Вести
Репортери без граници: Апсењето на Асанж е опасен преседан за новинарите

Организација „Репортери без граници” смета дека апсењето на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, претставува опасен преседан за новинарите, напиша на Твитер генералниот секретар на организацијата, Кристоф Делоар.
„Тагетирањето на Асанж поради информациите од јавен интерес што „Викиликс“ им ги доставуваше на новинарите ќе биде казнена мерка и ќе претставува опасен преседан за новинарите или за нивните извори што САД можеби ќе посакаат да ги следат во иднина”, напиша Делоар.
Асанж беше уапсен од британската полиција претпладнево откако претседателот на Еквадор, Ленин Морено, објави дека земјата го поништува азилот што му до одобри.
види ги сите денешни вести
Расте бројот на напади врз медиумските работници во Србија

Во Србија, во јули се регистрирани 24 инциденти кои сериозно ја загрозија безбедноста на новинарите и медиумските работници, а особено загрижувачко е што бројот на полициски напади врз новинари се зголемува во последните неколку месеци, како и недостатокот на реакција на нападите што се случуваат во присуство на полицајци, предупреди Независното здружение на новинари на Србија на 8 август.
Во соопштението се наведува дека во текот на јули, меѓу другото, се регистрирани осум физички напади врз новинари и 12 „сериозни закани по смрт и физичка безбедност“.
Здружението предупреди дека полицијата „не само што употребила сила врз новинарите, туку и ги игнорирала законските обврски во бројни ситуации“.
„Случаите на полициска бруталност врз новинарите за време на протести и известување од јавни настани станаа алармантни. Во неколку наврати, новинарите беа нападнати, нивните лични карти беа проверени и тие беа приведени, додека во неколку случаи, опремата беше насилно конфискувана и беа упатени закани, што јасно укажува на сериозен проблем во начинот на кој се третираат медиумските работници“, се вели во соопштението на новинарското здружение.
Исто така, се тврди дека немало соодветни реакции од надлежните институции во случаите во кои полицијата нападнала новинари.
„Неуспехот на институциите да одговорат на ваквите напади создава култура на неказнивост и ја поткопува довербата во институциите кои треба да ги заштитат новинарите и да ја гарантираат слободата на медиумите“, предупреди Здружението.
Во соопштението е посочено дека лани во ноември е забележано зголемување на бројот на напади „првенствено од страна на полицајци“ врз фоторепортери кои известуваат од протестите низ Србија.
„Некои од најбруталните случаи на напади и закани во јули беа насочени токму кон нив, фоторепортери кои се претежно млади новинари, кои штотуку ги започнале своите новинарски кариери. Многу од нив работат како фриленсери, без поддршка од редакциите, што ги прави уште поранливи“, предупреди Независното здружение на новинари на Србија.
Според базата на податоци на новинарското здружение во Србија досега во 2025 година се регистрирани 135 напади врз новинари.
Во 2024 година се пријавени вкупно 166 напади, додека претходната година имало 184 напади, кои вклучуваат физички напади, притисоци, вербални закани, напади врз имот и закани врз имот.
Според светскиот индекс на слободата на печатот на „Репортери без граници“, Србија моментално е рангирана на 96-то место од 180 земји.
Велика Британија ќе биде домаќин на меѓународен состанок за Западен Балкан

Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, ќе биде домаќин на министрите за надворешни работи на петнаесет европски земји на есен на состанок посветен на поттикнување на соработката и помирувањето во Западен Балкан, потпирајќи се на искуствата од мировниот процес во Северна Ирска.
Состанокот за Западен Балкан, „регион од суштинско значење за безбедноста на Обединетото Кралство“, ќе се одржи од 8 октомври во замокот Хилсборо во Северна Ирска, како дел од поширока серија разговори организирани од Обединетото Кралство со цел зајакнување на отпорноста, борба против нелегалната миграција и стимулирање на економскиот раст, објави Министерството за надворешни работи на 8 август.
Покрај шесте земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија), на состанокот ќе присуствуваат и Австрија, Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Грција, Италија, Полска и Словенија, со Обединетото Кралство како домаќин, Данска како претседател на ЕУ и Европската Унија.
Разговорите ќе се фокусираат на промовирање на мирот, стабилноста и соработката во Западен Балкан, зајакнување на колективната безбедност на Европа и борба против организираниот криминал и мрежите за шверц на луѓе.
Со оглед на тоа што нерешените спорови и растечките етнички тензии во Западен Балкан ги предизвикуваат европските аспирации и го оставаат регионот ранлив на малигно влијание, Лами ќе се потпре на искуството од мировниот процес и практичните примери за кохезијата меѓу заедниците што постои во Северна Ирска денес, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Швајцарија преговара со САД за намалување на царините

Швајцарија ги продолжува разговорите со САД за намалување на царините, соопшти нејзината влада на 8 август, додека економистите предупредија дека некои индустрии ќе претрпат „сериозни“ загуби на работни места од царината од 39% што ја наметнаа САД за швајцарскиот увоз.
Разговорите во Вашингтон ги води Хелен Будлигер Артиеда, раководител на швајцарскиот Државен секретаријат за економски прашања (SECO), и доаѓаат откако царината за увоз - меѓу највисоките од сите применети според ресетирањето на глобалната трговија на претседателот Доналд Трамп
Последниот обид на швајцарската делегација во Вашингтон, во која беше вклучена и претседателката Карин Келер-Сатер, не успеа да донесе подобар договор.
„Разговорите со САД се во тек. Разговорите постојано се фокусираа на намалување на дополнителните американски царини“, изјави за новинската агенција Ројтерс, Артиеда.
Во соопштението од државниот секретратијат е наведено дека нема да даде дополнителни детали за разговорите, кои би можеле да вклучуваат дополнителни концесии што Швајцарија може да им ги понуди на САД во замена за пониски царини.
Економистот Ханс Герсбах, од Економскиот институт KOF на ETH, универзитет во Цирих, процени дека во Швајцарија би можеле да бидат изгубени 7.500 до 15.000 работни места како резултат на американските царини.
„Ефектот ќе биде сериозен во некои индустрии како што се часовници, машини и прецизни инструменти. Доколку фармацевтската индустрија беше исто така цел, бројката би била поголема“, додаде тој, иако сè уште не е пресметана никаква бројка.
Швајцарскиот гигантски фармацевтски сектор, кој ги вклучува Roche и Novartis, сочинуваше половина од швајцарскиот извоз во САД минатата година и не е вклучен во американските царини.
Претходно, неделава деловната асоцијација одржа семинар за да им помогне на компаниите да се снајдат во царинските превирања.
Компаниите беа многу загрижени, но беа фокусирани на обидот да најдат решенија, рече членот на одборот на асоцијацијата, Јан Атесландер.
„Сè уште имаме тешкотии да го разбереме овој пријателски оган, но работиме на начини како да се справиме со него“, рече Атесландер.
Американските увозници ќе ги зголемат цените за швајцарските производи за да се справат со влијанието на царините, рече Атесландер, што би можело да доведе до пониска продажба, додека маржите на профит исто така би биле намалени.
Компаниите разговараа со своите американски клиенти, како и со префрлање на нивното производство од Швајцарија во Европа или Велика Британија, кои имаат пониски царини за производите наменети за САД.
Европски дипломати ја осудуваат одлуката на Израел за преземање на Газа

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во петокот изјави дека Израел мора да го преиспита својот план за преземање на контролата врз градот Газа.
„Одлуката на израелската влада за понатамошно проширување на својата воена операција во Газа мора да се преиспита“, напиша таа на социјалната мрежа X.
На 8 август, израелскиот кабинет за безбедност одобри план за преземање на контролата врз градот Газа, објави канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Тој, претходно изјави дека сака да го преземе целиот Појас Газа, а одобрениот план конкретно се фокусира на градот Газа, најголемиот град во енклавата.
Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп на социјалната платформа Х напиша дека планот на Нетанјаху за интензивирање на операциите во Газа „е погрешен потег“.
„Хуманитарната ситуација е катастрофална и бара итно подобрување. Оваа одлука во никој случај не придонесува за ова, а исто така нема да помогне ниту да се вратат заложниците дома“, е наведено во неговата објава.
„Одлуката на израелската влада да ја интензивира воената операција во Газа е погрешна. Тоа само ќе доведе до уште поголемо страдање за цивилното население“, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен.
Минатата недела, пред израелската најава за преземање на Газа, Словенија објави дека ќе го забрани увозот, извозот и транзитот на сето оружје до и од Израел како одговор на дејствијата на земјата во Газа - велејќи дека е првата земја-членка на ЕУ што го сторила тоа.
Минатиот месец, дваесетина претежно европски земји ги осудија ограничувањата на Израел за испорака на помош во Газа и убиствата на стотици Палестинци кои се обидуваа да дојдат до храна.
Негодувањето поради дејствијата на Израел во Газа се зголеми во Европа, по сликите на жртвите и прегладнетите Палестинците кои предизвикаа протести во Лондон, Берлин, Брисел и други главни европски градови.
Израелската одлука, донесена по состанокот на високи функционери доцна во ноќта, дојде и покрај зголемените меѓународни повици за прекин на војната и протестите на многумина во Израел кои стравуваат за преостанатите заложници што ги држи Хамас.
Повеќето од заложниците се ослободени со прекин на огнот или други договори, но 50 остануваат во Газа. Израел верува дека околу 20 од нив се живи.
Војната започна кога Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи над 1200 луѓе и земајќи стотици заложници. Израел одговори со жестока офанзива врз Појасот Газа, во која загинаа десетици илјади Палестинци, според тамошните здравствени власти.
Германија го запира извозот на воена опрема во Израел

Германија нема да одобри никаков извоз на воена опрема што би можела да се користи во Газа „до понатамошно известување“, објави канцеларот Фридрих Мерц на 8 авгус. Ова е пвиот одговор на еден од најсилните меѓународни поддржувачи на Израел по одлуката соопштена од кабинетот на израескиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја преземе контролата врз Газа.
Нетанјаху претходно изјави дека сака да го преземе целиот Појас Газа - одобрениот план конкретно се фокусира на градот Газа, најголемиот град во енклавата.
Во соопштението, Мерц нагласи дека Израел „има право да се брани од теророт на Хамас“ и рече дека ослободувањето на израелските заложници и целните преговори за прекин на огнот во 22-месечниот конфликт „се наш врвен приоритет“. Тој рече дека Хамас не смее да има улога во иднината на Газа.
„Уште построгата воена акција на израелската армија во Појасот Газа, одобрена од израелскиот кабинет синоќа, ѝ отежнува на германската влада да види како ќе се постигнат овие цели. Под овие околности, германската влада нема да одобри никаков извоз на воена опрема што би можела да се користи во Појасот Газа до понатамошно известување“, додаде тој.
Не беше веднаш јасно која воена опрема од Германија ќе биде засегната, јавува новинската агенција Асошиетет прес.
Германската влада останува длабоко загрижена за страдањето на цивилите во Газа, рече Мерц.
„Со планираната офанзива, израелската влада носи уште поголема одговорност од порано за обезбедување на нивните потреби“, рече Мерц.
Тој го повика Израел да дозволи сеопфатен пристап за испораките на помош, вклучително и за организациите на ОН и други невладини организации - и рече дека Израел „мора да продолжи сеопфатно и одржливо да се справува со хуманитарната ситуација во Газа.“
Мерц, исто така, ја повика израелската влада „да не презема никакви понатамошни чекори кон анексирање на Западниот Брег“.
Овој потег има посебна тежина бидејќи Германија се смета за еден од најсилните поддржувачи на Израел, веројатно надминат само од Соединетите Држави.
Владата на Мерц не се придружи на најавите на претседателот Емануел Макрон на клучниот германски сојузник Франција и на британскиот Кир Стармер дека планираат формално да ја признаат палестинската држава во септември.
Германија со децении одржува силно произраелски став, главно поради нејзината историска одговорност за Холокаустот, кој ја обликуваше нејзината повоена надворешна политика околу обезбедувањето на безбедноста на Израел и борбата против антисемитизмот, јавива новинската агенција Асошиетет прес.
Десет мртви, 33 исчезнати во поплавите во северозападна Кина

Десет лица загинаа, а 33 се водат како исчезнати по ненадејните поплави во северозападната кинеска покраина Гансу, објавија државните медиуми во петокот.
„Од 7 август, континуираните обилни дождови предизвикаа ненадејни поплави. Од 15:30 часот на 8 август, 10 лица загинаа, а 33 се водат како исчезнати“, објави државната телевизија CCTV.
Кинескиот претседател Си Џинпинг нареди „максимални напори“ за спасување на исчезнатите лица, соопшти телевизијата.
Поради „честата појава на екстремни временски услови“, Си им нареди на сите региони да ги зајакнат напорите за идентификување на ризиците.
Снимките споделени од кинеските противпожарни власти на Weibo покажаа спасувачи како водат луѓе низ вода во едно село, додека фотографиите објавени од владата на Гансу покажаа патишта покриени со тиња и големи камења.
Природните катастрофи се чести низ Кина, особено во лето кога некои региони доживуваат обилни дождови, додека други се печат на жешкото време.
Обилните дождови во северен Пекинг минатиот месец убија 44 лица, а руралните предградија на главниот град беа најтешко погодени.
Кина е најголемиот емитер во светот на стакленички гасови кои предизвикуваат климатски промени и придонесуваат за почести и поинтензивни екстремни временски услови.
Но, таа е исто така и глобална сила за обновлива енергија која има за цел да ја направи својата огромна економија јаглеродно неутрална до 2060 година.
OН: Израел мора што поскоро да го запре планот за целосна контрола на Газа

Израел мора да го запре својот план за Газа „што е можно поскоро“, изјави високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк.
„Оваа понатамошна ескалација ќе резултира со поголемо масовно присилно раселување, повеќе убиства, повеќе неподносливо страдање, бесмислено уништување и ужасни злосторства. Војната во Газа мора веднаш да заврши. На Израелците и Палестинците мора да им се дозволи да живеат еден до друг во мир“, рече тој.
На 8 август, израелскиот кабинет за безбедност одобри план за преземање на контролата врз градот Газа, објави канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Турк додаде дека израелската влада „треба да ги вложи сите свои напори за спасување на животите на цивилите во Газа со тоа што ќе овозможи целосен, непречен проток на хуманитарна помош“.
Тој, исто така, ги повика палестинските вооружени групи „веднаш и безусловно“ да ги ослободат сите преостанати заложници.
Нетанјаху претходно изјави дека сака да го преземе целиот Појас Газа - одобрениот план конкретно се фокусира на градот Газа, најголемиот град во енклавата.
Претходно, ОН предупреди дека проширувањето на воените операции на Израел ризикува „катастрофални последици“ за палестинските цивили и израелските заложници.
Контроверзната ескалација наидува на отпор во Израел - вклучително и од семејствата на заложниците и веројатно дополнително ќе ја изолира земјата на меѓународно ниво, објавува Би-Би-Си.
Израел ја започна војната во Газа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1200 луѓе и беа земени 251 заложник во Газа.
Масовната израелска воена офанзива уби најмалку 61 158 Палестинци од тогаш, според Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, палестинско движење кое САД и Европската Унија го сметаат за терористичко.
Трговците, производителите и дистрибутерите на средба кај Дурмиши за цените на храната

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска попладне (8 август) ќе има средба со трговците, производителите и дистрибутерите на која ќе стане збор за цените на прехранбените производи. Како што информира, ова ќе биде крајна опомена и предупредување до нив да се однесуваат соодветно. Во спротивно, најави дека Владата ќе воведе ригорозни мерки.
„Нашето барање е да дејствуваат соодветно, да не ги зголемуваат цените. Ова ќе биде крајна опомена и предупредување до нив. Во спротивно, ќе преземеме мерки кои ќе бидат ригорозни. Ако се однесуваат како претходните месеци, ќе преземеме соодветни чекори, ќе донесеме остра одлука. Со тоа што ги викаме на средба, значи дека се подготвуваме за преземање мерки, истакна министерот“, одговорајќи на новинарски прашања.
Инаку министерот на денешната прес-конференцијата ја промовираше мерката „училишна кошничка“ што вчера ја донесе Владата.
Мерката која ќе важи од 15 август до 15 септември 2025 година, предвидува намалување на цените на школскиот прибор за најмалку 10 отсто во трговијата на големо и 15 проценти во трговијата на мало.
Мерката ќе важи за сите видови продавници кои продаваат училишен прибор-книжарници, супермаркети, спортски продавници, а опфаќа широк спектар производи: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали.
Секој производ што ќе биде опфатен ќе биде јасно означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а во сите продавници ќе биде поставен плакат со информации за мерката.
Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесените производи.
САД ја удвоија наградата на 50 милиони долари за апсење на Мадуро

Соединетите Држави (САД) на 8 август објавија дека ја дуплирале наградата, на 50 милиони долари, за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој е обвинет од американските власти за трговија со дрога.
„Денес, Министерството за правда и Државниот департмент објавуваат награда од 50 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на Николас Мадуро“, напиша главниот обвинител Пам Бонди на социјалната мрежа X.
Претходната награда објавена во јануари беше 25 милиони долари.
САД сметаат дека изборот на Мадуро за претседател во јануари, за време на администрацијата на Џозеф Бајден, е нелегитимен.
Во јули оваа година, неговата партија освои огромно мнозинство градоначалнички места на локалните избори, кои беа обележани со бојкот од страна на опозицијата.
Истиот месец беше првата годишнина од претседателските избори на кои Мадуро беше прогласен за победник.
Националниот изборен совет ја прогласи Мадура за победник на претседателските избори, без да даде детали за гласањето, тврдејќи дека била жртва на компјутерско хакирање што многу експерти го сметаат за неверодостојно.
Опозицијата потоа прогласи победа и ја обвини владата за измама. Поради ова, голем дел од нив ги бојкотираа парламентарните избори одржани во мај, на кои таборот на Мадуро освои 253 од 285 места, според Националниот изборен совет.
Дваесет и четири години од нападот кај Карпалак

Во Прилеп и во месноста Карпалак денеска (8 август) ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на армиските резервисти: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
Повеќе делегации ќе ги посетат вечните почивалишта на загинатите, во Прилеп и населените места, а ќе биде посетена и месноста Карпалак каде на 8 август 2001 година во заседа загинаа 10-те прилепски бранители, кога беше нападнат армискиот конвој.
Во Прилеп вчера почна одбележувањето на 24-годишнината од загинувањето на прилепските армиски резервисти кај Карпалак, со поклон пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“.
Потполковникот Сашко Палески, командант на гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп истакна дека спомените за загинатите ќе се чуваат, со порака - „никогаш да не се повтори“!
Почит на загинатите пред спомен-обележјето во касарната оддадоа повеќе делегации, како и семејствата на загинатите и здруженија на бранителите.
Во чест на загинатите бранители, вчера беше посетен нивниот споменик во прилепското село Лениште и манастирот „Света Петка“ каде се одржа вечерна богослужба.
На 8 август 2001 година, за време на конфликтот, кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, армискиот конвој беше нападнат од заседа. Животот го загубија десет резервисти на Армијата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете