Вести
Папата повторно го осуди „лудилото на војната“
 
Поглаварот на Римокатоличката црква денеска повторно ги осуди сите војни, неколку дена откако ги налути Киев и западните престолнини, сугерирајќи дека Украина треба да се предаде и да преговара за мир со Русија.
Папата Франциск за швајцарската телевизија РСИ изјави дека Украина треба „да ја покаже храброста на белото знаме“ и да ги отвори преговорите со Русија, додека неговиот заменик, кардиналот Пјетро Паролин, вчера појасни дека Русија прво треба да престане со својата агресија, пренесуваат британските медиуми.
„Многу млади луѓе ќе загинат (во војна). Го молиме Господ да ни даде милост да го надминеме ова лудило на војната, кое секогаш е пораз, рече папата на аудиенција на плоштадот Свети Петар на Ватикан.
Тој денеска (13 март) не ја спомена директно Украина или која било друга зона на конфликт, но кажа дека претходно добил бројаница и копија од Евангелието што му припаѓале на човек кој бил убиен на неодредена линија на фронтот.
Украина останува цврста да не се ангажира директно со Русија на мировните разговори.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неколку пати рече дека иницијативата во мировните преговори мора да и припадне на земјата која е нападната.
Русија започна целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
види ги сите денешни вести
Десетици илјади луѓе ги дочекуваат студентите кои пешачејќи стигнуваат во Нови Сад
 
Десетици илјади луѓе во Нови Сад вечерва (31 октомври) ги пречекуваат студентите, средношколците и другите граѓани кои пеш пристигнуваат во градот за одбележување на годишнината од загинувањето на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица на 1 ноември.
Прва пристигна групата студенти од Нови Пазар, на југозападот на Србија, која го помина и најдолгиот пат, а беа пречекани со огномет, факели, аплаузи и овации.
Колегите од Нови Сад им врачија благодарници „за секој изминат чекор во борбата за слобода“.
Минувајќи и стотици километри, кон Нови Сад маршираат групи студенти, средношколци и граѓани од различни делови на Србија.
Ден пред годишнината од несреќата, пристигнаа и велосипедисти од Белград, Ниш и други градови.
На комеморативниот собир на 1 ноември повикаа студентите кои една година ги предводат антивладините протести, со кои се бара кривична и политичка одговорност за несреќата.
„Солидарноста не можат да ни ја одземат“
На марш долг 400 километри, студентите од Нови Пазар тргнаа пред 16 дена, пешачејќи симболично за секоја жртва на несреќата.
„Кога тргнавме, сите мислеа дека сме луди и дека нема да успееме. А успеавме благодарение на вас и на целиот народ на Србија“, им порача на присутните студентот на Универзитетот во Нови Пазар, Енес Џоговиќ, додавајќи дека солидарноста „никогаш нема да можат да ни ја одземат“.
„Моите колеги се моето ново семејство, и како што не можат нас да нè поделат, така не можат да ја поделат ни Србија. Секој наш чекор е чекор кон подобра иднина за сите нас. Заедно ќе победиме“, рече тој.
Од Белград од 30 октомври пешачи група од околу четири илјади студенти.
Група студенти од Суботица, на северот на Србија, застанаа на патот кон Нови Сад пред куќата на Теодора Мартинко, која беше тешко повредена при падот на покривната конструкција, и ја поздравија со аплауз.
Во местата и градовите низ кои минуваа студентите, граѓаните им организираа пречек.
Најголемиот пречек беше во Белград, кога студентите од Нови Пазар во центарот на градот ги поздравија илјадници луѓе со црвен тепих, факели и огномет.
Владата на Србија го прогласи 1 ноември за Ден на жалост, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 31 октомври упати апел за мирно одбележување на годишнината од несреќата и повторно повика на дијалог.
Бетонската настрешница се урна само неколку месеци по свеченото отворање по реконструкцијата.
Трамп потврди дека САД ќе извршуваат нуклеарни проби
 
Претседателот, Доналд Трамп повторно потврди в петок дека САД ќе го обноват нуклеарното тестирање, но не одговори директно кога беше прашан дали тоа ќе вклучува подземни нуклеарни тестови кои беа чести за време на Студената војна.
„Ќе дознаете многу скоро, но ќе направиме некои тестирања“, им рече Трамп на новинарите одговарајќи на прашање за подземни нуклеарни тестови.
„Другите земји го прават тоа. Ако тие ќе го направат, и ние ќе го направиме, во ред?“, додаде тој.
Трамп во четвртокот рече дека ѝ наредил на американската војска веднаш да го започне процесот за тестирање нуклеарно оружје по прекин од 33 години, потег кој изгледаше како порака до ривалските нуклеарни сили Кина и Русија.
Трамп ја направи оваа изненадувачка објава на социјалните мрежи додека леташе кон Пусан, Јужна Кореја за да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг за трговски преговори.
Сепак, не е јасно дали Трамп алудираше на тестирање со нуклеарни експлозиви, кое би го спровела Националната администрација за нуклеарна безбедност, или на тестирање на лансирање ракети со нуклеарен капацитет.
За време на патувањето во Малезија, пак, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет рече дека повторното тестирање е „одговорен начин“ за одржување на нуклеарната одбрана и дека Пентагон ќе соработува со Министерството за енергија.
„Се движиме брзо“, рече Хегсет.
Во последните 25 години, освен Северна Кореја во 2017, ниту една нуклеарна сила нема спроведено експлозивни нуклеарни тестови.
Ројтерс
Вучиќ повика на мирно одбележување на годишнината од трагедијата во Нови Сад
 
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ повика на мирно одбележување на годишнината од загинувањето на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Во обраќањето до јавноста тој изјави дека ќе отиде во црква и ќе запали свеќи за настраданите, повикувајќи ги и граѓаните да го сторат истото.
„Знам дека во тага некои луѓе бараат утеха во собири, секој тагува на начин на кој смета дека е најдобро, сè додека тоа се прави во мир, јас целосно го поддржувам тоа“, порача тој.
Пред една година, на 1 ноември 2024 година, при падот на бетонската настрешница на реконструираната Железничка станица во Нови Сад загинаа 16 лица, а едно лице беше тешко повредено.
За време на обраќањето, Вучиќ изјави дека многумина во изминатата година направиле грешки, вклучувајќи го и него самиот.
„Во некои моменти и јас кажав нешта за кои ми е жал што сум ги изговорил — за студентите, демонстрантите и другите луѓе. Се извинувам поради тоа“, рече Вучиќ, без да наведе на кои изјави мисли.
Тој истакна и дека знае оти некои луѓе сè уште се лути затоа што „сè уште не се утврдени виновниците, а камоли казнети“ за падот на настрешницата.
„И за мене тоа е разочарувачки, иако таквите процеси се сложени и траат долго и во други земји. Можам да го разберам гневот на семејствата. Искрено се надевам дека на тие прашања наскоро ќе биде даден одговор“, изјави претседателот на Србија.
Повторно ги повика на дијалог граѓаните кои протестираат барајќи кривична и политичка одговорност за падот на настрешницата.
„Вистинската правда мора да биде задоволена, но не на улиците“, порача тој и изрази сочувство до семејствата на настраданите.
Одговор на студентите: Повик за дијалог и помирување поради странските новинари
Студентите кои го блокираат Факултетот за технички науки во Нови Сад, набргу по обраќањето на претседателот на Србија, одговорија на неговиот повик за дијалог.
„Ако се прашувате зошто повторно нуди дијалог и помирување, а пред еден месец нареди сите да нè претепаат и уапсат, утре во Нови Сад се очекува пристигнување на 47 екипи странски новинари, претежно од Европа, но и од целиот свет. Ете затоа“, стои во нивната објава на Инстаграм.
Во Србија веќе една година траат протестите, предводени од студентите кои се во блокада, поради трагедијата во Нови Сад. На тие протести се бара одговорност за падот на настрешницата и распишување на вонредни парламентарни избори, што власта го одбива.
Во Нови Сад, во сабота на 1 ноември, ќе биде одбележана годишнината од трагедијата.
Кон големиот комеморативен собир денови наназад пешачат бројни студенти и граѓани од сите делови на Србија.
„Инклузива“: Да се подобри пристапноста на гласачките места за лицата со попреченост
 
Напредокот е видлив, но потребно е дополнително да се подобри пристапноста на гласачките места за лицата со попреченост, оценија денеска (31 октомври) од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ Куманово.
Дел од гласачките места во првиот круг од локалните избори останаа непристапни за лицата со попреченост.
Од здружението „Инклузива“ укажаа дека параваните за гласање не биле соодветно поставени, а во некои објекти гласањето се одвивало на вториот кат, без функционални лифтови.
„Сѐ уште има гласачки места во тесен простор каде што лице со помагало или со придружник не може да помине. Во првиот круг имавме случаи каде што се гласа на втор кат, иако постојат слободни простории на приземје“, изјави претседателката на здружението, Благица Димитровска.
Таа напомена дека недостигот од пристапност претставува системска пречка за остварување на основното избирачко право на оваа категорија граѓани.
И покрај забелешките, од здружението посочуваат дека има и позитивни примери. На овие избори на листите за советници се најдоа десет лица со попреченост, а имаше една кандидатка за градоначалник.
Политичките партии, според здружението, ги приспособиле дел од програмите за потребите на лицата со попреченост.
„Напредокот е видлив, затоа што алатките што ги развивме во соработка со Државната изборна комисија веќе се дел од Изборниот законик и се користат на гласачките места“, додаде Димитровска.
Од „Инклузива“ очекуваат идните локални власти да вложат поголеми напори во подобрување на пристапноста на јавните простори и институции.
Како што и претходно објави Радио Слободна Европа, ова здружение во 2020 година нотираше дека 76 проценти од избирачките места не биле пристапни, а и во пресрет на првиот круг од годинашните локални избори на 19 октомври, изјавија дека ситуацијата не е променета.
В недела пак, македонските граѓани ќе гласаат на вториот круг за градоначалници во 33 општини, откако во првиот круг ниту еден од кандидатите таму не обезбеди мнозинство.
Европол: Разбиена мрежа на руски платеници
 
Повеќе од 650 припадници на руските паравоени формации Вагнер и Редут, вклучени во воените операции во Украина, меѓу кои и државјани на Босна и Херцеговина, се откриени во акција на Европол, беше соопштено денеска (31 октомври).
Оваа фаза од истрагата, која Европол, Молдавија и Украина ја спроведуваа заеднички, опфати и потрага по докази за брутални воени злосторства — од егзекуции на цивили до сексуално насилство.
Во истрагата, која ја водеше тимот на Европол за меѓународни злосторства, беа идентификувани 654 членови на руските приватни воени групи Вагнер и Редут кои учествувале во борбени операции против Украина - наведе Европол .
Како што се наведува, меѓу осомничените има државјани на Украина, Молдавија, Казахстан, Узбекистан, Таџикистан, Туркменистан, Азербејџан, Ерменија и Босна и Херцеговина.
За време на акцијата, која беше спроведена на 29 октомври, полицијата изврши 70 претреси на домови во Молдавија и Украина и заплени оружје, муниција, воени униформи, ознаки на Вагнер и електронска опрема.
Собрани се видео-снимки и фотографии кои укажуваат на учество на граѓани на Молдавија и Украина во борбите во Украина и Демократската Република Конго како делови од тие руски паравоени формации, соопшти Европол.
Украинските власти, преку безбедни канали на Европол, споделија 280 имиња на странски државјани осомничени за учество во борбите.
Од почетокот на истрагата, според податоците на Европол, откриени се кампови за обука и регрутирање, мапирани командни структури, а документирани и бројни воени злосторства – егзекуции на цивили, употреба на забрането оружје и напади врз украински градови.
Досега, 11 украински државјани се обвинети за велепредавство затоа што им се придружиле на групите Вагнер и Редут.
Европол, покрај аналитичката и техничката поддршка, воспостави виртуелен команден центар со цел да ја олесни комуникацијата меѓу вклучените држави и да ги спореди оперативните податоци во реално време со сопствените бази на податоци и со отворени извори, е наведено во соопштението.
Агенцијата нагласи дека продолжува тесната соработка со Украина и Молдавија во рамките на оперативните договори потпишани во 2014 и 2016 година, кои овозможуваат размена на информации и координација на прекугранични истраги.
„Целта е да се разбијат мрежите што ја загрозуваат безбедноста на Европската унија и нејзините соседи“, порача Европол.
Единаесет казни доживотен затвор за пожарот во Турција во кој загинаа 78 лица
 
Единаесет лица се осудени на казни доживотен затвор за пожарот во кој загинаа 78 лица во ски-центарот во покраината Болу во северозападна Турција во јануари.
Меѓу осудените на доживотен затвор со пресудата што беше изречена на 31 октомври, е и сопственикот на хотелот „Гранд Картал“ каде што избувна пожарот.
Во судскиот процес како обвинети беа опфатени 32 лица. Покрај сопственикот, меѓу нив се и членови на одборот на хотелот, менаџери и персонал, како и заменик-градоначалникот на истоимениот град Болу и вработени во противпожарната служба.
Од загинатите, 43 беа деца. Пожарот се случи за време на училиштен распуст, период кога голем број семејства од Истанбул и Анкара одат на скијање во овој ски-центар. Во трагедијата беа повредени и 137 лица.
Овој пожар во турската јавност предизвика повици кон надлежните за одговорност и реформи. Независни експерти тврдеа дека хотелот немал основни мерки за противпожарна заштита, пишува Ројтерс.
Пожарот, кој беше еден од најсмртоносните во поновата турска историја, избувна на 21 јануари во кујната од ресторанот на 12-катниот хотел и се прошири поради дрвената фасада, покажаа првичните наоди. Во моментот на трагедијата во хотелот престојувале 238 гости од кои голем дел во паника скокаа од прозорците среде ноќ.
Два лека против згрутчување на крвта ќе може да се земаат на рецепт
 
Наместо да ги плаќаат на приватно, а потоа да чекаат рефундација на парите, два лека против згрутчување на крвта од крајот на ноември граѓаните ќе може да ги купуваат на рецепт во аптека.
Станува збор за актикоагулансите Еноксапарин и Надропарин, а новината ја најави директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, на брифинг со новинарите на 31 октомври.
Колку ќе биде партиципацијата односно колку ќе чинат лековите на рецепт дополнително ќе се утврдува.
„Граѓаните веќе не мора да се малтретираат по шалтерите на Фондот за да ги рефундираат средствата за овие лекови, ќе има полесен пристап до лековите, а ние ќе имаме помал притисок за работа и ќе можеме да се концентрираме на други прашања. Значи добивката е двојна“, рече Клековски.
Двата лека досега беа на болничката позитивна листа и граѓаните за домашно лекување мораа да ги плаќаат и потоа да бараат рефундација на дел од парите од ФЗО. Со овој чекор, тие од болничката се префрлаат на аптекарската листа.
Условна казна за вториот обвинет за нападот врз Арсовска во Чаир
 
Второто обвинето лице за нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, доби условна казна затвор од две години која нема да се изврши ако во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Пресудата беше изречена денеска, 31 октомври, во Основниот кривичен суд Скопје откако обвинетиот призна вина за делото „насилство“ за коешто се гонеше.
„Обвинетиот Реџеп Нуредини на главна расправа покажа искрено каење за стореното, за неговото грубо однесување спрема оштетената. Меѓутоа, и самата градоначалничка покажа доблест да му прости за стореното на обвинетиот, дури и не се приклучи кон кривичниот прогон, ниту пак најави имотно правно побарување. Што помогна за изречената максимална алтернативна казна во случајот“, изјави адвокат на обвинетиот Насер Рауфи, по изрекувањето на пресудата.
Арсовска, како што пренесува државната агенција МИА, од судот излезе видно вознемирена и не сакаше да даде изјава за медиумите. Но, се огласи на социјалните мрежи.
За нападот на Арсовска, скопскиот првостепен суд во септември изрече уште пресуда. Обвинетиот Сулејман Љамалари беше осуден на две години затвор за насилство.
Инцидентот се случи на 11 јули 2025 година Чаир, период кога Арсовска објавуваше материјали и упатуваше обвинувања за дивоградби на територијата на оваа скопска општина.
Орбан ќе бара од Трамп ослободување од санкциите за руската нафта
 
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека се надева дека ќе го убеди претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, дека Унгарија треба да биде ослободена од американските санкции врз руската нафта поради нејзината голема зависност од цевководните мрежи за снабдување со енергија.
Орбан рече дека на средбата со Трамп на 7 ноември ќе разговара за американските санкции против руските нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“ и дека целта е да се склучи широк економски договор со Соединетите Држави, пренесува „Ројтерс“.
„Унгарија е земја без излез на море. Ние зависиме од транспортните правци преку кои енергијата може да стигне до Унгарија. Тоа се главно нафтоводи. Мораме да ги натераме Американците да ја разберат оваа специфична ситуација ако сакаме да одобрат исклучоци од американските санкции против Русија“, рече Орбан.
Тој, исто така, нагласи дека Германија, и покрај тоа што има пристап до морето, побарала исклучок за една од своите рафинерии.
Германскиот министер за економија во вторник изјави дека добил уверенија од Вашингтон дека санкциите врз „Роснефт“ нема да се однесуваат на германската сестринска компанија на „Роснефт“, објаснувајќи дека станува збор за компанија што Германија ја ставила под стечај и повеќе не претставува руска сопственост.
Берлин тврди дека германската подружница на „Роснефт“ има мнозински удел во рафинеријата за нафта „Шведт“.
Новите американски санкции, кои претставуваат ризик за зависноста на Унгарија од увоз на сурова нафта од Русија, беа објавени неколку дена по пожарот во главната рафинерија на Дунав на унгарската нафтена група „МОЛ“, поради што таа мораше да работи со намален капацитет, потсетува „Ројтерс“.
Унгарската влада во четврток објави нацрт-закон за измена на законот за складирање на увезена сурова нафта и деривати на сурова нафта за да ѝ се овозможи да назначи таканаречени резервни бензински пумпи за снабдување со гориво на клучните корисници во случај на криза во снабдувањето.
Парламентот на Летонија гласаше за повлекување од Истанбулската конвенција
 
Парламентот на Летонија гласаше за повлекување од меѓународниот договор насочен кон борба против насилството врз жените, откако конзервативниот партнер во владејачката коалиција го поддржа потегот, спротивставувајќи им се на премиерот и на претседателот.
Истанбулската конвенција, воспоставена од Советот на Европа и потпишана од десетици земји-членки, го дефинира насилството врз жените како кршење на човековите права и се занимава со различни форми на насилство врз основа на пол.
Сепак, противниците на договорот тврдат дека тој воведува дефиниција за пол што оди подалеку од биолошкиот пол, врамувајќи го како општествен конструкт. Тие велат дека постојните национални закони се доволни за справување со насилството врз основа на пол, објавува Ројтерс.
Една од трите коалициски партии, Зелените и Синдикатот на земјоделци, отстапија од премиерката Евика Силина и и се придружија на опозицијата за да го протуркаат гласањето за излез од конвенцијата со 56 гласа во парламентот со 100 места.
„Ова нема да влијае на семејното насилство на никаков начин. Заштитата од семејно насилство беше во законодавството на Летонија дури и пред Истанбулската конвенција“, изјави за Ројтерс Гунарс Гутрис, претставник на Зелените и синдикатот на земјоделци.
Околу 5.000 луѓе протестираа во центарот на Рига во среда против повлекувањето, објави јавната телевизија ЛСМ.
„Ова ќе биде катастрофален удар за угледот на Летонија во Европската Унија, како и на меѓународно ниво“, изјави за Ројтерс Андрис Сувајевс, претседател на Прогресивната парламентарна група, либералната владина коалициска партија.
Конвенцијата беше потпишана за прв пат во Истанбул во 2011 година, а стапи на сила три години подоцна, а повеќето земји од Европската Унија ја потпишаа и ратификуваа.
Летонија, која го ратификуваше договорот од 2023 година, е на пат да биде втората земја што ќе се повлече од него.
Турција доби остри критики од Европската комисија кога се повлече во 2021 година.
Во 2020 година, тогашната десничарска влада на Полска го започна процесот на повлекување од договорот, но оттогаш беше заменета од центристичкиот кабинет на премиерот Доналд Туск, кој ги откажа плановите минатата година.
Минатата година, чешкиот парламент не успеа да ја ратификува конвенцијата што ја потпиша во 2021 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
