Достапни линкови

Вести

Папата Франциск за војните во Украина и Газа: Договорен мир е подобар од бескрајна војна

Папата Франциск
Папата Франциск

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск ги повика завојуваните страни во Украина и Газа да преговараат за мир бидејќи „договорениот мир е подобар од бескрајна војна“.

„Ги молам, земјите во војна, сите нив, прекинете ја војната. Барајте преговори, барајте мир“, рече папата во интервју за Си-Би-Ес Њуз.

Папата кажа дека секојдневно е во контакт со свештениците од Газа за да ги праша за нивните искуства и дека може да помогне да се постигне мир само преку молитва.

Зборувајќи за влијанието на војната во Украина врз децата, папата додаде дека „тие деца заборавиле како да се насмевнат“.

„Многу е тешко кога детето ќе заборави да се смее. Тоа е многу сериозно“, додаде првиот човек на римокатоличката црква.

Украина останува цврста да не се ангажира директно со Русија на мировните разговори.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неколку пати рече дека иницијативата во мировните преговори мора да и припадне на земјата која е нападната.

Русија започна целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

види ги сите денешни вести

ЕУРОПОЛ: Разбиена мрежа на руски платеници

Апсења во Молдавија
Апсења во Молдавија

Повеќе од 650 припадници на руските паравоени формации Вагнер и Редут, вклучени во воените операции во Украина, меѓу кои и државјани на Босна и Херцеговина, се откриени во акција на ЕУРОПОЛ, беше соопштено денеска (31 октомври).

Оваа фаза од истрагата, која ЕУРОПОЛ, Молдавија и Украина ја спроведуваа заеднички, опфати и потрага по докази за брутални воени злосторства — од егзекуции на цивили до сексуално насилство.

Во истрагата, која ја водеше тимот на ЕУРОПОЛ за меѓународни злосторства, беа идентификувани 654 членови на руските приватни воени групи Вагнер и Редут кои учествувале во борбени операции против Украина - наведе ЕУРОПОЛ.

Како што се наведува, меѓу осомничените има државјани на Украина, Молдавија, Казахстан, Узбекистан, Таџикистан, Туркменистан, Азербејџан, Ерменија и Босна и Херцеговина.

За време на акцијата, која беше спроведена на 29 октомври, полицијата изврши 70 претреси на домови во Молдавија и Украина и заплени оружје, муниција, воени униформи, ознаки на Вагнер и електронска опрема.

Собрани се видео-снимки и фотографии кои укажуваат на учество на граѓани на Молдавија и Украина во борбите во Украина и Демократската Република Конго како делови од тие руски паравоени формации, соопшти ЕУРОПОЛ.

Украинските власти, преку безбедни канали на ЕУРОПОЛ, споделија 280 имиња на странски државјани осомничени за учество во борбите.

Од почетокот на истрагата, според податоците на ЕУРОПОЛ, откриени се кампови за обука и регрутирање, мапирани командни структури, а документирани и бројни воени злосторства – егзекуции на цивили, употреба на забрането оружје и напади врз украински градови.

Досега, 11 украински државјани се обвинети за велепредавство затоа што им се придружиле на групите Вагнер и Редут.

ЕУРОПОЛ, покрај аналитичката и техничката поддршка, воспостави виртуелен команден центар со цел да ја олесни комуникацијата меѓу вклучените држави и да ги спореди оперативните податоци во реално време со сопствените бази на податоци и со отворени извори, е наведено во соопштението.

Агенцијата нагласи дека продолжува тесната соработка со Украина и Молдавија во рамките на оперативните договори потпишани во 2014 и 2016 година, кои овозможуваат размена на информации и координација на прекугранични истраги.

„Целта е да се разбијат мрежите што ја загрозуваат безбедноста на Европската унија и нејзините соседи“, порача ЕУРОПОЛ.

Единаесет казни доживотен затвор за пожарот во Турција во кој загинаа 78 лица

Хотелот по пожарот кој однесе 78 жртви.
Хотелот по пожарот кој однесе 78 жртви.

Единаесет лица се осудени на казни доживотен затвор за пожарот во кој загинаа 78 лица во ски-центарот во покраината Болу во северозападна Турција во јануари.

Меѓу осудените на доживотен затвор со пресудата што беше изречена на 31 октомври, е и сопственикот на хотелот „Гранд Картал“ каде што избувна пожарот.

Во судскиот процес како обвинети беа опфатени 32 лица. Покрај сопственикот, меѓу нив се и членови на одборот на хотелот, менаџери и персонал, како и заменик-градоначалникот на истоимениот град Болу и вработени во противпожарната служба.

Од загинатите, 43 беа деца. Пожарот се случи за време на училиштен распуст, период кога голем број семејства од Истанбул и Анкара одат на скијање во овој ски-центар. Во трагедијата беа повредени и 137 лица.

Овој пожар во турската јавност предизвика повици кон надлежните за одговорност и реформи. Независни експерти тврдеа дека хотелот немал основни мерки за противпожарна заштита, пишува Ројтерс.

Пожарот, кој беше еден од најсмртоносните во поновата турска историја, избувна на 21 јануари во кујната од ресторанот на 12-катниот хотел и се прошири поради дрвената фасада, покажаа првичните наоди. Во моментот на трагедијата во хотелот престојувале 238 гости од кои голем дел во паника скокаа од прозорците среде ноќ.

Два лека против згрутчување на крвта ќе може да се земаат на рецепт

Новината ја најави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.
Новината ја најави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.

Наместо да ги плаќаат на приватно, а потоа да чекаат рефундација на парите, два лека против згрутчување на крвта од крајот на ноември граѓаните ќе може да ги купуваат на рецепт во аптека.

Станува збор за актикоагулансите Еноксапарин и Надропарин, а новината ја најави директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, на брифинг со новинарите на 31 октомври.

Колку ќе биде партиципацијата односно колку ќе чинат лековите на рецепт дополнително ќе се утврдува.

„Граѓаните веќе не мора да се малтретираат по шалтерите на Фондот за да ги рефундираат средствата за овие лекови, ќе има полесен пристап до лековите, а ние ќе имаме помал притисок за работа и ќе можеме да се концентрираме на други прашања. Значи добивката е двојна“, рече Клековски.

Двата лека досега беа на болничката позитивна листа и граѓаните за домашно лекување мораа да ги плаќаат и потоа да бараат рефундација на дел од парите од ФЗО. Со овој чекор, тие од болничката се префрлаат на аптекарската листа.

Условна казна за вториот обвинет за нападот врз Арсовска во Чаир

Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје.
Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје.

Второто обвинето лице за нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, доби условна казна затвор од две години која нема да се изврши ако во наредните пет години не стори ново кривично дело.

Пресудата беше изречена денеска, 31 октомври, во Основниот кривичен суд Скопје откако обвинетиот призна вина за делото „насилство“ за коешто се гонеше.

„Обвинетиот Реџеп Нуредини на главна расправа покажа искрено каење за стореното, за неговото грубо однесување спрема оштетената. Меѓутоа, и самата градоначалничка покажа доблест да му прости за стореното на обвинетиот, дури и не се приклучи кон кривичниот прогон, ниту пак најави имотно правно побарување. Што помогна за изречената максимална алтернативна казна во случајот“, изјави адвокат на обвинетиот Насер Рауфи, по изрекувањето на пресудата.

Арсовска, како што пренесува државната агенција МИА, од судот излезе видно вознемирена и не сакаше да даде изјава за медиумите. Но, се огласи на социјалните мрежи.

За нападот на Арсовска, скопскиот првостепен суд во септември изрече уште пресуда. Обвинетиот Сулејман Љамалари беше осуден на две години затвор за насилство.

Инцидентот се случи на 11 јули 2025 година Чаир, период кога Арсовска објавуваше материјали и упатуваше обвинувања за дивоградби на територијата на оваа скопска општина.

Орбан ќе бара од Трамп ослободување од санкциите за руската нафта

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека се надева дека ќе го убеди претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, дека Унгарија треба да биде ослободена од американските санкции врз руската нафта поради нејзината голема зависност од цевководните мрежи за снабдување со енергија.

Орбан рече дека на средбата со Трамп на 7 ноември ќе разговара за американските санкции против руските нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“ и дека целта е да се склучи широк економски договор со Соединетите Држави, пренесува „Ројтерс“.

„Унгарија е земја без излез на море. Ние зависиме од транспортните правци преку кои енергијата може да стигне до Унгарија. Тоа се главно нафтоводи. Мораме да ги натераме Американците да ја разберат оваа специфична ситуација ако сакаме да одобрат исклучоци од американските санкции против Русија“, рече Орбан.

Тој, исто така, нагласи дека Германија, и покрај тоа што има пристап до морето, побарала исклучок за една од своите рафинерии.

Германскиот министер за економија во вторник изјави дека добил уверенија од Вашингтон дека санкциите врз „Роснефт“ нема да се однесуваат на германската сестринска компанија на „Роснефт“, објаснувајќи дека станува збор за компанија што Германија ја ставила под стечај и повеќе не претставува руска сопственост.

Берлин тврди дека германската подружница на „Роснефт“ има мнозински удел во рафинеријата за нафта „Шведт“.

Новите американски санкции, кои претставуваат ризик за зависноста на Унгарија од увоз на сурова нафта од Русија, беа објавени неколку дена по пожарот во главната рафинерија на Дунав на унгарската нафтена група „МОЛ“, поради што таа мораше да работи со намален капацитет, потсетува „Ројтерс“.

Унгарската влада во четврток објави нацрт-закон за измена на законот за складирање на увезена сурова нафта и деривати на сурова нафта за да ѝ се овозможи да назначи таканаречени резервни бензински пумпи за снабдување со гориво на клучните корисници во случај на криза во снабдувањето.

Парламентот на Летонија гласаше за повлекување од Истанбулската конвенција

Околу 5000 луѓе протестираа во центарот на Рига против повлекувањето на Латвија од Истанбулската конвенција, 29 октомври 2025 година.
Околу 5000 луѓе протестираа во центарот на Рига против повлекувањето на Латвија од Истанбулската конвенција, 29 октомври 2025 година.

Парламентот на Летонија гласаше за повлекување од меѓународниот договор насочен кон борба против насилството врз жените, откако конзервативниот партнер во владејачката коалиција го поддржа потегот, спротивставувајќи им се на премиерот и на претседателот.

Истанбулската конвенција, воспоставена од Советот на Европа и потпишана од десетици земји-членки, го дефинира насилството врз жените како кршење на човековите права и се занимава со различни форми на насилство врз основа на пол.

Сепак, противниците на договорот тврдат дека тој воведува дефиниција за пол што оди подалеку од биолошкиот пол, врамувајќи го како општествен конструкт. Тие велат дека постојните национални закони се доволни за справување со насилството врз основа на пол, објавува Ројтерс.

Една од трите коалициски партии, Зелените и Синдикатот на земјоделци, отстапија од премиерката Евика Силина и и се придружија на опозицијата за да го протуркаат гласањето за излез од конвенцијата со 56 гласа во парламентот со 100 места.

„Ова нема да влијае на семејното насилство на никаков начин. Заштитата од семејно насилство беше во законодавството на Летонија дури и пред Истанбулската конвенција“, изјави за Ројтерс Гунарс Гутрис, претставник на Зелените и синдикатот на земјоделци.

Околу 5.000 луѓе протестираа во центарот на Рига во среда против повлекувањето, објави јавната телевизија ЛСМ.

„Ова ќе биде катастрофален удар за угледот на Летонија во Европската Унија, како и на меѓународно ниво“, изјави за Ројтерс Андрис Сувајевс, претседател на Прогресивната парламентарна група, либералната владина коалициска партија.

Конвенцијата беше потпишана за прв пат во Истанбул во 2011 година, а стапи на сила три години подоцна, а повеќето земји од Европската Унија ја потпишаа и ратификуваа.

Летонија, која го ратификуваше договорот од 2023 година, е на пат да биде втората земја што ќе се повлече од него.

Турција доби остри критики од Европската комисија кога се повлече во 2021 година.

Во 2020 година, тогашната десничарска влада на Полска го започна процесот на повлекување од договорот, но оттогаш беше заменета од центристичкиот кабинет на премиерот Доналд Туск, кој ги откажа плановите минатата година.

Минатата година, чешкиот парламент не успеа да ја ратификува конвенцијата што ја потпиша во 2021 година.

Израел ги врати останките на уште 30 Палестинци во Газа

илустрација
илустрација

Израел ги врати телата на уште 30 Палестинци во Газа како дел од тековниот договор за размена според планот за прекин на огнот постигнат со посредство на САД, изјавија на 31 октомври од една болница за АФП.

Медицинскиот комплекс Насер во Кан Јунис за АФП информираше дека „телата на 30 палестински затвореници се примени од израелска страна како дел од договорот за размена“.

Според примирјето, Израел треба да врати 15 палестински останки за секој починат израелски заложник вратен од Хамас. САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.

Трансферот од петок го зголемува бројот на вратени во Газа на 225.

Израел и Хамас на 9 октомрви постигнаа договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците како дел од неговиот план за ставање крај на двегодишната војна во палестинската енклава.

Само еден ден по втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел, што го предизвика разорниот напад на Израел врз Газа, индиректните разговори во Египет доведоа до договор за почетната фаза од рамката од 20 точки на Трамп.

Хамас, исто така, соопшти дека постигнал договор за прекин на војната во Појасот Газа, велејќи дека договорот вклучува повлекување на Израел од територијата, како и размена на заложници и затвореници.

Единаесет повредени во руски напад врз украинскиот град Суми

Последици од раускиот напад на градот Суми
Последици од раускиот напад на градот Суми

Русија изврши ноќен напад врз североисточниот украински град Суми, при што беа ранети 11 жители, меѓу кои и четири деца, соопштија украинските служби за итни случаи на 31 октомври.

Регионот Суми се граничи со Русија и е под постојан напад и од беспилотни летала и од ракети.

Службите за итни случаи на Телеграм објавија дека Русија погодила висока станбена зграда, куќи и инфраструктура.

Според гувернерот на регионот, Игор Калченко, Русија нападнала железничка станица, уништувајќи неколку вагони и оштетувајќи згради.

Во руски напад врз украинската детска болница повредени персонал и пациенти Во руски напад врз украинската детска болница повредени персонал и пациенти
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:25 0:00

Вчера во напади на руските ракетни и беспилотни летала низ Украина беа убиени најмалку шест лица, а десетици други беа повредени, вклучувајќи деца, додека руските трупи ги засилуваат нападите околу стратешкиот источен град Покровск во земјата.

Претседателот Володимир Зеленски на 30 октомври ги опиша нападите како „сложен, комбиниран напад“, истакнувајќи дека руските сили користеле над 650 беспилотни летала и повеќе од 50 ракети од различни видови, вклучувајќи балистички ракети.

Последен ден од изборната кампања за вториот круг од локалните избори

Локални избори 2025
Локални избори 2025

Завршува двонеделната кампања за вториот круг од Локалните избори 2025 коишто ќе се одржат в недела на 2 ноември. На полноќ почнува молкот кој трае до недела до 19 часот.

Во вториот круг за градоначалници ќе се гласа во 32 општини и во Градот Скопје, а ќе се прегласува за членови на Совет на три избирачки места во општината Шуто Оризари.

На полноќ почнува молкот кој трае до недела до 19 часот.

В сабота (1 ноември) во општините каде што ќе има втор круг за градоначалници вообичаено први ќе гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.

Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово на 2 ноември нема да има гласање бидејќи во првиот круг од локалните избори немаше доволен граѓани кои излегле да гласаат.

Во овие општини ќе има нова постапка за избор на градоначалници која ќе почне по завршувањето на локалните избори, односно по објавувањето на конечните резултати од локалните избори.

Во првиот круг од локалните избори беа избрани советници во 79 општини и Градот Скопје, а беа избрани градоначалници во 44 општини, кои веќе ги добија решенијата и ги преземаа новите функции.

Британското Министерството за надворешни работи за РСЕ: Додик и Цвијановиќ остануваат под санкции

Архивска фотографија-Милорад Додик, претседател на Република Српска, и Жељка Цвијановиќ, претседателка на Претседателството на БиХ, на прес-конференција, Бањалука, 29 јуни 2023 година.
Архивска фотографија-Милорад Додик, претседател на Република Српска, и Жељка Цвијановиќ, претседателка на Претседателството на БиХ, на прес-конференција, Бањалука, 29 јуни 2023 година.

Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ остануваат под санкции на Велика Британија. Ова се наведува во одговорот на Министерството за надворешни работи на Велика Британија за Радио Слободна Европа на прашањето дали таа земја ќе ги укине санкциите против претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи и членката на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Нивниот одговор доаѓа еден ден откако Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на Соединетите Држави (OFAC) ги тргна од листата санкции Додик, Цвијановиќ, како и уште 48 членови на семејството на Додик, нивните фирми и блиски соработници.

Во одговорот на британското министерство се наведува дека режимот на санкции на Обединетото Кралство овозможува воведување санкции за оние кои ја подривaт или загрозуваат сувереноста, територијалниот интегритет, меѓународниот субјективитет или уставниот поредок на Босна и Херцеговина.

„Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ и понатаму се под санкции поради таквите постапки. Санкциите имаат своја цел. Се надеваме дека Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ ќе го променат досегашниот курс и ќе покажат суштинска посветеност на почитувањето на Дејтонскиот мировен договор и државните институции на Босна и Херцеговина“, се наведува во одговорот за РСЕ.

Велика Британија на 11 април 2022 година објави дека ги санкционирала Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ поради, како што беше наведено, обидите да ја нарушат легитимноста и функционалноста на државата БиХ.

Санкциите, кои вклучуваат забрана за патување и замрзнување на имот, се првите воведени во рамките на режимот на британски санкции за БиХ, нагласуваше тогаш британската влада, со појаснување дека „ова не се санкции против Република Српска, ниту против нејзините граѓани“.

Британските санкции значат дека Додик и Цвијановиќ не можат да патуваат во Обединетото Кралство ниту да користат или пристапат до било каков имот што можеби го поседуваат таму.

Како што е наведено во одлуката на британските власти, „охрабрени од руските подривни активности во меѓународниот систем“, Додик и Цвијановиќ ја искористиле својата позиција за да ја форсираат де факто сецесијата на Република Српска – еден од двата ентитети на Босна и Херцеговина – што е директно спротивно на уставот на државата.

„Милорад Додик започна акција за повлекување на Република Српска од клучни државни институции, користејќи раздорна, опасна, националистичка реторика, нарушувајќи го домашниот и регионалниот мир и поттикнувајќи етничка омраза и негирање на геноцидот.

Во меѓувреме, во октомври 2021 година, Жељка Цвијановиќ ја искористи својата канцеларија за да поднесе нацрти закони во Република Српска со кои се обидуваше да се пренесат државни надлежности на ниво на ентитет. Цвијановиќ јавно ги величеше воените злосторници и негираше геноцид во Сребреница“, се наведува во документот на британската влада.

Во време на воведување санкциите, Додик беше член на Претседателството на БиХ, а Цвијановиќ претседателка на Република Српска.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG