Вести
Грција забрани летови во воздушните простори на Украина, Молдавија и Белорусија
Авио упатства со забрана за летови во следните три месеци во воздушните простори на Украина, Молдавија и Белорусија издаде Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција.
Првично беше издадена забрана само за воздушниот простор на Украина, но подоцна преку нови дополнителни авио упатства беа вклучени и воздушните простори на Молдавија и Белорусија.
Согласно упатствата, на сите цивилни авиони им е забранет влез во воздушниот простор на Украина, Молдавија и Белорусија поради опасност од воените активности во регионот, а исто така треба да се избегнува и воздушниот простор на границата меѓу Украина и Русија.
Упатствата ќе важат до 24-ти мај.
види ги сите денешни вести
Турски воен авион се урна во близина на границата со Азербејџан и Грузија
Турското Министерство за одбрана во вторник објави дека турски воен товарен авион се урнал во близина на границата меѓу Азербејџан и Грузија.
Министерството на социјалните мрежи објави дека авионот Ц-130 полетал од Азербејџан и бил на пат кон Турција.
„Во нашиот авион што се урна имало 20 лица, вклучувајќи го и екипажот“, соопшти министерството.
Турските власти додадоа дека е започната спасувачка операција во соработка со Азербејџан и Грузија.
На социјалните мрежи циркулираат неколку кратки видеа од несреќата, од кои едно го прикажува целиот труп и делови од авионот како паѓаат на земја.
Исто така, имаше извештаи дека пилотот успеал да се катапултира од авионот, иако оваа информација не е потврдена.
Фетаи: Беким Сали е предлог на ВРЕДИ за министер за животна средина
Во Коалицијата ВРЕДИ постои согласност местото на Изет Меџити, по неговиот избор за градоначалник на Чаир, да го преземе Беким Сали, изјави денеска вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи.
Тој посочи дека во текот на неделата коалицијата ќе одржи состанок со премиерот Христијан Мицкоски за да се најде заедничко решение околу реконструкцијата на Владата.
Фетаи коментираше и за критиките упатени кон министерката за образование Весна Јаневска, нагласувајќи дека таа веќе се извинила за случувањето во Тетово.
Потврди дека лично започнал да го учи македонскиот јазик, истакнувајќи дека нема проблем со користење на повеќе јазици.
Говорејќи за состојбата со корупцијата, Фетаи рече дека најголемите предизвици за државата се криминалот и корупцијата на високо ниво, кризата во Државната комисија за спречување на корупцијата и потребата од реформи во правосудството.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да делува неселективно и дека во изминатите 16 месеци биле регистрирани само два изолирани случаи на корупција за кои веднаш биле преземени мерки.
Фетаи денеска учествуваше на 10. Годишна регионална конференција за координација на безбедноста во Западен Балкан.
Петнаесет обвинители ќе го застапуваат предметот за пожарот во „Пулс“
Истрагата за полициските службеници, во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, беше предвидено да заврши до крајот на септември годинава, меѓутоа имаше објективни околности околу сослушување на одредени сведоци, со тоа што најверојатно на почетокот на наредниот месец ќе се донесе и јавнообвинителска одлука, изјави републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, прашан до каде се другите истраги и предистраги за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во однос на предистрагата за службениците од УЈП, Коцевски рече, дека се води предистражна постапка во ОЈО Кочани и надлежниот јавен обвинител дал одредени наредби до надлежните институции за преземање на одредени процесни дејствија.
„Во тој дел не можеме се уште ништо да кажеме повеќе“, рече Коцевски.
Судскиот процес за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани почнува следната недела, на 19 ноември и, како што рече Коцевски, Јавното обвинителство има екипираност и веќе се договорени околу начинот на кој обвинителите ќе го застапуваат предметот. Тој уверува дека од страна на ЈО нема да има никаков проблем во однос на судењето.
„Во судница ќе го застапуваат обвинението истите обвинители што беа и досега, меѓутоа морам да нагласам дека вчера имавме состанок, најверојатно уште неколку обвинители ќе ангажираме имајќи предвид, да не се отежне односно да не се наруши постапката на другите обвинители, што имаат други предмети, што значи дека можеби не секогаш ќе присуствуваат сите обвинители, меѓутоа секогаш ќе има обвинители за да не се одолговлекува постапката или да не се одлага по, да не речам, вина на обвинителството“, изјави Коцевски, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната седница на Советот на јавни обвинители.
За најголемата трагедија што се случила во Северна Македонија на обвинителна клупа ќе седнат 34 лица, а обвинети се и три фирми. Меѓу нив, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), градоначалници на Кочани, инспектори, одговорни лица во фирмите кои раководеле со ноќниот клуб.
За случајот со „Пулс“ на 5 септември, обвинителството поднесе уште еден обвинителен акт против сопственикот на фирмата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев.
Трагедијата во Кочани се случи за време на настап на музичката група ДНК, кога искри од пиротехниката го потпалиле таванот во дискотеката, огнот брзо се проширил, а паниката и тесниот излез од објектот предизвикале и стампедо. Во пожарот во „Пулс“, ноќта помеѓу 15 и 16 март, загинаа 63 лица и над 200 беа повредени.
Јавното здравство многу зема, малку дава- истражување на Центарот за граѓански комуникации
Трошоците за јавни набавки во здравството во последните 10 години се зголемиле два и пол пати, односно од 1261 милиони евра во 2015 на повеќе од 3152 милиони евра во 2024 година, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) од каде што констатираат дека овој раст се случува во услови кога граѓаните постојано изразуваат незадоволство од квалитетот и од достапноста на здравствените услуги.
„Очигледната несразмерност помеѓу трошењето и квантитетот и квалитетот на услугите го засилува впечатокот дека јавните набавки не се реален одраз на потребите и интересите на граѓаните и дека дополнително ги потхрануваат недовербата и сомнежите за корупција“ се наведува во истражувањето.
Во периодот 2021 – 2024 година инфлацијата влијаела врз цените на опремата, услугите и градежните работи. Најголем раст на вредноста на јавните набавки е воочен кај клиниките и болниците. Кај нив, за десет години, тројно била зголемена вредноста на тендерите, покажува истражувањето.
„Но, наместо повеќе услуги и подобра грижа, граѓаните се соочуваат со поинаква реалност – тендерите растат, а работата на болниците и клиниките се намалува. Во периодот 2015 – 2024 година, бројот на прегледи во вкупно 55 клиники и болници е намален за 14 %, а на болнички денови за 24 %. Овој јаз отвора сериозни сомнежи дека јавните набавки се користат како канал за финансиско извлекување средства, наместо како инструмент за унапредување на здравствената заштита“, пишува во истражувањето од Центарот.
Растечките трошоци за јавни набавки не можат да се оправдаат ниту со специјалистичките прегледи. Па така, во последните три години бил евидентиран пад на специјалистичките прегледи за околу 700.000, односно за 19 %. Намалувањето на бројот на здравствените услуги во гинекологијата и акушерството, како и во трансфузионата медицина, надминува 60 отсто.
Дури 78 % од договорите за јавни набавки се склучени од јавните здравствени установи во Скопје, а големиот раст на вредноста на јавните набавки во здравството е проследен со сè помал број понудувачи на тендерите. Во истражувањето се посочува дека речиси половина од вредноста на договорите се склучуваат во тендерски постапки во кои имало само по еден понудувач.
„Тендерите за набавка на реагенси и тестови во најголем дел се само формалност, бидејќи се спроведуваат за веќе одбран апарат, што значи дека, уште пред да почне постапката, јасно е кој ќе го добие тендерот. Апаратите се претходно добиени како донација, земени на користење од фирми кои продаваат реагенси или, пак, купени. Набавките на реагенси и тестови на годишно ниво достигнуваат и до 29 милиони евра и се зголемиле за 81 % во периодот на анализа“, пишува во истражувањето.
Понатаму се наведува дека двогодишните тендери за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи и сензори за мерење гликемија, вредни и до 39 милиони евра, се спроведуваат во постапки во кои отсуствува конкуренција, а дополнително склучените договори се анексираат. За период од 10 години, бројот на пациенти на инсулинска терапија е зголемен за 21 %, а вредноста на договорите за 77 %.
Тендерите за вакцинацијата на населението се финансиски сè поголеми, а набавките во одредени години се проследени со слабости – од планирање до неуспех да се склучат договорите навреме.
„Трошоците за лекови за ретки болести во последната декада скокнале од 90 милиони денари на 1 милијарда денари (или од 1,5 на 19 милиони евра). Овој голем пораст се случува во услови кога Државниот завод за ревизија укажува дека Министерството за здравство нема целосни податоци за тоа дали терапиите навистина ја подобруваат здравствената состојба на пациентите. Причината е што за поголемиот дел од болестите за кои се набавуваат лекови не се спроведува евалуација, како што е предвидено со Програмата за лекување ретки болести“, пишува во истражувањето.
Истражувањето исто така открива дека од 110 здравствени институции, дури во 23 нема ниту едно лице со положен испит за јавни набавки, што е спротивно на Законот за јавни набавки.
На повик на студентите во блокада, протест против уривањето на Генералштабот во Белград
Студентите во блокадата на белградските факултети повикаа на протест на 11 ноември.
Собраните носат голем транспарент со пораката „Не го даваме Генералштабот“.
Протестот се случи откако властите во Србија, преку посебен закон, отворија пат за изградба на местото на зградите на Генералштабот и Министерството за одбрана оштетени во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.
Специјалниот закон (lex specialis), усвоен од Парламентот на 7 ноември, предвидува дека сите процедури за реализација на проектот за ревитализација на Генералштабот се сметаат за итни.
На почетокот на 2024 година, Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, ја изрази својата намера да изгради луксузен хотел на местото на Генералштабот.
Идејата е да се изгради хотел со канцелариски простор и станови на местото на Генералштабот.
Идејата за изградба на повеќекатници на местото на модернистичка зграда, изградена во средината на 20 век, ги подели граѓаните, а на проектот се спротивставува и професијата која инсистира на зачувување на статусот на комплексот како културно богатство.
Од друга страна, членовите на владејачкото мнозинство за време на парламентарната дискусија тврдеа дека зградата на Генералштабот не може да се обнови и дека треба да се сруши.
„Беше направен обид за реконструкција, но тоа не е можно поради оштетувања и материјали што повеќе не се произведуваат“, рече Миленко Јованов, шеф на пратеничката група „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“.
Сепак, спроведувањето на проектот беше запрено од истрагата на обвинителството за фалсификување документи врз основа на што Владата на Србија го одзеде статусот на културно богатство.
„Афинити партнерс“, фирмата на Џаред Кушнер, во мај објави дека судбината на проектот е неизвесна кога обвинителството ги објави обвинувањата за фалсификување.
Во тоа време, тие негираа каква било поврзаност со фалсификувањето документи.
На 15 мај 2024 година, Владата на Србија потпиша Договор за ревитализација на комплексот на Генералштабот со компанијата на Кушнер, на која ѝ даде земјиште под закуп на 99 години.
Весникот „Њујорк тајмс“ на 18 март објави дека инвестицијата е вредна 500 милиони долари и дека, според предложениот договор, државата Србија треба да добие 22 проценти од профитот.
Компанијата на Кушнер, исто така, се обврза да изгради меморијален комплекс во рамките на комплексот посветен на сите жртви од бомбардирањето на НАТО.
Комплексот беше бомбардиран двапати, во април и мај, за време на бомбардирањето на НАТО на СР Југославија во 1999 година.
Ѓердовиќ: Русите се подготвени да го препуштат управувањето со НИС на трета страна
Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ, изјави дека руските сопственици на Нафтената индустрија на Србија (НИС) се подготвени да ја предадат контролата и влијанието врз компанијата, која е под санкции на САД, на трети страни.
Ѓедовиќ на Инстаграм напиша дека руските сопственици испратиле барање до Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (OFAC), барајќи продолжување на лиценцата за работа, врз основа на преговори со трета страна.
„Во барањето се наведува дека руската страна е подготвена да ја отстапи контролата и влијанието врз компанијата НИС на трета страна. Државата Србија официјално го поддржа ова барање. OFAC веќе реагираше со одредени коментари и се надеваме дека ќе го изнесе својот став во текот на неделата“, напиша таа.
Нафтената индустрија на Србија беше ставена на списокот со санкции на САД на 10 јануари, поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно мнозинско руско сопствеништво.
Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина, преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании. Оттогаш, спроведувањето на санкциите беше одложено осум пати, но конечно стапи во сила на 9 октомври.
Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС беше променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании.
Министерот за рударство и енергетика претходно објави дека рафинеријата во Панчево, во сопственост на НИС, ќе работи до 25 ноември.
Ситуацијата е дополнително комплицирана со санкциите против руската нафтена компанија Лукоил, која има лиценца за редовно работење во Србија до 21 ноември.
Западните земји, вклучувајќи ги САД, ЕУ и Велика Британија, воведоа нови санкции врз руските нафтени и гасни компании Роснефт и Лукоил на 23 октомври за да извршат притисок врз Москва поради нејзината инвазија на Украина.
Со децении, Србија е зависна од увоз на гас од Русија, од каде што задоволува повеќе од 80 проценти од своите енергетски потреби. Сепак, таа нема долгорочен договор за снабдување со гас со Русија. Во октомври, Москва го продолжи аранжманот за гас до крајот на годината, а не за три години, како што очекуваа властите во Србија. Властите во Белград го сметаа тоа за лоша вест.
Сирискиот претседател засега ја исклучува можноста за зближување со Израел
Привремениот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара ја исклучи можноста за директни разговори за нормализирање на односите со соседниот Израел засега.
На прашањето за желбата на американскиот претседател Доналд Трамп Сирија да се приклучи на Абрахамовиот договор, дипломатска иницијатива започната за време на неговиот прв мандат, во која голем број арапски земји воспоставија врски со Израел од 2020 година, ал-Шара посочи на тековната окупација на Голанската Висорамнина од страна на Израел.
Израел ја зазеде Голанската Висорамнина од Сирија во шестдневната војна во 1967 година и ја анектираше во 1981 година. Анексијата не е меѓународно призната. Израел продолжува да ја окупира територијата.
Во разговор за телевизијата Фокс њуз, сирискиот шеф на државата рече дека „ситуацијата во Сирија е различна од ситуацијата на земјите кои го потпишаа Абрахамовиот договор“.
„Сирија граничи со Израел, а Израел ја окупира Голанската висорамнина од 1967 година. Ние нема да влеземе директно во преговори во моментов. Можеби администрацијата на Соединетите Држави со претседателот Трамп ќе ни помогне да постигнеме ваков вид преговори“, изјави тој.
Ал-Шара стана првиот сириски шеф на држава кој беше примен во Белата куќа од независноста на земјата во 1946 година.
Израел и Сирија официјално се во војна од 1948 година. Мировен договор никогаш не е потпишан.
Од падот на долгогодишниот владетел Башар ал-Асад во декември 2024 година, израелската војска постави воени позиции на сириска територија по должината на границата и изврши воздушни напади врз складиштата со оружје. Израел, исто така, распореди дополнителни трупи на Голанската висорамнина, централна точка на спорот, по падот на ал-Асад и оттогаш ги засили воздушните напади во Сирија со цел да се спречи оружјето на Дамаск да падне во рацете на екстремистите.
Американскиот Сенат го усвои законот за прекин на блокадата на владата
Американскиот Сенат доцна синоќа го одобри законот за финансирање за да се стави крај на најдолгата блокада на владата во историјата на САД, а актот сега треба да се најде и во Долниот дом на Конгресот.
Шеесет сенатори гласаа за законот, додека 40 беа против. Со мерката американската Влада сега ќе се финансира до крајот на јануари.
Гласањето означува политички пробив по 41-дневниот застој, што остави стотици илјади федерални службеници без плати и ги наруши јавните услуги.
За новиот буџет да стапи на сила мора да биде одобрен од Претставничкиот дом. Републиканците под претседателот Доналд Трамп имаат тесно мнозинство во Долниот дом и досега само неколкумина неистомисленици јавно изјавија дека ќе гласаат против пакетот, пренесе германската агенција.
Доколку Претставничкиот дом ја даде својата поддршка, законот ќе оди кај Трамп за негов потпис, чекор што се смета за формалност.
Блокадата започна на 1 октомври, бидејќи републиканците и демократите не успеаја да се договорат за новиот федерален буџет. Без план за трошење одобрен од двата дома на Конгресот, нема прилив на пари во владините агенции.
Платите за федералните работници, војската и програмите за социјална помош се финансираат преку федералниот буџет.
Републиканците моментално имаат тесно мнозинство во Сенатот со 53 од 100-те места во овој дом на Конгресот. Меѓутоа, за поминувањ ена буџетот беа потребни најмалку 60 гласови, потсетува ДПА.
Демократските сенатори со недели наназад одбиваа да го поддржат планот. Меѓутоа, во текот на викендот, неколку демократи го сменија својот став, отворајќи го патот за синоќешното гласање.
Министерството за финансии потврди времен прекин на исплатите на пари од ИПАРД програмата
Северна Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската унија донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата.
Овој потег следува по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и апсењето на петмина осомничени за поткуп, меѓу кои и директорот на Агенцијата, Илија Стоилев.
„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, соопшти Министерството за финансии.
Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД инструментот веќе преземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања. Северна Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено од правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот.
Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски рече дека нема најава за блокада на ИПАРД средствата. Вакво тврдење претходно изнесе неговиот претходник Љупчо Николовски, велејќи дека ИПАРД програмата е стопирана, а илјадници земјоделци ќе имаат целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма.
Како што се наведува во соопштението од министерството, Трипуновски посочи дека веднаш акцијата која ја спроведе Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД средствата“, појасни министерот Трипуновски.
Тој посочи дека во брз период ќе има нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.
Брнабиќ: Србија ја поддржува Украина во ЕУ интеграцијата
Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, на 10 ноември во Киев изјави дека Србија целосно ја поддржува Украина во нејзиниот процес на пристапување кон Европската унија (ЕУ) и дека ќе ѝ обезбеди помош на Украина во тој процес.
Брнабиќ е во посета на Киев и на Врховната рада (украинскиот парламент), а разговараше со нејзиниот претседател Руслан Стефанчук.
Брнабиќ, повикувајќи се на министерот за европски интеграции Немања Старовиќ, изјави дека Меморандумот за разбирање меѓу Србија и Украина за пристапување кон ЕУ е финализиран и дека се надева дека двете страни наскоро ќе го потпишат.
Таа додаде дека највисоките владини претставници на Србија, вклучувајќи ја неа и претседателот Александар Вучиќ, имаат одлична комуникација со украинските претставници.
Брнабиќ изјави дека Србија доставила голема количина хуманитарна и финансиска помош на Украина од почетокот на војната со Русија во февруари 2022 година и дека таа е поголема од сумата на помошта што пристигнала во таа земја од целиот регион на Западен Балкан.
Брнабиќ истакна дека во српскиот парламент постои парламентарна група за пријателство со Украина која е во „постојан контакт со групата во украинскиот парламент“.
Стефанчук ѝ се заблагодари на Брнабиќ за посетата на заедничката конференција и рече дека со неа разговарал за голем број прашања од односите меѓу двете земји, вклучувајќи ја меѓупарламентарната соработка и заедничкиот пат кон членство во ЕУ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ пред пет дена разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски за односите меѓу Србија и Украина, европската интеграција и „меѓународната агенда за наредниот период“.
Србија е една од ретките европски земји што не се приклучи на санкциите против Русија за нејзината инвазија на Украина, но го поддржа територијалниот интегритет на Украина.
Србија постојано испраќа хуманитарна помош во Украина, која е под руска инвазија од февруари 2022 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете