Вести
Побарано повлекување на Законот за легализација на дивоградби
Да се повлече актуелниот Предлог закон за легализација на бесправно изградените објекти, да се направи попис и категоризација на дивоградбите за да се утврди нивниот точен број, па потоа да се изработи ново законско решение во кое точно ќе се прецизира кој и каков објект, како и каде и под кој услови ќе може да се легализира. Ова се дел од главните заклучоци на онлајн јавната дебата иницирана од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за уредување на правниот статус на бесправно изградените објекти.
Како причина за барањето за повлекување на законското решение, кое беше донесено од Собранието, но претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише, беше наведен фактот што согласно процедурите остануваат само 30-тина дена за измени на постојното законско решение пред Собранието повторно да го разгледа, кои според учесниците на дебатата не се доволни за да се спроведе јавна расправа и да се вметнат сите забелешки од стручната фела.
„Не е потребно избрзано решение, туку е неопходно прво да се дефинираат чекорите, а потоа чекор по чекор да се оди кон решавање на ова прашање во насока на тоа повеќе да не се повтори проблемот со дивоградбите“, рече претседателката на ДКСК Билјана Ивановска по завршувањето на дебатата.
На дебатата покрај претставници на стручната фела учествуваа членовите на ДКСК, луѓе од невладините организации, од министерствата за транспорт и врски и за животна средина и просторно планирање и ЗЕЛС, како и правни експерти од областа на судството и високото образование
Министерот за транспорт Благој Бочварски рече дека се отвора широка дебата за Законот и дека се почнати консултациите релевантните институции и асоцијации во однос на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти. Министерот Благој Бочварски денеска имаше работна средби со Асоцијацијата на архитекти, а учествуваше и на дебатата за овој закон што ја организираше Антокорупциската комисија.
види ги сите денешни вести
До 11 часот гласале 10 отсто од гласачите
Одзивот на гласачи до 11:00 часот изнесува 10,10 проценти, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференцијата во 11:30 часот.
Излезноста на гласачите во Град Скопје до 11 часот изнесува 8,30 проценти, а податоци се добиени од 611 избирачки места или 89,20 проценти.
На вториот круг избори за градоначалници во 32 општини и град Скопје, најмала излезност има во општината Сарај - 1,86 отсто, а најголема излезност е регистрирана во општината Пробиштип, каде што гласале 22 отсто од избирачите.
Портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК) Радица Тодорвска истакна дека гласањето се одвива непречено без поголеми проблеми, освен оној помал технички проблем во Дојран со УБИК апаратот, но проблемот е надминат и гласањето е продолжено на стариот начин на гласање со УВ ламба и спреј.
МВР: Приведено лице во Шуто Оризари и 10 пријави за прекршување на изборниот молк
Од Министерството за внатрешни работи денеска известија за нарушување на изборниот молк во неколку подрачја.
„За време на предизборниот молк, во текот на 01.11.2025 до 07:00 часот на 02.11.2025, односно до отворање на избирачките места, регистрирани се 10 пријави за нарушување на изборниот молк од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани.
Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови.
Во врска со гласањето, на 01.11.2025 регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули” во општина Шуто Оризари, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето“, велат од министерството за внатрешни работи.
Косовските власти приведоа српски полицаец на граничниот премин Јариње
Косовските власти приведоа припадник на српската полиција на граничниот премин Јариње, кој ги поврзува двете земји, под сомнение за неовластен увоз на муниција и неовластено поседување оружје и експлозивни материјали.
Косовската полиција не го објави името на уапсениот маж, но рече дека тој е државјанин на Косово и Србија и дека бил уапсен утрото на 1 ноември.
Тој беше приведен додека властите истражуваат.
Во својот дневен извештај од 2 ноември, косовската полиција објави дека од автомобилот на осомничениот, со српски регистарски таблички, пронајдени се и земени 51 куршум, 9.900 евра во готово и 26.000 српски динари.
„Лични документи како што се лична карта заедно со значка на српската полиција, лична карта на синдикатот на српската полиција, лични карти на Србија и Косово, српски пасош, пар ракавици и USB-уред се земени од осомничениот“, се наведува во соопштението.
Неговото апсење доаѓа неколку месеци откако Косово протера двајца припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија во јуни под сомнение за нарушување на националната безбедност и им забрани влез во траење од пет години.
Канцеларијата на Владата на Србија за Косово тогаш објави дека Косово протерало вкупно 11 косовски Срби кои се дел од српската полиција. Сепак, косовските власти не открија колку членови на српското министерство за внатрешни работи се протерани досега.
Во меѓувреме, Србија уапси припадници на косовската полиција, а неодамна и полицаецот Арбнор Спахиу, кој е во притвор од 9 јуни во Суботица, град на север од Србија.
Србија го обвинува Спахиу за извршување на „тешко убиство“ во Бањска - северниот дел на Косово - каде што група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во септември 2023 година, убивајќи го наредникот Африм Буњаку.
Сепак, косовската полиција потврди дека Спахиу не бил припадник на полицијата во тоа време.
Бесплатна телефонска линија за пријавување изборни повреди
Во канцеларијата на Народниoт правобранител денеска, 2 ноемрви, од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија: 0800-54321, на која што граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.
Како што соопштуваат од канцеларијата на Омбудсманот, отворени за граѓаните (покрај главната канцеларија во Скопје) ќе бидат и подрачните канцелари на народниот правобранител во: Битола, Кичево, Куманово, Штип, Струмица во Тетово со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.
„Покрај на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово: 044 344-082, Кичево: 045 228-586, Битола: 047 242-310 и Куманово: 031 431-488,Струмица 034 329 -996 и Штип 032 389-700“, се наведува во соопштението од Омбудсманот.
Оттаму дополнуваат дека Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права.
„Избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што не случајно повредата на слободата на определувањето на избирачите како и други повреди на избирачкото право се казниви дела. Исто така, народниот правобранител апелира до сите чинители во изборниот процес да ги почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање“, истакнуваат од Канцеларијата на Народниот правобранител.
Украинските сили велат дека го бранат Покровск во услови на жестоки борби
Украинските воени власти соопштија дека нивните сили се држат во источниот град Покровск, на фронтовската линија, во услови на жестоки борби против 170.000 руски војници.
„Го држиме Покровск“, напиша на Фејсбук на 1 ноември врховниот командант на Украина, генерал Олександр Сирски.
„Сеопфатна операција за уништување и отстранување на непријателските сили од Покровск е во тек“, додаде тој еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече борбата за претежно уништениот град „наш приоритет“.
„Русите сакаат да ја претворат целата наша земја во она што му го прават на Покровск, на Купјанск и на другите градови и заедници. Тие мора да бидат запрени таму каде што стигнале - и уништени таму“, рече Зеленски на 31 октомври.
Зеленски додаде дека руските сили собрале околу 170.000 војници во областа Покровск и дека претрпуваат големи загуби. Тој не зборуваше за нивото на украински војници или загубите.
По извештаите на западните медиуми, Киев потврди дека специјалните сили се распоредени во стратешкиот град - кој пред војната имал околу 70.000 жители - бидејќи руските сили тврдеа дека ги опколиле украинските бранители таму.
Проценките покажуваат дека помеѓу 200 и 400 руски војници сега се распоредени во источните области на градот во регионот Донецк, користејќи урбан терен, подруми и цивилни маски за да избегнат откривање од страна на Украина.
Како и главните градови во регионот Краматорск и Славјанск, кои остануваат под украинска контрола, Покровск има значајна воена вредност, обезбедувајќи им на украинските сили витални патишта за снабдување.
Аналитичарите предупредуваат дека падот на градот би можел да отвори пат кон запад кон Дњепропетровск за руските сили, ставајќи ги во опасност јужните региони на Украина.
ДИК: Излезноста до 9 часот изнесува 2,88 отсто
Сите избирачки места се навреме отворени, а гласањето тече во најдобар ред и без проблеми, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес-конференција на вториот круг од локалните избори за градоначалници.
Поради технички проблеми со уредот за биометриска идентификација имало мал застој во гласањето на избирачкото место 0385 во Дојран, но проблемот е решен и сега гласањето тече без проблем, уверуваат од ДИК.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко информираше дека до 9 часот гласале 22379 избирачи или 2,88 отсто.
Ова е мало намалување во споредба со првиот круг кога излезноста на ниво на државата до 9 часот изнесуваше 3, 05 проценти.
Кондарко најави дека претставници на ДИК ќе посетат некои избирачки места во текот на избрниот ден, како и по затворањето на гласачките кутии.
Израел предупреди на интензивни напади врз Хезболах во јужен Либан
Израел на 2 ноември предупреди дека неговата војска ќе ги засили нападите против Хезболах во јужен Либан, еден ден откако либанското министерство за здравство објави дека четири лица се убиени во израелски воздушен напад.
И покрај прекинот на огнот со либанската милитантна група од ноември 2024 година, Израел одржува војници во пет области во јужен Либан и продолжува со редовните напади.
„Хезболах си игра со оган, а претседателот на Либан одолговлекува“, изјави министерот за одбрана Израел Кац.
„Обврската на либанската влада да го разоружа Хезболах и да го отстрани од јужен Либан мора да се спроведе. Максималното спроведување ќе продолжи, па дури и ќе се интензивира - нема да дозволиме никаква закана за жителите на север.“
Илјадници Израелци кои живеат во близина на северната граница со Либан беа принудени да ги евакуираат своите домови со месеци откако Хезболах почна да испукува ракети кон Израел по избувнувањето на војната во Газа во октомври 2023 година.
Тоа предизвика конфликт што траеше повеќе од една година, а кој кулминираше со два месеци отворена војна пред да се договори минатогодишното прекин на огнот.
Милитантната група поддржана од Иран, која се спротивставува на Израел, е сериозно ослабена од војната, но останува вооружена и финансиски отпорна.
Во септември 2024 година, Израел го уби долгогодишниот водач на групата, Хасан Насрала, заедно со многу други високи лидери во текот на војната.
Од прекинот на огнот, САД го зголемија притисокот врз либанските власти да ја разоружаат групата, план на кој се спротивставуваат Хезболах и неговите сојузници.
Девет лица се борат за живот по напад со нож во воз во Англија
Десет лица од кои за деветмина се проценува дека имаат повреди опасни по живот се хоспитализирани по нападот со нож во возот на линијата Донкастер-Лондон Кингс Крос на 1 ноември.
Полицијата добила повици од патници во возот околу 19:40 часот, кои ги известиле за инцидентот, јавува Би-Би-Си.
Околу 21:45 часот, градоначалникот на Кембриџшир објави дека две лица се уапсени и се во притвор. Полицијата на Кембриџшир подоцна го потврди ова.
Британската транспортна полиција вели дека офицерите од антитерористичката служба учествуваат во истрагата додека „работат на утврдување на сите околности и мотивот за нападот“.
Сведок за Би-Би-Си изјави дека виделе човек со крвава рака како трча по вагонот викајќи „имаат нож“. Според друг очевидец полицијата го застрелала човекот на перонот со електрошок.
Премиерот Кир Стармер рече дека „ужасниот инцидент“ е „длабоко загрижувачки“ и ги повика луѓето да ги следат советите на локалните власти.
Железничката компанија LNER соопшти дека станува збор за нивен воз и ги предупреди патниците дека линиите се блокирани.
Заврши комеморативниот собир во Нови Сад
Заврши комеморативниот собир во Нови Сад во чест на жртвите од уривањето на настрешницата на железничката станица во градот.
На крајот од митингот, студентите спуштија транспарент од Петроварадинската тврдина со натпис:
„Се гледаме утре и секој втор ден, додека не се задоволи правдата.“
На собирот 16 фенери беа пуштени за 16-те жртви од уривањето на настрешницата.
Министерството за внатрешни работи тврди дека од 11:52 до 12:08 часот, во Нови Сад биле присутни околу 39.000 граѓани, кои пристигнале во Нови Сад од цела Србија.
Министерството за внатрешни работи во соопштение наведува дека во Нови Сад се одржал нерегистриран јавен собир по повод годишнината од уривањето на настрешницата на железничката станица, кога загинаа 16 граѓани.
Сè уште нема независни проценки за бројот на собрани луѓе, а според медиумските извештаи, десетици илјади граѓани од цела Србија биле во Нови Сад за да им оддадат почит на жртвите.
Изминатата година беше обележана со протести и блокади низ цела Србија, каде што студентите и граѓаните бараа кривични пријави и политичка одговорност за трагедијата во Нови Сад.
Исто така, постојат повици за предвремени парламентарни избори, кои владата ги отфрла.
До денес, никој не е повикан на одговорност за смртта на 16 лица и сериозното повредување на едно лице во Нови Сад.
Делегацијата на ЕУ во Србија испрати сочувство и изјави дека ЕУ „внимателно ја следи ситуацијата“.
Во соопштение потпишано од сите земји-членки освен Унгарија, Делегацијата на Европската Унија во Србија изрази сочувство и солидарност со семејствата на 16-те лица кои ги загубија животите при уривањето на крошната.
„Оваа трагедија нè потресе сите и остави длабока рана во срцата на многумина во Србија и пошироко. На оваа тажна годишнина, апелираме до сите да ги оплакуваат жртвите со достоинство и мир“, се вели во соопштението.
Се додава дека ЕУ „продолжува внимателно да ја следи моменталната политичка ситуација во Србија“.
„Почитувањето на основните права и вредности, вклучувајќи ја слободата на мирно собирање и слободата на медиумите, се основни вредности на ЕУ што секој мора да ги заштити и поддржи.
Апелираме до сите да дејствуваат воздржано, да ги деескалираат тензиите и да избегнуваат насилство“, се вели во соопштението.
Како студентите и граѓаните пристигнаа во Нови Сад?
Во неколку колони од цела Србија, студентите и граѓаните пешачеа кон Нови Сад за да оддадат почит на Железничката станица на 1 ноември.
Неколку илјади од нив пешачеа стотици километри, а најдолгата рута од околу 400 километри ја поминаа студенти од Нови Пазар - 16 дена за 16 жртви.
Тие пристигнаа пеш, со велосипеди, со трактори.
ДИК: Без проблеми заврши гласањето на болните, немоќните и затворениците
Гласањето за болни и немоќни лица, затвореници и лица сместени во установи за вонсемејна грижа заврши непречено и без забелешки, соопшти вечерва Државната изборна комисија (ДИК).
До 20 часот своето право на глас го оствариле 3.327 од вкупно 4.826 болни и немоќни лица, 588 од 1.256 лица во 14 казнено-поправни установи, како и 125 од 214 лица во установи за вонсемејна грижа.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, претходно на изјави дека „гласањето е спроведено навреме, немаме никаков проблем ниту со изборен материјал, ниту со изборни органи. Нема забелешки, приговори или поплаки,“
Тој појасни дека гласовите од денешното гласање нема да се бројат одделно, туку ќе бидат запечатени и приклучени кон утрешното гласање, а потоа ќе бидат објавени како дел од вкупните резултати. По завршувањето на гласањето, ДИК ќе објави дополнително соопштение за одѕивот.
На продолжението на својата 151. седница, Комисијата одби еден приговор за остварување на избирачко право поднесен од лице од Боговиње, бидејќи било утврдено дека тоа лице веќе е запишано во избирачкиот список.
На денешната седница, ДИК разгледа и неколку приговори поврзани со избирачкото право. Четири приговори беа усвоени, со што подносителите добија можност да гласаат, бидејќи ги исполнуваат законските услови, додека три приговори беа одбиени како неосновани.
Според податоците на Комисијата, своето избирачко право денеска го остваруваат 4.826 болни или немоќни лица, 1.256 лица во 14 казнено-поправни установи и 214 лица сместени во 13 центри за вонсемејна грижа.
Во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи утре, граѓаните ќе избираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и советници во Шуто Оризари. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
ДИК потврди дека изборниот процес ќе го следат 1.622 набљудувачи, од кои 957 домашни, 651 меѓународни и 14 странски новинари.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете