Комисијата за заштита на конкуренцијата се уште не знае дали ќе ги казни маркетите „осомничени“ за картелско здружување.
Истрагата ја започна во февруари годинава но и по пет месеци во одговор за Радио Слободна Европа тврди дека се уште собира докази по сомнежите дека 4 маркети договарале цени на производите што е спротивно на закон.
„Постапката е сеуште во тек, Комисијата ги цени сите докази собрани во текот на постапката, а глобата, односно казната, доколку се утврди постоење на забранет договор – картел, Комисијата ја утврдува во решението“, велат од комисијата во одговорот за РСЕ.
Во февруари 2025 година Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) започна две прекршочни постапки.
Првата беше за четири маркети кои според документите, кои ги објавија дел од медиумите, беше против ВЕРО, Тинекс, КАМ и Рептил. Според објавените документи „склучиле забранет договор за влијание врз цените“. Ова отвори сомнеж кај Комисијата дека претставува нарушување на конкуренцијата.
Втората постапка беше само против Сојузот на стопански комори поради доставувањето на неточни, нецелосни или податоци кои можеле да ја доведат во заблуда Комисијата за одлучување по прекршок. За ова ССК е казнета со решение од мај годинава со глоба од 100.000 денари.
На почетокот на оваа година поради неконтролираното поскапување на производите, потрошувачите се одлучија како израз на револт во одредени денови да ги бојкотираат маркетите и ништо да не купуваат.
Владата реагираше на зголемувањето на цените на основните прехранбени производи и бојкотите од страна на граѓанитесо сет мерки за ограничување на трговските маржи. Тоа следеше откако извештајот на државниот Пазарен инспекторат покажа дека маржата за основните прехранбени производи, како леб, млеко, масло за јадење, во маркетите е над 20 проценти, а кај основните непрехранбени производи е 30 проценти.
Властите очекуваа дека новодонесениот Законот за нефер трговски практики ќе ги подобри работите.
Компаниите кои нема да го почитуваат треба да се соочат со казна до 10 проценти од нивниот приход остварен во претходната година, што би значело десетици милиони евра.
Сепак од комисијата надлежна за казните за РСЕ велат дека секојдневно пристигнуваат пријави, но нема статистика колку трговци се казнети.
Оштетените потрошувачи не можат да дојдат до отштета
Доколку се утврди дека комисијата била во право и маркетите го прекршиле законот, дали може да се добие отштета за потрошувачите?
Ова прашање го отвораат дел од правниците со кои разговараше РСЕ, а кои сметаат дека во Северна Македонија според постоечките закони е неисплатливо секој поединечен потрошувач да бара отштета за купувањето на производи од маркетите.
Втора „сопка“ е што тешко е да се докаже на кој начин е сторена повредата за секој производ поединечно.
Адвокатот Горан Нациќ смета дека на така широк статистички примерок, каде голем број на производи се во прашање, да се определи точен износ на штета е тешко. Како пример ги Зема Соединетите Американски Држави каде за ваков тип на прекршоци се оди со просечна отштета.
„Се земе висината на маржа која била недозоволена во даден временски период на конкретна листа на производи и се пресметува штетатата. Бидејќи тешко може да се детерминираат сите кои купувале, обештетувањето кое ќе се пресмета може да се исплати на повеќе начини, еден би бил во еднаков период, пример 3 месеци, истата листа на производи да се купува по намалени цени за истиот процент на маржа или вкупната сума на обештетување да се реалоцира за подгнување на свеста на потрошувачите, но никако да остане кај маркетот“, вели Нациќ.
И од Организацијата на потрошувачи сметаат дека потрошувачите како во случајот во Северна Македонија тешко дека ќе можат да дојдат до своите права.
„Не би можеле да ја знаеме точната бројка на оштетени граѓани, а дополнително тие би требало да ги чуваат и фискалните сметки од пазарувањето во тој период кога имало картелско здружување во казнетите маркети. Се тоа ќе треба да се докажува пред судот и тоа е многу тешко за организирање за што не знам кое адвокатско друштво би го застапувало“ вели Мирјана Лончар, Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи.
Поединечни тужби наместо колективна отштета
Во Северна Македонија во Законот за парнична постапка се уште не е воведена колективната отштета велат од организацијата на потрошувачи. Со измените на законот тоа би било овозможено, но тие и покрај тоа што ги поминале собраниските комисии сепак се повлечени на доработка.
Од ОПМ сметаат дека овие измени би требало да дојдат на дневен ред во септември и со нив примерите како што се со сегашните случаи кои со помош на организацијата се водат индивидуално, ќе можат да се соберат во една колективна тужба.
Таков е примерот со големиот број на тужби кои ги поднесе Организацијата во име на граѓаните за повисоката цена на полисите на осигурителните компании каде се појавија повеќе оштетени потрошувачи.
Се работи за отштета од 840 до 1.600 денари, кои ги платиле околу 10.000 граѓани. Тие ги осигурале своите возила преку полиси за кои се отвори сомнеж дека се договарани. Тогаш од организацијата за заштита на потрошувачите ги повикаа граѓаните кои се оштетени од осигурителните компании во периодот од 25 април до 3 мај 2024 година да се обратат кај нив и со нивна помош да поднесат тужба.
„Ние водиме такви индивидуални тужби бидејќи се утврди картелско здружување кај осигурителните компании за повисока цена на авто осигурувањето. Но, тоа е случај каде потрошувачите самите се пријавиле и се согласни преку нас да се водат. Ова значи дека сепак голем дел ќе останат незаштитени затоа што нема тужба за колективна отштета. Ако постоеше колективна заштита ние ќе ги повикаме сите и поголем број ќе добиеја отштета“, вели Лончар.
Според адвокатот Нациќ во Европа веќе има пример каде со колективна тужбасе бараат ниски суми на отштета за поголем број на луѓе. Тоа е за авио компанија која неосновано наплаќала за рачен багаж. Придобивките од колективната отштета би биле што секој поединечно е немоќен да победи компанијата ако адвокатските услуги го чинат десет пати повеќе од отштетата, но ако се оди со заедничка тужба тогаш трошоците се делат на сите и станува исплатливо.
Според Министерството за економија со Законот за заштита на потрошувачите се заштитени потрошувачките права. Сметаат дека со телото кое е назначено за нивна заштита, а тоа е Организацијата на потрошувачи тие можат преку судски постапки да дојдат до своите права.