Во текот на една година, претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ инкасирала 72 милиони евра европска помош за справување со енергетската криза – но каде точно завршиле тие пари, засега јавноста не знае, според новото истражување на граѓанската мрежа „Бенквоч“. (CEE Bankwatch Network).
Станува збор за пари од Европската Унија добиени во рамки на Годишниот акциски план за енергетика кој Северна Македонија го потпиша на почетокот на 2023 година, а преку кој земјите од Западен Балкан добија парична помош од една милијарда евра.
Според Планот, парите требало да стигнат директно до граѓаните како субвенции за сметките за струја, особено до најранливите категории, но наместо тоа, дел завршиле во државната компанија АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Субвенции на хартија, граѓаните плаќале иста цена
Дополнително, според Бенквоч спорно е тоа што, иако Владата тогаш тврдеше дека средствата се користат за субвенционирање на струјата, граѓаните и понатаму ги добивале истите сметки пресметани според тогашните тарифи на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Во тој период, сметките за струја содржеа табела во која Владата тврдеше дека преку ЕСМ субвенционира над 70 проценти, некогаш и до 90 проценти, од потрошената електрична енергија на граѓаните.
Тогашната Влада велеше дека ако не биле тие, сметките ќе биле уште повисоки, но реалноста, според истражувањето на Бенквоч, била сосема поинаква – износите на сметките за струја останувале исти, а цената по која плаќале граѓаните била според тарифите утврдени во Регулаторната комисија за енергетика.
„Фактички, тие прикажуваа дека субвенционираат – 80, 90 отсто – а ние плаќавме иста цена која беше утврдена од Регулаторната комисија за енергетика“, вели за РСЕ Давор Пехчевски од Бенквоч, кој учествувал во изработката на истражувањето насловено „Прашање за милијарда евра – Што беше постигнато со пакетот за поддршка за енергетиката на Западен Балкан?“
Побаравме објаснување од претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, кој одговори дека е точно дека граѓаните тогаш плаќале според цената утврдена од РКЕ, но дека во сметките всушност стоел пример дека во случај ЕСМ струјата да ја продавала по тогашната пазарна цена на берзите, сумата ќе била повисока.
Поранешниот премиер Димитар Ковачевски тогаш тврдеше дека табелите на сметките за струја не се пропаганда, туку начин граѓаните да бидат информирани за субвенциите што државата ги обезбедува за целиот регулиран пазар на струја. Тој велеше дека без тие субвенции граѓаните би плаќале значително повисоки цени, повикувајќи се на тогашните пазарни цени на европските берзи кои достигнувале и до 500 евра по мегават-час.
Во истражувањето на Бенквоч се вели дека во тогашните сметки износите на потрошена струја и за дистрибутивни такси не се намалени во самата сметка и дека останале исти како регулираната цена „што значи дека оваа поддршка всушност биле пари директно платени на ЕСМ“.
„Дури и да се претпостави дека ова е направено за да се одржат ниските цени за производство на електрична енергија, ова е сосема различно од „домаќинствата кои добиваат поддршка“ како што е напишано во Акцискиот план. Ова е особено пробематично бидејќи ЕСМ веќе добиваше стотици милиони евра како директна поддршка – пари кои беа потрошени на нетранспарентен начин за купување фосилни горива“, наведуваат од Бенквоч.
Инаку, откако официјално беше прогласена енергетската криза во ноември 2021, во периодот до мај 2023 година, Владата трансферирала директно кон ЕСМ над 358 милиони евра, наведува Бенквоч.
„Потполно е хаотично. Акцискиот план не воведува нови мерки, индикаторите е невозможно да се следат, па воопшто, не се знае што е направено со парите во ниту една држава на Западен Балкан, не само кај нас“, вели Давор Пехчевски од Бенквоч.
Сомнежи за злоупотреби во ЕСМ
Освен што не се знае каде завршиле парите од ЕУ за енергетската криза, во истиот период за ЕСМ имаше сомнежи за злоупотреби и нетранспаренти договори за набавки на јаглен и мазут, а европските пари кои биле префрлани во ЕСМ се директно поврзани со овие набавки.
Некои од фирмите поврзани со набавките биле блиски до тогашни владини функционери, а дел од трансакциите се истражуваат и од страна на Обвинителството.
Имено, Истражувачката репортерска мрежа (ИРЛ) објави две истражувањата за сериозни злоупотреби поврзани со тендерите и трошењето средства во ЕСМ во тој период на енергетската криза.
Првично, новинарите ја објавија аферата со набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, каде што компанијата РКМ на бизнисменот Ратко Капушевски му продала 188 илјади тони мазут на ЕСМ за 112 милиони евра. Обвинителството отвори истрага за перење пари и злоупотреба на службената положба, осомничувајќи 13 лица, вклучително Асмир Јахоски сопственик на компанијата „Пуцко Петрол“, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Штетата за државниот буџет, според обвинителството, се проценува на над 167 милиони евра.
Потоа, ИРЛ ја објави и аферата дека ЕСМ склучила договори вредни 283 милиони евра за набавка на јаглен преку мрежа од компании и посредници блиски до тогашната политичката елита, при што 9 милиони евра завршиле кај бугарска фирма во сопственост на Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев.
Единствениот случај поврзан со ЕСМ кој досега стигна до судот за набавката на адитиви за јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј е случајот Адитив. Обвинителството наведе дека сомнежите за злоупотреби за периодот од месец април 2023 до август минатата година, а дека е поднесено обвинение против 31 лице и пет компании за злосторничко здружување, злоупотреба на јавна набавка и перење пари за криминал тежок 6,5 милиони евра. Осомничени во случајот се двајца поранешни директори на ЕСМ, Васко Стефанов и Васко Ковачевски кој е во бегство надвор од земјава.
До објавувањето на текстот од Министерството за енергетика не добивме одговори на прашањата колку од европските 72 милиони евра биле префрлени кон ЕСМ, зошто средствата не биле насочени директно кон граѓаните, колку пари биле потрошени за проекти за енергетска ефикасност и како е пресметано дека Владата ги субвенционирала сметките за струја до 90 отсто, кога граѓаните и понатаму плаќале според истите тарифи утврдени од Регулаторната комисија за енергетика.
Преку Акцискиот план на ЕУ, државите од Западен Балкан имаа достапни 1 милијарда евра. Од овие пари, 500 милиони евра беа достапни како директна буџетска поддршка.
Северна Македонија од тие пари имаше на располагање 80 милиони евра, со што преку првата транша веќе ѝ беа исплатени 90 отсто, односно 72 милиони евра.
Во Акцискиот план стои дека дел од овие пари се предвидени за енергетска ефикасност на објекти, за фирмите, за инвестиции во обновливи извори на енергија, за енергетска транзиција, а делумно за субвенционирање на сметките за струја за корисниците, но со директно финансирање, а не преку ЕСМ.
Останатите 10 проценти (8 милиони евра) сегашната Влада може да ги добие откако ќе заврши со активностите предвидени во Акцискиот план.
Тоа значи дека треба прво да донесе ревидиран Национален план за енергија и клима, ревидиран Закон за енергетска ефикасност, Закон за обновливи извори на енергија, а тоа се работи што мора да се завршат пред да ги побараат тие 10 отсто.
Останатите 500 милиони евра од пакетот не беа директно доставувани до државите, туку преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) државите можеа да пристапат до нив преку проекти, но и за овие пари засега има многу малку податоци колку државите аплицирале и колку добиле, наведува Бенквоч.
Помошта од ЕУ не донесе ниту реформи
Пехчевски потсетува дека на тогашните сметки за струја имаше QR код кој водеше до интернет страница на Владата која сега не работи, каде беше наведено дека Владата ѝ префрла пари на ЕСМ за да покријат дел од трошоците на работата ЕСМ за да не се зголеми цената на струјата.
„Значи, тоа е превентивно да не се покачи цената, а не дека се субвенционира за покачени цени на струја за домаќинствата. Тоа се различни работи“, вели Пехчевски.
Од Бенквоч заклучуваат дека оваа европска парична помош не ги постигнала целите за кои била наменета, а дека парите главно биле искористени за покривање на веќе планирани владини субвенции, без да се постигнат дополнителни резултати.
Оттаму велат дека средствата најверојатно биле насочени кон постојните активности на ЕСМ со фосилни горива, со што се поткопува напредокот во декарбонизацијата, а дека паричната поддршка не придонела за забрзување на реформите, не била насочена кон ранливите групи и не е јасно дали воопшто поддржала инвестиции во обновливи извори или енергетска ефикасност.
Бенквоч (Bankwatch) е мрежа од 17 организации-членки во 14 земји од Централна и Источна Европа и Кавказот. Централата им е во Прага, Чешка, а имаат канцеларии низ регионот и во Брисел. Организацијата работи на мониторинг на проекти финансирани со јавни пари и промовира одржлив развој, транспарентност и отчетност.