром во Скопје, Виз ер ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден авиокомпанијата отвора нова дестинација за одмор во Италија – Неапол.

На 30 март 2026 година, Аеродромот Св. Апостол Павле од Охрид ќе биде поврзан со Милано. Десеттата нова дестинација е линијата од Скопјe до Женева, која ИзиЏет ќе ја врати на 3 ноември.

Од ТАВ Македонија велат дека нивниот тим за развој на мрежата на рути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и Блискиот Исток.

Можности за воспоставување нови директни авиолинии се отвораат и со Договорот за редовен воздушен сообраќај со Велика Британија, што го потпишаа вицепремеирот и министер за транспорт Александар Николоски и англискиот министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација Киер Метер на 23. месецов во Лондон.

Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужиле 2.585.096 патници во првите девет месеци од годинава што е зголемување од шест проценти во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период има зголемување и на бројот на летови - за три проценти во споредба со минатата година, односно на двата аеродрома се опслужени 20.141 лет од почетокот на годината до септември.

Топ - пет земји до кои има најмногу директни летови се Турција (25,1 процент пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Германија (24,7 проценти), Швајцарија (10,9 проценти), Италија (5,2 проценти) и Австрија(4,4 проценти).

Орбан: Работиме на заобиколување на санкциите на САД против руските нафтени компании

Виктор Орбан/Фотоархива
Виктор Орбан/Фотоархива

Унгарија работи на пронаоѓање начини за заобиколување на американските санкции против руските нафтени компании - изјави премиерот на земјата Виктор Орбан, без да наведе детали и без индикации дека ќе ги игнорира санкциите, пишува „Ројтерс“.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, близок сојузник на унгарскиот лидер, во средата за првпат во својот втор мандат воведе санкции против Русија, насочени кон „Лукоил“ и „Роснефт “, во обид да изврши притисок врз Москва да се согласи на прекин на огнот во Украина.

Потегот на Трамп ги зголеми цените на нафтата и ги загрижи Унгарија и Словачка — најголемите купувачи на руска нафта во Европската унија, кои и претходно мораа да обезбедат изземања од европските ограничувања.

Орбан изјави дека разговарал со унгарската нафтена и гасна компанија МОЛ за санкциите.

„Работиме на тоа како да ги заобиколиме овие санкции“, нагласи тој.

Рафинериите на МОЛ во Унгарија и Словачка, со вкупен капацитет за преработка од 14,2 милиони тони сурова нафта годишно, зависат од руската сурова нафта што се транспортира преку нафтоводот Дружба, потсетува „Ројтерс“.

Словачката подружница на МОЛ, Словнат, во четвртокот соопшти дека го анализира можниот ефект на американските санкции, кои треба да стапат во сила подоцна во ноември, врз нивното работење.

Минатата година МОЛ се соочи со проблеми со испораките кога Украина воведе санкции против Лукоил.

Лопатка: Време е да ја прошириме ЕУ

Фотоархива
Фотоархива

По подолг период кога не бевме во можност да вклучиме нови земји во нашето европско семејство, време е да ја искористиме шансата и да ја прошириме Европската Унија во текот на овој мандат на Европскиот парламент - истакна австрискиот европратеник, Рајнхолд Лопатка во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и агенцијата МИА.

„Мислам дека е позитивно она што се случува во Црна Гора, во Албанија, а исто така сум оптимист и за Северна Македонија“, изјави Лопатка, кој доаѓа од редовите на Европската народна партија (ЕПП).

Според него, кога се говори за проширувањето треба да се поздрави напредокот, но во исто време не треба да се затвораат очите кога има огромни проблеми.

„Како што веќе реков, мора да го видиме напредокот во Црна Гора и во Албанија, а гледам и добри шанси за Северна Македонија. Босна и Херцеговина се соочува со многу тешка ситуација, особено со Република Српска. Србија има многу проблеми, а исто така и Косово се соочува со проблеми. Затоа дијалогот Белград-Приштина повеќе не е во нашиот центар на интерес, бидејќи во центарот сега се проблемите во двете земји“, смета Лопотка.

Тој нагласува дека вклучувањето на сите земји од Западниот Балкан во ЕУ отсекогаш било во фокусот на Унијата, а особено на неговата татковина Австрија.

„Но, мора да бидеме искрени. Тој процес мора да биде базиран на заслуги. Ако тие не се во можност да ја завршат својата домашна задача, не можеме да им кажеме добредојдовте“, вели Лопатка.

Европратеникот нагласува дека на граѓаните на земјите од регионот на Западниот Балкан би им порачал дека треба да ја видат додадената вредност на членството во ЕУ.

„Треба да ги видат шансите на овој огромен пазар. Треба да ги видат и шансите за младите луѓе. На пример, дека имаат шанса да работат тука во европските институции. Многу Хрвати, Романци, луѓе од Бугарија, дури и во мојот кабинет, се од овие земји. И секако, ако погледнете наназад низ вековите, тие се дел од Европа и треба да ги искористат своите шанси. Мислам дека тоа е огромна шанса за младите луѓе. Политичарите не треба да ја пропуштат оваа шанса. Треба да им дадат шанса на своите млади луѓе“, заклучува Лопатка.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG