Вести
Британија ќе го поттикнува глобалното прифаќање на вакцините за ковид-19
Велика Британија соопшти дека планира да одржи виртуелен состанок на 2 јуни за да се поттикне глобалното прифаќање на вакцините за ковид-19, а ќе учествуват медицински експерти, официјални лица од земјите на Г7 и други партнери.
На настанот, според најавите, ќе се разговара за тоа како земјите да се справат со дезинформациите за вакцините, вклучително и улогата што социјалните мрежи можат да ја играат во запирање на ширењето на штетни лаги.
Велика Британија, која има една од најбрзите кампањи за имунизација во светот и со над 90 отсто кај постарите возрасни групи, се надева дека ќе го искористи своето претседателство со Г7 за да го подобри пристапот до вакцини за коронавирус.
Богатите земји генерално се далеку пред повеќето посиромашни нации во имунизација на нивното население. Светската здравствена организација постојано ги повикуваше да направат повеќе за да помогнат во дистрибуцијата на вакцините низ целиот свет, вклучително и зголемување на снабдувањето преку Ковакс механизмот за обезбедување вакцини на посиромашните нации.
„Овој Самит чиј домаќин е Велика Британија е значајна можност земјите од Г7 да се здружат со партнери ширум светот за да преземат активности за одржување на високо ниво на доверба во вакцините и оние што ги обезбедуваат. Ние мора да работиме колективно за да обезбедиме луѓето ширум светот да можат да се вратат на своите животи“, рече британскиот министер за вакцини Надхим Захави.
Британскиот премиер Борис Џонсон ќе биде претседател на самитот на Г7 во Корнвол, југозападна Англија, на 11-13 јуни. Американскиот претседател Џо Бајден се очекува да присуствува, како и други лидери.
Во Велика Британија, првата дозна на вакцина е применета на скоро 70 отсто од возрасната популација и втората до 36 проценти, помагајќи да се намалат стапките на инфекции и смртните случаи.
види ги сите денешни вести
Вучиќ разговараше со Зеленски за „меѓународната агенда“
Српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски за односите меѓу Србија и Украина, европската интеграција и „меѓународната агенда за наредниот период“.
„Се согласивме дека постои простор за меѓусебна поддршка на која ќе продолжиме да работиме заедно“, објави Вучиќ на Инстаграм без да даде детали.
Тој додаде дека се согласиле да одржат отворени канали за комуникација во наредниот период.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на мрежата X дека тој и Вучиќ разговарале и за можностите за соработка во регионалната безбедност.
„Нашите земји го делат овој интерес и ние ќе работиме на него. Ја разгледавме меѓународната агенда за блиска иднина и се согласивме да останеме во контакт и да продолжиме со координацијата“, напиша Зеленски.
Србија е една од ретките европски земји што не се придружи на санкциите против Русија за нејзината инвазија врз Украина, но го поддржа територијалниот интегритет на Украина.
Србија постојано испраќа хуманитарна помош во Украина, која е под руска инвазија од февруари 2022 година.
Официјален Белград постојано негираше дека Србија директно извезува оружје во Украина, наведувајќи дека „не може да влијае“ дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.
Провладин митинг во Белград, додека мајката на загинатиот млад човек четврти ден штрајкува со глад
Поддржувачите на владејачката Српска напредна партија (СНС) денеска се собраа во импровизиран шаторски камп пред Народното собрание во Белград.
Во исто време, во близина се собраа граѓани кои ја поддржуваат Дијана Хрка, која штрајкува со глад барајќи гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад.
Околу српскиот Парламент е поставен полициски кордон. Од кампот на поддржувачите на владата одекнуваат националистички песни.
Граѓаните кои ја поддржуваат Дијана Хрка, неколку илјади од нив, свиркаат и скандираат „СНС мафија“. Меѓу двете групи е полициски кордон, метална ограда и бетонска бариера.
Митингот на СНС не е официјално објавен, ниту причината за неговото одржување, но се одржува на четвртиот ден од штрајкот со глад на Дијана Хрка, чиј син почина кога се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад минатиот ноември.
Таа штрајкува со глад во непосредна близина на Парламентот, веднаш до шаторскиот камп, барајќи гонење на одговорните за трагедијата и распишување на предвремени парламентарни избори.
Според медиумските извештаи, низ цела Србија се организирани автобуси со членови и поддржувачи на СНС. На платото пред Народното собрание се поставени нови шатори, како и возила од општинските служби на градот Белград.
На собирот доаѓа и група Срби кои тргнаа пеш од Косово минатата недела. Кога тргнаа на 29 октомври, рекоа дека се упатуваат кон Нови Сад, на митинг во поддршка на српскиот претседател и член на СНС, Александар Вучиќ.
Вучиќ најави дека СНС ќе организира „голем“ митинг во Нови Сад на 8 ноември, седум дена откако десетици илјади луѓе, предводени од студенти, се собраа во тој град за да ја одбележат годишнината од падот на настрешницата.
Пред митингот во Белград, Вучиќ ги повика поддржувачите да бидат смирени и да покажат одговорност и почит кон политичките противници.
„Да покажеме почит кон политичките противници, да правиме сè што правиме во наредните денови на достоинствен начин и да подадеме рака за дијалог секој ден“, рече Вучиќ.
Студенти од Нови Пазар, Ниш и Нови Сад исто така го најавија своето пристигнување, но не на митингот на СНС, туку за да ја поддржат Дијана Хрка. Тие се собираат во близина на зградата на Ректоратот во Белград, од каде што заедно ќе пешачат до Парламентот.
Метална ограда и полициски кордони со денови ги делат двете групи луѓе - оние во шаторската населба, позната како „Чациленд“, и оние што се собраа за да ја поддржат Дијана Хрка, која штрајкува со глад од 2 ноември.
На првиот ден од нејзиниот протест, од кампот на поддржувачите на владата во неколку наврати беа фрлани факели, шишиња и столчиња, на што луѓето од другата група одговорија со фрлање предмети. Речиси 40 лица беа уапсени.
Во следните денови, собраните во „Чациленд“ гласно пуштаа националистички и народни песни од звучници, додека поддржувачите на Дијана Хрка одговорија со свирчиња.
По остриот извештај за проширувањето, Грузија ја обвини ЕУ за политичко мешање
Грузиската влада реагираше луто на критичката оценка на Европската Унија за назадувањето на земјата во демократските реформи на нејзиниот пат кон пристапувањето, обвинувајќи го Брисел за мешање во нејзините внатрешни работи.
Презентирајќи го својот годишен извештај за напредокот во пристапувањето, шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, рече дека Грузија „нема одржлив пат кон ЕУ во оваа фаза, освен ако околностите драматично не се променат“.
Извештајот на Европската комисија ги обвинува политиките на грузиската влада - репресијата врз политичките противници и политичката промена што се чини дека е насочена кон Москва, за поткопување на односите со ЕУ.
Претседателот на грузискиот парламент, Шалва Папуашвили, ја обвини ЕУ за „уцена“, велејќи дека „притисокот врз Грузија не функционира“.
„Бирократија проткаена со скриена политичка агенда, арогантен став и непочитување кон сите земји кои не покажуваат слепа послушност, кои се обидуваат да донесуваат независни одлуки и да го остварат сувереното право да управуваат со државата“, додаде Папуашвили.
Годишниот извештај за напредокот на 10-те земји-кандидатки служи како контролна точка за владите додека за усогласување на нивните закони, финансии и политики со оние на ЕУ.
Кандидати за членство во ЕУ се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грузија, Косово, Молдавија, Северна Македонија, Србија, Турција и Украина.
Извештајот од 2025 година ги пофали неколку кандидати и понуди можност за можно пристапување во ЕУ уште во 2030 година, доколку се завршат потребните реформи.
Сепак, Грузија беше критикувана во извештајот за проширување на ЕУ за „сериозно демократско назадување“.
Некогаш сметана за една од најдемократските и прозападните земји што произлегоа од распадот на Советскиот Сојуз, Грузија е обвинета дека станува сè поавторитарна, додека прифаќа политики што многумин, вклучително и Брисел, ги сметаат за пријателски настроени кон Русија.
Европа ќе се поврзува со брзи железници до 2040 година
Европската комисија претстави два нови плана за намалување на емисиите на јаглерод во транспортниот сектор – преку проширување на мрежата на брзи железници и зголемување на производството на одржливи горива за авијацијата и поморството.
Како што пренесува АФП, првиот план предвидува до 2040 година да се поврзат европските престолнини со брзи железнички линии, преку модернизација на постојните и изградба на нови траси. Така, патувањето од Берлин до Копенхаген би се скратило од седум на четири часа, а од Атина до Софија од речиси 14 на само шест часа.
Брисел планира да ги отстрани пречките за прекуграничен железнички сообраќај преку усогласување на билетните системи и поттикнување конкуренција за пониски цени. Европската комисија ќе ги обедини земјите членки, железничките оператори и финансиските институции за координација на инвестициите, кои се проценуваат на најмалку 345 милијарди евра до 2040 година.
„Ова е важен прв чекор кон вистинска трансевропска железничка мрежа“, изјави Алберто Мацола, директор на Заедницата на европски железници, нагласувајќи дека Европа треба да премине од изолирани брзи линии кон интегрирана континентална мрежа.
Покрај железницата, Комисијата усвои и план за зголемување на производството на одржливи горива за авионски и поморски транспорт, поддржан со речиси три милијарди евра. Целта е забрзување на преминот од пилот-проекти кон индустриско производство на нискојаглеродни алтернативи, особено е-горива создадени со декарбонизирана електрична енергија.
Организацијата „Transport and Environment“ оцени дека планот содржи „ветувачки чекори“ кон декарбонизација на транспортот, но предупреди дека Унијата мора брзо да ги спроведе мерките доколку сака да го задржи водството во технологијата за е-горива.
Комесарот на ОН Турк ја повика Србија да ја заврши истрагата за трагедијата во Нови Сад
Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Волкер Турк, ги повика српските власти да обезбедат одговорност за смртните случаи предизвикани од уривањето на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, во кое загинаа 16 лица.
„Немаше значаен процес на откривање на вистината за трагедијата, и покрај барањата на десетици илјади граѓани кои излегоа на улиците барајќи правда“, рече Турк во соопштението на Канцеларијата за човекови права на ОН.
Во текот на изминатата година, институциите во Србија не успеале да утврдат никаква одговорност во случајот. Вишото јавно обвинителство во Нови Сад води кривична постапка против 13 осомничени, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ, но обвинението беше враќано на измена. Во исто време, Вишото обвинителство во Белград го потврди обвинението за причината за уривањето, а српското обвинителство за организиран криминал спроведува финансиска истрага за можна корупција во реконструкцијата на станицата.
Турк нагласи дека е потребно да се спроведат независни и ефикасни истраги и дека судските процеси против лицата за кои се тврди дека се одговорни се во застој. „Треба да се донесе одлука, бидејќи застојот ја намалува довербата на граѓаните во владеењето на правото“, рече тој.
Тој исто така ги повика властите да истражат наводите за произволни апсења и физички напади на мирни демонстранти и новинари за време на протестите, како и за непропорционалната употреба на сила од страна на полицијата. „Сторителите останаа неказнети, а инцидентите се повторуваат“, додаде Турк.
Високиот комесар истакна дека Србија има обврска да го почитува правото на собирање и да ги казнува сторителите. „Судството ослободено од политички притисок е начинот да се зачува довербата во владеењето на правото“, заклучи Турк.
Продолжи судењето за случајот Онкологија: сослушани повеќе сведоци
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев и уште двајца онколози, обвинети за несовесно лекување пациенти, при што беа сослушани повеќе оштетени сведоци и законски застапници на починати пациенти.
На денешното рочиште сведоците зборуваа за текот на лекувањето и конкретната терапија на Клиниката за онкологија. Шестмина од нив преднајавија оштетено побарување и се приклучија на кривичниот прогон, додека еден сведок не се приклучи на постапката.
Еден од сослушаните сведоци изјави дека имале проблеми со обезбедување на терапијата и дека за секоја доза биле побарани средства, кои, според сведокот, се предавале во кабинетот на докторот пред да се аплицира лекот. Други сведоци посочија на сомнежи во терапијата, но истакнаа дека немале документи за да го потврдат тоа.
Адвокатите на обвинетите реагираа на дел од исказите, наведувајќи дека се контрадикторни и дека одбраната не располага со целосни записници од сослушувањата, што го отежнува подготвувањето на одбраната.
Адвокатот на поранешниот директор на клиниката, Нино Васев, Боби Спирковски, оцени дека сведочењата биле контрадикторни и дека дел од нив изгледаат „еднапред договорени“. Тој истакна дека некои сведоци изјавиле дека имале проблеми со обезбедувањето на терапијата, но не пријавиле поради нејаснотија каде тоа треба да го сторат.
Спирковски исто така посочи дека денес било наведено и сведочење за барање пари од друг доктор, што, според него, отвора прашања за тоа зошто обвинителството не презело дополнителни дејствија во врска со тоа.
Обвинетата онколог Симонида Црвенкова истакна дека никогаш не побарала ниту примила средства за својата работа и дека целиот свој професионален живот го посветила на грижата за пациентите.
Адвокатот Владимир Туфегчиќ, бранител на Симонида Црвенкова, оцени дека сведочењата на денешното рочиште не содржеле аргументи или докази за несовесно лекување од страна на неговата клиентка. Тој нагласи дека сведоците изнесуваат лични перцепции и дека ништо од тоа не ја поддржува тезата на Обвинителството за кривично дело.
Случајот се наоѓа во доказна постапка под водство на судијката Снежана Марковска. Поранешниот директор Никола Васев, заедно со онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, се обвинети за несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети терапии со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.
Претходно, уште една обвинета, Мери Пешевска, призна вина и беше осудена на две години условна казна затвор. Дополнително, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера со штета од над 2,2 милијарди денари.
Славески - Годинава раст на економијата од 3,5 отсто, просечната инфлација 3,9
Според најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2025–2028 година, економијата ќе продолжи со стабилен раст и отпорност, додека инфлацијата постепено ќе се приближува кон историскиот просек.
Гувернерот Трајко Славески на денешната прес-конференција изјави дека за 2025 година се очекува раст на економијата од 3,5 отсто, а во периодот 2026–2028 тој би забрзал на околу 4 проценти.
„Макроекономската слика за домашната економија укажува на солидни економски изгледи и на натамошна стабилизација на инфлацијата“, рече Славески.
Просечната стапка на инфлација за 2025 година се проектира на 3,9 проценти, додека дефицитот на тековната сметка ќе изнесува 4,2 процента од БДП, што претставува зголемување во однос на претходната година.
Во првите девет месеци од 2025 година, како што посочи гувернерот, кредитната активност забележала силен раст кој се очекува да продолжи и до крајот на годината.
Народната банка прогнозира и солидни нето-приливи на финансиската сметка во наредните години, кои ќе се искористат за финансирање на дефицитот на тековната сметка. Најголемиот дел од тие приливи се очекува да бидат во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство.
„Во целиот период на проекцијата очекуваме зголемување на девизните резерви и нивно соодветно ниво за одржување на стабилноста на домашната валута“, додаде Славески.
Летонија го одложи повлекувањето од Истанбулската конвенција
Летонскиот парламент го одложи повлекувањето од Истанбулската конвенција против насилство врз жените, по отпорот од претседателот на земјата и протестите, јавуваат агенциите.
На повтореното гласање, откако претседателот Едгарс Ринкевич го врати законот за повлекување во парламентот, пратениците се согласија да ја одложат одлуката за ова прашање до ноември 2026 година.
Парламентот првично, кон крајот на минатиот месец, гласаше за повлекување, тврдејќи дека конвенцијата воведува дефиниција за пол што оди подалеку од биолошкиот пол, дефинирајќи го како општествен конструкт.
Пратениците тврдеа дека заштитата во летонскиот закон е доволно прецизно формулирана и дека повлекувањето од Истанбулската конвенција нема значително да ја промени правната ситуација.
Резултатот од денешното гласање значи дека одлуката ќе ја донесе следниот парламент, бидејќи се очекува Летонија да одржи парламентарни избори во октомври 2026 година, што би можело ова прашање да го претвори во клучна изборна тема.
Летонската премиерка Евика Силиња го поздрави одложувањето, велејќи дека тоа е „победа за демократијата, владеењето на правото и правата на жените“.
ЕК усвои планови за развој на брзи железници и инвестиции во еколошки горива
Европската комисија усвои сеопфатен пакет за транспортниот сектор, кој предвидува забрзување на воспоставувањето на европска мрежа на брзи железници и поголеми инвестициите во обновливи и горива со ниско ниво на емисии на јаглерод диоксид за воздухопловство и поморскиот сообраќај.
Како што соопшти ЕК, целта на овој пакет е обезбедување на поефикасен, поврзан, лесно достапен, чист и отпорен транспортен систем во ЕУ.
Со планот се предвидува создавање на побрза, поинтероперабилна и подобро поврзана европска мрежа на возови со брзина од над 200 километри на час до 2040 година, со што би се скратило времето на патување и железницата би станал привлечна алтернатива за воздушниот сообраќај на кратки релации.
Остварувањето на ваквите цели се очекува да донесе поголем бројот на патници во железничкиот сообраќај и да ги поттикне регионалните економии и туризмот.
„Патниците ќе можат да патуваат од Берлин до Копенхаген за четири часа, наместо сегашните седум, а од Софија до Атина за шест часа, наместо сегашните 13 часа и 40 минути. Новите прекугранични врски, исто така, ќе овозможат побрзи и поедноставни патувања од Париз до Лисабон, преку Мадрид, и подобрена поврзаност меѓу балтичките главни градови“, се наведува во соопштението.
Покрај намалување на времето за патување, на овој начин ќе се намали и застојот и ќе се ослободат капацитет на конвенционалните линии, товарниот транспорт и воената мобилност.
Покрај ова, пакетот предвидува и инвестиции од 100 милијарди евра до 2035 година за производство на околу 20 милиони тони обновливи и горива со ниско ниво на емисии на јаглерод диоксид за воздухопловство и поморскиот сообраќај.
Од ЕУ истакнуваат дека со забрзување на домашното производство на биолошки и небиолошки горива, Европа може да ја намали својата зависност од увезени фосилни горива, да ја подобри конкурентноста на своите индустрии и да ја предводи транзицијата кон чиста енергија на глобално ниво“, потенцира ЕК.
ДИК: Поднесени 16 приговори за гласањето во вториот круг од локалните избори
До денеска претпладне (5 ноември) до Државната изборна комисија (ДИК) се поднесени 16 приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг од локалните избори, што се одржа во неделата на 2 ноември.
Рокот за поднесување на приговори завршува денеска во 16:30 часот односно 48 часа по објавувањето на првичните резултати од изборите.
Приговори поднеле Хаким Рамадани поддржан од Влен (ВРЕДИ) за постапката за сумирање и утврдување на резултатите во избирачките места 2034, 2033, 2032, 2035, 2034, 2033, 2032, 2035 во Брвеница. Во оваа општина во вториот круг од изборите победи Јовица Илиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со 4374 гласа, додека Рамадани освои 4224 гласа.
Коалицијата „Твоја Македонија“ поднела десет приговори за избирачките места 2956, 2971/1, 2973, 2959/1, 2955, 2956/1, 2959, 2961/1, 2961, 2971 во Шуто Оризари.
И Сојузот на Ромите има поднесено приговори за Шуто Оризари и тоа за гласачките места 2966, 2962 и 2961. Во оваа општина во вториот круг од изборите победи Курто Дудуш од Унијата на Ромите со 3894 гласови, а Ерџан Демир поддржа од Коалицијата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ освои 3406 гласа.
Коалицијата „Искуство за успех“ која го поддржуваше Стевчо Јакимовски за гласањето во Карпош поднела приговори за сумирање и утврдување на резултатите за избирачките места 2631 и 2613. Во Карпош победи кандидатот поддржан од од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Сотир Лукровски со 13512 гласови, додека Јакимовски освои 12378 гласови.
Според информациите од ДИК, седница за одлучување за приговорите најверојатно ќе се одржи утре, 6 ноември.
Локалните избори се одржаа на 19 октомври и 2 ноември. Според резултатите од двата круга на локалните избори, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи во 54 општини и Град Скопје.
Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ 4, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, по еден градоначалник.
Две општини ќе ги водат независни кандидати.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете