Вести
Одзивот на локалните избори до 15 часот е 31 отсто

Одзивот на гласачи до 15 часот изнесува 31 процент, соопшти попладнево Државната изборна комисија (ДИК). Податоците се добиени од 91,16 проценти од избирачки места на кои досега гласале 515.069 граѓани.
Оттаму посочија дека до Комисијата нема пристигнато приговори за евентуални неправилности на гласачки места и дека изборниот процес поминува во мирна и демократска атмосфера.
Најголема излезност има во општините Берово 40,14%, Богданци 39,57%, Валандово 35,88%, Гевгелија 35,78%, Градско 37,12%, Дебарца 43,43%, Демир Капија 46,65%, Дојран 48,88%, Зелениково 41,34%, Кратово 42,35%, Крушево 47,47%, Лозово 47,32%, Македонски Брод 48,21%, Новаци 52,84%, Пробиштип 45,12%, Росоман 46,46% и Чашка 53,19%.
Најмала излезност има во општините Центар Жупа 17,12%, Радовиш 24,24%, Маврово и Ростуше 20,14%, Гостивар 20,95% и Врапчиште 14,94%.
Во Град Скопје одзивот е 31,16 проценти, односно во општина Аеродром излезноста е 31,50%, Бутел 30,10%, Гази Баба 27,82%, Карпош 33,37%, Кисела Вода 31,58 %, Центар 34,40, Чаир 35,30 %, Ѓорче Петров 30,11%, Сарај 36,33% и Шуто Оризари 21,99 проценти.
ЗНМ: Да се обезбеди непречена работа на медиумските работници на гласачките места

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) апелира до Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии и Министерството за внатрешни работи да продолжат да обезбедуваат непречен пристап и услови за работа за новинарите и медиумските работници на сите избирачки места. Професионалното, навремено и точно информирање на јавноста за текот на изборниот процес, како што велат, е од суштинско значење за довербата во изборите.
До ЗНМ, како што се наведува во нивното соопштение, изутрината биле пријавени неколку случаи на попречување на работата на новинарските екипи.
Во Скопје, во општина Карпош, (ИМ 2626) имало обид за одземање на мобилниот телефон и непристоен однос од страна на заменик претседателот на комисијата кон новинарката Елида Зулбеари, по што имало интервенција од МВР, за што ќе побараме од ДИК да преземе санкции за службеникот.
Во Охрид (ИМ 1270) на екипа од јавниот сервис ѝ било оневозможен пристап во раните утрински часови со образложение дека, покрај новинарската легитимација, треба да поседува и „акредитација од ДИК“. По реакција на колегите и интервенција на лице место, пристапот беше овозможен и работата продолжи.
Во Тетово новинар бил попречен да земе изјава од страна на членови на избирачкиот одбор, со упатување на „недостиг на акредитација“.
ЗНМ апелира до ДИК и МВР итно да ги известат сите избирачки одбори и службени лица дека не е потребна акредитација од ДИК за новинарите, со цел да се избегнат нови недоразбирања во текот на денот.
Оттаму го повикувааат избирачките одбори од сите изборни места да овозможат непречен влез на новинарските екипи со видлива новинарска легитимација, да дозволат снимање и изјави во просторот каде што не се загрозува тајноста на гласањето и при недоразбирања прво да побараат насоки од ОИК/ДИК, наместо да го ограничат пристапот.
Две лица во Прилеп лишени од слобода поради „поткуп при избори и гласање“

Локалните избори 2025 се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава. Досега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, изјави на прес-конференција портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Сепак тој додаде дека во Прилеп од слобода биле лишени две лица поради „поткуп при избори и гласање“.
Во 09:00 часот на улица „Дабничка“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп, во врска со кривично дело „поткуп при избори и гласање“, ги лишија од слобода Б.Х.(72) и Д.С.(36), двајцата од Крушево. Во врска со истиот настан, во Полициската станица Прилеп повикани се С.А.(28), М.А.(31), Ш.А.(40), Д.А.(22) и Џ.А.(36) од Крушево, со престој во Прилеп. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонски броеви 192 или 112.
Израел изврши воздушни напади во Газа, го обвини Хамас за прекршување на примирјето

Израелски воен претставник за Би-Би-Си потврди дека се случиле воздушни напади во Рафа, јужна Газа, обвинувајќи го Хамас(кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ) за нападите, кои претставуваат „дрско кршење на прекинот на огнот“.
Воен портпарол вели дека Хамас извршил „повеќекратни напади врз израелските сили зад жолтата линија“, за која вели дека е областа каде што израелските трупи се повлекле според првата фаза од договорот постигнат со посредство на САД.
Хамас наведува дека е посветен на прекинот на огнот и го обвини Израел дека го крши.
Израелските напади во неделата, 19 октомври беа најсериозниот тест за веќе кревкото прекин на огнот, кое стапи на сила на 11 октомври.
Палестинците во Газа за Ројтерс изјавија дека слушнале експлозии и пукање во Рафа во јужниот појас, а сведоци одделно пријавиле силен оган од израелски тенкови во источниот град Абасан во близина на Кан Јунис, исто така во јужна Газа.
Сведоци во Кан Јунис слушнале бран воздушни напади во Рафа рано попладне во неделата.
Локалните здравствени власти во Газа објавија дека двајца Палестинци се убиени во израелски воздушен напад во источната област Џабалија во северна Газа.
„Тајмс оф Израел“ објави дека армијата спроведува воздушни напади во областа Рафа откако милитантите ги нападнаа силите таму, иако не наведе извор за информацијата.
Израелската влада и Хамас со денови се обвинуваат меѓусебно за кршење на прекинот на огнот, а Израел вели дека граничниот премин Рафах помеѓу Газа и Египет ќе остане затворен до понатамошно известување.
Рафа е во голема мера затворен од мај 2024 година. Договорот за прекин на огнот, исто така, вклучува зголемување на помошта за Газа, каде што стотици илјади луѓе беа погодени од глад во август, според IPC Global Hunger Monitor.
Израел и Хамас се во спор околу враќањето на телата на починатите заложници. Израел побара Хамас да ги исполни своите обврски со предавањето на преостанатите тела на сите 28 заложници.
Хамас ги врати сите 20 живи заложници и 12 починати и рече дека нема интерес да ги задржи телата на преостанатите заложници. Групата соопшти дека процесот бара напор и специјална опрема за извлекување на труповите закопани под урнатините.
ОБСЕ/ОДИХР: Не е важен само изборниот ден, туку и предизборните и постизборните процеси

Шефот на Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во земјава, Матео Мекачи изјави дека набљудувачите ги следат сите аспекти поврзани со изборите и истакна дека не е битен само денот на изборите, туку и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите.
Мекачи кој денеска беше на избирачкото место во Основото училиште „Лирија”, во општина Чаир истакна дека Мисијата се состои од 250 меѓународни набљудувачи, кои набљудуваат на територијата на целата држава.
„Ние сме овде како меѓународна набљудувачка мисија да го набљудуваме изборниот процес и да оцениме дали е сѐ согласно стандардите. Ова гласачко место што го гледате позади нас е едно од многуте што ги набљудуваме“, рече тој.
Мекачи додаде дека Мисијата вклучува уште 24 долгорочни набљудувачи на територијата на целата држава, кои го набљудуваат целокупниот процес.
„Не е важен само изборниот ден, туку битни се и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите. Секако ги следиме сите аспекти, кои се поврзани со самите избори, тука може да ги споменеме регистрацијата на гласачи, самата кампања, финансирањето на кампања, пристапот до медиуми, гласањето на самиот ден на изборите, пребројување на гласовите и.т.н“, порача Мекачи.
Одзивот до 13 часот изнесува 20,12 отсто

Излезеноста на локалните избори до 13:00 часот е 20,12 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Гласањето се одвива без проблеми и засега од општинските изборни комисии, како и од избирачките одбори до ДИК не се пристигнати никакви дојави за евентуални нерегуларности или неправилности.
Како што информира портпаролката на ДИК Радица Тодоровска Алексовска, до 13:00 часот се пристгнати податоци од 3 207 избирачки места. Вкупниот број запишани избирачи од кои се пристиганти податоците е 1 666 298, а од нив гласале 335 244.
Најголема излезност е регистрирана во општините Богданци, Вевчани и Градско, а најмал одзив на гласачките места има во општините Босилово, Врапчишта и Гази Баба.
Во Град Скопје излезеноста е 20,07 отсто или по општини: во Аеродром 20,63, Бутел 20,69, Гази Баба 18,97, Ѓорче Петров 19,67, Карпош 21,69, Кисела Вода 20,89, Сарај 21,18, Центар 22, Чаир 19,17 и Шуто Оризари 13,76 отсто.
Стејт департментот ја пофали одлуката за назначување на вршител на должноста претседател на Република Српска

Американскиот Стејт департмент ја пофали одлуката на Народното собрание на Република Српска да ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за вршител на должноста претседател на РС и повлекувањето на сепаратистичките закони што претходно беа поништени од Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Во соопштението се наведува дека овој потег е резултат на напорите предводени од Соединетите Држави насочени кон смирување на политичката криза во Босна и Херцеговина.
„Соединетите Американски Држави ја поздравуваат акцијата на Народното собрание на РС што ја потврдува стабилноста во Босна и Херцеговина и го отвора патот за конструктивно партнерство со САД врз основа на заеднички интереси и економски просперитет“, изјави за Ројтерс Брендан Ханрахан, висок функционер на Стејт департментот за европски и евроазиски прашања.
Во сабота, на 18 октомври, Парламентот на Република Српска ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за привремен претседател, официјално потврдувајќи за прв пат дека поранешниот претседател Милорад Додик поднесува оставка, откако државниот суд му забрани да се занимава со политика.
Тришиќ Бабиќ, близок сојузник на Додик, ќе биде на оваа позиција еден месец до одржувањето на новите претседателски избори во Република Српска на 23 ноември.
Парламентот, исто така, поништи низа сепаратистички закони донесени минатата година откако Додик беше обвинет за непочитување на одлуките на меѓународен претставник и Уставниот суд.
Досега, Додик одбиваше да поднесе оставка и продолжи да ги извршува своите должности и да патува во странство во својство на претседател на Босна и Херцеговина. Тој поднесе жалба на пресудата на државниот суд до Уставниот суд.
Министерството за финансии на САД во петок, 17 октомври,објави дека отстранило четворица сојузници на Додик од списокот на санкции, потег што го пофали Додик, кој инсистираше на укинување на американските санкции против него.
Тој е санкциониран од САД и Велика Британија за попречување на одредбите од Дејтонскиот мировен договор со кој беше ставен крај на војната во Босна во 1990-тите, како и од неколку европски земји кои тврдат дека неговите сепаратистички политики го загрозуваат мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина.
ОЈО: Генерално мирен изборен ден без поголеми нарушувања

Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, денешниот изборен ден од Локалните избори 2025 година до овој момент поминува генерално мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Од почетокот на гласањето утрово, до јавните обвинителства не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело.
Јавен обвинител од ОЈО Струмица денеска (19 октомври)усно бил известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село и извршен бил разговор. Од ОЈО велат дека била известена Државната изборна комисија да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело.
„Во текот на вчерашниот ден, поединечни настани со наводи за изборен поткуп се евидентирани во ОЈО Велес, ОЈО Прилеп, ОЈО Крива Паланка и ОЈО Свети Николе. Во сите нив се преземаат дејствија по насоки на јавен обвинител за испитување на наводите“, се наведува во соопштението од ОЈО.
Оттаму додаваат дека има неколку информации и во однос на настани со елементи на прекршување на изборниот молк, но до овој момент вкупно евидентирани се многу мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело, па со оглед на тоа изборниот процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности и денеска продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес, а електронската адреса izbori@jorm.mk останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело кое би можело да го наруши текот на изборите.
Од обвинителството истакнуваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Одзивот на локалните избори до 11:15 е 9,38 насто

Излезеноста на локалните избори до 11:15 часот е 9,38 проценти, објави Државната изборна комисија.
Според ДИК, до 11:15 часот пристигнати се податоци од 3.139 избирачки места на кои од вкупно запишани 1 645 583, гласале 154 275 граѓани, односно 9,38 проценти, рече на прес-конференција портпаролката на ДИК Радица Тодоровска Алексовска.
Како таа посочи, до ДИК досега нема информации од избирачките одбори за евентуални проблеми или непријатности.
Според податоците на ДИК, општини со најголема излезеност се Берово 13,51 процент, Богданци 14,55, Бутел 10, Вевчани 16,02, Виница, 10,76, Гевгелија, 12,81, Градско 15, 27, Дебрца 15,76, Демир Капија, 15, Кратово 16,16, Крива Паланка 16, 85, ККрушево 16,97, Новаци 19, 3 Пробиштип, 17,64, Ранковци, 15,5, Чашка 22,60 проценти.
Со најмала излезеност се општините Сопиште 3,93 проценти, Центар Жупа, 4,89 проценти, Боговиње, 4,48 проценти и Врапчиште, 2,54 проценти.
Изборите ги набљудуваат 1484 набљудувачи од кои 800 домашни 645 меѓународни и14 странски новинари.
Претходно ДИК информираше дека на две избирачки места (едното во Куманово и другото во Штип) поради технички причини гласањето се одвива без биометриска идентификација, туку со УВ спреј и УВ ламба.
На денешните избори се гласа на 3 474 избирачки места, на кои до 19 часот правото на глас можат да го искористат 1 832 415 граѓани.
Државната изборна комисија ќе има прес-конференции на секои два часа, а првичните неофицијални резултати се очекуваат околу полноќ.
На локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати
Руските сили ги обновија ноќните напади врз Украина

Русија изврши неколку напади врз украински градови ноќта на 18 октомври користејќи водени бомби кои погодија станбена зона во барем еден од погодените градови, соопштија украинските власти.
Харков, Суми и Запорожје беа меѓу градовите погодени од водени бомби фрлени од руски воени авиони, според украинските сили за воздушна одбрана. Четири лица се повредени во станбената зона на градот Лозова во Харковскиот регион, објави Државната служба за вонредни ситуации.
Руски беспилотни летала беа пријавени и над Чернигов и Дњепропетровск.
Нема детали за можни жртви, но енергетски објект беше погоден во Чернигов, што предизвика прекин на електричната енергија за околу 17.000 потрошувачи на северот од земјата, според податоците од регионалниот снабдувач со енергија.
Русија, исто така, изврши повеќе од 10 напади во текот на ноќта врз Чугуев во источниот Харковски регион на Украина, објави градоначалничката Халина Минаева на Фејсбук.
Речиси сите делови од градот се парализирани, рече Минаева. Снабдувачите на енергија нема да можат да започнат со обновување на електричната енергија додека не се процени штетата.
Иван Федоров, гувернерот на Запорошката област, исто така, пријави пожари како резултат на руските напади во текот на ноќта. Никој не е повреден, рече тој.
Немилосрдните ноќни напади на Русија честопати се насочени кон енергетската инфраструктура на Украина и се наменети да го прекинат греењето и електричната енергија за украинските цивили како што се приближува зимата, во обид да се скрши нивниот морал.
Во Москва, руското Министерство за одбрана на 18 октомври објави дека собориле 41 украински дрон над руска територија и Црното Море. Беше наведено дека три дронови биле соборени над Московскиот регион.
Според руските воздухопловни власти, ограничувања се воведени на девет аеродроми во Русија од безбедносни причини.
Борбите се случија еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон на разговори насочени кон завршување на војната.
Зеленски се сретна со Трамп во Белата куќа со надеж дека ќе најде симпатии кон идејата за снабдување на Украина со крстосувачки ракети со долг дострел Томахавк, но Трамп не даде никакви индикации дека ја поддржува идејата. Наместо тоа, тој ги повика Русија и Украина веднаш да ги прекинат борбите, велејќи дека е пролеана доволно крв.
„Треба да престанат таму каде што се“, напиша Трамп на мрежата Truth Social. „Нека обајцата прогласат победа, нека одлучи историјата!“ „Рече Трамп, додавајќи дека е време да се запре убивањето и да се постигне договор.“
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете