Вести
На 14 ноември ќе почне комисиска расправа за Предлог - буџетот за 2026
В петок следната недела, на 14 ноември почнува расправата по Предлог-буџетот за 2026 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
До понеделник, 10 ноември, е рокот до кој пратениците може да поднесат амандмани на Предлог-буџетот.
Според најавите од претседателот на Собранието Африм Гаши, се очекува на 9 декември да се одржи пленарната седница.
Вкупните приходи во Предлог-буџетот за 2026 година се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари.
Економскиот раст за следната година е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
Две лица загинаа, а седум се повредени во израелски напад врз Либан
Две лица беа убиени, а седум други беа повредени во израелски воздушни напади врз Либан на 8 ноември, според либанските извештаи, јави агенцијата ДПА.
Двата одделни инциденти се случуваат во време на пораст на нападите за кои Израел вели дека се насочени кон либанската група Хезболах, која е сојузничка на Иран.
Во еден напад, израелски дрон погоди возило на пат во југоисточен Либан, при што загинаа двајца браќа, објави либанската државна новинска агенција ННА.
Претходно истиот ден, израелски дрон таргетираше друго возило во близина на болница во јужниот град Бинт Џбеил, при што беа повредени седум лица, соопшти либанското Министерство за здравство.
Нема непосреден коментар од израелската војска.
Израел во четвртокот соопшти дека извршил серија напади врз воени цели на Хезболах во јужен Либан.
Тензиите меѓу Израел и Хезболах неодамна ескалираа и покрај кревкото примирје. Израел, со поддршка на САД, врши притисок за целосно разоружување на Хезболах. Примирјето технички е во сила од крајот на ноември минатата година, по месеци борби меѓу Израел и Хезболах.
Но, Израел го обвинува Хезболах за вооружување и продолжува со речиси секојдневните напади.
Северна Кореја предупреди на уште „офанзивни потези“ по последното лансирање ракета
Министерот за одбрана на Северна Кореја предупреди на дополнителни „офанзивни потези“, додека Вашингтон и Сеул го критикуваа последното лансирање балистичка ракета од страна на Пјонгјанг на 7 ноември, јави агенцијата АФП.
Лансирањето на ракета од Северна Кореја се случи по помалку од една недела откако американскиот претседател Доналд Трамп, за време на посетата на регионот, изрази интерес да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Пјонгјанг не одговори на понудата.
Министерот за одбрана на Пјонгјанг, Но Кванг Чол, рече дека Вашингтон „станал дрзок во своите воени потези, загрозувајќи ја безбедноста“ на Северот и „намерно ги ескалира политичките и воените тензии во регионот“.
„Нема да штедиме никаква офанзивна акција против заканите на непријателот“, рече тој, според државната новинска агенција КЦНА.
Во текот на неделата пред лансирањето на ракетата, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет и неговиот јужнокорејски колега ја посетија демилитаризираната зона (ДМЗ), каде што „потврдија силна заедничка одбранбена позиција и тесна соработка“ меѓу нивните земји.
На 5 ноември американскиот носач на авиони со нуклеарен погон „УСС Џорџ Вашингтон“ пристигна во јужнокорејскиот пристанишен град Бусан за логистичка поддршка, според морнарицата во Сеул - потег што Но од Северна Кореја го нарече „понатамошна ескалација на тензиите на Корејскиот Полуостров“.
Севернокорејскиот министер за одбрана исто така, рече дека посетата на Хегсет на ДМЗ имала за цел „да предизвика воена хистерија“.
Индо-пацифичката команда на САД соопшти дека најновото лансирање на балистичка ракета од Северна Кореја „го нагласува дестабилизирачкото влијание“ на потегот на Пјонгјанг, додавајќи дека САД „тесно се консултираат со своите сојузници и партнери“.
Јужнокорејската војска остро го осуди лансирањето.
Во соопштението, војската на Сеул ја повика Северна Кореја „веднаш да ги прекине сите активности што ги зголемуваат тензиите меѓу двете Кореи“.
Трамп, исто така, минатата недела објави дека го одобрил планот на Јужна Кореја за изградба на нуклеарна подморница.
Развојот на таква подморница би бил значаен чекор за поморската база и одбранбената индустрија на Јужна Кореја, велат аналитичари, ставајќи ја земјата меѓу ретките земји што поседуваат вакви бродови. Тие, исто така, рекоа дека Северна Кореја веројатно ќе одговори агресивно на какви било такви планови од страна на Јужна Кореја.
Палестинските милитанти го предадоа телото на уште еден заложник од Газа
Палестинската милитантна група Исламски џихад го предаде телото на починат заложник како дел од прекинот на огнот во Газа меѓу Израел и Хамас, јави агенцијата Ројтерс.
Хамас е означена за терористичка група од страна на Соединетите Американски Држави(САД) и од Европската унија (ЕУ.
Израелската војска соопшти дека потврдила дека телото е на Лиор Рудаеф.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека ковчег со останките на еден заложник е предаден на израелските безбедносни сили во Газа преку Црвениот крст.
Исламски џихад е вооружена група која е во сојуз со Хамас и исто така зеде заложници за време на нападот на 7 октомври 2023 година кој ја предизвика војната во Газа.
Според октомврискиот договор за прекин на огнот, Хамас ги предаде сите 20 живи заложници што сè уште се држат во Газа по нападот на групата врз Израел, во замена за речиси 2.000 палестински осуденици и воени затвореници што се држат во Израел.
Спогодбата за прекин на огнот, исто така, вклучуваше враќање на посмртните останки на 28 починати заложници во замена за останките на 360 милитанти.
Вклучувајќи го и Рудаеф, 23 тела на заложници беа вратени во замена за 300 тела на Палестинци, иако не се сите идентификувани, според здравствените власти во Газа.
Милитантите предводени од Хамас заробија 251 заложник во нападот во 2023 година и убија уште 1.200 луѓе, повеќето од нив цивили, според израелски пресметки. Во одмаздничката офанзива на Израел загинаа повеќе од 69.000 Палестинци, повеќето од нив цивили, според здравствени службеници во Газа.
Нестабилниот прекин на огнот ги смири повеќето, но не сите борби, дозволувајќи им на стотици илјади Палестинци да се вратат во урнатините на своите домови во Газа.
Израел ги повлече трупите од позициите во градовите и е дозволен поголем влез на помош.
„Државни патишта“ за девет месеци собра 59 милиони евра од патарини
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра), според податоци на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар. Во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
На наплатата преку системот „Отворен Балкан“ во септември отпаѓаат 10.486.530 денари.
Електронската наплата достигнала 35 проценти.
Во Северна Македонија, електронски систем за наплата на патарините е воведен од јули 2019 година на наплатните станици Романовце, Отовице, Сопот и Градско на Коридорот 10, како и на Петровец. На Коридорот 8 наплатната станица Глумово профункционира како целосно електронска наплата на 4 април минатата година, а Желино, се трансформираше во електронскиот систем еден месец подоцна.
Русија ги интензивира нападите врз украинската енергетска инфраструктура
Русија започна комбиниран напад со беспилотни летала и ракети во голем обем врз неколку региони на Украина ноќта меѓу 7 и 8 ноември, при што украински претставници нагласија дека енергетската инфраструктура и цивилните објекти се клучни цели.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 8 ноември изјави дека се лансирани повеќе од 450 беспилотни летала и 45 ракети од различни видови, опишувајќи ги нападите како напади насочени кон секојдневниот живот, станбените згради, енергетските објекти и инфраструктурата.
„За секој напад што Москва го почнува врз нашиот енергетски систем во обид да им наштети на обичните луѓе пред зимата, мора да има одговор во форма на санкции против целиот руски енергетски сектор, без исклучок“, напиша Зеленски на Телеграм, повикувајќи на зголемен меѓународен притисок врз Кремљ.
Има итни прекини на електричната енергија во Полтавската област по посебен распоред, при што Кременчук пријави целосен прекин на електричната енергија и отворање „точки на стабилност“ - привремени јавни места кои нудат греење, електрична енергија, интернет, вода и основна помош.
Во Харков, снабдувањето со електрична енергија и вода беше прекинато; електричниот транспорт беше заменет со автобуси, а беа отворени и центри за греење.
Железничкиот сообраќај во Полтавската област, наводно, беше значително нарушен.
Меѓу цивилните жртви, рускиот напад со беспилотно летало погоди деветкатна станбена зграда во Дњепарк, уништувајќи станови на два ката, при што загинаа најмалку две лица.
„Мора да има европска одлука за замрзнатите руски средства, дополнителни санкции, поддршка и зајакнување на одбраната на Украина“, рече Зеленски.
Киев ги повика Соединетите американски држави (САД) да испорачаат ракети со долг дострел „Томахавк“ за да погодат цели длабоко во Русија, додека Москва ги засилува воздушните напади врз украинските градови, но претседателот Доналд Трамп постојано јасно става до знаење дека не е подготвен да одобри такви испораки.
Москва го предупреди Вашингтон да не испраќа ракети „Томахавк“, а Владимир Путин го нарече овој потег „сосема нова фаза на ескалација“ во односите меѓу САД и Русија.
Како што се приближува четиригодишната војна, Украина тврди дека ракетите „Томахавк“ ќе ги ослабат воените способности на Русија со тоа што ќе ја таргетираат нафтената и енергетската инфраструктура далеку од фронтовските линии.
Во меѓувреме, Украина изврши длабински напади врз руските енергетски објекти користејќи беспилотни летала, кои носат помали боеви глави од американските крстосувачки ракети.
Притвор од 30 дена за осомничените за мито од Агенцијата за поддршка во земјоделството
Mерка притвор од 30 дена добија четворица од петтемина осомничени за давање и примање поткуп, меѓу кои и на актуелниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјодeлството.
Основниот кривичен суд Скопје попладнево соопшти дека притворите на четворица од осомничените им се изречени поради опасност од бегство, можноста за влијание врз сведоци и повторување на делото.
Петмина осомничени за поткуп се приведени во вчерашната акција во која се вршеа полициски претреси на повеќе локации низ државата.
Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против сите осомничени.
Во описот за случајот, оттаму велат дека првоосомничениот, како управител на правно лице, од февруари годинава до вчера, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветувал подарок – парични средства на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
„Другите тројца осомничени, од кои еден е даночен референт во Управата за јавни приходи (УЈП) РД Скопје, а друг е државен службеник вработен во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), ги искористиле своето реално влијание и службената положба и побарале и го поттикнале директорот на Агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Во него е посочено дека иако фирмата на првоосомничениот не ги исполнувала условите предвидени во Јавниот повик бр. 01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД-програмата за мерка 3, директорот на Агенцијата, по применото ветување за подарок во износ од 50 илјади евра, вчера потпишал договор за користење финансиски средства со правното лице.
Притоа, примил и дел од паричните средства во износ од 400 евра, кои при претрес се пронајдени кај него и му се одземени. Јавен обвинител до судија на претходна постапка при Кривичниот суд Скопје предложи определување мерка притвор за петтемина осомничени.
Животните трошоци поскапи за 4,5 проценти во однос на лани
Трошоците на животот во октомври годинава биле за 4,5 проценти поскапи од лани, додека ценита на малопродажба изминатиот месец рипнале за само 2,8 проценти во однос на октомври претходната година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Тоа значи дека ако лани сте плаќале месечно за храна по 10 илјади денари, годинава таа сметка е поголема за 450 денари.
Според податоците од Државниот завод за статистика, инфлацијата во октомври е за 0,2 проценти помала од септмври годинава.
Намалувањето на месечно ниво се должи на помалите трошоци во делот на транспортот за 6,1 процент, мебелот и одржувањето на домаќинствата за 0,3 проценти и во делот образование и култура за 0,1 процент.
Но, и покрај намалувањето во последните два месеци, податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека синдикалната минимална кошничка во последните четири години, откако започна енергетската криза, е зголемена за речиси 86 проценти.
Таа во декември 2021 година изнесувала околу 35.000 денари, а до септември годинава се зголемила на повеќе од 65.000 денари. Само во последните две години зголемувањето е 40 отсто, покажуваат податоците на ССМ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања истакна дека очекува годишната ставка на инфлација оваа година да заврши меѓу три и пол и четири проценти, што, според него, е едно од најниските во Европа и во регионот. Истовремено тој изрази очекување дека следната година нивото на инфлација ќе се движи меѓу 2 и 3 проценти.
„Очекувам во октомври можеби да се движиме помеѓу четири и четири и половина проценти поради ниското ниво минатата година во октомври. Тогаш ги аплициравме оние мерки за замрзнување на маржите и слично. Но, потоа очекувам пристојно намалување во ноември и во декември“, рече Мицкоски.
По објавувањето на стапката на инфалција се огласи опозицискиот СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат“, велат од СДСМ.
Отпуштени 400 луѓе и нови автобуси, првиот работен ден на градоначалникот Ѓорѓиевски
Нови автобуси и отпуштени 400 вработени во јавните градски претпријатија, се информациите кои ги соопшти новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски по првите 24 часа од преземањето на функцијата.
Тој на прес конференција соопшти дека од понеделник во јавниот градски превоз ќе бидат вклучени 55 нови приватни автобуси со цел да се олесни јавниот транспорт на скопјани.
Ѓорѓиевски, од ВМРО-ДПМНЕ, на 6 ноември ја презеде функцијата од досегашната градоначалничка, Данела Арсовска. Во текот на вечерта најави, а денеска и соопшти дека во првите 24 часа од неговиот мандат од работа биле отпуштени околу 400 луѓе кои, како што вели тој, земале плата од јавните претпријатија, но не работеле.
„Имало и работници и раководители. Убеден сум дека ќе дојдеме до бројка од 500 луѓе. Таква бројка да земале плата – тоа се најмалку 5 милиони евра од граѓаните годишно. За четири години тоа се 20 милиони евра. Во превод – тоа е Луна паркот што треба да го направиме, а го чекаат скопјани,“ изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот најави дека ќе бара одговорност од сите лица кои потпишувале документи и одобрувале вакви вработувања, истакнувајќи дека сите имиња ќе бидат јавно објавени, и дека неговата постапка е законска.
Но, засега нема информации во јавноста, кој ја направил ревизијата на работните задачи и договорите за вработување на овие 400 луѓе во изминативе 24 часа.
На денешната прес конференција Ѓорѓиевски посочи дека со приватните превозници разговарал за да се финализира нивното вклучување во јавниот транспорт и рече дека ги потпишал лиценците на превозниците.
„Како што најавив, од денеска ќе бидат ставени во функција 60-тина приватни автобуси, дополнително кои што ќе го олеснат транспортот на нашите сограѓани во градот Скопје“, изјави Ѓорѓиевски.
Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, рече дека изминатиот период работеле на обнова на возниот парк и оти можат да одговорат на потребите на Град Скопје
„Во периодот што следува ќе работиме на промена на возниот ред кој за кратко време ќе биде воведен и почитуван и автобусите ќе пристигнуваат навреме, како што пишува на таблите“, рече тој.
Според Зафировски , долгот што Град Скопје го има кон нив е околу 3 милиони евра.
Ѓорѓиевски посочи дека наредната недела ќе има уште еден состанок со превозниците на кој ќе се договори рокот во кој ќе бидат редовно исплаќани за нивните услуги кон граѓаните, а ќе се договори и возниот ред.
Во однос на тоа што дел од автобусите сè уште се со странски регистарски таблички, Зафировски рече дека мора да помине процедурата за царина, хомологација, да се бојадисаат во црвено-бела боја и потоа да се поднесе барање за лиценца во Град Скопје.
На новинарско прашање во врска со тоа дали е потребно да се распише оглас за вклучување на приватните превозници во јавниот превоз и да се донесе одлука од Советот на Град Скопје за нови линии, Ѓорѓиевски не даде конкретен одговор, но рече дека досега на приватниците не им биле потпишувани лиценците.
Скопје изминатиот период се соочи со комунален колапс. Контејнерите беа преполни, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ не го чистеше ѓубрето, а Јавното обвинителство отвори истрага во рамки на која во притвор се поранешниот директор на претпријатието и еден од раководителите.
Чистењето на градот за 72 часа беше едно од најгласните ветувања на Ѓорѓиевски во текот на кампањата. Арсовска и дел од опозицијата, пак, ја обвинуваа партијата ВМРО-ДПМНЕ дека со нејзините членови во Управниот одбор на „Комунална хигиена“ намерно го кочат собирањето на ѓубрето во главниот град.
Покрај чистењето на Скопје, новиот градоначалник најави и брз ребаланс на градскиот буџет со цел да се обезбедат пари за почнување на нови проекти, но и за откочување на некои што се закочени повеќе години, како што е клучката кај Момин поток за решавање на сообраќајниот хаос во тој дел од градот, но и пуштање во функција на двата нови моста на реката Вардар - едниот во Карпош, другиот меѓу Аеродром и Гази Баба.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете